Собранието отворено за идеите и предлозите на младите за справување со дезинформациите и предизвиците на дигиталната ера - Канал 5

Собранието отворено за идеите и предлозите на младите за справување со дезинформациите и предизвиците на дигиталната ера

Пратениците и средношколците ќе продолжат да бараат решенија за политики и образовни пристапи што ќе го зајакнат критичкото мислење, медиумската писменост и способноста на младите да се справуваат со дезинформации и манипулативни содржини. 

Собранието отворено за идеите и предлозите на младите за справување со дезинформациите и предизвиците на дигиталната ера

Младите сакаат повеќе практично учење за проверка на информации, подобро разбирање на начинот на кој функционираат социјалните мрежи и алгоритмите, како и повеќе можности нивните искуства од дигиталната средина директно да бидат слушнати од институциите.

Ова се дел од пораките од денешната дебата во Собранието „Што гледаш, кому веруваш? – Младите, информациите и дезинформациските кампањи“, на која средношколци од седум училишта од Скопје, Липково, Велес и Прилеп разговараа со пратениците за тоа како младите се информираат, кому му веруваат и со какви предизвици се соочуваат во современата дигитална средина. Настанот беше организиран во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС), преку Парламентарниот институт и Клубот за младински прашања и политики.

Отворајќи го настанот, претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека медиумската писменост денес е клучна вештина за демократскиот развој и иднината на младите генерации. Обраќајќи им се на средношколците, тој порача дека промените во светот, системот и општеството започнуваат со целосна информираност и свесност. „Не можеме да промениме нешто за кое не сме целосно свесни, а целосна свесност стекнуваме единствено преку целосното информирање. Собранието, во оваа насока, има важна улога. Како дом на сите граѓани и институција во која тие се претставени, тоа треба да биде пример за транспарентност, аргументирана дебата и отчетност“, рече Гаши.

Н.Е. Маја Сивањанам, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Македонија, нагласи дека градењето отпорност кон дезинформации и манипулации со информациите не е одговорност на една институција или поединец, туку бара пристап на целото општество. „Целта не е на младите да им се кажува кому да веруваат, туку да се слушнат нивните искуства и да се разбере што треба да се менува во образованието и јавните политики за тие да можат критички и информирано да донесуваат одлуки“, порача амбасадорката Сивањанам.

Драгана Бојковска, пратеничка и претседателка на Клубот за младински прашања и политики, истакна дека ваквите дебати во законодавниот дом се важни и за младите и за пратениците, бидејќи овозможуваат подобро разбирање на потребите и предизвиците на младите, кои треба да бидат земени предвид при креирањето на идните политики.

Во продолжение на дебатата, средношколците, заедно со пратениците Љупчо Пренџов и Соња Мираковска, дебатираа за влијанието на социјалните мрежи, алгоритмите, инфлуенсерите и содржините создадени со вештачка интелигенција. Меѓу прашањата што ги отворија младите беа потребата од повеќе практични вештини за проверка на информации, подобро разбирање на дигиталните платформи, повеќе простор за дебата и критичко размислување во училиштата и почеста директна комуникација со институциите.

На крајот, Бојковска ги претстави заклучоците и посочи дека денешниот настан е практичен пример за примената на принципот „секој има своја улога“ во градењето критичка и отпорна младина. Таа нагласи дека ова е прв настан од ваков формат со кој Собранието се приклучува кон одбележувањето на Деновите на медиумската писменост и најави организирање и на други вакви активности.

Меѓу другите заклучоци од дебатата беше истакната отвореноста на Собранието, да ги слушне истражувањата и аргументите за тоа кои чекори треба да ги преземат носителите на одлуки за да се изгради младина, но и образовен систем што ќе одговорат на современите предизвици на дигиталната ера и вештачката интелигенција, како и подготвеноста за воспоставување директна соработка со учениците. На учениците им беше претставено и работењето на Клубот за младински прашања и политики, како и можностите за вклучување во неговата работа, при што беше истакнато дека тие се секогаш добредојдени да споделуваат нови идеи и предлози и директно да комуницираат со пратениците од нивните градови.

Предлозите и заклучоците од дебатата ќе бидат систематизирани и доставени до пратениците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерството за правда е домаќин на експертскиот тим на ГРЕКО

Министерството за правда е домаќин на експертскиот тим на ГРЕКО (Група држави против корупцијата) при Советот на Европа, кој од 2 до 6 ноември 2026 година престојува во земјава.

Министерството за правда е домаќин на експертскиот тим на ГРЕКО

Посетата се реализира во рамки на шестиот евалуациски круг на ГРЕКО, кој е посветен на спречувањето на корупцијата и промовирањето на интегритетот на локално ниво.

Во рамки на евалуацискиот процес, експертскиот тим ќе оствари средби со претставници на надлежните институции и други релевантни чинители, со цел оценување на постојните антикорупциски механизми, идентификување на предизвиците и утврдување на можностите за нивно унапредување.

Министерството за правда ја истакнува важноста на соработката со ГРЕКО и Советот на Европа во насока на зајакнување на институционалниот интегритет, транспарентноста, отчетноста и владеењето на правото.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски: По повеќе од 15 години запуштеност и негрижа, базенот во Полициската академија во Идризово повторно е во функција

По повеќе од 15 години запуштеност и негрижа, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција за потребите на македонската полиција.

Тошковски: По повеќе од 15 години запуштеност и негрижа, базенот во Полициската академија во Идризово повторно е во функција

Објектот, кој повеќе од деценија и пол беше надвор од употреба, со инвестиција од околу 5,7 милиони денари е обновен и оспособен за неполни три месеци.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија во Идризово, каде што имаше можност да се увери во функционалноста на обновениот базен, во кој веќе се вршеше проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

Повеќе од 15 години овој значаен објект стоеше запуштен, а генерации полициски службеници беа лишени од можноста да го користат за обука и професионално усовршување. Денес, наместо запуштен и нефункционален објект, Полициската академија располага со целосно реновиран базен, повторно ставен во служба на полициската обука и подготовката на припадниците на Министерството за внатрешни работи.

„Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен, го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност“, истакна министерот Тошковски.

Обновениот базен ќе се користи за обука на идните полицајци, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби и одржување на физичката подготвеност на полициските службеници. Со неговото повторно ставање во функција се создаваат дополнителни услови за унапредување на професионалните способности и подготвеноста на македонската полиција.

Базенот има и посебно место во македонската филмска историја. Токму во овој објект во 1977 година се снимале сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од големиот спортски подвиг на Атина Бојаџи.

Повторното ставање во функција на базенот е дел од пошироките инвестиции во модернизацијата на македонската полиција. Во изминатиот период значително е обновен комплексот на Полициската академија во Идризово, повторно е вратено Средното полициско училиште, набавени се нови полициски возила, а наскоро се очекува и пристигнувањето на новите, целосно ребрендирани и висококвалитетни полициски униформи.

„Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници, затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија“, порача министерот Тошковски.

Министерството за внатрешни работи продолжува со конкретни инвестиции во полициската инфраструктура, опремувањето и подобрувањето на условите за обука и работа, со цел натамошно јакнење на капацитетите на македонската полиција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Алта банка купи и осигурување - дали се загрозени и полисите на граѓаните?

Алта банка преку нејзиниот сопственик Давор Мацура го купи осигурителното друштво ЗОИЛ Македонија за околу 1,7 милиони евра.

СДСМ: Алта банка купи и осигурување - дали се загрозени и полисите на граѓаните?

По купувањето го смени името во Алта Осигурување АД Скопје, а Мацура стана единствен сопственик со 100% од акциите со право на глас.

Се отвора прашањето дали се загрозени и осигурителните полиси на граѓаните?

Дали се загрозени покривања на штети од сообраќајни незгоди, автомобилско осигурување, возила, имот, куќи, станови?

Дали се загрозени исплатите на приватни осигурувања, патничко и здравствено осигурување, повреди при работа?

Дали се загрозени осигурувањата на деловни и индустриски објекти, машини и залихи?

Зошто се молчи за овие прашања?

Агенцијата за супервизија на осигурување дали презема нешто?

Дали по банкарскиот, ќе се разниша и осигурителниот сектор?

Мицкоски и Славевски дозволија влез на криминален капитал во Македонија и за нив мора да има истрага и кривична одговорност.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер