Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст - Канал 5

Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи.

Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима, беше истакнато на средбата помеѓу гувернерот Трајко Славески и в.д. амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс.

На средбата, како што информира Кабинетот на Славески, беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.

Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.

Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.

Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.

Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Џа Морант трејдуван во Портланд

Една од најголемите размени летово во НБА е официјализирана.

Џа Морант трејдуван во Портланд

Џа Морант повеќе не е член на Мемфис Гризлис, туку ќе ја продолжи својата кариера во Портланд Треил Блејзерс.

Во спротивна насока, заминуваат Џерами Грант и Крис Мареј, со што завршува седумгодишната ера на Морант во Мемфис.

Морант беше избран како втор избор на НБА драфтот во 2019 година и брзо се етаблираше како еден од најатрактивните бекови во лигата. Тој ја освои наградата за дебитант на годината во својата прва сезона, додека две години подоцна беше прогласен за играч со најголем напредок. Многумина го гледаа како идното лице на НБА, но следеа бројни проблеми.

Сериозни повреди, вклучувајќи ја и најновата поради која играше само 20 натпревари минатата сезона, го забавија неговиот развој. Покрај тоа, неколку инциденти надвор од теренот резултираа со суспензии и му го нарушија односот со раководството на Мемфис.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонското знаме високо на светската велосипедска сцена – Дуња Иванова 33-та во светот

Македонската репрезентативка, членка на Велосипедскиот клуб Енерџи и актуелна државна шампионка во планински велосипедизам, Дуња Иванова, постави нов репер во македонскиот велосипедизам.

Македонското знаме високо на светската велосипедска сцена – Дуња Иванова 33-та во светот

Македонската репрезентативка, членка на Велосипедскиот клуб Енерџи и актуелна државна шампионка во планински велосипедизам, Дуња Иванова, постави нов репер во македонскиот велосипедизам откако утрово на најновата светска ранг-листа на УЦИ се искачи на 33. место во светот.

До овој извонреден резултат Иванова стигна по успешните настапи на трите Светски купови од престижната HERO World Cup серија – Коста Бланка во Шпанија, Елба во Италија и Натурланд во Андора како и по трката во Кастро, Италија и одбраната на титулата државен првак во МТБ маратон. Настапот во Андора имаше особено значење, бидејќи токму таму Иванова обезбеди квалификација за претстојното Светско првенство во планински велосипедизам кое ќе се одржи во Италија.

Овој резултат добива уште поголема тежина ако се земе предвид конкуренцијата од стотици рангирани натпреварувачки од сите континенти, како и фактот дека Иванова го носи досега највисокиот пласман за Македонија позиционирајќи се на првата страница на светската УЦИ ранг-листа.

Следниот предизвик за Иванова е Европското првенство во Рамалес де ла Викторија, Шпанија, каде како македонска репрезентативка ќе се натпреварува со најдобрите европски велосипедистки на исклучително сериозна и техничка патека долга 75км со висинско искачување од 3000 метри.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Единствениот кец во ракавот на Филипче е попустливоста кон официјална Софија

Венко Филипче нема политичка стратегија, визија, ниту план за развој на државата. 

ВМРО-ДПМНЕ: Единствениот кец во ракавот на Филипче е попустливоста кон официјална Софија

Единствената политика која што ја нуди Венко Филипче и СДС е попустливиот пристап кон официјална Софија, сметајќи дека само така може да дојде на власт.

Македонија има јасна и принципиелна позиција за европската интеграција. Намерата на Македонија не е само формално отворање на преговорите со Европската Унија, туку нивно успешно завршување без нови уцени, блокади и дополнителни условувања од официјална Софија.

Ова не е само став на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, туку позиција која ја споделуваат и бројни меѓународни претставници, кои јасно предупредуваат дека не може една држава да прави отстапки без гаранции, дека процесот нема повторно да биде злоупотребен.

Ова им е јасно и на многу истакнати меѓународни чинители. Тие ставови ги слушнавме викендов во Дубровник на меѓународниот собир, како јасно потенцираат дека е несериозно да се врши притисок врз Македонија да прифати правила, во конкретниов случај вклучување на Бугарите во Уставот, без притоа да има јасна гаранција дека Софија нема да има други барања кон државава во врска со идентитетски прашања на нејзиниот пат кон ЕУ.

За разлика од државничката политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче и СДС повторно ја нудат истата матрица на безусловни отстапки. За нив не се важни националните интереси, туку единствено враќањето на власт, дури и по цена на нови понижувања за Македонија.

Филипче очигледно верува дека попустливоста кон официјална Софија е неговата магична формула за политички камбек. Но граѓаните веќе еднаш ја видоа таа политика и јасно ја отфрлија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер