Собранието ја избра преодната Влада што ќе ја предводи Оливер Спасовски

Собранието денеска ја избра новата, техничка Влада која во наредниот период треба да организира фер, демократски и кредибилни избори.

Новата, преодна Влада е во состав:

Оливер Спасовски – Претседател на преодната Влада на Република Северна Македонија,

Радмила Шекеринска – министерка која ќе раководи со Министерството за одбрана;

Бујар Османи – министер без ресор во Владата;

Мила Царовска –министерка без ресор во Владата;

Никола Димитров – министер кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи;

Наќе Чулев – министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи;

Садула Дураки – министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците;

Нина Ангеловска – министерка која ќе раководи со Министерството за финансии;

Венко Филипче – министер кој ќе раководи со Министерството за здравство;

Рената Дескоска – министерка која ќе раководи со Министерството за правда;

Горан Сугарески – министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски

Крешник Бектеши – министер кој ќе раководи со Министерството за економија;

Трајан Димковски – министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;

Дамјан Манчевски – министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;

Рашела Мизрахи – министерка која ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика;

Арбер Адеми – министер кој ќе раководи со Министерството за образование и наука;

Горан Милевски – министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа;

Хусни Исмаили – министер кој ќе раководи со Министерството за култура,

Насер Нуредини – министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање;

Роберт Поповски – министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност;

Едмонд Адеми – министер без ресор задолжен за дијаспора;

Музафер Бајрам – министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите;

Зорица Апостолска – министерка без ресор задолжена за странски инвестиции;

Бардул Даути – министер без ресор задолжен за странски инвестиции;

Елвин Хасан – министер без ресор задолжен за странски инвестиции; и

Хисен Џемаили – министер без ресор задолжен за странски инвестиции

На изборот на новата, преодна Влада на РСМ, му претходеше експозето на мандатарот и кандидат за претседател на Владата Оливер Спасовски, кој истакна дека организирањето на фер и демократски избори е врвен приоритет на преодната Влада, и дека тој, како претседател, министрите, замениците министри и дополнителните заменици министри ќе ги преземат сите потребни мерки за да бидат обезбедени услови за спроведување на успешни предвремени парламентарни избори.

Тој потенцираше дека надлежните институции ќе ја добијат целокупната поддршка и помош за организација и спроведување на изборите, се наведува во соопштението од Владата.

Стапи во сила Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд

Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто.

Индустријата и земјоделците од Европската Унија добиваат мноштвото нови извозни можности со стапувањето во сила на Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд, кој се очекува да ги намали годишните извозни давачки на европските компании за околу 140 милиони евра, соопшти Европската комисија.

- Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто, при што извозот од Унијата потенцијално би се зголемил на 4,5 милијарди евра годишно. Инвестициите на ЕУ во Нов Зеланд имаат потенцијал да се зголемат и за 80 проценти. Овој историски договор, исто така, вклучува обврски без преседан за одржливост, вклучително и почитување на Парискиот договор за климата и основните работнички права, се додава во соопштението.

Со Договорот се укинуваат царините за клучните извозни земјоделско-прехранбени стоки од ЕУ, вклучително и свинското месо, виното, шампањското, чоколадата и кондиторските производи. Дополнително, со спогодбата се гарантира заштита на близу 2.000 вина и жестоки пијалаци од ЕУ, како и на 163 од европски производи со гарантирано географско потекло, како Фета сирењето, истарската пршута или чоколадните бонбони со марципан од Либек.

Од друга страна се обезбедени царински квоти за увоз на говедско и овчо месо и млечни производи во ЕУ.

Договорот предвидува и полесен пристап на компании од ЕУ до договори за новозеландски државни набавки на стоки, услуги и концесии, како посебна помош за извозот на малите бизниси.

Преговорите за Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд започнаа во јуни 2018 година. Договорот беше потпишан на 9 јули минатата година, по што тој беше одобрен од страна на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ, на 22, односно 27 ноември. Од друга страна, постапката за ратификација на Договорот во Нов Зеланд заврши на 25 март годинава. /МИА

Од утре до понеделник јавниот превоз во Скопје по неделен возен ред

За време на велигденските празници, односно од утре петок - 3 мај до понеделник 6 мај. јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред.

Како што информираат од ЈСП Скопје исклучок ќе бидат линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 55, 56, 56А, 81, 118, 160 и 164 кои утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

-Утре и во понеделник на 5 мај од 7 до 14 часот дежурни ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров. Во сабота сите билетарници и центри за персонализација ќе функционираат вообичаено, а в недела за сите е неработен ден, информираат од ЈСП Скопје.

Жичницата за време на празничните денови нема да работи единствено во понеделник, другите денови ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот.

Од ЈСП Скопје потсетуваат дека за време на викенди и државни празници користењето на линијата 25 (Транспортен центар – Средно Водно) е бесплатно за сите граѓани.

Изречени 34 санкции за возење под дејство на алкохол на подрачје на СВР Битола

Полицијата вчера на територија на СВР Битола изрекла вкупно 34 мерки за возење под дејство на алкохол.

Како што соопшти денеска МВР, 15 казни се изречени на подрачје на Битола, 11 на подрачје на Ресен, три во Македонски Брод, по две мерки во Прилеп и Крушево и една мерка на подрачје на Демир Хисар.

Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат, велат од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

притисни ентер