Сиљановска Давкова: Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви, како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали - Канал 5

Сиљановска Давкова: Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви, како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали

Шокира фактот дека во 2025 имало 4 745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 – веќе четири случаи на фемицид. 

Сиљановска Давкова: Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви, како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали

Овие алармантни бројки се слика на општество во коешто е загрозено најосновното човеково право – правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и навремената акција. Зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа. Ова го нагласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на пленарната седница во Собранието „Правата и можностите на жените - достигнувања и перспективи“, која секоја година се одржува по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.

-Страшно е секој 8 март, да броиме нови жртви, да презентираме најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми, презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но непреземени мерки и активности. И овој 8 март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената! Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност, рече претседателката.

Таа посочи дека кучен момент е оној на пријавувањето и ако жената се соочи со човек којшто ѝ влева разбирање, поддршка, сигурност и надеж, таа ќе се охрабри да се избори за себе, ама ако биде пречекана од профил, за кој навредувањето и тепањето се дел од заедницата, ќе се посомнева во ефектите од преземениот чекор и ќе трпи. Затоа, посочи Сиљановска Давкова, обучените и сензибилизираните полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото.

- Зарем сè уште не сфативме и не научивме дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, манипулација, тортура, страв, неизвесност и малку желби и надеж. До кога post festum ќе ламентираме и ќе тагуваме, наместо навреме да спречуваме и соодветно да санкционираме и да се радуваме со потенцијалните, но спасени жртви? Што стана со уставната обврска за посебната грижа и заштита на семејството?, запраша Сиљановска Давкова.

Претседателката од собраниската говорница запраша како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали, зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат навреме и до кога ќе ги менуваме законите, наместо оние што не ги применуваат?

-Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите?Прашувам: Дали и колку вреди женскиот живот? Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?, рече претседателката.

Таа нагласи дека не е доволно во Кривичниот законик да се предвиди кривично дело фемицид, кога толку често доаѓа до преквалификација, ако надлежните не постапуваат по службена должност, иако измените на Кривичниот законик тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна, наместо највисоката?

-Зошто честопати, владеењето на правото се трансформира во владеење на насилните мажи? Не е доволно да потпишете документ и да го ратификувате, славејќи го достигнувањето. Нормите не постои сама за себе, туку регулираат животни состојби, преку правила на однесување за да западнеме во Хобсова состојба. Заложбите од Истанбулската конвенција не се остваруваат преку ад-хок мерки и декларативни заложби, туку преку координиран, институционален и правен систем, што води сметка за правда и етика и развива партиципативна политичка култура на еднакви човечки субјекти коишто се почитуваат и имаат заеднички обврски кон децата, рече Сиљановска Давкова.

Со нејзината ратификација, потсети таа, државата презеде обврска да воспостави сеопфатен и функционален систем на превенција, заштита и санкционирање, заснован на разбирањето дека насилството врз жените е поврзано со структурната нееднаквост.

-Основното прашање е дали и како ја применуваме и дали е намалена ранливоста, односно безбедноста на жените? Во 1995 година, на Четвртата светска конференција за жените во Пекинг, државите членки на Обединетите нации ја усвоија Декларацијата и платформа за акција, документ што ја постави родовата еднаквост како предуслов за одржлив развој и мир. Тоа беше јасна порака дека правата на жените не се посебна агенда, туку дел од универзалната агенда за човекови права. Но, чудно беше кога при одбележувањето на 30-годишнината во ООН во 2025, една од препораките беше: примена на Пекиншките документи, истакна претседателката.

Таа кажа дека воените времиња се неразделни од насилството и дека жените и девојките се најчестите и најранливите жртви на војната, а војната ја продлабочува и ја радикализира нееднаквоста.

-Ако историјата нè учи дека придонесот на жените бил систематски потценуван, тогаш денес треба да се запрашаме: Кој ја обликува новата структура на моќта? Живееме во време кога моќта се прераспределува и добива нови, посуптилни форми. Таа не е само во институциите што ги гледаме, туку и во алгоритмите што ги користиме, во платформите што посредуваат меѓу граѓаните и услугите, во системите на вештачка интелигенција што носат одлуки или влијаат врз нив. Технологијата станува новата архитектура на моќта, а партиципирањето во нејзиното создавање значи учество во обликувањето на иднината, рече Сиљановска Давкова.

Во македонската држава, како што посочи, повеќе од половина од истражувачите се жени, што претставува сериозен интелектуален потенцијал.

-Знаењето постои, но патот до позициите на одлучување и до центрите каде што се дефинираат правилата сè уште не е подеднакво пристапен. Затоа, учеството на жените во локалната и во централната власт не претставува само прашање на квантитативна застапеност, туку суштински показател за зрелоста и за квалитетот на јавните одлуки. Политиките не се апстрактни норми, туку конкретни механизми што ги обликуваат условите за живот: домот, образованието, безбедноста, економската сигурност и секојдневната благосостојба, рече претседателката.

Оттука, додаде таа, кога во процесите на одлучување се интегрираат женската емпатија како способност за препознавање на социјалната ранливост, мајчинската одговорност како свест за долгорочните последици, како и умот и знаењето, изградени низ професионално и животно искуство, се креираат политики со поголема аналитичка длабочина, етичка чувствителност и општествена одржливост.

-Не дозволувајте одбележувањето на 8 Март да се сведе на протоколарна форма којашто ќе го исцрпи своето значење во симболични гестови и пригодни зборови. Розите коишто денес ќе ја разубават просторијата, утре тивко ќе почнат да ја губат свежината, а вниманието коешто трае еден ден не е доволно. Жените не очекуваат привремена, празнична галантност, врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем, нагласи Сиљановска Давкова.

Со букетите в раце, истакна претседателката, вреди да се потсетиме дека и идејата за еднаквост често се оформувала спротивно на условите, небаре кокиче среде зима.

-Кога Мери Вулстонкрафт ја формулираше еднаквоста како прашање на разум и право, таа отвора мисловна линија што подоцна ќе ја продлабочат Роза Луксембург, Клара Цеткин, Бети Фридан и Кејт Милет, сведочејќи дека напредокот не произлегува од симболиката, туку од критичкото размислување и дејствување. Во тој дух, дозволете ми, со искрена почит кон придонесот, знаењето и истрајноста на жените, да го честитам 8 Март и да ја потврдам заедничката определба, државата да ја градиме како пристојно и безбедно место за живеење во кое правата и достоинството на секоја жена се неприкосновени, заклучи претседателата Гордана Сиљановска Давкова од собраниската говорница.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Поради кавга за мобилен- татко и син паѓаат во бездна, загина и мајката (Вознемирувачко видео)

Потресно видео кое го прикажува моментот кога татко и син паѓаат од карпа во индиската држава Махараштра кружи на социјалните мрежи.

Поради кавга за мобилен- татко и син паѓаат во бездна, загина и мајката (Вознемирувачко видео)

18-годишното момче и неговите татко и мајка починаа во петок, 21 август, откако скокнаа од карпа еден по друг. На трагедијата ѝ претходела расправија за мобилен телефон што момчето го купило на рати, но не можело да го исплати, објави НДТВ.

Според медиумските извештаи, Кунал Чандгуде излегол од дома по расправија со својот татко и се искачил на рид во областа Тисгаон околу 10 часот наутро. Неговите родители го следеле, а за време на речиси тричасовниот разговор, им се придружиле бројни селани, и го слушнале Кунал како се заканува дека ќе скокне од карпата.

Селаните се обиделе да го разубедат.

„Тој живее за мајка си“, се обидел да го убеди еден човек.

„Не, морам да умрам. Тоа е единствениот начин“, одговорил Кунал.

Поранешниот старешина на селото, Санџај Јадав, исто така, се обидел да разговара со младиот човек.

„Го молевме да ја погледне мајка му, да не скока, му рековме дека е образован и дека има иднина пред себе. Пробавме сè“, рече Јадав.

Други дури понудија да му купат iPhone 15 Pro, но Кунал сепак инсистираше дека смртта му е единствениот излез.

Според полицијата, младиот човек го купил iPhone-от на рати и барал пари од семејството за да го отплати. По расправија со татко му за последната рата, тој излегол од дома во бес и се искачил на карпата. Околу 13 часот, неговиот татко, Мурлидар, му се приближил на својот син кој стоел на работ на карпата и се обидел физички да го извлече од работ. За жал, двајцата ја изгубиле рамнотежата и паднале во бездната, што исто така било снимено со камера.

Мајката на Кунал, Сангита, која ги видела сопругот и синот како паѓаат, отишла до работ на карпата неколку моменти подоцна и скокнала. Сите тројца починале на местото на настанот.

Полицијата сè уште не објавила дополнителни детали за семејниот спор, ниту ги потврдила претходните извештаи дека Кунал можеби се борел со депресија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Девојче се капело во езеро во САД, кога ја нападнала „амеба што јаде мозок“- почина

Осумгодишно девојче од Луизијана почина од ретка амеба што го напаѓа мозокот, за која се верува дека ја добила додека пливала во езеро во близина на нејзиниот дом.

Девојче се капело во езеро во САД, кога ја нападнала „амеба што јаде мозок“- почина

Веста ја потврдија нејзиното семејство и здравствените власти, пишува CNN.

Лилијан Смарт, од Растон, северна Луизијана, починала во болница за време на викендот, не долго по прославата на својот осми роденден. Нејзините родители претходно објавија дека девојчето имало тежок оток на мозокот предизвикан од паразитот. „Синоќа Лилијан помина од нашите раце во рацете на Исус“, напиша вчера семејството на Фејсбук. „Оштетувањето на мозокот беше премногу сериозно и нејзиното мало тело не можеше да се опорави.“

Смртоносна инфекција

Одделот за здравство на Луизијана минатата недела објави дека едно лице можеби ја добило амебата Naegleria fowleri додека пливало во езерото Клејборн, на околу 50 милји од Растон. Иако властите официјално не го објавија идентитетот, семејството и пријателите потврдија за локалните медиуми дека станува збор за Лилијан.

Овој микроскопски организам живее во топли свежи води, а инфекцијата се јавува кога контаминираната вода влегува во носот и стигнува до мозокот. Министерството објаснува дека болеста не може да се добие со голтање вода, ниту пак се пренесува меѓу луѓето. „Инфекцијата е исклучително ретка, но речиси секогаш фатална“, објавија здравствените власти.

Исклучително ретки случаи

Инфекциите со амебата Naegleria fowleri се ретки. Според Министерството за здравство на Луизијана, од 1937 до 2025 година, потврдени се само 180 случаи, од кои три биле во Луизијана.

Повеќето случаи се пријавени во јужните и централните американски држави поради потоплите клими. Сепак, неодамнешните истражувања покажуваат дека климатските промени ги загреваат водите и во северните и среднозападните држави, проширувајќи ја областа каде што амебата може да се колонизира.

Според Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), раните симптоми вклучуваат главоболка, треска, гадење и повраќање. Инфекцијата е тешко да се дијагностицира и брзо напредува. Подоцнежните фази на болеста може да вклучуваат вкочанетост на вратот, конфузија, халуцинации и губење на рамнотежа.

Збогување на семејството

Лилијан е на интензивна нега од минатата недела. Нејзината мајка напиша на Фејсбук дека девојчето било примено во болница поради висока температура, а подоцна почнало да гледа двојно.

Пред нејзината смрт, неколку локални бизниси во Растон организирале собирање средства за семејството на нејзиниот роденден, објави KNOE. Жителите велат дека Лилијан била позната во заедницата по својата веселост. „Таа секогаш беше среќно дете“, изјавил еден сопственик на локален бизнис за KNOE. „Секогаш кога ќе ја видевте, таа имаше насмевка на лицето.“

„Сите правеа сè што можеа за да ја задржат со нас“, напишаа родителите на Лилијан на Фејсбук. „Срцата ни се скршени и искрено не знаеме што да правиме следно.“

CNN претходно објави слични случаи. Во 2023 година, жител на Џорџија починал од истата амеба, додека во 2022 година, првата смрт на дете поврзано со истиот патоген е регистрирана во Небраска. Во двата случаи, здравствените власти потврдија дека пациентите се заразиле откако пливале во свежа вода.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Драма во Грција: Албанец ѝ дал 1.000 евра на сопругата „за трошок“, па отишол да ја убие љубовницата

Албанец (48), осомничен дека убил жена (45), која наводно му била љубовница, вчера наутро во Грција, а потоа извршил самоубиство, ѝ оставил на сопругата 1.000 евра „за трошок“ пред да се впушти во крвавото дивеење.

Драма во Грција: Албанец ѝ дал 1.000 евра на сопругата „за трошок“, па отишол да ја убие љубовницата

Според информациите од грчките и албанските медиуми, Албанецот ѝ ги оставил парите на сопругата пред да излезе од дома, велејќи ѝ да „продолжи да штеди“. Потоа отишол во Неа Смирни, каде што ја убил 45-годишната жена, а веднаш потоа извршил самоубиство.

Сопругата на сторителот, која била повикана да даде исказ, наводно изјавила дека забележала значителна промена во неговото однесување во текот на околу 18 месеци.

Според неа, 48-годишникот често бил отсутен од дома, а имало и ноќи кога спиел на друго место, без таа да знае каде е или дали е во врска со друга жена.

Според истите информации, неговата сопруга ѝ рекла на полицијата дека се плашела од него.

„Раскинав со него затоа што беше љубоморен“

Во исто време, се очекува изјавите на луѓе од околината на 45-годишната да фрлат дополнителна светлина врз нејзиниот однос со 48-годишникот, а особено што му претходело на злосторството.

Според информациите, жртвата ѝ се доверила на својата сестра дека е во врска со маж, но дека одлучила да раскине поради неговата љубомора. Таа наводно ѝ рекла дека ќе продолжи да инсистира и дека се плаши од него.

Ноќта на убиството, 45-годишната била сама во куќата. Нејзината ќерка не била во Атина, туку отишла во Агринио со нејзиниот чичко.

Камерите го снимиле злосторството

Во исто време, природата на врската помеѓу 48-годишникот и 45-годишната жена е под лупа на полицијата, додека неговите електронски уреди се анализираат за да се утврди комуникацијата или други докази што би можеле да ја комплетираат сликата за тоа што му претходело на злосторството.

Одлучен елемент е и снимката од безбедносните камери во областа, кои го снимиле злосторството. Според досегашните информации, 48-годишниот маж изгледал како да ја чекал 45-годишната жена пред нејзината куќа. Кога таа ја отворила вратата и излегла, тој ја застрелал, а потоа го насочил револверот кон себе и извршил самоубиство.

Оружјето што го користел 48-годишникот наводно било во негова нелегална сопственост.

Се истражува и неговото минато во Албанија.

Властите го истражуваат и минатото на сторителот во Албанија. Според информациите од protothema.gr, 48-годишникот бил предмет на интерес на албанските власти во 2016 година, кога бил уапсен во Тирана под обвинение за силување на неговата сопруга.

Албанските медиуми, исто така, објавија дека тој бил гонет за следење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер