Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето" - Канал 5

Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето"

Вечерашниот концерт е посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша – Тофовиќ.

Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето"

Охрид од вечерва до 30 август ги живее своите 28 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето". Со познати арии во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на маестро Миливое Велиќ, вечерва на Античкиот театар беше отворено годинашното јубилејно 60-то издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.

Вечерашниот концерт е посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша – Тофовиќ, која на фестивалот му врежа љубов, но и вечност. Токму со нејзиниот концерт одржан на денешен ден во 1961 година Фестивалот „Охридско лето" почна да ја испишува својата биографија.

Пред евидентно редуцираниот број гости на Антички поради КОВИД-пандемијата, Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид".

– И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал, рече претседателот.

Пендаровски нагласи дека организирањето на „Охридско лето" во услови на КОВИД-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно, зашто веќе 60 години манифестацијате е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво.

– Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметнички здружувања и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите. Нужно е да ги задржиме нивото и квалитетот што со себе ги носи фестивалот „Охридско лето". Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза, истакна шефот на државата.

Пред публиката се обрати и министерот за култура во заминување Хусни Исмаили, кој изрази задоволство што фестивалот е постар од голем дел од присутните вечерва на Античкиот театар.

– Фестивалот „Охридско лето" не се мери веќе со годините на неговите изданија, но се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година…Јас сум силно убеден дека никој повеќе не може да не го признава престижот на фестивалот кој што денес е повеќе од очекувањата на самите основачи пред 60 години, зошто да не и повеќе од нивните соништа за еден фестивал што ќе биде уметнички амблем на Македонија на уметничката светска арена, рече Исмаили, истакнувајќи дека фестивалот не успеал само заради постојаната поддршка на државата, туку пред се поради тоа што израснал од ентузијазмот и љубовта на многу луѓе кои можеби вечерва и не се меѓу нас, но со нивната посветеност овозможиле фестивалот да опстои повеќе од половина век и да создава уметници што би ги посакувала секоја светска сцена.

Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе Снежана Анастасова-Чадиковска, истакнат академски музичар, пијанист, педагог и музички публицист која зад себе има богата концертна дејност токму и на сцената на „Охридско лето", а во својот богат минат труд е успешна и како селектор на фестивалската програма.

Анастасова-Чадиковска говореше во име на оние кои веќе шест децении со музика, збор, запис или израз на телото ги оживотворуваат и овековечуваат фестивалските сцени, тоа се поголемо, блескаво братство кое веќе брои преку педесет илјади музичари, актери, балетски играчи….

– Велам братство, вистинско братство, зошто убедена сум дека нема уметник кој ја доживеал онаа толку специфична озвучена светлост под сводовите на „Света Софија", оној благороден спокој и воедно вековна разиграност на бројните охридски сцени. Нема уметник, независно од која страна на светот доаѓал, на која раса или вера и припаѓал, нема уметник кој не се почувствувал и самиот дел од ѕвездената суштина на градот Охрид и фестивалот „Охридско лето". Зошто Охрид-тоа е духовното средиште на нашата земја ,но несомнено и еден од светилниците на сесветското човекување, рече Анастасова-Чадиковска.

Таа уште нагласи дека повторно уметниците се тука во Охрид, да го оживеат 60-от фестивал „Охридско лето", и оваа година да проговорат низ врвни музички, драмски и балетски дела за моќта на креативното.

– За убавината-чуварот на онаа толку неопходна надеж за животната радост на секој нов, иден ден. Тука сме. Сите заедно, одново ќе чекориме по вечните охридски ѕвезди, рече Анастасова-Чадиковска.

До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија", како и во самата црква ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.

Музичката програма на „Охридско лето" оваа година содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма. На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ од САД, Фукио саксофон квартетот од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, италијанскиот фелјтист Масимо Мерчели, мецосопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет, францускиот обоист Ариан Баке, Дуо Солипс…Несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл „Про Арс" со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова – Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска, како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ. Веќе редовни на фестивалот се Вечерите на Музичката младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар", тука е и вечерта со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев, со нсатапите на Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски, како и уште многу ексклузивни уметнички имиња.

Драмската програма почнува утре со претставата „Сестрите Прозорови" на Чехов, во изведба на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот" од Велес. На програмата се и изведбите на Драмски театар кој ја носи претставата „Чудесна терапија", претставата „Човек, ѕвер и доблест" на Театар Комедија, премиерата „Полковникот Птица" на Народниот театар од Гостивар, преставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика", а затворањето на Фестивалот е резервирано за изведбата на „Бог на масакрот" на Турскиот театар од Скопје кој годинава слави 70-годишен јубилеј.

Ова фестивалско издание прв пат се одржува надвор од вообичаениот термин, од 12 јули до 20 август, поради ситуацијата наметната од епидемијата на коронавирусот. Сите фестивалски настани ќе се одржуваат со ригорозно почитување на протоколите за заштита од ширење на КОВИД-19. Управата на Фестивалот однапред најави дека независно од интересот кај публиката за некоја од понудените содржини, во ниту еден случај нема да биде дозволено пречекорување на однапред предвидениот број седишта.

Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел, Фестивалот „Охридско лето" ќе го одбележи со промоција на монографијата „Фестивалска приказна" од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева –Ангеловска.

„Охридско лето" е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

„Охридско лето" денес претставува гордост, национално достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Македонија, манифестација која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мистерија на ремек делото на Ван Гог- астрономите веруваат дека „Ѕвездена ноќ“ настанала на сосема друг датум

Познатата слика „Ѕвездена ноќ“ од холандскиот сликар Винсент ван Гог можеби е заснована на вистински поглед на небото во зори на 22 јули 1889 година, а не само производ на имагинацијата на уметникот.

Мистерија на ремек делото на Ван Гог- астрономите веруваат дека „Ѕвездена ноќ“ настанала на сосема друг датум

Познатата слика „Ѕвездена ноќ“ од холандскиот сликар Винсент ван Гог можеби е заснована на вистински поглед на небото во зори на 22 јули 1889 година, а не само производ на имагинацијата на уметникот, покажа ново истражување на астрономи во Јужна Кореја.

Студијата, објавена во списанието „Scientific Reports“, го доведува во прашање конвенционалното датирање на сликата и ја покренува можноста дека Ван Гог, познат по своите експресивни прикази на природата, започнал од вистинско небо, кое потоа уметнички го трансформирал.

„Стоев на истото место“

Авторите на новата студија веруваат дека поместувањето на датумот на сликата во јули би можело да го објасни распоредот на небесните тела прикажани на платното.

За да ја тестираат својата хипотеза, јужнокорејските истражувачи прво идентификувале гребен југозападно од санаториумот.

Првиот автор на студијата, астрономот Ким Елија Џонг-хјун од Универзитетот Кјунг Хи во Јужна Кореја, рече дека истражувачкиот тим пронашол локација од која уметникот можел да го гледа пејзажот и ја споредил со една од неговите претходни скици.

„Стоев на истото место каде што стоеше Винсент пред 130 години“, рече Ким.

Помош од астрономски софтвер

Истражувачите ги анализираа позициите на Месечината, Венера и ѕвезденото јато Хијади прикажани на сликата и ги споредија со изгледот на небото над францускиот град Сен-Реми-де-Прованс, каде што Ван Гог престојувал во санаториумот Сен-Реми во јужна Франција во 1889 година.

Потоа научниците користеа астрономски софтвер за да го реконструираат изгледот на небото во зори за секој ден во текот на јуни и јули 1889 година. Тие бараа датуми кога Месечината била над Венера, заедно со позицијата на ѕвезденото јато Хијади што се совпаѓала со сликата. Од трите датуми на кои небесните тела биле во точните позиции, 22 јули се покажа како најблиску до распоредот прикажан на сликата.

Според нивната реконструкција, тенката полумесечина, Венера и Хијади потоа биле распоредени на начин сличен на оној на платното на Ван Гог.

„За да го донесеме ова прашање во сферата на науката, моравме да го измериме степенот на сличност помеѓу распоредот на ѕвездите на сликата и вистинското небо, користејќи геометрија на облици и статистика“, објасни Ким.

Резултатите не се конечни

Сепак, авторите на студијата предупредија дека резултатите не се конечни и дека е можно Ван Гог да комбинирал сцени од небото од различни денови.

Музејот Ван Гог во Амстердам, кој не бил вклучен во студијата, тврди дека „Ѕвездена ноќ“ е создадена во јуни 1889 година. Според музејските експерти, уметникот ја насликал сликата на платно што го добил на почетокот на јуни, а веќе на 2 јули му испратил на својот брат Тео цртеж базиран на делото.

Музејот, исто така, соопшти дека околу 22 јули, Ван Гог доживеал сериозна ментална криза што го спречила да слика повеќе од еден месец.

„Ван Гог не бил заинтересиран за целосно верно претставување на реалноста“, рече портпаролот на музејот, додавајќи дека позициите на небесните тела на сликата не можат да се сметаат за сигурна основа за одредување на датумот на нејзиното создавање.

Доналд Олсон, професор по физика и астрономија на Државниот универзитет во Тексас, исто така изрази сомнежи во врска со заклучоците од новата студија, посочувајќи на несовпаѓања помеѓу позициите на Венера и ѕвезденото јато Хијади на сликата и нивните пресметани позиции на небото.

Ван Гог ја насликал „Ѕвездената ноќ“ за време на престојот во Сен Реми де Прованс, а делото сега се смета за едно од најпознатите дела на светската уметност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Зеленски: Путин не сака да ризикува употреба на нуклеарно оружје, би ги загубил сојузниците

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да ризикува да користи нуклеарно оружје бидејќи, како што изјави, тоа би можело да ги изгуби сојузниците.

Зеленски: Путин не сака да ризикува употреба на нуклеарно оружје, би ги загубил сојузниците

„Не мислам дека тие (Русите) ќе ризикуваат да користат нуклеарно оружје, бидејќи тогаш сигурно повеќе нема да имаат сојузници, убеден сум во тоа“, рече Зеленски во подкастот „Дневникот на еден извршен директор“, пренесува Укринформ.

Тој процени дека еднократната употреба на нуклеарно оружје ќе отвори можност за нивна употреба во други конфликти, што, како што изјави, би било катастрофално.

„Затоа не мислам дека Путин ќе ризикува да користи нуклеарно оружје“, рече Зеленски.

Украинскиот центар за борба против дезинформациите при Советот за национална безбедност и одбрана објави во јуни дека рускиот режим ги засилил нуклеарните закани, наведувајќи како пример статија во „Росијскаја газета“ во која отворено се залага за употреба на тактичко нуклеарно оружје на бојното поле за пробивање на одбраната на украинските сили.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Француски и британски авиони во заедничка вежба симулирале нуклеарен напад

Британски и француски борбени авиони летаа заедно над Медитеранот во нивната прва заедничка вежба со француските воздухопловни сили, соопшти Париз.

Француски и британски авиони во заедничка вежба симулирале нуклеарен напад

Двајцата сојузници се согласија во јули 2025 година да ја зајакнат соработката во врска со нивните нуклеарни арсенали како одговор на растечките закани со кои се соочува Европа, како и неизвесноста околу сојузот со САД под Доналд Трамп.

„Независните нуклеарни сили не ја исклучуваат координацијата“, нагласи француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотрин.

„Нашата нуклеарна соработка со Обединетото Кралство продолжува да се продлабочува: во вторник вечерта, британските „тајфуни“ учествуваа за прв пат во француска нуклеарна вежба со борбени авиони „Рафал“.

Симулација на нуклеарен напад

По полетувањето од воздухопловната база Сен-Дизје во североисточна Франција, на француските авиони им се придружија борбени авиони „тајфуни“ на британските RAF, симулирајќи нуклеарен удар во вежба наречена „Рами“, објави француското Министерство за вооружени сили.

„Во еден сè поопасен свет, нашите противници не смеат да се сомневаат: Велика Британија и Франција стојат заедно во својата посветеност на европската безбедност и одвраќањето што го зачува мирот со генерации“, додаде британскиот министер за одбрана, Вес Стритинг.

Францускиот претседател Емануел Макрон во март објави дека Париз ќе го прошири својот нуклеарен арсенал и покрена иницијатива со која им нуди на европските партнери заеднички вежби и евентуално краткорочно распоредување на француски нуклеарно способни воздухопловни сили на нивна територија.

Франција троши околу 5,6 милијарди евра годишно за одржување на залихи од 290 нуклеарни оружја лансирани од подморници и од воздух. Тоа е четвртиот најголем арсенал во светот, пишува Ројтерс. Обединетото Кралство има 225 нуклеарни боеви глави, додека Русија и Соединетите Американски Држави имаат по повеќе од 5.000.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер