Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик - Канал 5

Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик

Денеска, на иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема:„Климатски промени - ризици и предизвици“, модерирана од проф. д-р Владо Спиридонов, во својство на член на Советот за безбедност.

Сиљановска-Давкова: Климатските промени се глобален, регионален и национален безбедносен предизвик

Во воведното обраќање, претседателката предупреди дека климатските промени ги засилуваат постојните економски, социјални и безбедносни ризици.

Според неа, време е за премин од реактивно кон превентивно дејствување, преку рано предупредување, координција, соработка меѓу институциите и интегрирани политики.

За неа, енергетската транзиција и намалувањето на зависноста од фосилни горива се клучни, но тие мора да се спроведуваат на начин што нема да ја наруши стабилноста и одржливиот развој.

Покрај претседателката, поздрави обраќања имаа и дoц. д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска – МЖСПП, национална координаторка за климатски промени и контакт лице со UNFCCC и проф. д-р Владо Спиридонов, модератор на тематската седница и член на Советот за безбедност.

д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска во своето воведно обраќање насловено како „Институционален статус, тековни активности и Законот за климатска акција“, се осврна на националната легислатива, европското законодавство и реформите од Планот за раст, врзани за климатските промени.

Проф. д-р Владо Спиридонов ги презентираше климатските сценарија 2026-2100 и алгоритмите за предвидување на природните непогоди.

Дебатата се одвиваше во три сесии.

Во првата сесија, насловена „Институционална рамка и законска регулатива за климатски промени, квалитет на воздух и здравствени последици“ говореа: проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, Анета Стефановска, раководителка на одделение за мониторинг на квалитет на воздух во МЖСПП, прим. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ и д-р Наташа Марковска, научен советник во ИЦЕОР-МАНУ и контакт лице со IPCC.

Втората сесија се фокусираше на климатските ризици, отпорноста и иновативните мерки за адаптација. Во нејзини рамки дебатираа панелистите: проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје, проф. д-р Никола Николов, декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршен директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, Goldman Environmental Prize Winner 2019, м-р Васко Поповски, независен експерт со меѓународно искуство во намалување на ризици од катастрофи, климатска адаптација и отпорност и Борис Секирарски, дипл. инж. метеоролог и иноватор.

На третата тематска сесија, под наслов „Интегрирано управување со води, квалитет на водите, георизици и адаптација на земјоделството“ дискутираа: проф. д-р Иван Блинков од Шумарски факултет, проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултет за земјоделски науки и храна, проф. д-р Соња Липиткова од Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, Факултет за прирoдни и технички науки и проф. д-р Катерина Дрогершка од Институтот за сеизмологија.

Во долгата, стручна и плодна дискусија, пропратена со бројни прашања и аргументирани одговори, беа предложени не само низа мерки за превентивно делување, туку и иновативни решенија за адаптација.

Низ темелна опсервација, пропратена со релевантни податоци, компаративни анализи, докази, предвидувања, присутните добија јасна слика за: управувањето со квалитетот на воздухот, влијанието на аерозагадувањето врз здравјето, актуелните истражувања, иновациите и образованието во климатските системи, моделите за управување со климатските екстреми, спречувањето во борбата со пожарите, заштитата на водните ресурси и екосистеми, улогата на геологијата во служба на климатската адаптација, како и влијанието на климатските промени врз сеизмичките ризици.

Конференцијата заврши со предлог заклучоци и препораки, коишто ќе бидат доставени до Советот за безбедност, релевантните институции и јавноста.

Во прилог го проследуваме обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:

Почитувани експерти,

Драги професори,

Ценети гости,

Денес, кога зборуваме за климатските промени, не зборуваме за нешто далечно и апстрактно, туку за реалност којашто секојдневно ја живееме низ летата што траат подолго отколку што сме навикнале, низ воздухот, збогатен со PM честички, низ водата што станува загадена и недоволна, низ шумите што исчезнуваат.

Се потсетувам на Жан Жак Русо и неговиот Општествен договор, како договор на рамноправни индивидуи-граѓани. Но, Мишел Сера го напиша Природниот договор како договор меѓу Планетата Земја и луѓето, којшто подразбира рамнотежа, одговорност и свесност дека човекот не е одвоен од природата, туку нејзин партнер. Токму затоа, оваа тема не е само научна, ниту само политичка, туку длабоко човечка.

Ако до вчера климатските промени ги доживувавме како предупредување, а природата како неисцрпен ресурс, денес веќе ги живееме како последица, тука, околу нас, не само како промена во природните циклуси, туку како директен притисок врз секојдневниот живот и економијата. Земјоделството, коешто отсекогаш зависело од предвидливоста на природата, денес се соочува со несигурност што не се памети: една година суша, друга поплави, една година род, друга загуба, што го прави планирањето сè потешко, а ризикот сè поголем. Воздухот што го дишеме одамна престана да биде само еколошко прашање, туку сè повеќе станува прашање на здравје и на безбедност, а најсиромашните држави и најранливите категории заедници и луѓе први ја чувствуваат тежината на оваа состојба. Енергетиката, денес се наоѓа во центарот на глобалните предизвици: согорувањето на фосилни горива со децении придонесува за зголемување на температурите, додека климатските екстреми сè повеќе го загрозуваат самото производство и снабдување со енергија. Со војната на Блискиот Исток, како да стивна дебатата за обновливи извори на енергија.

Но, ова не е само национален предизвик, туку дел од поширока глобална слика во којашто светот станува сè поповрзан, но и сè покревок. Климатските промени не се одвиваат изолирано, туку во сплет со други кризи, правејќи ги посложени и потешки за менаџирање. Фактот што тие се во фокусот на Обединетите нации јасно укажува дека станува збор за прашање со глобални импликации и заедничка одговорност. Доволно е да фрлите поглед во енергетски чувствителните региони, како Блискиот Исток, каде што во услови на конфликти не се уништува само инфраструктурата, туку се создаваат и сериозни последици врз животната средина, преку зголемени емисии, загадување и долгорочни штети. Не гинат само луѓе, туку и билки и животни.

Климатските промени се опишуваат како мултипликатор на ризици, зашто не создаваат само нови предизвици, туку ги засилуваат постојните: она што вчера било економски проблем, денес станува социјален, а утре и безбедносен. Податоците дополнително ја потврдуваат сериозноста на овие процеси. Во последните години, екстремните временски и климатски настани предизвикаа значајни економски штети и загуби на ресурси, што директно се одразува врз развојните можности. Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики.

Се прашувам: Дали најсериозната димензија е онаа што не се гледа веднаш? Кога ресурсите стануваат ограничени, а потребите растат, се создава простор за тензии, за миграции и за постепено нарушување на општествената стабилност, што го прави овој предизвик далеку поширок од рамките на животната средина.

Нашиот Устав ја препознава заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок. Денес, таа вредност не може да се разгледува изолирано, туку и во контекст на безбедноста, имајќи предвид дека ризиците од климатските промени директно влијаат врз функционирањето на општеството и институциите. Иако оваа вредност е уставна материја, сеуште го чекаме Законот за климатска акција. Згора, далеку сме од соодветно почитување на Законот за заштита на природата и животната средина.

Потребна е промена во начинот на којшто размислуваме, планираме и одлучуваме, зашто долго време функциониравме реактивно, односно „пост фестум”, наместо превентивно, односно “ex ante”. Преминот кон превентивно делување станува неопходен, при што интегрираниот систем за рано предупредување е дел од решението, заедно со координацијата меѓу институциите и соработката, а транзицијата кон нискојаглеродна економија отвора сериозни и неодложни прашања.

Како да обезбедиме сигурност, а да ја намалиме зависноста од фосилни извори? Како да воведеме одржливи практики, а да го зачуваме животниот стандард?

Ако продолжиме да живееме спротивно на природните закони, ниту еден систем нема да може да ги амортизира последиците, што укажува дека заштитата на животната средина не е само правна обврска, туку и одговорност кон иднината. Прашањето што значи сето ова за нас не е апстрактно, туку многу конкретно. Македонската држава не е изземена, напротив, особено е чувствителна на овие процеси, имајќи ги предвид и природните услови и економската структура. Направени се чекори, донесени се стратегии, планови и законски решенија, но клучното прашање останува нивната примена, зашто документите сами по себе не создаваат резултати ако не се спроведуваат доследно. Охрабрувачки е тоа што се очекува и донесување на Законот за климатска акција, како важен чекор кон воспоставување појасна и покохерентна рамка за делување.

Почитувани,

Климатските промени не се процес што се адаптира на нашите рокови или на нашата подготвеност. Тие се одвиваат со сопствена динамика, па затоа одговорот не може да биде одложен ниту фрагментиран, туку бара координирано дејствување засновано на знаење, соработка и јасна свест за заедничката одговорност.

Свесна дека е во прашање сериозна безбедносна тема, за член на Советот за безбедност, го именував проф. д-р Владо Спиридонов, со цел да се зајакне експертската и аналитичката димензија во разгледувањето на овие прашања.

Денешните тематски сесии се особено важни зашто овозможуваат согледување на предизвиците од различни агли, како и поставување поцврста основа за понатамошно дејствување. Нивната вредност нема да се мери само со тоа што ќе се каже денес, туку со тоа што ќе следи потоа, со способноста заклучоците да се преточат во конкретни чекори, во применливи политики и во одлуки што ќе имаат долгорочен ефект.

На крајот, се сè сведува на едно многу едноставно прашање: Дали ќе научиме да живееме во хармонија со природата, или ќе продолжиме да војуваме со неа, итајќи кон суицид. Природата не се приспособува на нас, туку ние треба да се приспособиме на неа, ако сакаме да опстанеме. Зашто, ние не можеме без неа, а таа може без нас.

Ви благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео- фото: Протести низ Франција, затворени 400 училишта

Се очекува денес во Франција да останат затворени околу 400 училишта, откако студентските протести – поттикнати од прашања поврзани со образовниот систем – во некои области прераснаа во насилство.

Видео- фото: Протести низ Франција, затворени 400 училишта

„Според информациите со кои располагам, нешто повеќе од 400 училишта и други образовни установи ќе бидат затворени“, изјави синоќа францускиот министер за образование Едуар Жефре на телевизискиот канал „Франс 2“.

Според извор близок до министерот Себастиен Лекорну, разузнавачките служби на кризниот состанок во четвртокот известиле дека протестното движење било поттикнато од крајната левица, вклучително и од членови на партијата „Непокорена Франција“ (LFI).

Пратеникот од LFI, Луј Бојар, ги отфрли овие тврдења во изјави за француските медиуми.

Протестите поради недостигот на наставници и дотраените училишни згради избија во областа на Париз минатиот месец, но станаа сè понасилни како што се ширеа низ земјата.

Во четвртокот, ученици подметнале пожари во најмалку две средни училишта, додека наставници во трето училиште во јужниот град Марсеј биле случајно испрскани со бензин, соопштија надлежните.

Најмалку еден автомобил бил запален во Стразбур, на истокот на земјата, а полицијата за разбивање демонстрации се судрила со млади луѓе во Тулуз, на југозапад.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Николоски од Брисел- Посветно ги спроведуваме реформските процеси и Планот за раст на ЕУ

Поддршка за проширувањето на ЕУ е голема , јавното мислење е со голема подршка за членство во ЕУ. 

Николоски од Брисел- Посветно ги спроведуваме реформските процеси и Планот за раст на ЕУ

Македонија успешно ги спроведува реформските процеси, бележи трет најголем економски раст во Европа од 4,3% раст на БДП во вториот квартал, целосно сме посветени и целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, истакна заменик претседателот на Владата на панел дискусијата посветена на проширувањето на ЕУ, во организација на тинк тенк орагнизацијата “Пријатели на Европа” што се оддржува денеска во Брисел.

“Што се однесува до реформите, генерално добро се справуваме. Беше споменат Планот за раст, сè што беше побарано од нас, направивме. Економијата буквално бележи рапиден раст. Во вториот квартал од оваа година имаме раст на БДП од 4,3%, што е трет највисок во Европа. Она што е многу важно за мојата земја: имаме политичка, економска, но и меѓуетничка стабилност и кохезија, нешто кон кое стремевме во минатото. кога ќе јагледнете целата слика, земјата се движи во добар правец. Целосно сме посветени и усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија — не 80%, не 90%, туку 100%. Единствената причина зошто не напредуваме, за жал е ова вето од Бугарија” – се обрати Николоски.

Тој истакна дека поддршка од ЕУ е голема за Македонија. Голем сигнал е тоа што претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен доаѓа во Скопје.

“Сега работите дефинитивно се менуваат. Секако, ситуацијата со Украина и Молдавија му помага на целиот процес на проширување и тоа треба да се искористи. Постои интерес за регионот. Претседателката Фон дер Лајен доаѓа во Скопје — беше во Албанија, Црна Гора, Косово и доаѓа во Македонија, што е одличен сигнал. Се надевам дека ќе се најде механизам што Европската Комисија ќе може да го искористи и да ги отвориме пристапните преговори. Отворените прашања со соседите мора да се решат на еден или друг начин, но сметам дека атмосферата ќе биде многу порелаксирана и позитивна ако ги започнеме преговорите” – рече Николоски.

На панелот, тој потенцира дека успехот на регионот е заедничкиот настап и тоа веќе се препознава преку економскиот раст на регионот, преку развој на туризмот и развој на ависообраќајкот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети се Груби, Бајрами, и уште шест лица

Денеска продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети поранешниот прв вицепремиер, Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.

Продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети се Груби,  Бајрами, и уште шест лица

Според обвинението, тие со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од над 9 милиони евра сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер