Сиљановска-Давкова се обрати на годишниот настан на КСЗД „Разговори за еднаквост“ на тема „Право на домување на Ромите“ - Канал 5

Сиљановска-Давкова се обрати на годишниот настан на КСЗД „Разговори за еднаквост“ на тема „Право на домување на Ромите“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на второто издание на годишниот настан „Разговори за еднаквост“ којшто годинава Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го организираше на тема „Право на домување на Ромите“.

Сиљановска-Давкова се обрати на годишниот настан на КСЗД „Разговори за еднаквост“ на тема „Право на домување на Ромите“

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова истакна дека не треба да се зборува само за статистика или политики, туку да се чуе за нееднаквоста, за животните искуства на Ромите, како најранлива категорија наши граѓани, кои се соочени со системска и со структурна дискриминација врзана за законско непоседување сопствен дом или стан, „осуденост“ на живот во непостојано, несигурно или супстандардно живеалиште на периферијата, без пристап или отежнат пристап до вода за пиење, без услови за лична хигиена, во недостиг на животен простор, односно катче за секој член на најчесто многудетното семејство.

Како претседателка која ги претставува сите граѓани, таа посочи дека има политичка, правна, етичка и морална обврска да не дозволи ниту една заедница да се чувствува запоставена, изоставена, маргинализирана, дискриминирана.

Според неа, потребна е не само институционална, туку и индивидуална човечка борба за надминување на предрасудите, на стереотипите и докажана грижа за најранливите, односно обид за согледување на Ромите низ ромски очи, заради уривање на (не)видливите ѕидови зад коишто е изолирана и маргинализирана ромската заедница. Потребни се чекори за вклучување на Ромите во општествениот и политичкиот живот.

,,Потребна е инклузивна, наместо ексклузивна политика на домување во чие креирање ќе учествуваат и Ромите" - рече претседателката.

Во општините со доминантно ромско население, според претседателката, мора да се применуваат исти урбани стандарди, вклучувајќи ги и оние на домување како и во другите општини.

Сиљановска-Давкова посочи дека на нашите сограѓани Роми секогаш им вели дека не се дојденци во оваа земја, туку таа е и нивен дом. Порача дека тие не заслужуваат маргинализација и дискриминација, туку отворена поддршка и рамноправност во сите права, вклучувајќи го и правото на пристоен дом.

Настанот на којшто се обратија и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски и лидерката на компонентата 4 од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, Барбара Лигл е финансиран од ЕУ и имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт - Институт за фундаментални и човекови права (LBI-GMR), австриско владино тело кое функционира како институт за истражување, обука и консултации.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска-Давкова.

Ви благодарам на поканата,

Чест ми е што сум овде, оние кои биле во мојот Кабинет, забележале една прекрасна слика на нашиот Никола Мартиновски, со убава Ромка со дете в раце. Таа слика нѐ потсетува на убавото. Имам една друга слика, подарок, со тркалото, која пак ме потсетува на животот на Ромите. Мислам дека овој симбол не смее да биде релевантен за моите сограѓани Роми, бидејќи ова е нивната татковина и тие заслужуваат да бидат рамноправни. Јас го продолжив само она што сум го правела и на факултет како менторка на многу ромски студенти кои дипломираа успешно, се вработија, станаа ценети луѓе. Го продолжив тоа во Собранието како дел од групата на пријателите на Ромите и се разбира, еве, токму затоа сум денеска овде со вас. Нема да ми замерите што во мојот говор, бидејќи јас сум емотивна особа, ќе има и емоции од кои не можам да избегам, таква ми е природата, драмска.

Почитувани, најпрво партнери од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, исто така, од Институтот за фундаментални и човекови права,

Почитувани гости и пријатели, заборавив, веднаш прашав, а дали ќе дојде господинот Рокас, ми рекоа да. И тоа беше исто така една од причините што сум овде и посебно му се заблагодарувам за посветеноста и за присуството.

Значи уште еднаш, не само чест, туку и политичка и етичка обврска ми е да учествувам на денешниот настан, којшто е дел од „Разговорите за еднаквост“ за да слушам, а и да говорам за важноста на правото на домување, чијашто реализација е претпоставка за уживање на многу други важни човекови права, без кои нема достоинствен живот!

За мене домувањето не е само покрив над главата, како што често се перципира, па и презентира, туку е темелот, ама и условот за достоинствен личен, семеен и социјален живот. Нели? Оти од Аристотел до денеска, човекот е „Zoon politikon“, политичко суштество. Не е политика само да бидете носител на некоја функција, туку да учествувате во процесот на одлучувањето.

За мене домот е една од најважните, ако не и најважната човечка оаза, тоа е амбиентот во којшто го создаваме и негуваме семејство, средината во којашто растат и се одгледуваат децата, просторот во којшто учиме да живееме со други, да сакаме други, да работиме, да почитуваме. Тоа е едно катче фамилијарно во кое некогаш сакаме да се осамиме, да избегаме од надворешниот свет, место во кое добиваме разбирање, помош, ако сакате и безрезервна поддршка и во доброто и кога ќе згрешиме. Место во коешто можеме да сонуваме, да мечтаеме за поубав живот, да носиме важни решенија.

Мислам дека карактерот на секој човек, нашиот карактер, нашите амбиции, погледот на светот во многу голем степен се предодредени од домашните прилики, ама и од неприликите домашни со кои сме соочени, од квалитетот на домашниот живот, а тој пак е детерминиран, некогаш за среќа, некогаш за несреќа од локацијата на нашиот дом, од квалитетот на објектот во кој живееме, од ентериерот, од екстериерот, од инфраструктурата околу нас во опкружувањето, од пристапот кон јавните услуги, од образовните, спортските, културните институции, дали ни се блиску, дали ни се далеку, дали ни се достапни и недостапни, од безбедноста на просторот зависи безбедноста во нашиот дом, од фактот дали живееме во центарот на градот, или на периферијата, кои ни се соседите, какво е опкружувањето.

На една возраст човек сфаќа дека средината во којашто сме го поминале детството и младоста во голема мерка нè обликувале како личности и како луѓе. Оти од тоа зависи со кого ќе ги воспоставиме првите пријателства, со кого ќе се дружиме, каде ќе учиме, какво образование ќе добиеме, каков пристап до работното место ќе имаме, на каков човечки и генерациски притисок и поттик ќе бидеме изложени. Ако сакате, дали ќе бидеме стимулирани да одиме напред или да стоиме во место или понекогаш, за жал, да се враќаме назад.

Личните искуства за мене, но и социјалните, односно психолошките и социјалните истражувања тоа го покажуваат дека кога правото на домување е неостварливо или е тешко остварливо, тогаш и слободата и еднаквоста, рамноправноста и правдата, сигурноста и безбедноста, стануваат комплицирана, неостварена, а за жал и далечна цел.

Овде денес, ние се собравме, и јас дојдов, не за да зборувам за статистика и само за политики, туку за да чуеме за нееднаквоста, за животните искуства на Ромите, како најранлива категорија наши граѓани, соочени со системска и со структурна дискриминација врзана за, ако сакате, законско непоседување во многу чест случај, сопствен дом или стан, под наводници „осуденост“ на живот во непостојано, несигурно или супстандардно живеалиште на периферијата, без пристап или отежнат пристап до вода за пиење, без услови за лична хигиена, во недостиг на животен простор, односно свое катче за секој член на најчесто многудетното семејство, па дури и отсуство на стандардна електрична мрежа.

Овие проблеми, за жал, сѐ уште не се ретки, не се инцидентни, туку се редовно присутни во речиси сите наши градови, општини и населби со доминантно ромско население, препознатливи по ниската стапка на вработеност, недоволна опфатеност на децата и младите во образовниот процес, висок степен или повисок на криминал, лоша патна, здравствена, образовна и спортска инфраструктура, присуство на феноменот на улични деца. Затоа и ние на Правниот факултет имавме програма, проект со младите, Street law, ако има улични деца треба да има и улично право и правда со суспендирано или ограничено право на образование во 21 век и покрај правно гарантираното основно и средно образование, задолжително кај нас, за секое дете.

Значи, нееднаквоста во домувањето не е случаен феномен. Таа е историска појава, за жал, тоа тркалото неслучајно е симболот, хроничен проблем, неразделен од предрасудите и плод на долгогодишната дискриминација. Сите ние, вклучувајќи ме и мене, имаме колективна одговорност, ама и правна и морална обврска да дејствуваме, да сториме нешто наместо само да зборуваме или ем да зборуваме, ем да делуваме!

Јас како претседателка имам уставна обврска да ги претставувам сите граѓани, дома и во странство, што значи и да ги познавам, почитувам и штитам правата на секој граѓанин. Ова е правно втемелена одговорност. Имам и етичка и морална должност да не дозволам ниту една заедница да се чувствува запоставена, маргинализирана и дискриминирана и затоа превземам некои чекори во мојот Кабинет и пошироко зошто основната теза ми е дека треба да почнеме од најранливите, тие имаат најголема потреба од разбирање и помош.

Што значи ова? Ова значи институционална, ама и лична борба за надминување прво на предрасудите, на стереотипите и грижа за најранливите, односно барем да се обидеме да ги согледаме Ромите и нивниот живот со ромски очи, оти само така ќе можеме да ги урнеме видливите и невидливите ѕидови коишто сѐ уште ја изолираат и маргинализираат ромската заедница и да превземеме чекори во правец на нејзино вклучување во општествениот и политичкиот живот, во одлучувањето. Така ќе креираме инклузивна, наместо ексклузивна политика, па и политика на домување. Во општините со доминантно ромско население мора да се практикуваат исти урбани стандарди, вклучувајќи ги оние на домување како и во другите општини.

Значи домувањето не е реторичко прашање, туку потежок животен проблем за Ромите. Значи не е само персонален семеен предизвик, туку социјален за општините за државата да се грижи за најсиромашните категории на луѓето.

Домот мора да гарантира и да овозможи пристоен живот, тоа е претпоставка за индивидуален, ама и колективен и општествен одржлив развој и прогрес. Никој не смее да биде заборавен, велиме ние, ова го повторувавме неодамна и во Севиља, ама особено не смее да биде заборавен во држава која се декларира како социјална. Децата, дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци или Роми, мора да имаат еднакви шанси за напредок. Значи, ние имаме неискористена енергија, знаење, ум, креација. Не можеме да зборуваме за социјална сигурност ако некои наши сограѓани живеат во неизвесност, свесни дека нивните домови можат да бидат срушени, нивните гласови нечуени, нивните права игнорирани.

Сепак, да не звучам многу песимистички, не почнуваме ние од нула, или многу ми се допадна и ме засрами она предупредување на шведската амбасадорка во заминување, кога рече дека не е сè катастрофа во оваа земја, како што постојано велите за сè, јас сум катастрофа, сè е катастрофа. Не е катастрофа. Сум сретнала политичари кои не се катастрофа, сум сретнала луѓе кои не се катастрофа, сум сретнала членови на невладини кои се далеку од катастрофа. Ама, изгледа овој збор многу кажува. Да кажам дека имаше многу иницијативи и има иницијативи на локално и на национално ниво за конечно законско регистрирање на домовите, ние сме ретка земја, да се замислиме зошто, мислам, јас како правник знам, немаме регистер на државна и на општинска сопственост, тоа е многу интересен феномен, а имаме државно Правобранителство коешто би требало ова да го стори. Зошто мислам дека е ова важно? Зошто во Собранието ние направивме нешто за прв пат во Европа, ако се сеќавате. Законски ги регистриравме и евидентиравме заедно со УНИЦЕФ, невидливите граѓани, тоа е за прв пат во некоја европска држава, значи далеку од катастрофа сме во овој поглед и така им овозможивме да ги уживаат основните човекови права. Мора да се погрижиме и градоначалниците и советниците и Владата за подобрување на инфраструктурата. Потребни се посебни мерки на грижа и заштита на ромските семејства, соодветени на проблемите со коишто се соочуваат. Мислам на социјалната сигурност, оти јас како правник сум професионално деформирана и укажувам на членот 35 од Уставот, посебна грижа за семејството во духот на членот 40 од Уставот. Значи треба, особено е важна посебна заштита на децата без дом и без родителска грижа.

Тврдам и дека граѓанското општество имаше и има витална улога во согледувањето на овие проблеми и јас уште еднаш им благодарам на меѓународните партнери кои учествуваат во, да речам, лекувањето на овие проблеми.

Значи сепак, сѐ уште, напредокот е бавен и фрагментиран, борбата против дискриминацијата не може да им ја препуштиме само на државните институции, сите треба да се вклучиме во неа.

Потребно е нешто на што јас постојано ги охрабрувам моите студенти и оние околу мене, неколку преумни, морам да кажам, Роми. Едниот сум го запознала, благодарение на Комисијата за превенција и заштита од дискриминација, кога на конкурсот пратениците не гласаа за најумниот и тој со најдобро CV, а беше Ром, туку за оние коишто беа повеќе по мерка на политичките партии. И помните дека јас тогаш напишав еден пост. Што треба да направи некој кога е не само најобразован и најумен, кога е Ром, за да биде примен таму каде што му е местото. Штом станав претседателка јас веднаш му се јавив на тоа момче, се разбира, и тој е во Советот за млади, а како што знаете наградата што ја прими во Европскиот Парламент е нешто прекрасно. Треба да ги инспирираме, а тие ќе инспирираат други. Значи треба автентично, искрено, квалификувано и посветено политичко претставништво на ромската заедница. Морам да кажам, во политиката, за жал или за среќа, не знам, се носат најважните улоги. Ако во политиката се вклучат, гледам и овде некои од нив, умни, доблесни, образовани, квалификувани Роми, тогаш полесно ќе се остварат заложбите бидејќи тие најдобро знаат на кој начин да го сторат тоа. Значи, ромските политичари мора да ги заменат личните и теснопартиските интереси со оние на заедницата, борејќи се за рамноправност и еднаквост со другите граѓани. Тврдам дека само заедно ќе може да ја крунисаат борбата со успех.

Форумите, како овој овде, разговорите за еднаквост се многу важни во градењето свест за неодржливоста на состојбата на Ромите во македонското општество, вклучувајќи ја и сферата на домувањето, како реков, една од најважните.

Но, промената бара повеќе од добри намери. Треба посветеност, доследност, треба институционална соработка, треба интерсекторска соработка, треба постојана комуникација и заедничка активност на централната и на локалните власти, дијалог меѓу владиниот и невладиниот сектор, како и меѓународна соработка.

Мора да развиваме емпатија за најсиромашните и најзагрозените. Значи, мислам дека е потребна политичка храброст да им се даде приоритет на правдата на оние кои најмалку ги поседуваат.

На нашите сограѓани Роми, на моите сограѓани Роми, секогаш им велам дека не сте дојденци, не сте гости во оваа земја. Таа е ваш дом. Не заслужувате маргинализација ниту дискриминација, туку отворена поддршка. Дискриминацијата и маргинализацијата мора да ги испратиме во историјата. Мора да сториме нешто повеќе за рамноправност, бидејќи ромските права, вклучувајќи го и правото на граѓанско право, човечко право, на пристоен дом и домување, заслужуваат почит.

Во тешката историја, тежок живот поминале Ромите, и сѐ уште, вие покажавте и Ромите покажаа храброст и голема отпорност на неволји, неверојатна способност за адаптација, желба за соживот. Што значи тоа? Тоа нѐ води кон заклучокот дека не се работи, кога е во прашање борбата за достоинствено домување, тоа не е само ромска, туку е државна, човечка, политичка, граѓанска обврска. Зошто секој индивидуален дом е дел од еден мозаик што се вика општествен дом!

Значи мора да сфатиме дека легалното домување, безбедното домување, пристојното домување не е привилегија, тоа е општо право, тоа е неопходен стандард, тоа е услов за личен и семеен живот.

Да не останеме на крајот, велам, на разговори. Тие се важни, но да работиме заедно на елиминирање на дискриминаторските практики, како во зонирањето. Јас сум голем противник на живот во фавели. Мислам дека во градењето треба друг пристап да направиме, да ја поддржиме правната регистрација и документација, да вложиме во инфраструктурата, да ја третираме ромската заедница како рамноправен партнер во носењето одлуки, а не како примател на помош. Тоа е навредливо.

Еднаквоста, значи, не се постигнува само преку говори, туку преку мерлива, видлива, одржлива акција. Затоа, јас на крајот, уште еднаш благодарност до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, до Институтот „Лудвиг Болцман“, навистина за креирањето на оваа платформа.

На сите благодарност, на оние што секојдневно се борат за вклучување, за пристап, за правда, за остварување на правото на домување.

Јас ќе ја потврдам мојата посветеност на работата, мислам дека таа мора да вроди со амбиент во којшто ниту едно дете, родител и семејство нема да се чувствуваат исклучени поради својата етничка припадност и секој ќе може да живее безбедно и достоинствено на место коешто ќе си го нарекува „мој дом“!

Благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Падна снег во Нов Зеланд (ВИДЕО)

Антарктички студен бран погоди делови од Јужниот Остров на Нов Зеланд, носејќи снег на нивото на морето и ниски температури што ги затворија патиштата и го нарушија работењето на училиштата.

Падна снег во Нов Зеланд (ВИДЕО)

Снегот го покри Данидин, вториот по големина град на Јужниот Остров, поради што полицијата ги повика луѓето да избегнуваат секакви патувања освен неопходните, предупредувајќи на заледени патишта, објави Ројтерс.

„Полицијата утрово доби бројни пријави за сообраќајни несреќи низ Данидин, при што некои возила се лизнаа од патот. За среќа, немаше повредени“, соопшти полицијата на Нов Зеланд на социјалните медиуми.

Скијачите и сноубордерите ги искористија снежните врнежи за да се тркаат по улицата Болдвин во Данидин, за која се вели дека е најстрмната станбена улица во светот, објавија локалните медиуми.

Посеверно, снег падна и на плажата Њу Брајтон во Крајстчерч, каде што беше видлив на песокот.

Времето предизвика откажување на сите автобуски услуги во градот, додека фериботските услуги помеѓу Северните и Јужните Острови се суспендирани поради силни ветрови и високи бранови.

YouTube video

Новозеландската метеоролошка служба соопшти дека се очекува студениот бран да трае уште два дена, со снег или лапавица што ќе паѓа речиси до нивото на морето низ источниот дел на Јужниот Остров.

Метеоролозите предупредија дека четврток наутро може да ги донесе најниските температури во годината во многу делови од Нов Зеланд.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Можете ли да го користите телефонот додека се полни?

И дали треба да ја оставите батеријата целосно да се испразни пред повторно полнење?

Можете ли да го користите телефонот додека се полни?

Денес, толку сме приврзани за нашите паметни телефони што чувствуваме потреба да ги користиме дури и додека се полнат. Но, можеби се прашувате дали користењето на телефонот додека се полни може да влијае на животниот век на батеријата.

Краткиот одговор е не. Иако вашиот телефон може да се полни побавно ако не го оставите сам да го заврши процесот, користењето на телефонот додека се полни генерално не влијае на животниот век на батеријата. Ова во голема мера се должи на технологијата за полнење со бајпас и системите за дисипација на топлина.

Со полнењето со бајпас, кога ќе го вклучите телефонот во полнач и ќе продолжите да го користите, вашиот телефон ја пренасочува енергијата од полнењето на батеријата кон директно стартување на апликациите, ефикасно паузирајќи го полнењето. Ова обезбедува добро корисничко искуство, но исто така ја штити батеријата на вашиот телефон од топлина што може да ја оштети. Користењето на телефонот за тешки активности, како што е играње игри, може да предизвика уредот да се прегрее, па оваа функција помага да се спречи тоа.

Недостатокот е што кога ќе го исклучите телефонот по напорна активност како што е видео монтажа или играње игри, процентот на батеријата веројатно нема да се зголеми многу, ако воопшто се зголеми. Тоа е затоа што енергијата оди директно до уредот за да го напојува, а не до батеријата.

Еден од првите примери за премостено полнење беше на „Sony Xperia 1 II“ во 2020 година, наречен „Heat Suppression Power Control“. Денес, оваа функција е достапна на многу врвни паметни телефони од водечки брендови, вклучувајќи ги „Samsung“, „Google“, „Xiaomi“ и „ZTE“. Сепак, имајте на ум дека „Apple iPhone“ сè уште не ја поддржува оваа функција. Дури и без неа, вашиот телефон ќе се полни побавно ако го користите додека е на полначот. Ако забележите дека вашиот телефон се прегрева, престанете да го користите за да спречите оштетување на батеријата. Повеќето модерни телефони имаат напредно управување со батеријата и системи за дисипација на топлина кои помагаат во контролата на зголемувањето на температурата.

Значи, иако користењето на телефонот додека се полни не е лоша навика само по себе, добра идеја е да го избегнувате кога е можно. Ако треба да проверите порака, да се јавите некому, да фотографирате или да објавите нешто брзо – можете да го направите тоа без никакви проблеми. Кога треба да го користите за потешки задачи, внимавајте на прегревање, но не грижете се дека тоа ќе ја оштети батеријата на вашиот телефон. Телефонот едноставно нема да се полни со вообичаената брзина.

Заблудата дека не треба да го користите телефонот додека се полни е само еден од многуте митови за полнењето и продолжувањето на животниот век на батеријата. Друга заблуда е дека не треба да го оставате телефонот на полначот преку ноќ. Ова не е вистина. Иако ова значи дека мала количина „скриена“ електрична енергија се влече од штекерот, вашиот телефон нема да се „преполни“. Сите најнови телефони имаат вградени заштити што престануваат да се полни штом уредот достигне 100 проценти. Уште повеќе, многу паметни телефони ги учат вашите навики и го оптимизираат полнењето со забавување на полнењето на самиот крај за да ја зачуваат батеријата и во исто време да обезбедат телефонот да биде целосно наполнет до утрото.

Исто така, не треба да дозволите батеријата целосно да се испразни пред да се полни. Всушност, за да го продолжите животниот век на батеријата на вашиот телефон, подобро е да ја полните кога нивото на полнење е помеѓу 20 и 80 проценти, отколку да чекате целосно да се испразни.

Заклучок: Користењето на телефонот додека се полни не треба да ѝ наштети на батеријата, освен ако не предизвика прегревање. Сепак е добра идеја да ја ограничите употребата кога е можно - првенствено за да ја наполните батеријата што е можно побрзо, а не за да ја заштитите.

Извор: Б92

Фото: ВИ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Речиси четвртина милион евра беа украдени од банкомат во Хрватска

Хрватските истражители разоткриваат криминална мрежа која украла околу 250.000 евра од хрватска банка преку софистициран компјутерски напад. Парите биле подигнати од банкомат кој претходно бил опремен со хакерски уреди.

Речиси четвртина милион евра беа украдени од банкомат во Хрватска

Сè уште не е сосема јасно дали станува збор за таканаречен напад со „host spoofing“ или за напад со црна кутија, но во секој случај банката изгубила речиси четвртина милион евра. Сето тоа се случило на почетокот на март минатата година кога банката пријавила дека парите исчезнале.

Досега, банкоматите во Хрватска главно биле цел на крадци кои користеле разни експлозии за да ги провалат.

Како биле разоткриени крадците?

За време на полициската истрага, истражителите пронашле електронски уред во самиот банкомат кој бил поврзан со неговите инсталации, а друг дел од уредот, за кој се верува дека бил користен и во нападот, бил пронајден во блиска корпа за отпадоци.

Потоа истражителите почнале да анализираат видео надзор. Набрзо воспоставиле меѓународна полициска соработка преку Европол и Интерпол. Бидејќи очигледно станува збор за меѓународна криминална мрежа, на овој начин биле добиени корисни информации.

Во меѓувреме, се испитани уредите што беа инсталирани во самиот банкомат со цел да се хакира и да се добијат парите. Според Индекс, само еден член од овој криминален синџир е уапсен во Хрватска. Тој е венецуелски државјанин, но истрагата вклучува неколку негови сонародници.

Сè уште не сме потврдиле дали украдените пари се веќе пронајдени.

Нарушена работата на банкоматот

Инаку, измамата на „host spoofing“ е напад врз комуникацијата помеѓу банкоматот и централниот систем на банката или процесорот за картички што одобрува подигнување пари. Со секоја трансакција, банкоматот испраќа барање за авторизација и чека одговор дали е дозволено подигнување готовина. Напаѓачот се вметнува во оваа комуникација и го пресретнува, менува или заменува одговорот на банката.

На пример, пораката за одбивање на трансакција може да се смени во лажно одобрување. Во друга варијанта, барањето за банкомат воопшто не стигнува до легитимниот систем, но уредот на напаѓачот се претставува како банкарски систем и испраќа команда за подигнување. Во исто време, банкоматот верува дека трансакцијата е правилно одобрена, иако банката не дала согласност и сметката не е нужно задолжена.

Нападот со црна кутија функционира поинаку.

Што точно е црна кутија?

Напаѓачите обично физички го отвораат или оштетуваат куќиштето на банкоматот за да дојдат до каблите и електронските компоненти поврзани со модулот за издавање банкноти. Тие го поврзуваат својот уред со него, таканаречената црна кутија, која директно испраќа команди за исфрлање на готовината.

Таквиот напад припаѓа на група напади познати како џекпотирање, чија цел е да го принудат банкоматот да исфрли поголем дел или сите пари од касетите. За разлика од „host spoofing“, во кое банкоматот е измамен со лажно овластување, кај нападите со црна кутија вообичаениот компјутер и систем за овластување најчесто се целосно заобиколени.

Името црна кутија не мора нужно да се однесува на изгледот на уредот. Тоа е општо име за неовластен надворешен уред што напаѓачите го користат за да се обидат да ја преземат контролата врз модулот за исплата. И двата напади се разликуваат од скимирањето бидејќи нивната примарна цел не е да крадат податоци од картичката и ПИН-от, туку директно да предизвикаат неовластено подигнување готовина.

Извор: Индекс.хр

Фото: ВИ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер