Сиљановска-Давкова: Имаме должност да го сакаме, чуваме, развиваме македонскиот јазик - Канал 5

Сиљановска-Давкова: Имаме должност да го сакаме, чуваме, развиваме македонскиот јазик

Имаме должност да го сакаме, чуваме, развиваме и промовираме македонскиот јазик.

Сиљановска-Давкова: Имаме должност да го сакаме, чуваме, развиваме македонскиот јазик

Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме, обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите, се вели во пораката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

- Денеска, на 5 Мај, праќаме важни пораки за македонскиот јазик до сите Македонци, каде и да се, до познавачите и до почитувачите на македонскиот јазик, до идните поколенија Македонци. Денеска, камбаните одѕвонуваат на македонски јазик и за македонскиот јазик, не само тука, во татковината, туку секаде каде што се оние со кои ист јазик зборуваме и на ист јазик се разбираме ние, Македонците. Денес, сите говорители, вљубеници, јазикољупци, почитувачи, проучувачи, посветеници на големиот, убавиот, милозвучниот македонски јазик беседат за него и на него. Пораки за македонскиот јазик ќе праќаат и по мене и по нас, оти додека нè има, ќе го има и него: јазикот наш насушен. Без македонскиот јазик не ќе можевме да испраќаме пораки на македонски, ниту да бидеме негови мисионери, стои во пораката.

Нам, македонскиот јазик, како што наведува, ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона.

- Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација. Близнак со народниот дух, македонскиот јазик битисувал во лошо и во добро низ вековите, зреел со македонскиот народ, растел и се збогатувал со новите зборови што никнувале за да ја изразат народната болка и радост, се калел и калемел во содејство со блиските јазици, плачел, шепотел, пеел, играл, им пркосел на оспорувањата и негирањата, опстојувал. Чест ни е што сме потомци на епохалните мисионери, Светите Кирил и Методиј, личности - филозофи кои ни ја дариле светлината на словото, писменоста, уката и културата, позлатувајќи нè со азбука, писмо и писменост не само нас, туку и сиот словенски свет, се вели во пораката.

Претседателката Сиљановска-Давкова потсетува на Константин Филозоф, кој во мугрите на сесловенската и македонска писменост, пред светската историја на совеста, гласно запраша: „Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво?“

- Нè огреа и не просвети учителскиот блесок и нас, на Светите Кирил и Методиј, кои со верните и посветени ученици, Светите Климент и Наум го просветлија словенскиот и македонскиот свет со писмо, образование и наука. Мракот беше победен од светлината, незнаењето беше поразено од знаењето со помош на словенските јазици, меѓу кои и македонскиот, словенските народи, а меѓу нив и македонскиот се описменуваа. Грандиозната дејност на Охридскиот книжевен центар на Свети Климент Охридски, поддржан од Свети Наум е монументален чин и чекор во описменувањето, што снажно ја поткрепи и поттикна мислата, овозможувајќи ѝ јазично да се изрази. Во прашање е „моќно придвижување“, според Блаже Конески, со што се трасираше и се отвори патот за епопејата на македонскиот јазик којшто храбро тргна напред, најпрво како прасловенски јазик, старословенски јазик ‒ првиот книжевен јазик на сите Словени, создаден врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун, наведува Сиљановска-Давкова.

Таа потсетува дека јазичната еволуција се одвива од глаголицата, преку старословенската кирилица, кон современата македонска кирилична азбука.

- Средновековната писменост и култура сведочат за континуиран развој на македонскиот јазик. Пробивот на народниот македонски јазик од ракописите од 16 век до преродбата во 19 век е значајна етапа во неговата историја. Со и низ развојните фази на македонскиот народен јазик низ вековите растеше идејата за македонски литературен јазик и македонска самобитност, а расцвета со аргументираната научна кодификација на великанот Крсте Мисирков во делото „За македонцките работи“. Повеќевековниот развој на македонскиот јазик доживеа законска кодификација во 1945 година, чин на крунисување на вековните стремежи на Македонците. Да укажам, по којзнае кој пат, дека може да се кодифицира само нешто што постои. Не се измислува јазик. Кодификацијата на македонскиот јазик се реализира преку: Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија од 2 август 1944 година, Решението на Президиумот на АСНОМ за донесување на азбуката на 5 мај 1945 година и официјалното усвојување на македонскиот првопис на 7 јуни 1945 година. Така се остварија вековните идеали и стремежи да се изразуваме на македонски литературен јазик, да учиме и да се образуваме на македонски јазик, да имаме свој македонски литературен јазик, стои во пораката.

Претседателката посочува дека по кодификацијата во 1945 година следуваше објавувањето на капиталните дела од науката за јазикот: граматиката, историјата на македонскиот јазик, речникот на македонски јазик, со што јазичниот процес се заокружи во јазичен систем и во јазична целина.

- Уште еднаш да потврдам и да потенцирам дека влогот на великанот Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик, во науката за јазикот и во македонистиката е монументален. Мора да го споменеме и исклучителниот придонес на Круме Кепески, но и на плејада домашни и странски македонисти, филолози и лингвисти, чии камења во темелите и во ѕидовите на македонистиката, од неа направија цврста куќа!Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет. Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот, се вели во пораката.

Втората половина на 20 век и двете и пол децении на 21 век, како што се наведува, се значајна етапа на подемот на македонистиката, домашна и странска, како стабилна, студиозна, аргументирана и светски призната филолошка и културолошка наука. Современата наука за македонскиот јазик, науката за книжевноста и културата бележат врвни достигнувања, а извонредни дострели и ремек-дела остваруваат македонската литература, уметност и култура.

- Македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата. Македонскиот јазик е жив и животворен, тој врие од енергија, отвора, раѓа и породува нови видици и светови, менува светогледи. На него сонуваме, создаваме, остваруваме, векуваме. Во македонскиот јазик е врежан македонскиот код, вградена е нашата сушност и посебност, на него е исткаена нашата меморија, со него ја живееме сегашноста, одиме по свое во иднината. На македонски сè уште шепоти пирејот, на македонски зборува непокорот, со македонскиот се мечтае за „белите мугри“, на македонски е навезена „Везилка“ и напишана едната и единствена македонска приказна, повеќе тажна, одошто весела. Јазикот, македонскиот ни јазик е наша молитва, наша поезија, наша драма, наш еп, наш роман-река. Со македонскиот јазик градиме мостови меѓу културите, преминуваме пречки, се разбираме. Преку јазикот го креираме системот на вредности како култура на дијалог, соработка, хуманизам, човекољубие, миротворство и космополитизам, оти нам преку речта, како на Рацина: „куќа цел свет братски ни е“.Нашиот македонски јазик е мисија на сите нас: државните органи, институциите, образовниот систем, академската, научната и општествената заедница, граѓаните, индивидуите, луѓето, се вели во пораката.

Сиљановска-Давкова изразува и искажува огромна почит кон сите македонисти, кон сиот образовен, академски и научен потенцијал, кон академиците, професорите и истражувачите, поетите и писателите, наставниците и учителите, лекторите во земјава и во странство, библиотекарите, кон сите говорители и љубители на македонскиот јазик, кон јазикољупците коишто од него прават уметност.

- Лично, како човек и како претседателка на државата, со страст размислувам и говорам на македонски, ја почитувам, силно ја поддржувам и афирмирам македонистиката, секогаш и секаде: дома и во светот. За особено важна ја сметам институционалната поткрепа на македонистиката преку дејноста на Советот за македонски јазик, работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, лекторатите по македонски јазик, дејноста на високообразовните и научни македонистички институции. Очекувам и инсистирам на особена и посебна правна грижа за македонскиот јазик преку дејноста на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Координираното институционално чествување на овој голем јубилеј преку целата година е потврда на јасната определба за поддршка на македонскиот јазик. Потребна ни е национална стратегија за развој и за заштита на македонскиот јазик со третман на македонистиката како дејност од врвен национален интерес со интернационално значење, смета претседателката.

Заштитата на македонскиот јазик, како што наведува, е наша висока должност и завет, или како што вели Мисирков: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така, како што ни е наша татковината ни“.

- Денеска, на овој голем македонски ден, Ден на македонскиот стандарден јазик, 5 мај 2025 година, свечено и достојно го чествуваме големиот јубилеј „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“, но и не смееме да ги заборавиме настаните што му претходеле, оти македонскиот јазик е многу постар од стандардниот македонски јазик, или како што вели познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј во неговиот „Водич на словенски јазици“ во 1951 година: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“. Да споменам дека годинава се навршуваат 150 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), 145 години од „Слогница Речовска“, односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од одбраната на првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, како и 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН! Честит 5 Мај, Денот на стандардниот македонски јазик!, се вели во пораката од претседателката Сиљановска-Давкова.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за одложување на европската перспектива на соседот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на заeдничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за одложување на европската перспектива на соседот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на заeдничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, со единствена точка на дневниот ред – Годишниот извештај на Европската Комисија за земјава, за 2026 година.

На самиот почеток таа истакна дека македонската стратешка цел останува непромената - полноправно членство во Европската Унија, при што во процесот на преговори, доследно да се применуваат европските правила, принципи и вредности: еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги.

Сиљановска-Давкова смета дека за нашиот напредок клучни се четири димензии: недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања, отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и воопшто во самиот процес и политичката одредница за уставни измени од годишниот извештај за 2022 година.

„Мора да сториме нешто сите заедно и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон Европската Унија, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот“, рече претседателката.

Истовремено, таа изрази очекување од Европската Унија – јасно да предочи дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена.

„Реформите и уставните измени, морам да го повторам она што многупати сум го рекла: уставните измени на кои се повикува извештајот не се реформи неопходни според правото на ЕУ. Тие се наметнат услов, надвор од правото на ЕУ. Но точно е дека се дел од заклучоците’, потенцираше Сиљановска-Давкова.

За неа, македонскиот евроинтеграциски процес нема да биде лесен ниту во иднина. И затоа, смета Сиљановска-Давкова, неопходно е високо ниво на согласност меѓу политичките субјекти во Собранието, конструктивен дијалог и меѓусебно почитување меѓу трите власти, но и меѓу власта и граѓанскиот сектор, проактивност, засилено спроведувањето на реформите и почитување на мерит системот.

На крајот, таа повика на конструктивна расправа, којашто ќе резултира со надминување на слабостите и проблемите, од една страна, како и со зајакнување на позитивните страни, од друга.

Покрај претседателката на седницата говореа и евроамбасадорот Михалис Рокас, министерот за европски прашања Беким Сали, претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, како и дел од пратениците.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

Почитувани,

Го конципирав мојот говор, се разбира, најпрво со начелни ставови, но исто така и со конкретни видувања на извештајот, моја оценка, и на крајот, се разбира, би сакала, бидејќи сме во Собранието, да посочам што мислам дека Собранието може да направи за овој важен процес.

Европската интеграција, по којзнае кој пат повторувам, е стратешко, национално и државно прашање. Не е прашање на дневна политика, не е прашање на партиска политика, ниту е прашање на мандат на било која Влада. Денешната расправа, по повод извештајот на Европската комисија, е можност за сите нас уште еднаш, здраво, реално, да процениме каде сме, што сме постигнале, каде се проблемите, каде се слабостите, зошто има недостиг од напредок и каде има и како препораките да ги преточиме во конкретни обврски.

Тоа, се разбира, не може да го направиме без пошироката слика што Унијата ја проектира низ документите од последниве месеци. Извештајот за мене не е изолиран акт, туку тој е дел од поширокиот пакет кој директно нè засега нас и сите наши граѓани.

Но од самиот старт, ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да ме поколеба. Нашата цел останува истата, полноправно членство во Европската Унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности: еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги.

Би сакала, на самиот почеток, да истакнам четири димензии што според мене се особено важни за нашето напредување.

Прво, недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување и на нашиот пат кон ЕУ.

Второ, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања.

Трето, отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и воопшто во самиот процес.

И, на крајот, како резултат на првиве три димензии, политичката одредница за уставни измени преземена во јуни 2022 година, во годишниот извештај презентиран, или подготвен од бугарскиот пратеник Илхан Ќучук.

Што сакам да кажам на крајот? Мора да сториме нешто сите заедно и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост.

Во оваа смисла, сакам да посочам дека мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон Европската Унија, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот. Во добра волја, со меѓусебно почитување и реципроцитетот, да го употребам говорот на основните конститутивни акти на Европската Унија. Да се слушнеме, да се обидеме да се разбереме и кога не се согласуваме. Да не се надвикуваме, оти од високите тонови и шумот нема да се чујат умните и мудрите. Ги има од двете страни на границата, кај сите соседи. Да им дадеме простор да се искажат.

Што очекувам од Европската Унија? Како објективен брокер, да стави јасно до знаење, преку правила, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само политичка декларација. Како за другите, така и за нас.

Исто така, би сакала накусо, телеграфски, мојот поглед на Извештајот да го презентирам.

Дваесетти Извештај по кандидатскиот статус, многу читања зад нас, многу дебати во овој пратенички дом, доволно искуство за да навлеземе во суштинска дискусија за тоа како понатаму.

За самиот извештај, добро е што нема констатирано назадување. Можеме да кажеме дека е исто така добро што усогласеноста на поглавјата 10, „Дигитална трансформација и медиуми“ и 26, „Образование и култура“ е на повисоко ниво за мене. Има добар напредок во поглавјето 10, „Дигитална трансформација и медиуми, наука и истражување“ и 31, „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“, најважното за светот, за ЕУ, за Европа и за нас.

Посебно е важно високото ниво на усогласеност во поглавјето „Заедничка безбедносна и надворешна политика“, потенцирам нешто што сега е хоризонтален услов за напредок во процесот.

Меѓутоа, факт е дека ова темпо на констатиран напредок не е доволно за да го одржиме долго одржуваното високо место на усогласеност со правото на ЕУ споредено со други земји во процесот.

И во поглавја каде со години компаративно сме понапред, како, на пример, безбедноста на храната и царинската унија, сега е констатиран ограничен напредок. Во кластерот „Внатрешен пазар“ усогласеноста останува на исто ниво, години со ред, напредокот стагнира.

Од кластерот „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ ќе издвојам дека извонредно значајно за мене е поглавјето на „Животна средина“, коешто со години бележи ограничен напредок и исто така само одредено ниво на усогласеност.

Клучниот кластер „Темели“, за разлика од минатата година, има напредок, иако ограничен во областа на правосудството. Меѓутоа, не се констатира напредок, а тоа е важно, во борбата против корупцијата и во јавните набавки.

Забележан е ограничен напредок во „Правда, слобода и безбедност“, исто така област во која имаме предности и јавната финансиска контрола, а остануваат клучните слабости во некои области на имплементацијата на правата.

На места, ако фрлам поглед, констатираното ниво на усогласеност сепак можеме да кажеме дека е бавно исто како и напредокот, а некои од препораките се повторуваат. Посебно внимание, според мене, заслужуваат хроничните слабости како: недостаток на капацитети - изразен во користење на средствата во ЕУ, за што сериозно треба да размислиме, потребата од зајакнување на независните тела, координацијата на политиките меѓу институциите, бидејќи државата треба да функционира како систем.

Значајно е подобрувањето во спроведувањето на реформската агенда, видливо е дека напредокот во одредени подрачја од Извештајот е резултат на спроведувањето на реформската агенда, но мислам дека таа не е доволна како механизам за поттикнување на реформите.

Како прва земја од регионот што воспостави своја Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, со систем за ажурирање и следење, при објавени извештаи од скринингот, нашата работа на реформите, комплементарни со пристапувањето во ЕУ, може и треба да биде подинамична и посеопфатна, а овие инструменти мора да ги актуализираме.

Оваа година Комисијата обелодени докази за четири земји предводнички во процесот, изоставајќи нè нас и покрај нашите аргументи и за постигнатото ниво на усогласеност со правото на ЕУ, и за усогласеноста со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата, и дека е тоа спротивно на принципот на заслуги, тврдам јас. Меѓутоа, ова не смее да нè демотивира.

Комуникацијата на Комисијата за подготовка за поширока Европа и преглед на политиките е многу важна. Оваа година извештајот е објавен во посебен контекст, непосредно по објавувањето на Комуникацијата на Комисијата за подготовка за поширока Унија и прегледот на политиките — документи кои се основа за расправата која се води во државите членки.

Мора да им посветиме посебно внимание на овие документи, да организираме суштествена расправа и проактивен однос на домашен план, но исто така и пред државите членки на Европската Унија.

Сакам да ги поздравам иницијативите содржани во овие документи, за поефикасно одлучување и постепената интеграција, како и ставот- особено ставот, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат вклучени во преговорите како такви.

Очекуваме, и јас очекувам, дека во пристапниот процес ќе се почитува нешто на што се повикувава сите претходно, зборувам за Преспанскиот договор и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ кога државата ќе стане членка.

Реформите и уставните измени, морам да го повторам она што многупати сум го рекла: уставните измени на кои се повикува извештајот не се реформи неопходни според правото на ЕУ. Тие се наметнат услов, надвор од правото на ЕУ. Но точно е дека се дел од заклучоците.

Наша задача, како избрани од граѓаните е да ги браниме државните интереси. Истовремено, се разбира не смееме да ја заборавиме европската цел и европската агенда. Императив да го сочуваме капацитетот на реформи е за мене и да не ја губиме енергијата на наметнати теми, односно враќање во историјата.

Дека мнозинството граѓани сака во ЕУ покажуваат бројните истражувања досега. Собранието, вие, во повеќе свои декларации и резолуции, и претходните го потврдија она што граѓаните го бараа. Но ги зацртаа и нашите црвени линии во пристапниот пат. Не секогаш беа почитувани.

Ниту досега тој пат не беше лесен, нема да биде ни во иднина. За да го олесниме ќе истакнам некои работи кои за мене се клучни.

Високо ниво на согласност меѓу политичките субјекти овде во Собранието за клучните прашања од европската агенда. Прво, ние жените треба да го сториме тоа. Повеќе конструктивен дијалог и меѓусебно почитување меѓу трите гранки на власта, но и меѓу власта и граѓанскиот сектор.

Проактивност и значително засилено темпо во спроведувањето на реформите, видливи и признаени од граѓаните. Почитување на принципот на мерит, за да овозможиме знаењето, умеењето и интегритетот да придонесуваат за успешни реформи, но најмногу за еднаквост и правда.

Почитувани пратеници,

Собранието, а пред сè, Советот за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, се местото каде што треба да вложиме максимум напори за консензус за клучните прашања поврзани со нашиот европски пат.

Не случајно Лисабонскиот договор се именува и како договор за парламентите. Разликите на мислењата во парламентите се легални, пожелни и демократски. Убедена сум дека Собранието има капацитет за плодотворна дискусија за опциите, за политиките на европскиот пат, овде и во матичните комисии, вклучувајќи јавни расправи, надзорни расправи и сите други механизми што ги имате на располагање.

Ќе си дозволам да повикам на конструктивна расправа. Наместо да се исцрпуваме во меѓусебни препукувања кој придонел за констатираните слабости, да говориме за тоа како да придонесеме тие да се надминат, а добрите страни да се зајакнат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кипар протера двајца руски дипломати- се обидувале да дојдат до тајни податоци за ЕУ

Двајца руски дипломати се протерани од Кипар под сомнение за шпионажа, потврдија двајца кипарски функционери во текот на викендот, откако телевизиската станица ANT1 Live ја објави веста.

Кипар протера двајца руски дипломати- се обидувале да дојдат до тајни податоци за ЕУ

Според двајца високи владини функционери, кои зборуваа под услов да останат анонимни за случајот, кипарските разузнавачки служби открија мрежа која се обидувала да добие класифицирани информации за безбедноста на Кипар и Европската Унија.

Мрежата, исто така, се обидела да добие податоци за технологија чиј извоз во Русија е забранет со санкциите на ЕУ, изјавија функционерите за Политико.

Тие додадоа дека двајцата дипломати биле принудени да го напуштат Кипар минатата недела и се осомничени дека работеле за руската разузнавачка служба под дипломатска покритие.

Тие рекоа дека мажите биле во контакт со кипарски граѓани кои имале пристап до класифицирани информации.

POLITICO контактираше со руската амбасада во Кипар за коментар за случајот, но не доби одговор до моментот на објавување.

Москва некогаш беше еден од главните извори на странски директни инвестиции во Никозија, додека медитеранскиот остров претходно беше важен банкарски центар за руски инвеститори, вклучувајќи трговци со оружје и компании за коцкање.

Сепак, во последниве години, санкциите на Европската Унија, регулаторните притисоци и променливиот геополитички фокус ја принудија Никозија да се оддалечи од ваквите инвестиции.

Кипар, како членка на ЕУ, ги поддржува сè построгите санкции на блокот против Русија уште од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина.

Според Службата за надворешно разузнавање на Украина, европските земји протерале повеќе од 700 руски претставници од дипломатските мисии од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Неверојатна победа на шпанските фудбалери- на Мундијалот за млади постигнаа резултат од 15:0

Многумина можеби очекуваа шпанската репрезентација до 17 години да доминира над Фиџи во второто коло од Групата Х на Светското првенство до 17 години на ФИФА.

Неверојатна победа на шпанските фудбалери- на Мундијалот за млади постигнаа резултат од 15:0

Многумина можеби очекуваа шпанската репрезентација до 17 години да доминира над Фиџи во второто коло од Групата Х на Светското првенство до 17 години на ФИФА, но никој не очекуваше „Црвената фурија“ да слави со неверојатни 15:0!

Шпанците, кои имаа гол-разлика од 20:0 по две кола, веќе водеа со 6:0 до полувремето.

И не е ни чудо кога во својот состав имаат седум играчи од младинските категории на Барселона, по три од Атлетико и Реал Мадрид, но и од Селта, Жирона, Атлетик Билбао...

Апсолутно доминантен играч на овој натпревар беше Рафаел Круз од Лас Палмас, кој постигна шест гола, додека Роберто Томас и Гилермо Трухиљо го проверија противничкиот голман по три пати.

Интересно е што ова не е апсолутен рекорд и најубедлива победа на Мундијалот до 17 години, бидејќи Мароко успеа да ја победи Нова Каледонија со 16:0 минатиот ноември. Шпанската репрезентација е еден од главните фаворити за победа на ова натпреварување, па ќе видиме во остатокот од натпреварувањето дали ќе ја одржат оваа монструозна форма.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер