Сиљановска Давкова: Војната во Украина не е украински, туку европски и светски проблем

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија.

Пред почетокот на сесијата претседателката Сиљановска Давкова изјави дека една од најважните пораки е дека кон војната во Украина треба да се однесуваме не како кон украински проблем, туку како европски и светски проблем.

„Неподелени беа мислењата дека дијалогот е здрава работа, дека мировната конференција навистина и покрај многуте учесници дојде до единствени сознанија. Најчесто се повикувавме сите на Повелбата на Обединетите Нации, најчесто се повикувавме сите на мировните решенија“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Таа додаде дека денеска учествувала и на панелот за безбедноста, односно опасноста по безбедноста за храната, од што и ние сме засегнати. „Уште еден доказ дека она што се случува, односно војната, нè засега сите и дека сите треба да помогнеме за да се најде соломонско решение, тоа значи, праведно решение за Украина, решение што ќе гарантира постојан мир, јас велам Кантов вечен мир. Еднаш мислам дека е крајно време, наместо да велиме никогаш повеќе и повторно да се соочуваме со војна, да се потсетиме на ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект и дека Европската Унија, но и сите држави во светот, имаат обврска да го чуваат мирот“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Заблагодарувајќи се на Швајцарската Конфедерација за организирањето на Самитот, таа додаде дека остварила куси средби со претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

На маргините на конференцијата претседателката Сиљановска Давкова оствари средби со повеќе други светски лидери.

Се санираат последиците од невремето во Тетово и Скопје

Се санираат последиците од невремето во Тетово и Скопје, бројни пријави за претпрена материјална штета.

Ситуацијата по завчерашното невреме што ги зафати Тетово, Скопје и околните општини полека се нормализирана, соопшти ЦУК.

Речиси 99% од повиците на 112, во текот на последното деноноќие биле барање да се направи записник за претрпена материјална штета, што се трансферираат до надлежните во општините, а потоа до владина комисија за понатамошна постапка.

ЦУК информира и за пет пожари на отворено и за неколку помали интервенции на пожарникарите во последното деноноќие. Сите пожари се изгасени.

Пожари имало во Долнени - помеѓу селата Лажани и Кошино (горела ниска вегетација нискостеблеста шума), во Босилово - с.Старо Балдовци (грмушки), во Ново Село кај место викано „Хаџиица“ (букова шума млада јасикова шума, ниска вегетација и папрат), во Куманово кај место викано „Љикшичка“ (ѓубре) и во Велес кај резервоарот за вода на ЈП „Дервен“ кај месноста „Поток“ (горела ниска вегетација).

Собранието ќе ги пополни местата на пратениците кои станаа министри

 Собранието денеска на осмата седница треба да ги верификува мандатите на новите пратеници кои доаѓаат на местата на премиерот Христијан Мицкоски и на неколкумина новоизбрани министри.

Пратеници стануваат Драган Недељковиќ, Велика Стојкова Серафимовска, Сергеј Попов, Емилија Ангелова, Весна Ѓорѓиева и Дијана Илиевска од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Фериде Хаџиу и Каљтрина Хаџиу од коалицијата Влен.

Тие доаѓаат на местата на Мицкоски и на минустрите Гордана Димитриеска Кочоска, Љупчо Димоски, Изет Меџити, Владо Мисајловски, Иван Стоиљковиќ, Александар Николоски и Фатмир Лимани.

Македонија трета во Европа според стапката на смртни случаи од огнено оружје

Со 12,25 случаи на милион жители, Македонија е трета во Европа според стапката на смртност од огнено оружје, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“.

Со 12,25 случаи на милион жители, Македонија е трета во Европа според стапката на смртност од огнено оружје, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на меѓународниот Институтот за мерење и и проценка на здравјето со седиште на Универзитетот во Сиетл.

Повисока стапка на смртност од огнено оружје има во Турција (18,16) и во Албанија (15,20). Од земјите во соседството, оваа стапка во Србија е 10,44, во Бугарија 7,69, а во Грција 4,35.

Најниски стапки има во Велика Британија (0,66), Исланд (0,87) и Норвешка (0,92). Овие три земји се и единствените во Европа каде што полицијата не носи оружје.

Генерално, стапката на смртност од оружје во Европа е исклучително ниска. Малку смртни случаи предизвикани од огнено оружје има и во сите земји во Африка, Азија и Океанија (во кои нема оружени конфликти).

За разлика од нив, повисоки стапки се бележат во Северна и Јужна Америка, каде што освен во Канада и Куба, во сите други земји стапката на смртност од оружје е повисока од онаа во Турција.

За споредба, стапката на смртност од оружје во САД е 41,69.

„Ландгеист“ посочува дека стапката на смртност се однесува на периодот пред војната во Украина, и во неа не се вклучени самоубиствата со огнено оружје.

притисни ентер