Скапите станови го менуваат пазарот за закупи - Канал 5

Скапите станови го менуваат пазарот за закупи

Во Скопје, Тетово, Штип и Битола се бележи пораст на цените за изнајмување на станови, особено во централните градски подрачја. 

Скапите станови го менуваат пазарот за закупи

Во некои делови на Скопје годинава цените пораснале за 10 до 15 проценти, информираат во изјава за МИА од Групацијата на агенции на недвижности при Стопанската комора на Македонија. Побарувачката за недвижности, како што посочуваат, останува стабилна, особено во урбаните центри како Скопје, Штип, Битола и Охрид, што дополнително придонесува за растот на цените. Во последниот период иако зголемувањето е благо и постепено, нагласуваат, сепак не застанува.

По постојаниот раст на цените на становите, јавноста ги очекува најавените мерки за поповолни услови при купување прв стан, како и одлуката дали ќе остане повластената стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто. Паралелно со ваквите состојби, Државниот завод за статистика, вчера објави дека во јули годинава се издадени 401 одобрение за градење, од коишто 228 се наменети за објекти од високоградба.

- Од почетокот на 2025 година, пазарот на недвижности во Македонија, особено во делот на закупите, покажува неколку значајни трендови и промени во споредба со претходната година. Младите професионалци и нововенчани парови се ориентираат кон изнајмување на домови најмногу поради високите трошоци за купување сопствен дом и заблудата дека можеби во иднина ќе паднат цените на недвижностите. Исто така трендот на можност на преселба кон други земји им дава поголема слобода во изборот каде ќе живаат и поради тоа дел од младите иако имаат можности не инвестираат во купување на стан. Ова значително ја зголемува конкуренцијата на пазарот за закуп, велат од Групацијата на агенции на недвижности.

Приносот од инвестиција во стан како закуп 4,8 проценти годишно, атрактивни и Чаир, Сарај и Гази Баба

Нивните анализи покажуваат дека во Скопје, Тетово, Штип и Битола има пораст на цените за изнајмување, особено во централните градски подрачја, за разлика од минатата година, кога, како што велат, закупните цени беа релативно стабилни, но со ограничена понуда на квалитетни станови. Годинава во некои делови од Скопје поради економски притисоци и урбанизација, цените пораснале за околу 10–15 проценти. Предградијата како Чаир, Сарај и Гази Баба, пак, бележат раст на закупи поради зголемено присуство на турски државјани кои студираат во нашата земја.

Евиденцијата на Групацијата покажува дека и натаму најпопуларни населби за закуп на станови во Скопје се Центар, Дебар Маало, Карпош, Аеродром и Водно.

- Центарот е популарен бидејќи е срцето на градот, со пешачки пристап до плоштад Македонија, музеи, театри и кафулиња и многу атрактиен за дневно издавање на гости од странство, млади вработени лица и дипломати. Карпош е популарен заради зелените површини, техничките факултети и близината кон Градски парк. Таму најчесто изнајмуваат семејства и студенти. Дебар Маало е секогаш најактуелен и со повисоки закупнини заради боемската атмосвера и културниот живот. Таму целанта група се љубителите на ноќен живот. Водно е престиж и прилика да се дише почист воздух. Таму под закуп имаме бизнисмени и дипломати, споделуваат од коморското тело.

Најголема побарувачка има на станови, особено новоградби и станови со две-три спални. Куќи се бараат во приградските населби и туристички места, но побарувачката е помала од онаа за станови. За деловни објекти, пак, има стабилна побарувачка неколку години во централните делови на Скопје, особено за дуќани, канцеларии и магацини, но се бараат локации со висок фреквентен сообраќај и пешачки зони.

Групацијата споделува дека според Заводот за статистика во првиот квартал на оваа година од пријавените закупи за 2025 години има околу 640 закупи на станови со вредност од 160.000 евра и просечна вредност по закуп од околу 250 евра месечно. За закуп на куќи, пак, имаат 256 договори, со вредност од околу 79.000 евра. Во споредба со претходната година, има намалување за 11 проценти во бројот на закупи. Приносот од инвестиција во стан, како закуп, е околу 4,8 проценти годишно, што, посочуваат, е релативно слаб поврат за инвеститорите.

Се очекуваат мерки за ублажување на растот на цените на недвижностите

Народната банка регистрираше годишен раст на цените на становите во Скопје од 22,3 проценти во вториот квартал годинава, по 19,4 проценти во првиот квартал. Овие податоци се продолжение на регистрираните поскапувања во претходните неколку години.

Континуираниот тренд на зголемување на цените на недвижностите, кој се забележува во последните години, појаснуваат од Групацијата, е резултат на неколку фактори, меѓу кои најзначајна улога игра инфлацијата. Како што трошоците за градежни материјали, работна сила и енергија растат, така се зголемува и крајната цена на становите и куќите.

- Дополнително побарувачката за недвижности останува стабилна, особено во урбаните центри како Скопје, Штип, Битола и Охрид, што дополнително придонесува за растот на цените. Во последниот период иако зголемувањето е благо и постепено, сепак не застанува. Паниката која се прошири меѓу граѓаните за раст во 2026 година заради зголемување на ДДВ, кај новоградбите не предизвика голема промена, бидејќи согласно најавите од надлежните државни институции, се очекуваат повеќе мерки во следниот период за ублажување на растот на цените, објаснуваат од Групацијата.

Народната банка најави дека наскоро ќе бидат објавени мерки со коишто ќе се обезбедат поповолни услови за кредит за оние кои првпат купуваат стан за живеење. Лицата кои ќе сакаат да купат стан за живеење и кои првпат ќе аплицираат за кредит ќе имаат поповолни услови од оние кои купуваат стан за други намени.

Министерството за финансии, пак, анализира дали ќе остане повластената стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто при првиот промет со станбени згради и станови. Мерката завршува на крајот на годинава и доколку не продолжи данокот што ќе се наплаќа ќе изнесува 18 проценти.

Во однос на повластената стапка за купување нов дом, неодамна ресорната министерка Димитриеска Кочоска истакна дека не е потребно дополнително оптоварување на граѓаните.

- Се уште анализираме, ќе излеземе со конечна одлука, сметам дека не ни треба дополнително оптоварување на граѓаните, буџетот е таков каков што е, собирањето на приходите е во добра насока, се е како што си било планирано, така што на расходна страна исто така многу се внимава, а од друга страна оосбено оние млади лица дали самостојно коишто купуваат станови или пак кога ќе влезат во брачна заедница со брачниот партнер, сметам дека во моментот не е потребно дополнително оптоварување нивно, рече Димитриеска Кочоска во телевизиско интервју.

Според извештајот на британската осигурителна компанија „William Russell“, нашата земја е рангирана на трето место во Европа за инвестирање во недвижности, веднаш зад Молдавија и Литванија.

Оваа бројка, оценуваат од Групацијата, е реална и оправдана од културолошките навики на нашите граѓани да веруваат дека вложувањето во недвижности е најстабилно и без ризик, како и желбата на граѓаните и воопшто државјаните на нашата држава себе-реализацијата да ја доживуваат најмногу кога ќе купат стан за своето дете. Банките нудат постојани промоции и лесни процедури за кредитирање, а нашиот народ е коректен во следење на вакви процедури и дисциплиниран во плаќање.

Нова регулатива за справување со нелојалната конкуренција

За справување со долгогодишниот проблем со нелегалната кокурнција присутна и на пазарот на недвижности неопходно е да се донесат нови регулативи за условите, начинот на работа и стандардите кои ќе треба да ги исполнуваат агенциите за недвижности. од Групацијата на агенции на недвижности најавуваат повеќе активности на ова поле во следниот период.

- Потребата и желбата да се доближиме до европските легислативи е созреана за да Групацијата со поддршка од законодавната власт донесе низа регулативи кои ќе оневозможат работа на нелојалната конкуренција. Таа не само што е штетна во поглед на прикривање на приходи и даноци, многу влијае во неможноста реално да се спречи наддавањето на цени од Х партиципиенти, учесници во играва. Во план е да се донесе закон за недвижности во кој ќе бидат регулирани условите, начинот на работа и стандардите кои ќе треба да ги исполнуваат агенциите за недвижности. Лиценцирањето на агентите строго ќе ја професионализира дејноста и пазарот ќе има непроценлива добивка од секој аспект. Патот не е нов, ниту треба да измислиме нови равенки, само треба да го срочиме и донесеме законот за недвижности кој ќе одговара на останатите регулативи и да се обезбедат стручни лица и институциите да се погрижат за негово имплементирање. Државата секако ќе има корист, но најмногу граѓаните бидејќи ќе имаат заштита и можност да работат исклучиво со професионалци, а не сами да лутаат низ процесот, велат од Групацијата за недвижности.

Според најавите од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на крајот на месецов ќе профункционира Регистарот на цени и закупнини. Последните податоци што ги сподели АКН на својата веб страница за првиот квартал годинава, покажуваат дека во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 8.044 трансакции, од кои 5.717 купопродажби и 2.327 закупи на недвижен имот.

Издадените 401 одобрение во јули годинава се за 7.2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Најголемиот дел од дозволите, 228, се за високоградба, а предвидена е изградба на 667 станови. Од 213-те одобренија за градење во јуни годинава, 120 биле наменети за објекти од високоградба, со 260 станови,

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МВР: За пет часа санкционирани 221 прекршок на пешаци и возачи во однос на пешаците

Во текот на вчерашниот ден (11.11.2026 година), во периодот од 08:00 до 13:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на целата држава.

МВР: За пет часа санкционирани 221 прекршок на пешаци и возачи во однос на пешаците

Во текот на вчерашниот ден (11.11.2026 година), во периодот од 08:00 до 13:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на целата држава, насочена кон откривање и санкционирање на прекршоци што ги прават пешаците, како и прекршоци на возачите во однос на пешаците.

При контролата биле констатирани и санкционирани 221 прекршок, од кои 147 за небезбедно преминување на пешаци на коловозот надвор од обележан пешачки премин, додека 25 возачи биле санкционирани поради непропуштање пешаци на обележан пешачки премин.

Дополнително, за време на контролата биле санкционирани и 179 возачи за други видови сообраќајни прекршоци.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период.

Апелираме до пешаците да го преминуваат коловозот исклучиво на обележан пешачки премин, а до возачите да ја приспособат брзината на движење и да им овозможат непречено и безбедно преминување на пешаците.

Безбедноста на пешаците е заедничка одговорност. Само со доследно почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници можеме да придонесеме за побезбедни патишта и намалување на бројот на сообраќајни незгоди, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Најмалку 14 загинати во верижен судар во Емиратите- телата ги идентификуваат со помош на ДНК (ВИДЕО)

Четиринаесет лица загинаа, а десетици се повредени во тешка сообраќајна несреќа во Фуџаира, Обединети Арапски Емирати. 

Најмалку 14 загинати во верижен судар во Емиратите- телата ги идентификуваат со помош на ДНК (ВИДЕО)

Министерството за внатрешни работи објави дека несреќата е предизвикана од возач на камион кој ја изгубил контролата врз возилото и удрил во неколку возила, јавува Би-Би-Си.

Во несреќата учествувале 23 возила, вклучувајќи пет камиони. Сударот се случил на влезот во источниот емират кратко пред полноќ, во време кога сообраќајот се движел бавно. Во официјалниот извештај се наведува дека силата на ударот „го запалила камионот, а пожарот се проширил на неколку други возила, што резултирало со голем број жртви“. Службениците појаснија дека камионот прво се судрил со едно возило, по што се превртел и удрил во другите автомобили што стоеле во колоната.

Идентификација на жртвите и третман на повредените

Полицијата во Фуџаира објави дека триесет лица се повредени и однесени во болница. Полицијата додаде дека се користат ДНК тестови за идентификација на телата на загинатите. Меѓу загинатите има граѓани на Емиратите, а индискиот конзулат во ОАЕ потврди дека загинале и нивни граѓани.

Конзулатот соопшти дека е во контакт со семејствата на жртвите и дека соработува со локалните власти за давање помош. Службите за итни случаи, вклучувајќи полиција, болничари и екипи за цивилна заштита, веднаш пристигнаа на местото на настанот. Тие го изгаснаа пожарот, ги пренесоа повредените во болници и го обезбедија подрачјето, каде што сè уште се наоѓаат специјализирани екипи.

Министерството за внатрешни работи и полицијата изразија сочувство до семејствата на загинатите и им посакаа брзо закрепнување на повредените. Половина од повредените беа пуштени од болница по лекувањето, додека другите беа задржани на понатамошно лекување. Властите објавија дека меѓу загинатите има државјани на Емиратите, Оман, Индија, Бразил, Пакистан, Јордан и Египет.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Афера ја тресе украинската разузнувачка служба, Зеленски смета дека тоа е вознемирувачки и срамно

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави нови кадровски промени во Безбедносната служба на Украина (СБУ), откако високи функционери веќе беа отпуштени поради наводни врски со криминални групи.

Афера ја тресе украинската разузнувачка служба, Зеленски смета дека тоа е вознемирувачки и срамно

„За жал, оваа недела донесе сосема различни вести за СБУ, искрено вознемирувачки, навистина срамни и апсолутно неприфатливи работи. Поради ова, веќе имаше промени во рамките на Безбедносната служба на Украина, а ќе следат и нови кадровски одлуки“, потврди Зеленски.

„Ни треба поддршка од нашите партнери“

Минатиот четврток, украинските антикорупциски власти обвинија пет члена на наводна криминална група која била вклучена во заштитата на лажни кол-центри за измама, трговија со дрога и фалсификување на странски валути. Високи функционери на безбедносните и полициските служби се исто така вклучени во случајот.

Според Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ), осомничените вклучуваат полициски службеници и високи офицери на СБУ. Нелегалните активности на групата вклучувале десетици кол-центри во кои биле вработени 2.700 луѓе кои ги измамиле украинските и странските граѓани. Групата била вклучена и во продажба на дрога и производство на фалсификувани цигари и фалсификување пари.

Зеленски истакна дека криминална мрежа поврзана со група позната како Химпром веќе започнала да работи во Полска и планира да започне со продажба на синтетички дроги во Германија. Тој додаде дека на Украина ѝ е потребна поддршката од своите сојузници за да го реши овој проблем и дека украинските претставници веќе разговарале за тоа со претставници на САД.

„Знам дека ни е потребна поддршката од нашите партнери за да го постигнеме ова, особено кога станува збор за таканаречената група Химпром. Веќе разговаравме за ова со Соединетите Американски Држави на соодветно ниво“, рече Зеленски.

Размислувале за физички напади врз украински новинари

Медиумите ги идентификуваа Андрије Осипов и Јегор Буркин како наводни водачи на криминални групи. На снимките објавени од НАБУ, двајцата се споменуваат под прекарите „Криминалец“ и „Мексиканец“. Буркин, кој е роден во Русија, се вели дека е основач на меѓународна мрежа за трговија со дрога.

НАБУ, исто така, објави снимки што покажуваат дека осомничените размислуваат за физички напади врз украинскиот новинар Денис Бихус, како одмазда за истрагата за нелегални активности објавени од неговите медиуми.

Генералниот обвинител неодамна поднесе оставка

Олександр Поклад, вршител на должноста шеф на СБУ, објави дека разузнувачката служба отпуштила двајца високи функционери поврзани со истрагата и дека „им дава целосна поддршка“ на истражителите. „Безбедносната служба очекува транспарентна, објективна и непристрасна истрага. СБУ работи исклучиво за Украина и ќе продолжи да го прави тоа“, рече Поклад во соопштение за медиумите.

Истрагата за корупција, првпат објавена во септември, доведе до оставка на поранешниот државен генерален обвинител Руслан Кравченко откако властите обвинија еден од неговите подредени дека е вмешан во водењето на кол-центрите. Кравченко не е обвинет за никакво кривично дело.

Тензии меѓу НАБУ и СБУ

Случајот, исто така, се заканува да го разгори долгогодишниот конфликт меѓу независната НАБУ и СБУ, моќната безбедносна служба која му поднесува извештаи на претседателот, а чии вработени НАБУ претходно ги обвинуваше за корупција и заплашување.

Борбата против корупцијата на највисоко ниво е клучна за обидот на Украина да се приклучи на Европската Унија и да продолжи да добива многу потребна финансиска помош од меѓународни донатори за да ѝ помогне да се одбрани од руска инвазија, која сега е во својата петта година.

НАБУ и нејзината партнерска институција, Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО), покренаа постапки против високи функционери во случаи што ја потресоа украинската политичка сцена.

Тензиите меѓу НАБУ и СБУ се особено високи од минатата година, кога безбедносната служба уапси двајца антикорупциски истражители во акција што поддржувачите на НАБУ ја протолкуваа како изговор за ограничување на овластувањата на антикорупциските тела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер