Снегот изчезнува во некои делови во светот, а тоа претставува закана за милиони луѓе! - Канал 5

Снегот изчезнува во некои делови во светот, а тоа претставува закана за милиони луѓе!

Големи делови од САД беа погодени од силно невреме и виулици кои покрија со снег делови од средниот запад и североистокот. 

Снегот изчезнува во некои делови во светот, а тоа претставува закана за милиони луѓе!

Но, сепак нешто е поразлично: многу американски сојузни држави кои беа навикнати на бели зими сега повеќе имаат дожд отколку снег.

Новата студија објавена на 03.01.24. покажува дека климатската криза предизвикана од човечки фактор ја намалила снежната покривка во голем дел од северната хемисфера во последните 40 години, загрозувајќи ги клучните извори на вода за милиони луѓе, пишува Си-Ен-Ен.

Дел од проблемот е што снежните падежи е тешко да се измерат прецизно, а научните податоци од набљудувањата на земјиното тло, преку сателитите и климатските модели дадоа контрадикторни сигнали за улогата на климатските промени во намалувањето на снежните покривки. Некои области од потоплите краишта имале повеќе снег.

Кои делови од светот бележат најголеми снежни наноси?

Студијата од средата, објавена од истражувачите на колеџот Дартмут, Масачусетс, во списанието „Nature“, нуди поширока слика - климатските промени значително ги намалиле снежните прекривки на север во однос на 1980-тите. Областите во југозападниот и североисточниот дел на САД, како и во централна и источна Европа, бележат најголем пад на снег поради глобалното затоплување, помеѓу 10% и 20% на деценија.

„Многу е јасно дека климатските промени имаат негативно влијание врз снегот и водата. И секој дополнителен степен на затоплување ќе намали значителен дел од ресурсите на вода добиена од топење на снегот“, изјавил Александар Готлиб, главниот автор на студијата и докторанд на колеџот Дартмут.

Истражувачите открија дека губењето на снежните покривки се забрзува кога просечните зимски температури на некоја локација ќе се искачат над минус 8°С, точка што ја нарекуваат „праг на загуба на снегот“. После тоа, загубата на снег се забрзува дури и со умерен пораст на температурата.

Голем проблем за заедниците кои зависат од снегот како извор на вода

Ова е голем проблем за заедниците кои зависат од снегот како извор на вода. Многу од светските резерви на вода веќе се загрозени од климатските промени поради сушите и топлотните бранови, кои стануваат сè почести и поинтензивни. Со загревање на планетата, многу густо населени области кои зависат од снегот, ќе доживеат зголемени загуби во достапноста на вода во текот на следните неколку децении, открива студијата.

„Штом во текот на зимата повеќе нема снег, туку дожд, акумулациите послабо ќе се снабдуваат со вода“, изјави за Си-Ен-Ен Џастин Менкин, вонреден професор по географија во Дартмут. Тогаш се поставува прашањето дали ќе имаме дождлива пролет за да се надомести повлекувањето на водата од местата низводно.

Научниците, исто така, ги разгледаа речните сливови за да измерат колку од снежните водни ресурси исчезнале. Студијата откри тренд на опаѓање на снежната покривка во 82 речни слива од 169 главни речни слива на северната хемисфера, вклучително и реката Колорадо во САД и Дунав во Европа, при што 31 слив покажува траги од климатските промени предизвикани од човечки фактор.

За да дојдат до своите заклучоци, истражувачите го анализирале падот на снежната покривка во март помеѓу 1981 и 2020 година, бидејќи овие податоци даваат соодветен преглед на зимските временски прилики, објаснил Манкин. Тој истакнал дека количината на снег на земјиното тло во март покажува какви биле зимските услови во одредена сезона, пред пролетта да ја стопи акумулацијата, која потоа тече низводно и ги снабдува домаќинствата и земјоделството со вода.

„Оваа студија е револуционерна“

„Мартовската снежна покривка е симбол на сè што се случило во текот на зимата и ние ја тестираме осетливоста на таа мерка“, изјавил Манкин за Си-Ен-Ен.

Последователните години со помала снежна покривка во западниот дел на САД веќе обезбедија увид за тоа како би можеле да изгледаат зимата и пролетта во иднина во многу делови од северната хемисфера, од невиден недостиг на вода до сè поголеми шумски пожари, истакнува Манкин.

Снегот, исто така, помага во спречување на шумски пожари или може да го намали нивниот интензитет. За разлика од дождот, чијашто акумулација побргу се троши, снегот полека се топи со текот на времето и може да обезбеди бавно и стабилно ослободување на водата во земјиното тло, притоа влагата ја намалува веројатноста од пожари.

Помалите снежни покривки, исто така, влијаат на зимските рекретивни активности, а тоа носи ризик од намалување на посетеноста на скијачките рекреативни центри, како клучни економски двигатели. Многу скијачки центри на северната хемисфера веќе се соочуваат со такви предизвици. Иако многу од нив сега се потпираат на снежните топови со цел да обезбедат доволно снег, научниците стравуваат дека некои од тие места се приближуваат до температурниот праг што ќе го направи дури и машински создадениот снег неодржлив.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МФФ Киненова вечерва се отвора со „3 недели подоцна“ на режисерот Мирослав Терзиќ

Ако Киненова бара филмови што оставаат трага и продолжуваат да живеат во гледачот и по проекцијата, тогаш сметам дека филмот природно се вклопува во таа категорија.

МФФ Киненова вечерва се отвора со „3 недели подоцна“ на режисерот Мирослав Терзиќ

11. издание на МФФ Киненова свечено се отвора вечерва во киното „Фросина“ во МКЦ со филмот „3 недели подоцна“ на Мирослав Терзиќ. Станува збор за истакнат српски филмски режисер и сценарист, препознатлив по своите длабоки социјални и политички драми кои обработуваат тешки општествени теми. Неговиот најнов филм од 2026 година се работеше под работниот наслов „Екскурзија“ и претставува сурова и емотивна драма која се занимава со врсничкото насилство и тинејџерскиот суицид. Имаше светска премиера во главната натпреварувачка програма на 60. Филмски фестивал во Карлови Вари, каде ја освои престижната награда Europa Cinemas Label, а потоа беше прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал.

Голема чест е да се отвори фестивал кој слави храбар филмски јазик. Терзиќ ијави дека сака „да ја испровоцирате публиката и филмот да не биде заборавен пет минути по проекцијата“. На прашањето како оваа негова авторска цел се поклопува со мисијата на Киненова да прикажува филмови кои оставаат траен белег и будат општествена свест, Терзиќ вели:

-Кога велам дека сакам да ја провоцирам публиката, не мислам на провокација заради самата провокација. Повеќе ме интересира филмот малку да ја наруши сигурноста со која влегуваме во приказната, за да нè натера да се преиспитаме за сопствената позиција и одговорност. Не сакам филмови што однапред му кажуваат на гледачот што да чувствува и каков заклучок да изведе. Ако Киненова бара филмови што оставаат трага и продолжуваат да живеат во гледачот и по проекцијата, тогаш сметам дека „3 недели подоцна“ (3 Weeks Later) природно се вклопува во таа категорија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Натпревар за најдобри бизнис идеи кај средношколци

Кои средношколци ќе го освојат милионот? Започна натпреварот за најдобра бизнис-идеја?

Натпревар за најдобри бизнис идеи кај средношколци

Средношколците од цела Македонија повторно имаат можност да освојат 1.000.000 денари за своја бизнис-идеја. Започна второто издание на натпреварот за најдобра бизнис-идеја на средношколци, во организација на Brainster Next College и NU High School Academy, а пријавувањето е отворено до 8 ноември на milioner.mk. Право на учество имаат сите средношколци од прва до четврта година, од државните и приватните средни училишта.

Патот до милионот е следен: од сите пријавени бизнис-идеи на средношколците од Македонија, на 10 ноември ќе бидат објавени 120-те најдобри, по што започнува јавното онлајн гласање кое ќе трае до 25 ноември. Во истиот период ќе бидат организирани и седум менторски работилници, на кои учесниците ќе добијат практични совети за развојот на своите идеи.

На 25 ноември ќе бидат избрани 50-те најдобри тимови, кои на 28 ноември ќе имаат само 90 секунди за да ги убедат инвеститорите во потенцијалот на својата идеја, преку форматот познат како elevator pitch. Од нив ќе бидат избрани 20-те најдобри тимови кои ќе продолжат во големото финале.

На 29 ноември финалистите ќе имаат по пет минути за презентација и уште пет минути за прашања од инвеститорите и жирито, по што ќе биде прогласена победничката идеја што ќе ја освои наградата од 1.000.000 денари влог во идејата.

Пред десет години некој вложил милион во неговата идеја. Денес тој вложува милион во идеите на средношколците.

Приказната за натпреварот започнува многу пред неговото прво издание.

Пред десетина години, Петар Ниновски, основачот на Brainster, бил млад претприемач со големи амбиции, но и со неизвесност дали ќе успее. Зад себе веќе имал неколку претприемачки обиди, од препродажба на концертни билети до бизнис со накит, кој по неуспешниот почеток во Црна Гора го продолжил во Охрид.

Но пресудниот момент дошол кога група бизнис-ангели поверувале во неговата визија за создавање на подобро образование и му дале почетна инвестиција од еден милион денари.

Со тие средства Ниновски го започнал Brainster, кој во следните години прерасна во образовна групација што обучува илјадници луѓе, создава работни места и развива нови и иновативни образовни програми, а денес е и лидер во Македонија на полето на вештачката или супер интелигенција.

„Пред 10 години некој веруваше во мене, денес ние веруваме во младите и идеите кои носат подобра иднина“, вели Ниновски.

Тројца битолчани покажаа дека милионот не е само сон

Минатогодишното издание на натпреварот покажа дека во Македонија постои огромен претприемачки потенцијал кај младите. Во конкуренција на стотици пријавени тимови, победата ја однесоа тројца средношколци од Битола – Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски, со тимот Stay BE и бизнис-идејата „Систем 4“.

Нивното решение користи вештачка интелигенција за подобрување на работењето на хотели и ресторани, преку телефонски агенти, чет-асистенти и други дигитални услуги.

Тие не понудија само идеја на хартија, туку реално бизнис-решение со потенцијал за развој и ширење на пазарот. За тоа освоија 1.000.000 денари, а нивниот проект привлече и дополнителен интерес од инвеститори. Инвестициска понуда доби и второпласираниот тим „ПаметПакет“.

Целта е поголема од милионот

Целта на натпреварот е да го поттикне претприемачкиот дух кај младите, да ги охрабри да размислуваат креативно, да препознаваат можности таму каде што другите гледаат проблеми и да научат дека за успешен бизнис не е пресудна возраста, туку идејата, знаењето и иницијативата.

Во наредниот период се предвидени и презентации во средните училишта низ Македонија во координација со надлежните образовни институции, со цел што повеќе средношколци непосредно да се запознаат со можностите што ги нуди натпреварот.

Минатогодишните победници покажаа дека средношколските години можат да бидат вистинскиот момент за развивање на претприемачките способности, а идеите што денес се раѓаат во училишните клупи утре можат да прераснат во успешни компании.

Токму затоа, организаторите ги охрабруваат средношколците од цела Македонија да ја искористат можноста, самостојно или заедно со своите соученици да развијат бизнис-идеја и да ја пријават на натпреварот. Не е неопходно да имаат готов производ или веќе основана компанија, туку идеја во чиј потенцијал веруваат и подготвеност да работат на нејзиното развивање.

Пријавувањето е отворено до 8 ноември 2026 година на milioner.mk , а на 29 ноември ќе дознаеме во кое средно училиште ќе заврши следниот милион.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова: На Фестивалот „Игор Маџиров“, на мал и скромен простор, секоја година се случуваат театарски чуда!

Во својство на покровителка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера вечер го отвори петтото издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

Сиљановска-Давкова: На Фестивалот „Игор Маџиров“, на мал и скромен простор, секоја година се случуваат театарски чуда!

За неа, годинашното мото на фестивалот, „СИТЕ СМЕ ИСТИ. И ЈАС И ТИ“ е уметнички и хуман повик на почитување на правото на секој човек на свој живот, свој свет, своја приказна.

„Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко“, рече претседателката.

Таа ги поздрави огромните уметнички успеси и високи дострели на Театарот за деца и младинци, постигнати на малиот и скромен простор, непроменет со децении.

За неа, тука, во срцето на Скопје, со многу генерации на деца живееле, растеле, твореле и пораснале големи глумци, задоволувајќи ги нивните мечти и соништа, врзани за блиски и далечни култури.

Богатото уметничко наследство на Игор Маџиров, според претседателката, не престана да постои со неговото прерано физичко заминување, туку продолжи да живее на старите тетарски даски, на коишто, секоја година се случуваат чуда.

Сиљановска- Давкова ја повтори минатогодишната желба - детскиот театар конечно да добие пристоен дом, каков што заслужуваат неговите талентирани и вредни станари и нивните најчести и најверни гости- децата!

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:

Почитувани организатори,

Почитувани уметници,

Драги гости,

Почитувани и сакани деца,

И годинава, пак сме тука, а јас сè уште посакувам и се надевам на нов амбиент заради доброто на глумците, децата и младите, гледачите. Ама...

Но...чудна дружина сме ние, не случајно овде собраните: талентираните и посветени театарски дејци, децата, како најискрени гледачи и ние, љубителите и обожавателите на театарот, ним сличните, по темперамент и големи очекувања.

Верувам дека и годинава, кога глумците со збор и со тело ќе ги оживеат ликовите и ќе станат други, ние, чувствувајќи ги нивните радости и стравови ќе се идентификуваме со нив и ќе почнеме да размислуваме за изборот којшто го прават, небаре е наш.

Преку играта, смеата и тагата, храброста и сомнежот, правдата и неправдата, театарот како уметност на неможното, ни помага да ги препознаеме човечките слабости и доблести, внатрешни борби, да се радуваме и да се нервираме, бурно да реагираме.

Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, преку творечката енергија, уметничката храброст и недофатливите дострели, ја задоволува огромната љубопитност, поврзува блиски и далечни култури, генерации, светогледи.

Знам дека творењето за најмладата публика и глумењето пред неа е голема и посебна одговорност зашто детето не е рутиниран гледач што мирно ја следи приказната, туку немирен, разбрануван, бистар, љубопитен ум што мисли брзо, поставува многу незгодни и смели прашања, остар и прецизен набљудувач и добар воочувач, бескомпромисен критичар, кој отворено, без преправање, директно го кажува она што го мисли за виденото и чуеното, односно – одиграното.  

Овогодишното мото „СИТЕ СМЕ ИСТИ. И ЈАС И ТИ.“ има демократска и рамноправна дикција, нè потсетува дека секој од нас без оглед на земја од која доаѓа, театар во кој твори, возраст, вера, религија, раса, пол, статус, има свој јазик, своја приказна и свој начин на доживување на светот, но дека сите ги делиме потребата и желбата да бидеме прифатени и разбрани. Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко.

Театарот, преку уметничкото доживување ја развива способноста да се гледа низ туѓите очи, да се преиспита сопственото уверување, а неговата вредност не е само естетска, туку и педагошка и хумана, просветителска и просветлувачка, освестувачка, зашто уметноста може да инспирира, да вознемири, да провоцира, но и да облагородува, смирува, духовно збогатува, учи, храни, милува...

Знам дека името на Игор Маџиров го поврзува фестивалот со актер чиешто творештво остави оригинална, творечка, длабока трага во македонската култура. Неговото уметничко наследство потсетува дека вистинските сценски дострели не завршуваат со животот или со последниот аплауз, туку продолжуваат да живеат преку глумата на други актери или новите генерации актери, нивните остварувања, но и преку публиката којашто повторно ја открива магијата на театарот и волшебничките способности и дострели на актерите, режисерите, сценаристите...

Драги деца,

Гледајте и фантазирајте, размислувајте и кажете си ги мислењата, борете се и негувајте си ја слободата на мислата, коментирајте, хранете си ги љубопитноста, храбро откривајте ги тајните на животот и на светот. Не престанувајте да прашувате, да замислувате и да сонувате, зашто токму во детските пориви се крие тајната и силата на новото, незамисливото, чудното, неочекуваното. Фестивалските денови нека нè нурнат во театарската магија и во светот на детската фантазија и имагинација.

Нека „Игор Маџиров“ ја разгори и овој пат искрата на љубовта и интересот кон театарот и уметноста, кон сцената, кон играта, нека отвори нови видици, нека овозможи фер и витешки натпревар, нека поттикне исчекувања и надежи.

И оваа година, како и минатата, ќе ја повторам вашата и моја желба, детскиот театар да добие уметничка куќа, дом каков што заслужува, не само сцена на којашто ќе се играат претстави, туку простор којшто ќе овозможи, па и ќе стимулира креативност кај најмладите, ќе овозможува да дојде до израз творечката смелост и ќе му овозможи на Театарот за деца и младинци да расте и да се развива како што децата со растот имаат потреба од поголема облека и поширок простор!

Со особено задоволство го прогласувам за отворено петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

Ви благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер