Со премиера на „Медена земја“ заврши 10. издание на Македокс

Со бурен и долготраен аплауз беа дочекани три моменти на последната вечер на 10. „Македокс“ вчеравечер во Куршумли-ан, соопштува организаторот на годинашниот фестивал. 

Првиот беше објавата на наградата „Млад кромид“ – за најдобар филм на нови автори, која филмот „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја доби „поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап“.

Вториот восхитувачки момент беше излегувањето на комплетната филмска екипа на „Медена земја“ заедно со членовите на групата „Фолтин“ пред публиката по премиерната проекција на филмот во Скопје. Филмската екипа потенцираше дека по бројните проекции на филмските фестивали и бројните награди што филмот ги добива низ светот, оваа беше најзначајната проекција за нив, бидејќи беше прва пред домашната публика.

Одговарајќи на прашања од публиката поврзани со филмот, главната протагонистка Атиџе Муратова ја откри магијата за нејзината прва средба со филмската екипа, велејќи дека „имала животна мака што сакала некому да ја каже“ и дека режисерите Тамара и Љубомир ја пронашле во најтешките моменти во нејзиниот живот.

Третиот момент беше кога Атиџе се качи на сцената и испеја неколку песни од нејзината традиција на средината од концертот на „Фолтин“.

Последната вечер на 10. „Македокс“ помина со огромен интерес на публиката, а Куршумли-ан беше исполнет до последното столче.

„Дојдовме до крајот на јубилејното 10. издание на Македокс. Ова беше прекрасна година со импресивни впечатоци за нас, а огромниот интерес и сѐ побројната публика се награда за целиот фестивалски тим на Македокс. Би сакала да им се заблагодарам на сите нив, на вас како публика и на сите гости кои направија убава атмосфера годинава“, рече селекторката на главната програма, Петра Селишкар, на затварањето на фестивалот.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се одржа од 21 до 28 август во Куршумли-ан и МКЦ, прикажа 70 документарни филмови во повеќе категории, од кои десет беа од македонски автори, организираше форум за копродукција заедно со Медиа Деск МК, имаше работилница за копродукција со Јана Цисар, мастер-клас одржа светски познатиот документарист Виктор Косаковски, беа поставени две изложби и, секако, круна на фестивалот беше премиерата на „Медена земја“, филм кој веќе е кандидат за наградата Оскар и за наградите на Европската филмска академија.

Нетанјаху: Ќе направиме сè што е потребно за да победиме, вклучително и Рафа

Додека Хамас тврди дека ги проучува најновите израелски предлози за прекин на огнот во „позитивен дух“, израелскиот премиер го повтори своето ветување дека без оглед на тоа ќе почне копнена инвазија на Рафа во јужна Газа.

- Ќе направиме сè што е потребно за да ги победиме нашите непријатели, вклучително и Рафа, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

- Имаше разлики во мислењата меѓу нас во врска со операциите на блиските и далечните боишта. Но, на крајот од дискусијата донесов одлука и таа беше прифатена, ја пренесува Ал Џезира изјавата на израелскиот претседател. /МИА

Полскиот претседател предложи зајакнување на националниот одбранбен систем

Полскиот претседател Анджеј Дуда поднесе до парламентот нацрт-закон за зајакнување на одбранбената готовност, поради новите форми на закани од Русија, соопшти денеска Националната служба за безбедност (ББН).

Според предлогот, генералната и оперативната воена команда ќе се спојат во едно тело.

Нацртот предвидува и нови постојани одбранбени планови кои обезбедуваат способност на војската веднаш да одговори на ненадејни закани и има за цел да го подобри протокот на информации и координацијата меѓу цивилните и воените власти на Полска.

- Предлогот предвидува воведување промени во воените и невоените области, зајакнување на способноста за спротивставување на хибридните закани и директна вооружена агресија, се наведува во соопштението на ББН.

Се додава дека предлозите се „одговор на промените во безбедносното опкружување, вклучително и новите форми на закани од Руската Федерација насочени против Полска и другите земји од Европската унија и НАТО“.

Руската амбасада во Полска соопшти дека не е во можност да го коментира соопштението на ББН бидејќи не е запознаена со тоа на какви „нови“ и „стари“ облици на наводни закани од Руската Федерација насочени против Полска и други земји од ЕУ и НАТО се мисли.

Полска ги зголеми своите воени трошоци на над четири отсто од бруто домашниот производ, што е повеќе од препораките на НАТО. /МИА

Херцог: Омразата и антисемитизмот ги контаминираа американските универзитети

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска го осуди „застрашувачкото оживување на антисемитизмот“ во светот, особено во САД, каде „универзитетите се контаминирани со омраза и антисемитизам“.

„Угледните универзитети, центри за историја, култура и образование се контаминирани со омраза и антисемитизам“, рече Херцог.

Во американските универзитетски кампуси „со ужас гледаме како се слават и оправдуваат злосторствата врз Израел од 7 октомври“ минатата година, додаде израелскиот претседател.

Тој изрази поддршка за „браќата и сестрите, пријателите во кампусите и во еврејските заедници во САД и ширум светот“. /МИА

притисни ентер