Скај Спортс: Кога Роналдо не игра од првата минута, Јунајтед е многу подобар тим

Кристијано Роналдо последните денови е во центарот на вниманието поради контроверзното интервју што му го даде на новинарот Пирс Морган.

Меѓу другото, Роналдо изјавил дека „Манчестер Јунајтед го предаде“ затоа што тренерот Ерик тен Хаг го исфрлил од стартниот тим. Португалецот исто така беше суспендиран на одредено време бидејќи ја напушти клупата пред крајот на натпреварот против Евертон.

Едноставна статистика направена од британскиот Sky Sports покажува колку е полош Манчестер Јунајтед во Премиер лигата кога Роналдо игра од првата минута. Во просек Јунајтед со Роналдо добива само еден од четири натпревари и освојува еден бод. Кога Португалецот не игра од првата минута, Јунајтед добива 70 проценти од своите натпревари и во просек освојува 2,2 поени по натпревар.

Исто така, голема разлика може да се забележи во поминатите километри. Тимот на Ерик тен Хаг со Роналдо во стартната постава истрчал 4,5 километри помалку отколку кога Португалецот не играл или доаѓа од клупата за резерви. По сомнителното интервју и сите контроверзи поврзани со Роналдо, можно е 37-годишниот напаѓач зимава да го напушти „Олд Трафорд“.

Промоција на книгата „Креативност во работа со деца“

Kнигата „Креативност во работа со деца“ на проф. д-р Виолета Арнаудова, д-р Фросина Денкова Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска, ќе биде промовирана денеска во Домот на култура „Биљана Беличанец“ во Кисела Вода.

Настанот ќе го отворат проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет, а промотор ќе биде проф. д-р Ратко Дуев. Изданието е на Филозофскиот факултет од Скопје.

Книгата претставува значаен придонес во развојот на воспитно-образовниот процес, нудејќи практични методи и стратегии за поттикнување на креативноста кај децата.

Настанот вклучува промоција на книгата, дискусија со авторките и панел-дискусија со истакнати експерти./МИА

Белата куќа го разреши генералниот инспектор на УСАИД

Белата куќа го разреши генералниот инспектор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) Пол Мартин. 

Генералните инспектори вршат надзорни функции и имаат задача да спречат измама и злоупотреба во владините служби. Maртин беше назанчен на функцијата во 2023 година. Отказот го добил по е-пошта, јавија американските медиуми.

Канцеларијата на Мартин во понеделникот објави извештај во кој предупредува дека поради замрзнувањето на финансирањето на УСАИД, надзорот над хуманитарната помош сега е „во голема мера нефункционален“. Во текстот се наведува дека има непотрошени средства во износ од 8,2 милијарди долари и дека надзорниот орган има потешкотии да се погрижи тие пари да не паднат во рацете на екстремистичките групи или дел од нив да не бидат пренасочени во различни конфликтни зони.

Во САД синоќа беше поднесена нова тужба против брзото распуштање на агенцијата. Според тужителите, дејствијата на владата ги чинат американските бизниси стотици милиони долари. Ненадејното замрзнување на странската помош, исто така, бара големи отпуштања на американски добавувачи и изведувачи. Компанијата Chemonics International со седиште во Вашингтон отпуштила 750 вработени, се вели во тужбата.

Тужбата беше поднесена во Окружниот суд на САД во Вашингтон против претседателот Доналд Трамп, државниот секретар Марко Рубио и вршителот на должност заменик администратор на Агенцијата за меѓународен развој на САД, Питер Мароко, кој беше назначен од Трамп. /МИА

На собраниска седница гласање за новите членови на Советот на АВМУ

Собранието денеска ќе ја одржи 34-та седница, на чиј дневен ред се вкупно 25 точки, меѓу кои и Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на АВМУ е четврта точка на дневен ред. За да биде донесена потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија.

Премиерот Христијански Мицкоски вчера изјави дека изборот на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) е спроведен согласно законски одредби и секој оној кој ги исполнува, може да ја врши таа функција.

- Изборот на членови на АВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави кои што не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој кој што ги исполнува законските ктитериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за која што ќе биде предложен. Тој кој што не ги исполнува нема да биде предложен, вели Мицкоски на новинарско прашање за коментар за наводни реакции од странски амбасади за професионалноста на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и нејзина политизација.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.

Пред пратениците на денешната седница како 14-та точка се и Предлог-измените на Законот за пратениците, по скратена постапка. Овој Предлог-закон е поднесен од пратеничката група на Левица, со кој се превидува намалување на сумата што Собранието им ја исплаќа на парламентарците за патни трошоци. Според Левица, во периодот од 2010 до 2024 година, за патни трошоци за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле потрошени 3.700.000 евра, на СДСМ 2.000.000 евра и на ДУИ 680.000 евра.

- Во овие суми не се вметнати трошоците за кирии за пратениците, од кои грото имаат станови во Скопје, додека наплаќаат кирии од државата. Утре, 12 февруари - среда, 120 пратеника имаат можност да ја напуштат ароганцијата и да гласаат за Законот на Левица, која џентлменски предлага ограничување на патните трошоци (да не е укинување, за да не се „навредат" останатите пратеници), посочи пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска.

Пратениците ќе расправаат и по Предлог - одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Предлог одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование, Предлогот за разрешување на директорот и заменик на директорот на Агенцијата за администрација и Предлог на одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На дневен ред на оваа седница се и неколку законско решенија од областа на финансиите, како и Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

притисни ентер