Силјановски: „Инграм Микро“ одбележува деценија на технолошка доминација со јасна визија, иновации и луѓе што ја градат иднината - Канал 5

Силјановски: „Инграм Микро“ одбележува деценија на технолошка доминација со јасна визија, иновации и луѓе што ја градат иднината

Интервју со Филип Силјановски, генерален директор на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, Албанија и Косово

Силјановски: „Инграм Микро“ одбележува деценија на технолошка доминација со јасна визија, иновации и луѓе што ја градат иднината

Како изгледа патот на една глобална технолошка корпорација кога гради локално влијание, каде лежи силата на тимот што останува посветен со години, што значи да се инвестира во знаење преку тренинг-центар кој создава домашни експерти и зошто нивниот signature-настан „Ingram & Vendors Networking“ станува настан од стратешко значење за целата ИТ индустрија во регионот, се дел од темите за кои разговаравме со Филип Силјановски, генерален директор на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, Албанија и Косово, по повод одбележувањето на 10 години присуство на компанијата во Македонија.

Г-дин Силјановски, годинава обележувате 10 години присуство во Македонија. Како би го опишале патот до денешниот успех и што ве издвојува на пазарот?

Филип Силјановски: Мислам дека нашата предност е што „Инграм Микро“ не настапува само како дистрибутер на технологија, туку како вистински партнер во трансформацијата на ИТ-пазарот. Од првиот ден работиме со јасна цел – да ја носиме најсовремената технологија до локалните компании, и да ги поддржиме во нејзината вистинска примена.

Успехот во овие 10 години го градевме на три столба: глобална поддршка, локална експертиза и човечки капитал. Ние не сме „трансфер“ компанија, туку сме стабилен тим кој гради доверба, ги познава локалните предизвици и истите ги надминува со глобалните ресурси.

Во Македонија, Албанија и Косово успеавме да создадеме партнерска мрежа во која нудиме целосно решение – инфраструктура, cloud, сајбер безбедност, сервис и знаење, со кои партнерите растат и ние растеме заедно со нив.

Кој е главниот индикатор што го прикажува растот на вашата компанија во последните десет години?

Филип Силјановски: Најјасниот показател е годишниот приход. Кога започнавме во 2015 година, приходот беше околу 4,5–5 милиони долари, а денес, во 2025 година, надминува 40 милиони долари. Овој раст се должи на градењето доверба со партнерите, инвестирањето во знаење преку нашиот тренинг центар и создавањето стабилна ИТ заедница низ целиот регион.

Дел од вашите вработени се со вас од самото основање. Што значи тоа за компанијата?

Филип Силјановски: Тоа е нашето најголемо богатство. Кога луѓе остануваат со вас 10 години, тоа говори за силна култура, доверба и заеднички раст. Тие вработени се темел на организациската меморија, носители на вредности и знаење, како и ментори на новите генерации.

Посветени сме на нивниот развој – редовни тренинзи, сертификација, можност за напредување и учество на големи регионални и глобални проекти. Веруваме дека најдобриот начин да се изгради силен бизнис е да се инвестира во луѓето што го градат.

Тренинг-центарот е уште една ваша голема инвестиција. Што претставува тој, и кој е вашиот план со него?

Филип Силјановски: Тренинг-центарот е јадро на нашата визија. Не е доволно само да внесете технологија на пазарот – важно е и да го подготвите пазарот да ја користи. Затоа креиравме авторизиран тренинг центар, каде инженери, партнери и организации може да добијат официјални обуки и сертификации од нашиот портфолио на вендори, како што се Check Point, Veeam, VMware, Kaspersky, IBM и други.

Наша цел е да создадеме мрежа од локални експерти – луѓе кои ќе имаат глобално признато знаење, но ќе работат тука. Центарот овозможува hands-on лаборатории, консултантска поддршка и флексибилни програми според потребите на индустријата.

Накратко – не продаваме само технологија. Градиме капацитети кои ќе ја поттикнат дигиталната трансформација одвнатре.

„Ingram & Vendors Networking“ е еден од вашите најзначајни настани. Што претставува тој во контекст на вашата стратегија?

Филип Силјановски: Тоа е нашиот signature event – место каде идеите се претвораат во партнерства. Со секоја конференција создаваме можност за директна комуникација меѓу вендорите, партнерите, интеграторите, како и ИТ-директорите. Тоа е жив систем, кадешто глобалното го сретнува локалното.

На овие конференции, покрај тоа што се презентираат ново технологии, се решаваат предизвици, се договараат пилот-проекти, се гради визија. Оваа година темата беше комбинацијата меѓу ВИ и сајбер безбедност – двете најсилни движења што ќе ја дефинираат иднината на ИТ.

Зошто токму ВИ и сајбер безбедноста беа клучна тема оваа година?

Филип Силјановски: Затоа што оваа година е точка на пресек. ВИ носи огромен потенцијал – автоматизација, предвидување, подобрена ефикасност. Но истовремено, секоја нова технологија отвора и нови ризици. Ако не ја заштитиме инфраструктурата, податоците, алгоритмите – целата инвестиција во ВИ станува ранлива.

На конференцијата покажавме конкретни примери – од здравството, јавната администрација, финансискиот сектор – како ВИ веќе се користи кај нас, и зошто сајбер безбедноста мора да оди заедно со неа.

Ова не е теорија. Ова е практичен пристап кон иднината.

Како ги мотивирате компаниите, особено средните и помалите, да ги користат овие технологии?

Филип Силјановски: Најпрво – со реални приказни. Повеќето компании мислат дека ВИ е технологија само за „големите играчи“. Тоа не е точно. Ако имате податоци и бизнис-процеси – вие имате потенцијал да примените ВИ.

Почнуваме со пилот-проекти, анализи, MVP модели. Најважно е внимателно да се дизајнира план – што треба да се постигне, со кои податоци и како да се заштити целиот процес. Тука сме да помогнеме: стратегија, технологија, безбедност – сè што е потребно за успешна имплементација.

Каде го гледате „Инграм Микро“ во следните 10 години?

Филип Силјановски: Како и досега - двигател на локалниот технолошки развој. Сакам „Инграм Микро “ да остане лидер, но лидер во иновација – со силен тренинг центар, со мрежа од сертифицирани инженери, со поддршка за стартапи и со сопствени тимови кои ќе креираат решенија за светскиот пазар.

Би сакал да станеме центар за трансфер на технологии – не само да ги носиме, туку и да ги развиваме. Верувам дека нашиот регион го има неопходниот потенцијал – потребни се само визија и поддршка.

На крај, порака од вас до партнерите, вашиот тим и идните корисници?

Филип Силјановски: На тимот – бескрајна благодарност. Секој успех е резултат на вашата пожртвуваност, знаење и интегритет. На партнерите и клиентите – ја гледаме нашата работа како заеднички успех.

До идните корисници - нашата врата е секогаш отворена. Време е да се прилагодиме, да учиме и да градиме, и со задоволство ќе го правиме тоа – заедно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хелен Мирен има 81 година и со децении вежба по 12 минути дневно- нејзината рутина нема врска со теретана

Повеќето луѓе не се откажуваат од вежбањето затоа што не знаат дека е корисно, туку затоа што замислуваат дека секој тренинг мора да трае најмалку еден час, бара одење во теретана и вклучува сложена програма што е тешко да се вклопи во секојдневието. 

Хелен Мирен има 81 година и со децении вежба по 12 минути дневно- нејзината рутина нема врска со теретана

Хелен Мирен има сосема поинаков пристап. Познатата британска актерка, која наполни 81 година во јули, се враќа на истата рутина со децении. ѝ треба само малку слободен простор, нема посебна опрема, а целиот тренинг трае 12 минути.

Програмата што ја користи е создадена во 1950-тите и првично била наменета за членови на Кралските канадски воздухопловни сили. Иако денес постојат безброј модерни фитнес програми, оваа кратка рутина преживеала благодарение на нејзината едноставност и постепена прогресија.

Хелен Мирен никогаш не тврдела дека вежба на највисоко ниво. Напротив, таа отворено кажала дека не стигнала подалеку од второто ниво на програмата. Значи, нејзината физичка форма можеби не ја открива тајната на совршениот тренинг, туку нешто многу поприменливо - колку е важна рутина што можеме да ја одржуваме со години.

Што е XBX тренинг?

Програмата се нарекува XBX, што е кратенка од „Десет основни вежби“. Создадена е од д-р Бил Орбан за да им помогне на жените во Кралските канадски воздухопловни сили да останат во форма без теретана или комплицирана опрема.

Рутината се состои од 10 вежби кои секогаш се изведуваат по ист редослед, а целиот тренинг трае 12 минути. Програмата е поделена на четири нивоа со постепено попредизвикувачки варијации.

Како што напредува лицето, тренингот не трае подолго. Наместо тоа, бројот на повторувања, темпото или сложеноста на индивидуалните движења се зголемува. Благодарение на ова, истата рутина може да започне многу лесно, а потоа постепено да стане попредизвикувачка.

Кои 10 вежби го сочинуваат тренингот на Хелен Мирен?

Првичното ниво на програмата XBX вклучува едноставни движења кои активираат различни делови од телото:

допирање на прстите кревање на коленото од страна кревање на рацете кругови на рацете делумни грчеви на горниот дел од телото и кревање на нозете од страна кревање на нозете од коленото склекови кревање на нозете трчање на место со мали скокови.

На повисоки нивоа, бројот на повторувања се зголемува, а некои вежби се заменуваат со попредизвикувачки варијации. Програмата воведува поинтензивни грчеви, посложени движења на нозете и поголеми скокови.

Ова не значи дека секој треба да напредува на последното ниво. Хелен Мирен остана на второто ниво со години, што покажува дека вежбањето не мора постојано да станува потешко за да остане дел од животот.

Може ли 12 минути вежбање навистина да биде доволно?

Дванаесет минути не можат да ја заменат секоја форма на физичка активност, но краткиот тренинг не е безвреден само затоа што не трае долго. Најважната предност на таквата програма е што е полесно да се започне и да се повторува ден по ден.

Студија од 2022 година во списанието Nature Medicine следела повеќе од 25.000 возрасни лица кои не вежбале редовно. Научниците пронашле врска помеѓу неколку кратки налети на поинтензивна активност во текот на денот, како што се брзо одење или качување по скали, и помал ризик од предвремена смрт и кардиоваскуларни заболувања.

Студијата била набљудувачка, па затоа не докажува дека неколку минути движење директно спречуваат болести или го продолжуваат животот. Сепак, резултатите ја поддржуваат идејата дека придобивките од физичката активност не доаѓаат само од долги тренинзи.

Кратка рутина што ја правите редовно може да има повеќе смисла од идеалниот едночасовен тренинг што постојано го одложувате. Дванаесет минути полесно се вклопуваат наутро, пауза во текот на денот или пред вечера, што ја зголемува веројатноста вежбањето да стане навика.

Зошто оваа рутина е интересна за жените по 50 години?

Мускулната маса, силата, мобилноста и способноста за одржување рамнотежа постепено се намалуваат со возраста. Затоа, не е доволно да се потпирате само на одење, иако тоа останува многу корисна форма на движење.

Програмата XBX комбинира неколку елементи. Трчањето на место го зголемува срцевиот ритам, кревањата на нозете и склековите ги активираат мускулите, додека кружните движења со рацете и свиткувањата напред ја одржуваат подвижноста. Латералните кревања на нозете и другите движења што бараат контрола на телото можат да придонесат за работа на стабилноста.

Голема предност е фактот што програмата се изведува со ваша сопствена тежина. Не е потребна опрема, тегови, членство во теретана или многу простор, па затоа може да се прави дома.

Сепак, рутината од педесеттите години не беше дизајнирана како индивидуална програма за секоја жена во нејзините 60-ти, 70-ти или 80-ти години. Некои движења, особено скокови, стомачни, длабоки свиткувања напред и двојно кревање на нозете, може да бидат несоодветни за луѓе со проблеми со 'рбетот, колената, колковите, срцето или рамнотежата.

Како да го прилагодите тренингот на вашите можности?

Лице кое не вежбало долго време не треба веднаш да се обидува да ги прави сите 10 вежби со полн интензитет. Многу е поважно да се започне полека и да се обрне внимание на реакциите на телото.

Трчањето и скокањето на место може да се заменат со побрзо одење без да се креваат стапалата од подот. Склековите може да се прават со потпора на ѕид или стабилна маса, додека кревањето на нозете може да се прави побавно и со помал опсег на движење.

За вежби за рамнотежа, корисно е да стоите покрај стол или ѕид што може да послужи како потпора. Движењето не треба да се продолжува ако предизвикува остра болка, вртоглавица, притисок во градите или невообичаено отежнато дишење.

Луѓето кои имаат хронични болести, претходни повреди, сериозни проблеми со зглобовите или не биле физички активни долго време треба да се консултираат со лекар или физиотерапевт пред да започнат нова рутина.

Најголемата тајна не е во изборот на вежби

Најинтересното во приказната на Хелен Мирен не е тоа што таа пронашла чудотворна програма што ги решава сите нејзини проблеми за 12 минути. Поважно е што таа избра едноставна рутина што може да ја повторува без многу подготовка и чувството дека секој тренинг мора да биде совршен.

Не ѝ требаше нов предизвик секој месец, скапа опрема или постојан доказ дека може да се искачи на најтешкото ниво. Таа остана верна на вежбите што ѝ одговараа и ги правеше доволно долго за да станат дел од нејзиниот секојдневен живот.

Вежбањето не мора да ја остави личноста целосно исцрпена за да има значење. Не мора да биде подолго, потешко и поинтензивно секој ден. Напредокот може да значи и редовно движење, полесно станување, одржување рамнотежа и непопуштање по неколку недели.

Најдобриот тренинг не е нужно најмодерниот, најскапиот или најнапорниот. Тоа е оној што одговара на вашето тело, вашиот распоред и вашите способности - и оној на кој можете да се враќате со години.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Еди Рама застана пред запалениот колеџ и испрати остра порака поради протестите во Тирана (ВИДЕО)

Албанскиот премиер Еди Рама во петокот наутро ја посети зградата на Колеџот на Европа во Тирана, која беше запалена за време на протестите во четвртокот, и рече дека студентите не можат да бидат одговорни за уништувањето на зградата.

Еди Рама застана пред запалениот колеџ и испрати остра порака поради протестите во Тирана (ВИДЕО)

Рама зборуваше од запалената зграда, тврдејќи дека зад протестите стојат „странски раце“. Според него, во протестите има странски влијанија бидејќи овие актери не ѝ посакуваат добро на Албанија, пишува Лајми.нет.

„Ова нема никаква врска со студентите. Зад сè стои истата рака што ја задави албанската опозиција и која веќе еднаш ја запали Албанија, и е подготвена да го стори тоа повторно. Ниту оние што го блокираат градот преку ден, ниту оние што поттикнуваат студентски бунт навечер не се студенти и немаат никаква врска со проблемите на студентите“, рече Рама, додавајќи:

„До вчера, ова беше канцеларијата на Колеџот на Европа, училиштето на обединета Европа што го отворивме во Албанија заедно со европските лидери. Денес, ова се урнатини оставени од раце што не се и никогаш не можат да бидат раце на студенти.“

Рама ја обвини опозицијата за инцидентите, тврдејќи дека нејзината цел не е напредокот на Албанија, туку да ја држи земјата зад другите земји.

„Студентите се иднината, оние кои гледаат далеку, кои сакаат да одат подалеку и побрзо. Тие секогаш се добредојдени и ние сме подготвени да седнеме, да разговараме, да размениме мислења и да најдеме решенија. Ова се други раце, раце кои се обидуваат да ја соборат Албанија секој пат кога ќе се издигне. Ова се рацете на опозицијата кои, со маски на слепило пред очите, сакаат да ја вратат Албанија таму каде што никогаш нема да се врати, од каде што сите заедно ја извлековме и од каде што ја насочуваме кон историски врв за сите генерации Албанци, кон Европската Унија“, рече Рама, кој објави видео на својот Фејсбук профил од уништената канцеларија на Колеџот на Европа и додаде:

„Оваа канцеларија на Колеџот на Европа денес стана симбол на сè што Тирана и Албанија го сведочат во овие тешки моменти. Ова се тешки часови низ кои сите ќе поминеме заедно, бидејќи Албанија ќе продолжи по својот пат кон Европа и нема да падне во тие раце.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фолксваген подготвува повлекување на 5.000 електрични возила- погодени се пет модели

Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ се подготвува да повлече неколку илјади електрични возила во Германија поради неисправни високонапонски ќелии на батериите.

Фолксваген подготвува повлекување на 5.000 електрични возила- погодени се пет модели

Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ се подготвува да повлече неколку илјади електрични возила во Германија поради неисправни високонапонски ќелии на батерии, кои во екстремни случаи можат да предизвикаат пожари, објави денес компанијата со седиште во Волфсбург.

Внатрешните контроли за квалитет утврдија дека некои ќелии на батерии во одредени возила од семејството модели ID не ги исполнуваат пропишаните стандарди поради грешки во производството кај добавувачот.

Проблемот во ретки случаи може да доведе до прекумерно загревање на батеријата, а во најлош случај и до пожар.

Според германскиот весник „Ханделсблат“, засегнатите возила ги вклучуваат моделите „ID.3“, „ID.4“, „ID.7“ и „ID. Buzz“, како и моделот „Cupra Born“, кој го произведува шпанскиот SEAT во рамките на групацијата „Фолксваген“.

Повлекувањето веќе е започнато во Обединетото Кралство и САД, а компанијата подготвува соодветни мерки во Германија и на други пазари, во соработка со надлежните органи.

Како привремена безбедносна мерка, „Фолксваген“ го ограничува полнењето на засегнатите автомобили на максимум 80 проценти од капацитетот на батеријата.

Дел од возилата ќе бидат испратени во овластени сервисни центри за проверка на високонапонските батерии, а ограничувањето за полнење ќе биде укинато само откако ќе се утврди дека батеријата е во добра состојба.

Компанијата ќе ги извести засегнатите сопственици по писмо, со информации за постапката и следните чекори.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер