Со „паметни часовници“ до автоматски повик на 112 во ЦУК-надоградувањето на системот продолжува

Со „паметни часовници“ до автоматски повик на 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) - оттаму нагласуваат дека надоградувањето на системот продолжува со напредокот на технологијата.

Од ЦУК потсетуваат дека единствениот повикувачки број за итни случаи е достапен на целата територија на државава.

- Пуштен е во употреба на 11 февруари 2022 година и постојано се надоградува и е отворен за надоградување согласно искуствата на европските држави, а и напредокот на технологијата. На пример, последно такво надоградување е остварување, односно примање повик од „паметен часовник“, кога има детекција на губење на пулс и алармирање - конкретно автоматско јавување на 112 во ЦУК, појаснуваат оттаму.

Како што додаваат, воведувањето единствен повикувачки број за итни случаи - 112 донело повеќе предности за граѓаните на кои им е потребна помош, а и на службите и институциите од системот за управување со кризи.

- Имаме единствен, универзален број за сите итни случаи, бесплатен е, интегрира различни служби за итни случаи, како што се полиција, противпожарна заштита и итната медицинска помош во еден обединет систем, лесен е за паметење и бирање, што го прави лесно достапен за населението, може да се бира од телефони без „сим“ (SIM) картичка или со заклучена тастатура, бирањето 112 од мобилен телефон, автоматски обезбедува точни информации за локацијата („ГПС“ - GPS координати) на јавувачот, овозможувајќи побрзо време за одговор, реагирање на терен, интеграцијата на службите за итни случаи - полиција, Итна медицинска помош и противпожарна заштита, овозможува поефикасно користење на ресурсите, затоа што повеќе институции, односно служби се координирани за и во согласност нивните активности од еден центар - ЦУК. Секако, покрај овие три институции, служби, кога е потребно за помош да се ангажираат и дополнителни други институции и служби од системот за управување со кризи, тоа се остварувфа повторно од истиот центар - ЦУК, истакнуваат од Центарот.

Се осврнуваат и на можностите на системот. Говорни повици - системот при директни телефонски говорни повици веднаш се има или го обработува повикот со координати (GPS) за локацијата на повикувачот, како што појаснуваат, овозможувајќи брза комуникација со повикувачите и ефикасно споделување информации со службите за брз одговор.

Системот, додаваат, поддржува примање и праќање на текстуални пораки со координати (GPS) за локација и е канал за комуникација со граѓаните „кои од какви било причини не можат да зборуваат и граѓани со потребни потреби - на пример, глувонеми лица“.

- Системот прима повици преку „и - кол“ директна врска со возила опремени со „и - кол“ модул. Тоа овозможува автоматско примање на гласовни повици на 112 во ЦУК со координати (GPS) за локацијата на повикувачот, во случајот возилото, кога модулот ќе детектира сериозен судар. Системот автоматски обработува текстуални пораки што содржат координати (GPS) за локација од „андроид“ апарати што имаат инсталирано СОС апликации што испраќаат порака до 112 во ЦУК, во случај на детектиран сериозен судар или пад. При сериозен потрес или судар, „ајфон“ уредите автоматски испраќаат снимена порака со координати (GPS) за локација, овозможувајќи итна реакција дури и ако корисникот не е во состојба самиот да се јави на 112 и да побара помош, појаснуваат од ЦУК.

Системот прима повици од „паметен часовник“ (Google pixel watch 3), истакнуваат од ЦУК, преку „андроид“ телефон со што е поврзан и има напредни сензори за следење на здравјето на корисникот меѓу кои и детекција на губење на пулсот („loss of pulse detection“).

- Кога истиот ќе регистрира продолжен период без пулс на корисникот, часовникот автоматски иницира повик до 112 со снимена порака со информации за итноста и точната локација (GPS координати) на корисникот. Системот за итни повици 112 во ЦУК овозможува и е отворен за интегрирање на други напредни технологии преку што граѓаните ќе можат да добијат итни услуги ако за тоа имаат потреба, потенцираат од Центарот.

Од денеска двосменско работење на дел од отсеците за управни работи при МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека од денеска Отсеците за управни работи при Одделот за граѓански работи на МВР ќе работат согласно ново работно време. 

Одделението за управни работи Скопје и Отсек за управни работи Тетово, од понеделник до петок ќе имаат двосменско работење, односно работно време од 7:30 часот до 19:30 часот.

И Отсеците за управни работи - Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип, од понеделник до петок ќе имаат работното време со почеток од 8:00 часот па до 18:00 часот, а истото работно време ќе важи и за: ОУР Битола за Прилеп, ОУР Велес за Кавадарци, ОУР Охрид за Кичево и Струга, ОУР Тетово за Гостивар и ОУР Штип за Кочани.

Во останатите подрачни единици - ОУР Охрид за Дебар, ОУР Битола за Крушево, за Демир Хисар, за Ресен и за Македонски Брод, ОУР Штип за Пробиштип, за Свети Николе, за Виница, за Делчево и за Берово, ОУР Велес за Неготино, ОУР Куманово за Кратово и за Крива Паланка, ОУР Струмица за Гевгелија, за Радовиш и за Валандово, работното време ќе трае од 8:00 часот до 16:00 часот.

Неформален состанок на Советот на ЕУ во Варшава

Во Варшава денеска се одржува неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој ќе се разговара за хибридните закани со кои се соочуваат земјите-членки на ЕУ и партнерите што се стремат да влезат во ЕУ.

На состанокот се очекува да се разговара и за зајакнувањето на европската цивилна и воена подготвеност и повеќегодишната финансиска рамка (ВФО) на Унијата за периодот по 2027 година.

„Бидејќи проширувањето е приоритет за Европската унија, сигурна сум дека тоа ќе биде многу добро разгледано во следниот ВФО“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос по пристигнувањето на состанокот.

Во Софија изведена „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугариј

Во Националниот дворец на културата во Софија синоќа се одржа заеднички настап на Македонската, Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Солун. На сцената беше изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

-Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана" од Карл Орф којашто се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации, објавија од Македонската филхармонија на нивниот фејсбук профил.

Како што посочуваат, главниот „виновник" за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело

-Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина, потенцираат од Филхармонија.

притисни ентер