Скаути од НБА ќе го следат кошаркарското Европско јуниорско првенство во Скопје

 Вкупно 15 скаути од НБА и уште 15 од евролигашки клубови ќе ги следат јуниорските таленти за време на претстојното европско првенство за кошаркари до 18 години што ќе се одржи во Скопје.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, најавена е и посета од извршниот директор на ФИБА Камил Новак, на почетокот на август.

Првенството почнува на 27 јули, а завршува на 5 август 2018 година. Натпреварите ќе се играат во СРЦ Кале, во големата сала, во СЦ „Јане Сандански“ и во Vip арената при СЦ „Борис Трајковски“.

- Чест и задоволство ми е што Скопје годинава е домаќин на европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 18 години, најмасовното првенство за млади со учество на 24 екипи и вкупно 300 учесници. Првенството ќе трае девет дена, сметајќи ги и двата дена за одмор, 30 јули и 2 август, рече градоначалникот Петре Шилегов.

На прес-конференцијата во спортската сала „Јане Сандански“ беа присутни спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација Владимир Темелковски, селекторот на машката репрезентација во кошарка до 18 години Панче Милевски и капитенот на репрезентацијата Лука Стојаноски.

- Град Скопје ќе продолжи да поддржува настани кои го развиваат спортскиот дух кај младите зашто тие се нашата иднина, иднината на овој град. Покрај вложувањата во врвниот, рекреативниот, масовниот и во спортот за лица со посебни потреби, најмногу ќе вложуваме во средноучилишниот спорт. Годинава доделивме 100 стипендии за спортисти-средношколци на подрачјето на Градот Скопје, истакна Шилегов.

ЦУК: Во последното деноноќие 1.616 повици на 112, нема пожари на отворено

 Во последното деноноќие има вкупно 1,616 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, од коишто „реални“ повици се 64,48 отсто.

Во последното деноноќие има вкупно 1,616 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, од коишто „реални“ повици се 64,48 отсто, а 35,52 отсто се за други потреби на граѓаните што не биле итни. Од реалните повици кон полиција се упатени 72,11 отсто, кон Итната медицинска помош 24,3, а кон пожарникарите 2,32 отсто, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Имало 842 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (1,20%) и на тие што се именувани како „неитни повици“(35,52%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК), соопштија од ЦУК.

Во последното деноноќие, како што велат, имаше евидентирани два пожара на отворен простор, гореа две депонии.

-Регионалниот ЦУК Охрид, информира дека пожарникарите од ТППЕ Струга од 16:00 до 17:00 часот со два пожарникара и едно противпожарно возило гаснеле запалена депонија кај „Еуро Хотел“ во Општина Струга, а РЦУК Тетово, информира дека пожарникарите од ТППЕ Тетово во изминатото деноноќие имале една помала интервенција на запалена депонија во Општина Тетово, прецизираат од ЦУК.

Ангеловска-Бежоска: Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност

 Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност и отчетност во примената на Кодексот за транспарентност на ММФ.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на покана на Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одржа предавање на „Форумот за примена на Кодексот за транспарентност на ММФ“, на кој ги сподели позитивните искуства на Народната банка во примената на најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики за транспарентност и отчетност на централните банки.

На Форумот, како што информираат од Кабинетот на гувернерката, Народната банка беше посочена како пример за земјите од регионот, која меѓу првите зеде учество во пилот-проектот за оцена на транспарентноста во однос на новиот Кодекс за транспарентност на ММФ.

-ММФ во својот Извештај за оцената на транспарентноста заклучува дека Народната банка применува високо ниво на транспарентност, коешто е значително зајакнато во изминативе неколку кризни години, овозможувајќи успешно одржување на макроекономската стабилност,велат оттаму.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, додаваат, истакна дека транспарентноста и отчетноста на централните банки е нагласена по глобалната финансиска криза, а особено во последните неколку години кога се соочивме со неколку последователни кризи. Во такви околности на зголемена економска неизвесност и финансиски стрес, се истакнува потребата централните банки појасно и позачестено да бидат присутни во јавноста со појаснување на економските движења, како и со комуницирање за причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки. Народната банка го следи овој тренд, при што уште од 2021 година транспарентноста и отчетот кон јавноста се издвоени како една од целите во Стратегискиот план на Народната банка, за што тимот на централната банка напорно работи градејќи модерна, општествено одговорна и транспарентна институција. Постојаното подобрување на транспарентноста ги зголеми довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ.

-Имајќи ги предвид согледувањата на ММФ, Народната банка во изминатиот период ја зголеми достапноста на податоците за спроведувањето на основните активности, а дополнително ја збогативме и нашата комуникација со јавноста, при што бројот на соопштенијата, преку кои на поедноставен јазик се доставуваат пораките од Народната банка, се зголеми за 25 отсто, а јавните настапи на раководниот тим се зголемија за 40 отсто. Народната банка придонесува и кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост преку постојано одржување обуки и други активности, зајакнувајќи ја двонасочната комуникација со граѓаните и институциите, порача гувернерката во своето обраќање.

Притоа таа нагласи дека довербата од јавноста беше клучна за одржувањето стабилни инфлациски очекувања, стабилен курс на денарот и за задржување на макроекономската стабилност во изминатиот период.

-Ова е потврдено и со Анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка е институција којашто ужива најголема доверба во рамките на домашните институции, посочуваат од Кабинетот на гувернерката.

Видео: Најмалку пет лица загинаа во торнадо во јужна Кина

Пет лица загинаа вчера во торнадо во јужната кинеска метропола Гуангжу, јави ДПА.Новинската агенција Синхуа денеска јави дека 33 лица се повредени во невремето.

Според официјалните податоци, торнадото предизвикало штета на 141 производствени капацитети, но ниту една станбена зграда не е урната.

Според Синхуа, работата на спасувачите сега е главно завршена. За време на торнадото, метеоролошката станица во областа Баијун во Гуангжу забележа брзина на ветер од над 20 метри во секунда.

Пред само една недела, Гуангжу и околната провинција Гуангдонг беа погодени од пороен дожд, при што загинаа најмалку четири лица, а повеќе од 100.000 жители беа евакуирани.

Гуангжу има население од над 18 милиони луѓе. Главниот град на провинцијата Гуангдонг е еден од најважните економски центри во Кина.

притисни ентер