Словачкиот премиер Фицо ја затвора државната телевизија и ја претвора во нова

Словачката влада на популистичкиот премиер Роберт Фицо вчера одобри нацрт-закон со кој ќе се распушти јавниот радиодифузен сервис РТВС и ќе се претвори во нова медиумска институција, што предизвика загриженост кај опозициските политичари и новинарите.

Законот е последниот чекор во, како што велат критичарите, обидот на владата на премиерот Роберто Фико да ја зајакне контролата врз институциите во земјата.

Фицо, кој минатата година по неколку години во опозиција по четврти пат стана премиер, тогаш ја критикуваше јавната телевизија како пристрасна.

- Ситуацијата во РТВС е неодржлива, рече Фицо на вчерашната прес-конференција.

- Таа реално не може да биде објективна бидејќи е во спор со словачката влада. Со ова се нарушува основното човеково право на словачките граѓани да имаат објективни информации на располагање, додаде тој.

Владата на Фицо веќе ја затвори канцеларијата на специјалниот обвинител за борба против корупцијата, ги смени шефовите на полицијата и тајната служба и ја пренасочи својата надворешна политика подалеку од силната поддршка за Украина.

Европската радиодифузна унија (ЕБУ) објави дека нацрт-законот ефективно го заменува „почитуваниот јавен радиодифузер“ и ја загрозува неговата независност. Министерката за култура Мартина Шимковичова, која претходно работеше во таа телевизија и е позната по ширење теории на заговор, е главен автор на законот.

Според новиот закон, кој се очекува парламентот да го изгласа во јуни, директорот на РТВС ќе биде разрешен неколку години пред истекот на неговиот мандат, а на негово место ќе дојде деветчлен совет кој ќе избере нов.

Министерствата за култура ќе предложат четворица членови на Советот, а останатите ќе бидат експерти назначени од парламентот. Ќе биде формиран и програмски комитет за следење на содржината, што критичарите го нарекуваат наметнување цензура.

Словачката опозиција остро го критикува законот и ја обвинува владата дека се обидува да го замени јавниот радиодифузен сервис РТВС со свој пропаганден медиум.

Неколку невладини организации веќе најавија дека ќе се обратат до Европската комисија и до Европскиот парламент во врска со предлог-законот за јавна радиодифузија. Тие сакаат да го свртат вниманието на контроверзните планови на владата, кои според нив се во спротивност со новиот европски закон за слобода на медиумите. /МИА

Мицкоски верува дека ќе има мнозинство–Ковачевски обвинува дека така се загрозува ЕУ иднината

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски верува дека неговата партија е блиску до мнозинство во Парламентот и не би се изненадил ако освои 61 пратеник.

Во изјава за медиумите по завршување на литургијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ Мицкоски изрази уверување дека во среда тие ќе слават двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, без да даде конкретен одговор што би било неуспех за партијата на двојните избори.

-На сите им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во парламентот. Не би се изненадил ако имаме 61 пратеник. За мене неуспехот не е неуспех. За мене е успех пред се она што се случи во првиот круг. Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа, Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, изјави Мицкоски.

Неговиот политички ривал, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, од синоќешниот митинг во Македонски Брод порача дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и Силјаноска ја добијат власта, европската иднина на државата ќе биде загрозена, а земјата изолирана. Ги потсети граѓаните дека изборот на 8 мај е во нивни раце и тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

-Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница. Јас можам цврсто да ви гарантирам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европска Македонија и ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност, порача Ковачевски.

Двојните избори ќе се одржат во среда. Ден претходно, е изборен молк, а изборната кампања завршува в понеделник на полноќ.

Клоп: Ливерпул ќе продолжи да се развива и откако ќе си заминам

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изрази уверување дека тимот ќе продолжи да се развива и по неговото заминување на крајот од актуелната сезона.

Германецот помина девет многу успешни години на „Енфилд“, а за негов наследник се очекува да биде избран Холанѓанецот Арне Слот кој моментално го води Феенорд.

Веќе на крајот од минатата сезона започна подмладување во Ливерпул. Големи фигури како Роберто Фирмино, Џејмс Милнер, Фабињо и долгогодишниот капитен Џордан Хендерсон го напуштија тимот, заедно со Садио Мане, кој замина една година порано, додека беа донесени Алексис Мекалистер, Доминик Собослај, Рајан Гравенберг и Ватару Ендо.

-Секако дека би сакал да се разделам на поинаков начин со Ливерпул. Пет или шест бода повеќе ќе не држеа во трката за титулата. Но, ако ја споредите ситуацијата сега со кога дојдов пред девет години, ќе видите голема разлика. Во моментов го имаме Ливерпул 2.0, кој нема да престане да се развива со моето заминување, можеби и ќе започне нов проект, изјави Клоп.

Беше категоричен дека доколку останел на „Енфилд“ уште една година, нема да можел доволно добро да ги извршува обврските.

-Сигурен сум дека да не ја донесов оваа одлука сега, следната година ќе беше многу тешка. Мора да бидете полни со енергија за ваква работа. Да се ​​биде на 80 проценти не е доволно. Тоа е вистината. Тоа е работа 24/7. Да, има поважни работи во животот, но ако се грижиш, тогаш работиш 24/7 според стандардите што ги има еден клуб како Ливерпул, изјави поранешниот тренер на Борусија Дортмунд.

Православните верници го слават Велигден

Едногласно да воскрикнеме пред сиот свет Христос Воскресе – Навистина воскресе.

Со овој поздрав православните христијани ширум светот го одбележуваат најголемиот христијански празник Велигден. Христовото воскресение беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква на полноќ, а утрово се одржуваа воскресенски литургии. Централната богослужба се одржа во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје , каде чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Господин Господин Стефан.

Оттаму беше испратена порака до верниците за спотеност, спокојство и меѓусебно почитување.

-Што е можно побргу да се освестиме и да се обединиме како народ и молитвено да притекнеме кон Бога. Со кое право некои сеуште се обединуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата кога сета Македонска почва е напоена со просветителските дејанија на Македонските црковно просветни дејци. Како што не потклекнаа нашите прадедовци така и ние како нивни потомци и како доследни носители на аманетот доверен од нив да не дозволиме отсапки пред оние кои што постојано посегнуваат по нашето најсвето, вели отец Сашо.

На полноќ со прогласувањето на Христовото воскресение, заврши и седум неделниот велигденски пост. По причестот, верниците утрово се помолија за здравје и благодет.

- Посакувам прво здравје, среќа, љубов, благосостојба, мир.

- Здравје, среќа за семејството и мир насекаде да има.

- Многу желби имаме, здравје, многу здравје, пред се здравјето е најбитно., Христос Воскресе, дојдовме за здравје за убавини за мир и нека биде се добро.

Според Христијанското учење Велигден е празник на љубовта и мирот, триумф на животот над смртта, на доброто над злото и ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите, подарувајќи вечен живот на оние што веруваат во него. Велигден според јулијанскиот календар, покрај во Македонија и соседството се слави и во Украина, Молдавија, Русија, Либан, Египет и Етиопија како и меѓу останатите православни верници во Африка и блискиот исток.

притисни ентер