Скандинавски џез во Универзална - Канал 5

Скандинавски џез во Универзална

Најексклузивна, вака е најавена вечерашната програма на Скопје џез фестивалот. Во Универзална сала гостуваат 28-члениот „Fire!Orkestra“ предводен од Матс Густавсон и пијанистот Ник Барч, а на полноќ во „Сити хол“ триото од Белгија „Данс данс“.

Скандинавски џез во Универзална
Оркестарот на Густавсон е составен од кремот на скандинавската џез, импро и авант рок сцена. – Ако музиката на триото Густавсон, Бертлинг и Верлин е како жица со висок напон што повикува да ја дофатиме, оркестарот е вистинска ерупција, велат познавачите. Музичката креативност на Швеѓаните прави омаж на елеганцијата и луцидноста на оркестрите предводени од Сан Ра, Чарли Хејдн, Карла Блеј и Крис МекГрегор, но во исто време црпи инспирација и од индустрискиот звук и гараж панк музиката.

Опусот на швајцарскиот пијанист и композитор Ник Барч е меѓу најкарактеристичните во овој век. Со своите први албуми од пред десетина години тој придонесува за создавање нови, уникатен звук. Стилот на компнирање на Барч и посебно настапите во живо се премногу специфични за да се наречат модерни, но во нив се препознава хипнотички минимализам и фанки грув. Во Скопје Барч настапува како дел од „Ронин“ што во основа е квартет со бас кларинет, пијано бас и тапани.

Белгиското трио „Данс данс“, едно од најинтригантните откритија изминатите години на европската музичка сцена, се декларира како класичен џез бенд кој земајќи ги стандардите, од балади и песни создава рок, филмска музика и авангарден џез. Централна фигура е гитаристот Берт Докс.

Скопје џез фестивалот почна вчера со настап на маестралната Јун Сун На од Кореа и шведскиот гитарист Улф Вакениус, по што публиката уживаше во музиката на тапанарката Тери Лин Керингтон од САД и нејзиниот квартет. Полноќниот термин во Сити хол центарот го отвори Obara International, модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара.

Утревечер гостуваат пијанистот Метју Шип и пет пати номинираната за „Греми“, боса-нова вокалистката и пијанистка Елиане Елиас. Неделата е резервирана за пладневниот концерт на саксофонистот Нед Ротенберг, една од иконите на њујоршката авагардна сцена, и вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак. Овој концерт, предвиден за 13 часот во киното „Фросина“, е новина на Фестивалот.

Скопје џез фестивалот ќе заврши со концерт во МОБ на композиторот и мултиинструменталист Вадада Лио Смит, њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedge, и австралискиот бенд „The Necks“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Минчев на средба со грчкиот амбасадор Малукос: Од експертска размена до конкретни резултати

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција во Република Македонија, Јанис Малукос.

Минчев на средба со грчкиот амбасадор Малукос: Од експертска размена до конкретни резултати

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција во Република Македонија, Јанис Малукос, на која беа разменети мислења за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на реформата на јавната администрација.

Министерот Минчев му посака успешна дипломатска мисија на амбасадорот Малукос, изразувајќи очекување дека досегашното партнерство меѓу двете земји ќе продолжи да се развива преку конкретни иницијативи, размена на искуства и експертска поддршка во реформските процеси.

„Нашата цел е јасна, јавна администрација што работи професионално, одговорно и ефикасно, а граѓаните тоа да го чувствуваат преку услугите што ги добиваат. Затоа ни е важна соработката со партнерите кои можат да придонесат со знаење, искуство и добри практики што ќе ги преточиме во конкретни резултати“ истакна министерот Минчев.

Посебно внимание беше посветено и на развојот на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници. Министерот Минчев ги истакна досегашните активности и приоритетите за нејзиниот понатамошен развој. Во таа насока, беа разгледани можностите за вклучување на грчките институции во идните активности преку размена на искуства, развој на програми за обука, усовршување на обучувачите и пренесување добри практики.

Министерството за јавна администрација останува посветено на градење партнерства што придонесуваат за развој на професионални и одговорни административни службеници, поефикасни институции и подобри услуги за граѓаните. Целта на реформите е промените да не останат само на хартија, туку да се препознаат во секојдневното функционирање на институциите и во квалитетот на услугите што ги добива секој граѓанин.


Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: Македонија е посветена на реформите, но неправедно блокирана на патот кон ЕУ

Потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан и постигнување конкретни резултати се во фокусот на денешниот Самит на Берлинскиот процес, кој се одржува во Свети Стефан, Црна Гора. 

Мицкоски: Македонија е посветена на реформите, но неправедно блокирана на патот кон ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски очекува лидерите да испратат јасни пораки за европската перспектива на регионот, но и да понудат суштински решенија за надминување на пречките во процесот.

Пред почетокот на самитот, Мицкоски порача дека Македонија одамна ги исполнила очекувањата за да стане дел од Европската Унија, но дека почетокот на преговорите и натаму е блокиран поради, како што оцени, вештачки причини.

– Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Македонското досие е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите. Но, денеска во моето обраќање ќе ја претставам и ќе ја пренесам пораката за силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција. Практично, такво е и досегашното дејствување на мојата Влада и ќе продолжиме да се движиме по тој пат и во иднина – изјави Мицкоски.

Членството на Црна Гора во ЕУ е реална и достижна цел, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц на отворањето на самитот и нагласи дека реформите и регионалната соработка се клучни за европската интеграција на Западен Балкан.

-Многу сум среќен што денес имаме можност, и формат за разговор за понатамошен напредок кон ЕУ, да разговараме за европската интеграција преку т.н. Берлински формат. Основан пред многу години на иницијатива на германската федерална влада. Се среќаваме денес во Црна Гора за да го продолжиме процесот. Заедно да разговараме за понатамошниот напредок во соработка меѓу земјите кандидати од Западен Балкан и ЕУ, -германски канцелар Фридрих Мерц.

Европската интеграција на Западен Балкан влегува во важна фаза порача Еврокомесарката Марта Кос каде испрати пораки до земјите кандидати, но не ја спомена Македонија. Според Кос Црна Гора се приближува кон завршувањето на преговорите, од Албанија се очекуваат натамошни реформи, Србија се подготвува за избори, а од Косово се бара доследно почитување на меѓународното право и владеењето на правото.

Инаку, премиерот Христијан Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на Берлинскиот процес во Свети Стефан, Црна Гора, на кој учествуваат лидерите од Западен Балкан и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Во фокусот се европската интеграција, економското поврзување, безбедноста и зелената транзиција. Самитот го заокружува црногорското претседавање со Берлинскиот процес, иницијатива покрената од Германија во 2014 година за забрзување на евроинтеграциите и регионалната соработка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956, во Будимпешта

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре во Будимпешта ќе присуствува на одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956 година.

Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956, во Будимпешта

Во рамките на меѓународната програма ќе се одржи свечена седница на Националното собрание на Унгарија, како и централен комеморативен собир на плоштадот „Лајош Кошут“.

Сиљановска-Давкова ќе присуствува на работниот ручек којшто за шефовите на делегациите ќе го приреди претседателот на Унгарија, Андраш Бака.

По повод одбележувањето на 70-годишнината ќе се одржи гала-свеченост во Унгарската државна опера. Комеморацијата ќе заврши со прием во Музејот на ликовните уметности на плоштадот „Херои“, чијшто домаќин ќе биде премиерот на Унгарија, Петер Маѓар.

За време на посетата на Унгарија, претседателката ќе оствари средба со претставници на македонската дијаспора.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер