Следува период на променливо време со повремени локални врнежи од дожд

Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во четврток и петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме. Дневната температура од четврток ќе биде во постепено опаѓање.

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен

правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 20 до 27 степени.

Времето во Скопје, ќе биде сончево со мала облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи до 26 степени.

Најмалку седум Палестинци загинаа, а девет се ранети во израелски напад во Џенин

 Најмалку седум Палестинци загинаа, а девет беа ранети во денешниот напад на израелските сили во Џенин на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Израелската армија потврди дека нападнала упориште на екстремистите за време на рацијата во градот.

Меѓу жртвите е и д-р Касаџед Камал Џабарин, хирург во владината болница во Џенин.

„Тој беше убиен на пат кон болница„, изјави директорот д-р Висам Абу Бејкер.

Рацијата се уште е во тек, а бројот на жртвите може да биде поголем.

Анкета: Нова демократија со двојно поголема предност пред СИРИЗА

Нова демократија со двојно поголема предност пред СИРИЗА во пресрет на европските избори.

Речиси 16 отсто е разликата меѓу владејачката Нова демократија и опозициската СИРИЗА, во пресрет на европските избори во Грција на 9 јуни, според резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Opinion poll“, спроведено за грчката телевизија „Action24“, јави дописничката на МИА од Атина.

Нова демократија е стабилна на првата позиција со 29,1 отсто, СИРИЗА е втора со 13,5 проценти, на третото место е ПАСОК со 10,6 отсто, а десничарската националистичка партија Грчко решение е четврта политичка сила во земјата со 8,7 проценти.

Во однос на тоа колкав е интересот на граѓаните за европските избори 65,1 отсто од анкетираните вели „многу“ или „доста“, додека пак на прашањето колку е веројатно да не излезат на гласање, 77 проценти одговориле „малку“ или „воопшто“.

На европските избори во 2019 година, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто.

Истражувањето на јавното мислење на „Opinion poll“, за грчката телевизија „Action24“ било спроведено од 15 до 18 мај со анкетирани 1.006 лица.

Во Иран покрената истрага за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси

Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација за истрага на случајот со хеликоптерската несреќа во која беше иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по нејзино завршување, пренесува ИРНА.

Како што беше претходно објавено, се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Раиси е технички дефект на леталото.

„Раиси маченички настрада во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на авионот“, објави иранската државна новинска агенција ИРНА, не прецизирајќи каква е природата на дефектот на хеликоптерот.

Погребните обреди за иранскиот претседател, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан, во 9:30 часот по локално време.

Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано на 23 мај во неговиот роден град Машхад, во североисточниот дел на Иран.

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, при што загинаа уште шест лица.

притисни ентер