Таа вели дека случувањата со висока корупија се загрижувачки, бидејќи владеењето на моќни луѓе ги направиле слаби институциите, што е јасен показател дека се потребни итни реформи во правосудството.
„ Очекувам судот и јавниот обвинител да почнат да постапуваат. Не смееме како досега да останеме мирни, и така некои кои се нашле на црните листи да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, треба да постапат и во случајов. / Во спротивно, ние не реагираме тогаш кога мора и на тој начин го толерираме беззаконието. “-Гордана Сиљановска Давкова – претседателка на Македонија.
Премиерот Мицкоски вели дека надградената црна листа со Груби и Беџети е доказ за тоа што тој и неговата партија го зборувале во минатото. Тој оценува дека обелоденување на корумпираните ќе има и во иднина.
„ Mногупати во минатото зборувавме за сето ова за кое и официјално сега нашите стратешки партнери и меѓународната заедница го посочуваат. Можам да кажам дека во периодот што следува уште многу потврди на сето она што сме го имале како сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена. “ - Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Вицепремиерот од „Вреди“ Изет Меџити, кој претходно беше дел од ДУИ, потсетува дека од овие причини кои сега ги посочува САД, тој и неколкумина високи функционери бараа прочистување на партијата.
„ Одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека се’ што сме зборувале било на место и сме биле во право. Бевме во право кога се боревме против корупцијата. / Да имаше сила Али Ахмети да му застане на падот на Артан Груби, да му го пресечеше патот на корупцијата, да го запираше Артан на патот на соработката со Сашо Мијалков и Никола Груевски ДУИ можеби и немаше да отиде во опозиција. „ Изет Меџити – вицепремиер, коалиција „Вреди“.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја прокоментираа одлуката на Стејт Департментот за Груби и Беџети.
„ СДСМ ја поздравува одлуката на Стејт Департментот на САД за ставање на нови лица на црната листа. СДСМ смета дека е исклучително значајна поддршката од нашите стратешки партнери во борбата со корупцијата во Македонија. “-Јованка Тренчевска – пратеник на СДСМ.
„ Само ЈО и правосудството во Македонија уште не гледаат криминал кај него. ДУИ со години поставува судии и обвинители, а врвот на таа партија ги користи така поставените кадри за да управува со судските одлуки. Голем број судии и обвинители се под нивен плашт. Артан Груби е колега на Венко Филипче, тие го узурпираа судството. “-Бране Петрушевски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен Артан Груби и Енвер Беџети, изминатиот период Стејт Департментот во неколку наврати имаше проширување на американската црна листа со политичари и бизнисмени од Македонија поради значителна корупција. Меѓу нив Никола Груевски, Сашо Мијалков, Орце Камчев, Рамиз Мерко, Стевчо Јакимовски, Катица Јанева.