Спасовски: Замената на личните документи ќе се заврши на најдобар можен начин

Процесот на издавање на лични документи во Скопје и во Секторите за внатрешни работи во земјава е интензивен. 

Во внатрешноста во земјава овој процес на замена на лични документи е сосема при крај, истакна денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

-Во Скопје знаете дека се отвори новиот пункт се со цел да се апсорбира што е можно повеќе барања. Имајќи предвид дека само во пунктот имаме 40.000 граѓани, коишто дошле оставиле барања за лични документи, значи не за еден документ, туку за повеќе и другите пунктови низ Скопје апсорбираат. Така да сметам дека интензивната работа сега, до крајот на годината, целиот месец јануари итн. ќе се заврши целиот овој процес на најдобар можен начин, рече Спасовски.

Прашан за видеата за полициска службеничка која славела со торта, а синдикатите сметаат дека е незаконски унапредена, Спасовски одговори дека полицајката е сосема законски унапредена и ги исполнува сите услови.

Почна собраниската расправа за предлог - буџетот за 2025 година

Собранието денеска ја започна петдневната расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Согласно деловникот на Собранието, на седницата пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути.

Претставникот на владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска пред пратениците истакна дека следната година ќе биде инвестициска и додека власта тврди дека буџетот е развоен, од опозицијата се пожалија дека ниту еден нивни амандман не бил прифатен..

Врховен суд: Неопходно е приоритетно да се постапува по извештаите на Стејт департментот

Врховниот суд на Македонија како највисок суд во државата целосно ги поддржува и ги поздравува заложбите на Стејт департментот на САД кои се однесуваат на владеењето на правото и правната држава.

Соединетите американски држави даваат континуирана поддршка и исклучителен придонес за правосудството, кој е заснован на правните начела и демократските вредности.

Нотираните податоци и укажувања во Извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење за заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата. Во таа насока, а во врска со нотираната корупција, неопходно

е приоритетно да се постапува во согласност со законите и институционалните надлежности што е клучно за интегритетот на судството, остварувањето на целите на правдата и јакнење на јавната доверба.

Недозволиво е да се поткопуваат темелите на судската власт преку политички влијанија, притисоци и коруптивни дејствија, соопштуваат од Врховен суд.

Владата потпиша договор со „ДМ Бау интернешнал“, инвестиција вредна 7 милиони евра

Најмалку седум милиони евра и 200 нови работни места, предвидува инвестицијата на швајцарската „ДМ БАУ АГ“ за која денеска во владата договор потпишаа премиерот Мицкоски и менаџерскиот тим на компанијата.

Инвестицискиот план ќе се реализира во индустриската зона близу Куманово, а вклучува вложување во купување земјиште, целосна изградба на погони и нивно опремување со машини за производство на модуларни објекти со различна намена.

притисни ентер