Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)
1Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)
2Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)
МакедонијаСиљановска-Давкова се обрати на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот корПретседателката Гордана Сиљановска-Давкова приреди традиционален годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, во Охрид.Поздравувајќи ги дипломатите, претседателката ним лично, на нивните семејства, како и на државите и народите кои ги претставуваат, им посака сè најдобро. Во обраќањето, таа ја истакна важноста на културната, економската, спортската и научната, покрај традиционалната дипломатија. Според претседателката, дипломатијата не е само збир на протоколарни активности, туку докажан цивилизациски механизам којшто успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови. „Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје“, рече Сиљановска-Давкова и додаде дека лично, повеќе верува во силата на аргументот, отколку во аргументот на силата. Доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, во своето обраќање на приемот, во име на сите амбасадори изрази благодарност до претседателката за нејзината политика на отворени врати и континуирано пријателство со дипломатската заедница. Истакнувајќи дека во нашата земја, дипломатите препознаваат доверлив и конструктивен партнер, амбасадорот Јаќимовиќ рече дека меѓународната заедница особено ја цени државната посветеност на регионалната соработка, на добрите меѓусоседски односи и на ангажманот на меѓународната сцена. Пред присутните, тој потенцираше дека дипломатскиот кор и натаму посветено ќе ги исполнува своите должности, согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, градејќи цврсти мостови на пријателство, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво. Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова: Почитувани, Живееме нова реалност, конфузна, контрадикторна и неизвесна. Меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ, оружјето не мирува, туку се активира, дебатата за хармонијата со природата стивнува, евроатлантицизмот не е синоним за усогласена и солидарна алијанса! Тукидитовците и макијавелистите туркаат кон Хобс, а Кантовците и Вилсоновците предупредуваат. Во време- невреме, да се собереме на традиционалниот прием за дипломатскиот кор, овде во Охрид, непосредно по Водици, за мене е пријатен момент, во духот на филозофијата на мирот, дијалогот, разбирањето и музиката! Најпрво, би сакала од срце и со добра мисла, да ви посакам сè најдобро, вам лично, на вашите семејства, на вашите држави и народи на вашите граѓани и на сите луѓе, без оглед на било каква припадност. Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје. За мене, вашата работа не е само протокол, туку вежбан и докажан цивилизациски механизам, што преживеал векови затоа што знаел да урива ѕидови и да гради мостови. Во вашата професија гледам уметност на можното, а понекогаш и на неможното! Претпочитам тркалезни Артурови маси, наместо мапи на фронтови и цели на уништување. Повеќе верувам во силата на аргументот, одошто во аргументот на силата. За мене, мирот не е само отсуство на војна, или нејзино продолжение, туку природна состојба, иманентна на човечката генеричка суштина. Ваши екселенции, Во изминатава година имав бројни средби со амбасадори, со претставници на меѓународни организации и со високи државни делегации. Примав акредитиви на нови амбасадори и испраќав пријатели во проштални средби, секогаш настојувајќи зад свечената форма и дикција да го видам човекот и неговата мисија, да научам повеќе и непосредно за земјата од којашто доаѓа, да го разберам и да помогнам да ја разбере мојата држава, секогаш bona fide! Секоја средба ме потсетуваше и убедуваше дека меѓународниот систем не е само механички збир на норми, институции, актери и односи, туку инспириран и втемелен на врвни вредности и принципи, околу коишто се градела меѓусебната доверба и вербата во хуманото, доброто и праведното - внимателно, тивко, полека и со многу трпение. Мојата надворешнополитичка агенда во 2025 година беше координирана и усогласена со владината, динамична и врзана за важни настани – од Рим, Баку и Астана, преку Ница, Тирана, Хаг и Севиља, до Њујорк, Копенхаген, Венеција, Париз и Драч, да споменам некои. Не споменувам само географски дестинации, туку политички, културни и економски предизвици за една мала европска држава, која веќе 35 години се бори со Сцилите и Харибдите на демократската транзиција, консолидација и европеизација. Почитувани меѓународни пријатели, 2025 година ќе остане тетовирана во мојата и нашата колективна меморија по активната болна траума – трагедијата во Кочани. Сеуште стоиме пред кочанското огледало, во потрага по одговорност и преиспитување. Но, ако во маката се препознаваат пријателите, дозволете ми уште еднаш да Ви се заблагодарам за солидарноста и помошта, чии гласници бевте Вие. Дами и господа, Признавам, иако имав сериозен научен сомнеж во тезите на Френсис Фукојама за „крајот на историјата“, во смисла на конечна победа на либерализмот и крај на контрадикторноста меѓу слободата и еднаквоста, како и во тезите на Хантингтон за неминовен судир на цивилизациите, не верував дека толку брзо ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за коишто мислев дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружување, време на хибридни закани, сајбер-напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам. Се покажа, дека ако не го негувате и чувате, брзо ќе сфатите дека мирот е кревка билка и/или романтична наивна човечка замисла, најпосакувана новогодишна желба и најголема надеж. Седуммината најсилни, коишто ја гарантираат светската безбедност, за жал, не секогаш беа зад Повелбата и најважните меѓународни документи, а останатите, оние во Генералното собрание, не секогаш гласно и одлучно реагираа, овозможувајќи Обединетите нации да станат разединети нации, мултилатерализмот да се трансформира во мултиполаризам, со силни елементи на нова студена војна, што ги враќа сеќавањата на Лигата на народите. Lex- от не е rex, а етиката и моралот станаа „надминати и старомодни феномени“. Легалното сe помалку е праведно, а праведното ретко станува легално. Малите држави, како мојата, на сопственото искуство, најдобро ја спознаа меѓународната политиката како сила. Тие најчесто, први и најдлабоко ја чувствуваат разликата меѓу принципите, зборовите и реалноста. Ама, во анархичниот меѓународен систем, во отсуство на спреги и кочници, неограничената и несанкционираната моќ има тенденција да расте, па и релативно силниот станува слаб во однос на суперсилниот! Токму затоа, малите држави заедно со средните мора да бидат најгласните поддржувачи на мултилатерализамот во ера на разгоропаден мултиполаризам, старо-нови голијати, па и неоунилатералистичка геополитичка, економска и енергетска доминација! Ваши екселенции, И претходната година, ние бевме кредибилен ЕУ партнер, одговорна, активна и кредибилна членка на НАТО, докажан фактор на стабилност во регионот. Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет! Тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди. Демократијата се учи од демократи и со демократи. Довербата се гради преку разбирање и помагање, а не преку условување и уцени. Почитувани пријатели, На раскрсница сме. Во реформите е лекот, македонските, балканските, но и оние на ООН, НАТО и ЕУ. Сите сме пред Хамлетовска дилема: да се биде или да не се биде! Потребен ни е нов импулс на мултилатерализам: мултилатерализам што ќе ја брани Повелбата и меѓународното право, што ќе ги штити малите, слабите и ранливите, што ќе гради климатска и енергетската безбедност, и што не дозволува правдата да стане привилегија на силните. Во свет доминиран од силни мажи со оружје, ни требаат силни жени со мудрост. Дами и господа, Очи в очи сме со реални воени ризици, но и со климатски, енергетски и економски потреси. Затоа, безбедноста повеќе не е само прашање на географија и територија – туку и на отпорност на институциите, стабилност на општеството и доверба на граѓаните. Ние сме свесни дека мора да вложуваме во одбраната, но и во кризен менаџмент, во институционална отпорност и во инфраструктурна поврзаност. Затоа, Коридорот 8 не е само економски проект – тој е и безбедносен приоритет. Во обновата на грчко-македонската енергетска поврзаност има не само економски резон, туку и стратешки пристап во однос на надминувањето на политичка ранливост. Партнерствата што ги отвораме и разговорите што ги водиме се насочени кон диверзификација, стабилност и одржлив развој. Ваши екселенции, Дипломатијата не е само државна и традиционална, туку и културна, економска, спортска, научна. Културата е мост што политиката не секогаш успева да го изгради. Таа создава доверба таму каде што зборовите се внимателни, а интересите различни. Ние сме мала држава, но културно и духовно компетитивна актерка. За нас, како и за сите вас, идентитетот не е аргумент против ЕУ, туку аргумент за ЕУ, затоа што Европа е богата токму поради својата различност. Ние сакаме да бидеме препознаени не само по економија и политика, туку и по знаење, образование, наука, култура, спорт. Колку пати сме докажале дека може да бидеме партнер којшто персонифицира вредности, а не проблеми, иако постојано не третирате како проблематични. Почитувани пријатели, Дозволете ми да завршам со една едноставна, но суштинска порака. На македонските граѓани, без оглед на припадноста им треба правна држава, држава со силни институции и почитувани процедури, со Веберова администрација што служи, а не владее, со млади како вреден социјален капитал, а не како статистичка бројка на иселување, со дијаспората како второ крило на татковината. Ние можеме да бидеме и Homo Balkanicus и Homo Europicus: кога сакаме и кога вие сакате. Но, за тоа ни треба заедничка волја: не само нашата, туку и соседската, регионалната и европската. Проширувањето не е тест само за кандидатите, туку и за европскиот демократски капацитет и кредибилност. Ако правилата важат различно, тогаш тие се инструмент на политичка арбитрарност. Конечно, Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство. Ние немаме проблем да разговараме. Напротив – ние сме народ и држава што живеат со реалноста дека соседството не е избор, туку судбина. Понекогаш, кога сум разочарана, велам: не случајно живееме едни до други или едни со други – тоа е јасна порака дека делиме не само заедничка реалност, туку и заедничка иднина. Но токму затоа, одговорноста е двојна: наша и европска. Добрососедството не смее да биде алиби за блокада. Дијалогот не смее да се претвори во инструмент за условување. Европскиот процес не смее да се претвори во арена во која билатералното ќе го диктира европското. Мора да учиме лекции од искуството што го имаме за да не инспирираме и предизвикаме во иднина слично однесување на секој што ќе влезе во Европската Унија кон кандидатите за кандидати, пишувајќи тажни балкански приказни. Ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост. Се поставува прашањето: дали европската интеграција е процес што ги европеизира кандидатите, или процес што ризикува да ја балканизира европската политика на проширување? Ние не бараме посебен третман. Не бараме привилегија. Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхагенските критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото. Само така, европската перспектива ќе остане кредибилна. Само така, надежта ќе остане рационална, а не сентиментална. И само така, ЕУ ќе ја добие битката за инспиративен, почитуван меѓународен актер. Само заедно може да ја надминеме опасната политичка тенденција т.н. Западен Балкан да се третира како периферија на периферијата, како чудно место со уште почудно име, а не неразделен дел од европската политичка архитектура. На крајот, Ви благодарам за соработката, за поддршката, за партнерството, не само во убави, туку и во тешки моменти. Ви посакувам успешна дипломатска година, мирна и плодна работа, средби на коишто ќе градиме доверба и заедничка иднина.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЗдравјеЧеста вечерна навика која може да го оштети црниот дробЈадењето доцна навечер придонесува до поголема телесна тежина, но научниците предупредуваат дека ваквата навика може да влијае на црниот дроб.Резултатите од истражувања, објавени во списанието *Clinical Gastroenterology and Hepatology*, покажале дека луѓето кои консумираат дополнителна храна по вечерата или непосредно пред спиење се соочуваат со значително поголем ризик од стеатоза на црниот дроб,заболување поврзано со метаболичка дисфункција (состојба при која во црниот дроб се акумулира масно ткиво) или цироза. „Знаеме дека црниот дроб во голема мера е синхронизиран со циркадијалниот ритам на телото“, вели главниот автор, д-р Роберт Вилечански од Универзитетот за здравје и наука во Орегон (OHSU). „Затоа, нè интересира промената на времето на консумирање храна која би придонела подобро здравје без притоа да се менува составот на она што луѓето го јадат“, додава тој. Пораст на заболувањата на црниот дроб Студија спроведена врз население во САД покажала зголемување на сите форми на заболувања на црниот дроб за 20-30 % кај лица кои изјавиле дека јадат доцна навечер, во споредба со оние кои не го прават тоа. „Важно е да се напомене дека, луѓето кај кои се развива замастен црн дроб, само кај мал дел подоцна се развиваат потешки форми на состојбата, како што е цирозата“, вели д-р Вилечански. „Вреди да се истакне дека ограничувањето на внесување калории неколку часа пред спиење може да биде корисно.“ „Можеме да го потврдиме она што веќе го знаеме: дека обрасците на однесување – без разлика дали се однесуваат на спиењето, исхраната или физичката активност – се навистина важни“, вели д-р Ендрју Мекхил, физиолог специјализиран за спиење и циркадијални ритми на OHSU. „На пример, покажавме дека консумирањето храна навечер – кога внатрешниот биолошки часовник го поттикнува спиењето – ја намалува способноста на телото ефикасно да ја метаболизира храната. Ова, на крајот, може да доведе до дебелина, дијабетес, а според најновите истражувања, и до нарушено здравје на црниот дроб“, изјави тој. Постојат многу видови заболувања на црниот дроб, од кои некои не покажуваат никакви симптоми. Симптомите на цироза вклучуваат постојан замор и слабост, губење на апетитот, намален сексуален нагон, жолтица, чешање на кожата и гадење.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
СудбинаЧетири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си. Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати. Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост. По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката. Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS). Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен. „Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП. Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат. Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината. Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветПаника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“. Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина. Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење. „На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“. Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави. TERRIFYING MIDAIR SCARE: A twice-deported illegal immigrant allegedly claimed to have a bomb and tried to storm the cockpit of United Flight from Newark to New Orleans, triggering an in-flight hijacking alert. Authorities say Honduran national Rony Alexander Gomez-Alberto—previously deported in 2011 and 2014, then released by an immigration judge in 2020—was arrested upon landing and faces terrorizing and false arson charges. ICE has placed a detainer as federal investigators weigh additional charges. — FOX & Friends (@foxandfriends) November 11, 2026 Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација. Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред. Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците. Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето. „Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата. Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот. Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.Тагови: авион Бомба Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook