Главниот град утрината се разбуди како неславен лидер во Европа и 4ти најзагаден во светот, покажа ранг листата на Ајкју Ер (IQAir). Според податоците на сајтот на Минитерството на животна средина во текот на ноќта најзагадено било во скопските населби Лисиче, Карпош, Центар и Гази Баба. Но не е проблем само воздухот надвор. Децата дишат загаден воздух и додека се на училиште и во градинка - покажуваат податоците од проектот „Справување со загадување на воздухот“ на УНДП. Анализата која била спроведена во Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци покажала дека квалитетот на воздухот во завторените простории како градинки и училишта ги надминува препораките на СЗО скоро за два пати. Во топлите месеци воздухот во овие простории е позагаден од надворешниот, додека во зимските пак нема разлика..
- За разлика од надворешниот тука имаме повеќе решенија од современи системи за вентилација до едноставни самостојни системи за филтрација на воздухот кои со хепафилтри доколку се опремени може според повеќе студии во реални услови да намалат и 80-90% од концентрацијата на суспендирани честички. - Дејан Мираковски- ректор на УГД-Штип
Надлежните уверуваат дека континуирано се работи на решенија околу аерозагадувањето. Министерот за здравство Арбен Таравари најави нов проект со кој ќе се менува начинот на греење во болниците. Проектот веќе поминал на Влада и се очекува да стапи на сила следната година.
- Се работи за 10 болници каде што ќе се замени од стандардно греење со мазут и со нафта и ќе бидат вклучено практично начини на греење во кои што нема загадување на воздухот. Владата партиципира, меѓутоа имаме дел донација и од невладини организации, јас се надевам дека овој проект ќе помогне доста. - Арбен Таравари – министер за здравство
Потенцирајки дека квалитетот на воздухот влијае врз психофизичкиот развој на учениците министерката за образование Весна Јаневска најави зголемување на енергерската ефикасност во училиштата.
- Работиме и на промена на системите за греење, но она што е исто така многу значајно ќе работиме и на добивање на сознанија на учениците и наставниците, односно едукација за зачувување на околината. - Весна Јаневска – министерка за образование и наука
Од опозициската СДСМ денеска обвинуваат дека ниту градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, ниту владата на Мицкоски не преземале ништо за загадениот воздух, на што од ВМРО-ДПМНЕ пак одговорија дека Владата стартувала со ветерен парк, доделување на инвертери и работи на гасификација на целата држава, додека опозицијата изминатите 7 години иако трошела милионски буџети не направила ништо.
Еко-активистите деновиве постсетија дека во изминатата година поради аерозагадувањето животот го изгубиле околу 5.000 лица во земјава.