Скопје е домаќин на меѓурегионален состанок за европската интеграција и преговорите со ЕУ - Канал 5

Скопје е домаќин на меѓурегионален состанок за европската интеграција и преговорите со ЕУ

Во Скопје се одржува Меѓурегионалниот состанок на главните преговарачи и високите претставници одговорни за европска интеграција, чиј домаќин е првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали. 

Скопје е домаќин на меѓурегионален состанок за европската интеграција и преговорите со ЕУ

Состанокот обединува претставници од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на Европската Унија и меѓународни партнери.

Во фокусот се иднината на проширувањето на Европската Унија, следната Повеќегодишна финансиска рамка и забрзувањето на усогласувањето со законодавството на ЕУ преку поефикасна соработка меѓу владите и парламентите.

Во својата порака, Сали нагласува дека проширувањето е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Тој истакнува дека посветеноста на реформите треба да биде проследена со веродостоен и предвидлив пристапен процес, во кој напредокот се оценува врз основа на заслуги.

Посебно внимание се посветува на постепената интеграција и можностите граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од приближувањето кон ЕУ уште пред членството. Во таа насока, следната Повеќегодишна финансиска рамка претставува значајна можност за поддршка на реформите, зајакнување на институциите и економската конвергенција.

Дискусиите ја опфаќаат и улогата на парламентите во процесот на европска интеграција, потребата од рана координација при подготовката на законодавството и значењето на парламентарниот надзор за квалитетот и спроведувањето на реформите.

Состанокот има цел да ја зајакне размената на искуства и практичната соработка меѓу институциите што го водат процесот на европска интеграција, како и да утврди области за понатамошна меѓурегионална соработка.

Министерот Сали изразува благодарност до учесниците и партнерите, со посебна благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија и ГИЗ за поддршката во организирањето на состанокот и за континуираната поддршка на европскиот пат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Продолжуваат „Звуците на културата во Ѓорче 2026“ - забавна програма за сите генерации

Во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Општина Ѓорче Петров 2026“, продолжува богатата културно-забавна програма под наслов „Звуците на културата во Ѓорче 2026“, наменета за сите генерации.

Продолжуваат „Звуците на културата во Ѓорче 2026“ - забавна програма за сите генерации

По успешниот почеток на септемвриската програма со мјузикл, хип-хоп фестивал, театарска претстава, кино-проекции и содржини за најмладите, Општина Ѓорче Петров продолжува со нови настани кои ќе донесат музика, улична уметност, балет, хорско пеење, базар, детски работилници и дружење на повеќе локации во општината.

На 16 септември, со почеток во 18:00 часот, кај амфитеатарот во Реонскиот парк, ќе се одржи „Music Talent Show“, со настап на млади таленти, музика и театарска претстава на Алтернативен театар „Отпишани“.

Централната програма продолжува на 18 и 19 септември.

Во петок, 18 септември, на Корзото и кај амфитеатарот, програмата започнува во 18:00 часот со „Баскерфест“, по што во 18:30 часот ќе настапи Балетското студио „Ребис“, а во 19:00 часот хорот „Фрида“.

Во рамките на „На Базар“, посетителите ќе имаат можност да разгледаат штандови со ракотворби и различни производи, додека за најмладите ќе бидат организирани детски работилници и креативни содржини.

Истата вечер, во Реонскиот парк, ќе се одржи музичката програма во рамките на „Октоберфест“. Во 20:00 часот ќе настапат „Суперхикс“, во 21:30 часот „Пауза за ракија“, а вечерта ќе продолжи со настап на DJ Галоски од 23:00 часот.

Во сабота, 19 септември, програмата продолжува во Реонскиот парк. Во 19:00 часот ќе настапат The Crew, во 21:00 часот следува концертот на „Ареа“, во 22:30 часот ќе настапат „Куку Леле“, а програмата ќе ја затворат трубачите „Левис“ со почеток во 23:30 часот.

-Деновите на Општина Ѓорче Петров се можност уште еднаш да покажеме дека нашата општина е заедница која живее, создава и се развива заедно. Сакам нашите паркови, улици и јавни простори да бидат места каде што граѓаните ќе се среќаваат, ќе се дружат и ќе создаваат убави спомени. Ги поканувам сите жители да бидат дел од програмата и заедно да ги прославиме деновите на нашето Ѓорче - рече градоначалникот Александар Стојкоски по повод завршните денови на манифестацијата „Звуците на културата во Ѓорче 2026“.

Преку различните содржини, Општина Ѓорче Петров има цел да создаде простор за дружење, културна размена и заедничко доживување на јавниот простор, каде што семејствата, младите, децата и повозрасните ќе можат да бидат дел од една заедничка атмосфера.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МОК ја продлабочува соработката со Светската е-спорт федерација: Е-спортот и олимпизмот се новата

Македонскиот олимписки комитет денеска оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (IESF), предводена од претседателот Влад Маринеску.

МОК ја продлабочува соработката со Светската е-спорт федерација: Е-спортот и олимпизмот се новата

Македонскиот олимписки комитет денеска оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (IESF), предводена од претседателот Влад Маринеску, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и понатамошен развој на е-спортот во Македонија.

Во ера на брза дигитална трансформација, на средбата беше потврдена заедничката визија за поврзување на е-спортот со традиционалниот спорт, со посебен фокус на заштитата на интегритетот, едукацијата и приближувањето на олимписките вредности до младите генерации.

Генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, потсети дека е-спортот во државава е признат од 2022 година, а институционалната поддршка дополнително е потврдена со формирањето посебна комисија во рамки на Олимпискиот Комитет. Тој го истакна значењето на средбата, потенцирајќи ја потребата да се биде во чекор со времето и да се следат новите трендови доколку сакаме спортот да остане близок до младите.

„За нас како Македонски олимписки комитет ова е исклучително значајна средба. Ни значи многу што денеска имаме можност да разговараме со претседателот Маринеску, а особено нè радува што во структурите на една ваква глобална организација се и Македонците Бобан Тотовски и Игор Недевски. МОК силно го поддржува е-спортот и веќе имаме формирано комисија со цел да го развиваме и интегрираме во секојдневниот спорт, нормално, преку доследна заштита на интегритетот, едукативниот и спортскиот аспект. Сакаме да ја интензивираме соработката со Македонската е-спорт федерација. Врската помеѓу е-спортот и олимпизмот е веќе реалност која не може да се игнорира. Ние активно ги следиме новите трендови и јасно ни е дека за да допреме до младите генерации и да им ги пренесеме олимписките вредности, мораме да зборуваме на нивниот јазик, а дигиталниот свет е нивното секојдневие“, изјави Тасев.

Претседателот на Светската е-спорт федерација, Маринеску, изрази благодарност за отвореноста и визијата на МОК.

„Поддршката од Олимпискиот комитет е од големо значење за глобалниот развој на е-спортот. Радува фактот што Олимпискиот комитет овде има слух за модерното време и новите генерации. Оваа институционална подготвеност за соработка и заштита на интегритетот на спортот е вистински пример за тоа како традиционалниот спорт и е-спортот можат да се надополнуваат во духот на олимписките вредности“, изјави Маринеску.

Генералниот секретар на IESF, Бобан Тотовски, ја поздрави подготвеноста на МОК за продлабочување на соработката и ја потенцираше важноста на домашната поддршка за меѓународниот успех.

„Како претставник на светската федерација, но пред сè како Македонец, горд сум на чекорите што ги презема МОК. Следењето на глобалните технолошки и спортски трендови е одлика на вистинско лидерство. Формирањето на посебната комисија и признавањето на е-спортот од 2022 година, како и формирањето на е-спорт простор во рамки на Олимпискиот центар покажуваат сериозна визија. Оваа средба е само потврда дека со заеднички сили можеме да го кренеме е-спортот во државата на едно многу повисоко ниво“, истакна Тотовски.

Посебен фокус во натамошната соработка ќе биде ставен на едукацијата и на заедничкото организирање на настани и натпревари, преку кои ќе се промовираат спортскиот и едукативниот аспект на е-спортот.

Соработката меѓу двете страни отвора нови можности за поврзување на е-спортот и традиционалниот спорт, особено во создавањето нови можности за младите и за меѓународна промоција на Македонија.

На крајот од работната средба беше заклучено дека двете страни остануваат посветени на понатамошен развој на соработката и реализација на нови заеднички активности и иницијативи во областа на е-спортот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ким Џонг Ун испрати порака до Путин: Цврсто стоиме покрај вас во светата војна против Украина

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му порача на рускиот претседател Владимир Путин дека има намера дополнително да ја „прошири и продлабочи“ соработката со Русија, објави денеска севернокорејската државна новинска агенција „KCNA“.

Ким Џонг Ун испрати порака до Путин: Цврсто стоиме покрај вас во светата војна против Украина

Вчера, Ким испрати одговор на честитката од Путин по повод 78-годишнината од основањето на Северна Кореја. Притоа, тој ја истакна цврстата решеност на Пјонгјанг да развива сеопфатна соработка со Русија, заснована на пријателството, заемната помош и сојузништвото меѓу двете нации.

Во својата порака, севернокорејскиот диктатор изрази и уверување во победата на Русија во она што го нарече „света војна за одбрана на безбедносните интереси на земјата и меѓународната правда“ – што претставува очигледна алузија на руската инвазија врз Украина. Тој вети „непоколеблива поддршка“ за Путин и за рускиот народ.

Зајакнување на воениот пакт меѓу Москва и Пјонгјанг

Овие пораки доаѓаат во време кога Москва и Пјонгјанг значително ги зацврстија своите врски. Северна Кореја веќе распореди војници на бојното поле заедно со руските сили, а двете земји потпишаа договор за заемна одбрана, со што ја подигнаа својата воена соработка на невидено ниво.

Ким испрати слична порака и до кинескиот претседател Си Џинпинг, во одговор објавен од „KCNA“ во неделата. Тој изјави дека Пјонгјанг ќе соработува со Пекинг за зајакнување на нивното традиционално пријателство и за унапредување на заедничките социјалистички цели. Двете пораки уследија по честитките испратени од Путин и Си на 9 септември, кога Северна Кореја го одбележа Денот на основањето.

Илјадници војници на Ким загинаа во Курск

Воениот сојуз меѓу двете земји веќе остави крвава трага на бојното поле. Кон крајот на 2024 година, Пјонгјанг распореди свои елитни единици во рускиот регион Курск за да помогнат во одбивањето на украинската офанзива; таму, севернокорејските војници напаѓаа во масовни бранови под силен оган и платија ужасна цена.

Од околу 13.000 распоредени војници, загинаа до 3.000, при што многумина избраа самоубиство со активирање рачни бомби наместо да се соочат со заробување. Иако околу 8.500 војници на Ким сè уште се наоѓаат на руска територија, во областа Курск, каде што ги држат позициите, украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна предупреди дека е неизбежно масовно враќање во борбени дејства и оти Русија наскоро би можела да ангажира до 50.000 дополнителни севернокорејски војници. За Пјонгјанг, ова е исклучително профитабилен потфат: се проценува дека Ким досега заработил речиси десет милијарди долари од продажба на муниција и испраќање персонал во Москва – сума што изнесува дури една третина од вкупниот годишен БДП на Северна Кореја.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер