Советот на министри на ЕУ во Луксембург одлучува за извештајот на Комисијата за Македонија

Советот на министри на Европската унија денеска првпат ќе одлучува дали Македонија ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата, по позитивниот Специјален извештај издаден минатата недела од страна на Европската комисија, јави дописникот на МИА од Брисел.

На состанокот во рамки на Советот за општи работи (ГАК) во Луксембург, министрите за надворешни работи на 27-те земји-членки на ЕУ првпат ќе се соочат со македонското прашање откако пред декемврискиот Самит на Европскиот совет донесоа заклучок дека преговорите за членство на Македонија ќе бидат отворени ако земјата покаже успех во Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и добрососедството со Бугарија и Грција.

Според агендата на дешениот состанок на ГАК, презентирана од Ирското претседателство со Унијата, главна тема на разговор на шефовите на дипломатиите ќе биде Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот 2014 - 2020 година.

Но, исто така Ирците најавуваат дека Советот на министри ќе расправа и по извештајот на Комисијата за Македонија, како и за успехот од преговорите Белград-Приштина и за иницијативата за демократија, човекови права и владеење на правото.

Според најавите, состанокот на ГАК зпаочнува во 10 часот, а за три часа подоцна е закажана прес-конференција на која Лусинда Крејтон, министерка за европски прашања на Ирска, би требало да ги каже заклучоците од расправата.

Извори од ЕУ најавуваат дека денеска само ќе се нотира извештајот на комесарот за проширување Штефан Филе за Македонија, Србија и Косово, додека првите одлуки ќе се носат идниот месец на состаноци на амбасадорите на земјите-членки на Унијата (т.н. КОРЕПЕР група), а клучниот заклучок ќе го донесе Советот за општи работи во јуни, неколку дена пред јунскиот Самит на Европскиот совет.


Стапи во сила Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд

Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто.

Индустријата и земјоделците од Европската Унија добиваат мноштвото нови извозни можности со стапувањето во сила на Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд, кој се очекува да ги намали годишните извозни давачки на европските компании за околу 140 милиони евра, соопшти Европската комисија.

- Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто, при што извозот од Унијата потенцијално би се зголемил на 4,5 милијарди евра годишно. Инвестициите на ЕУ во Нов Зеланд имаат потенцијал да се зголемат и за 80 проценти. Овој историски договор, исто така, вклучува обврски без преседан за одржливост, вклучително и почитување на Парискиот договор за климата и основните работнички права, се додава во соопштението.

Со Договорот се укинуваат царините за клучните извозни земјоделско-прехранбени стоки од ЕУ, вклучително и свинското месо, виното, шампањското, чоколадата и кондиторските производи. Дополнително, со спогодбата се гарантира заштита на близу 2.000 вина и жестоки пијалаци од ЕУ, како и на 163 од европски производи со гарантирано географско потекло, како Фета сирењето, истарската пршута или чоколадните бонбони со марципан од Либек.

Од друга страна се обезбедени царински квоти за увоз на говедско и овчо месо и млечни производи во ЕУ.

Договорот предвидува и полесен пристап на компании од ЕУ до договори за новозеландски државни набавки на стоки, услуги и концесии, како посебна помош за извозот на малите бизниси.

Преговорите за Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд започнаа во јуни 2018 година. Договорот беше потпишан на 9 јули минатата година, по што тој беше одобрен од страна на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ, на 22, односно 27 ноември. Од друга страна, постапката за ратификација на Договорот во Нов Зеланд заврши на 25 март годинава. /МИА

Од утре до понеделник јавниот превоз во Скопје по неделен возен ред

За време на велигденските празници, односно од утре петок - 3 мај до понеделник 6 мај. јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред.

Како што информираат од ЈСП Скопје исклучок ќе бидат линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 55, 56, 56А, 81, 118, 160 и 164 кои утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

-Утре и во понеделник на 5 мај од 7 до 14 часот дежурни ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров. Во сабота сите билетарници и центри за персонализација ќе функционираат вообичаено, а в недела за сите е неработен ден, информираат од ЈСП Скопје.

Жичницата за време на празничните денови нема да работи единствено во понеделник, другите денови ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот.

Од ЈСП Скопје потсетуваат дека за време на викенди и државни празници користењето на линијата 25 (Транспортен центар – Средно Водно) е бесплатно за сите граѓани.

Изречени 34 санкции за возење под дејство на алкохол на подрачје на СВР Битола

Полицијата вчера на територија на СВР Битола изрекла вкупно 34 мерки за возење под дејство на алкохол.

Како што соопшти денеска МВР, 15 казни се изречени на подрачје на Битола, 11 на подрачје на Ресен, три во Македонски Брод, по две мерки во Прилеп и Крушево и една мерка на подрачје на Демир Хисар.

Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат, велат од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

притисни ентер