Сиљановска-Давкова ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards“ - Канал 5

Сиљановска-Давкова ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, денеска на церемонија во Кабинетот на претседателот ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards“.

Сиљановска-Давкова ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards“

Добитнички на наградите се:

Кристина Мукаетова - Награда за најперспективна тинејџерка,

Маја Наумовска Савеска - Награда за најголем поддржувач,

Биљана Пејоска Ристеска - Награда за највлијателна иницијатива,

Моника Симјановска Мишева - Награда за најреволуционерна улога во технологија,

Франка Граждани - Награда за жена во Web3,

Ина Најдановиќ Марковиќ - Награда за Стартап,

Гордана Клинчарова - Награда за технолошка дипломатија,

Елка Јошевска - Награда за глобално лидерство,

Софче Јовановска - Награда за животно достигнување во технологијата.

На настанот којшто е во организација на Women in Tech® Македонија во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а под покровителство на претседателката Сиљановска-Давкова беа доделени и признанија во 21 категорија.

Добитници на признанијата се:

Бојана Трајковска - Признание за најперспективна жена лидер во технологијата на годината,

Моника Јошевска - Признание за жена лидер на годината,

Маја Виденовиќ - Признание за извонредност во STEM,

проф. д-р Владимир Трајковиќ - Признание за техничка извонредност,

Ивана Каралиева Петреска - Признание за Продукт лидерство,

Емилија Ѓорѓевска - Признание за извонредност во вештачка интелигенција и податоци,

Мартина Димоска - Признание за Пионер во идни технологии,

Викторија Трајков - Признание за лидер во дигитална трансформација,

Сања Митровска - Признание за иновација во развој на продукти,

проф. д-р Весна Димитрова - Признание за извонредност во сајбер безбедност,

Весна Иваноска - Признание за највисоко достигнување во секторот за едукација во технологија,

Никола Велковски - Признание за експоненцијален раст,

Елизабета Јовановска - Признание за Стартап за општествен импакт,

Александра Митревска - Признание за млад претприемач во технологија,

Елена Петревска - Признание за бизнис лидер во технологија,

Елена Иванова - Признание за Двигател на екосистемот,

Анка Трајковска Петкоска - Признание за Едукатор во технологијата на годината,

Наташа Велковска - Признание за креатор на содржини во технологија,

Startup Revolution AI - Признание за најдобра техничка иницијатива за импакт,

Нина Ангеловска Станков - Признание за регионален Импакт,

Верица Јорданова - Признание за медиумско влијание за жени во технологија.

Сиљановска-Давкова во своето обраќање на церемонијата рече дека денес, повеќе од еден век по Вирџинија Вулф и нејзината идеја за „сопствена соба“, пред жените се отвора нов простор – дигиталната соба, во којашто се создава новата архитектура на современиот свет. Посочи дека повеќе од половина од истражувачката заедница во државава ја сочинуваат жени, што за неа претставува сериозен интелектуален потенцијал и силна основа за развој на науката, иновациите и технологијата.

Претседателката порача дека не е доволно жените само да бидат дел од технолошкиот развој, туку рамноправно да учествуваат и во дефинирањето на правилата и вредностите на дигиталниот свет. Таа ја поздрави работата на организацијата Women in Tech, оценувајќи дека преку своите активности ги охрабрува младите девојки да се вклучат во светот на технологијата, науката и иновациите.

Според Сиљановска-Давкова, иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција, а токму жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ја поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата.

„Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени коишто доаѓаат по неа“, рече претседателката.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани иноваторки, научнички, претприемачки, претприемачи,

Почитувани гости,

Вирџинија Вулф во својот чуен есеј „А Room of One’s Own“ напиша дека на жената ѝ се потребни пари и сопствена соба за да може да пишува, односно да ја преточи имагинацијата од зборови и идеи во дела. Низ оваа мисла провејува длабоко барање: жената да го добие своето место во светот којшто предолго бил обликуван од машката моќ.

Во времето на Вирџинија Вулф, таа соба била симбол на интелектуална автономија и на творечка слобода. Денес, повеќе од еден век подоцна, пред нас се отвора нова соба – дигиталната.

Во оваа дигитална соба се создава новата архитектура на современиот свет, се развиваат алгоритмите коишто управуваат со информации, системи на вештачка интелигенција коишто анализираат и предвидуваат, сајбер-мрежи коишто ја штитат безбедноста, платформи коишто ги поврзуваат економиите, податочните екосистеми и коишто влијаат врз начинот на кој учиме, работиме, комуницираме и носиме одлуки. Сè почесто моќта не се наоѓа само во институциите, туку и во кодовите коишто молкум ја моделираат секојдневната реалност.

Живееме во време кога технологијата ја менува и самата географија на можностите. Некогаш границите го одредуваа хоризонтот на успехот, а денес знаењето циркулира побрзо од секоја физичка дистанца. Една млада македонска инженерка, програмерка или истражувачка може да биде дел од престижни глобални истражувачки тимови, од меѓународните проекти за вештачка интелигенција, од стартап екосистемите и дигиталните компании, а притоа да остане дома. Во дигиталната ера, интелектот повеќе не живее врзан за едно место, туку слободно проникнува низ светот, небаре Пегаз во својот слободен лет.

Како жена, се радувам што повеќе од половина од истражувачката заедница кај нас ја сочинуваат жени. Ова укажува на сериозен интелектуален потенцијал, на огромен, сè уште недоволно искористен ум, знаење, креација и иновација. Да повторам, кога половина од популацијата нема целосен пристап до просторите каде што се создаваат технологиите, тогаш не губат само жените, туку слабее општеството, науката, економијата, а со тоа и самиот хоризонт на иднината.

Низ историјата, жените создавале, откривале и придонесувале многу повеќе отколку што времето било подготвено да го признае тоа. Нивниот труд често останувал потивок од одекот на нивното дело, а признанието доаѓало подоцна, минимизирано или припишано на други.

Затоа, денес не е доволно жените само да бидат дел од технолошкиот развој, туку е неопходно рамноправно да учествуваат во дефинирањето на правилата, приоритетите и етичките граници на дигиталниот свет.

Затоа, се работи за едно од најзначајните современи движења за надминување на родовиот јаз во технологијата и во науката. Особено е важно, што оваа визија добива силен и автентичен израз преку Women in Tech. Со својата работа, организацијата отвора „македонска дигитална соба“ преку којашто младите девојки ќе можат да се нурнат во светот на технологијата.

Да бидам искрена, со задоволство прифатив да бидам покровителка на Women in Tech® Macedonia Awards и заеднички да ги запознаеме и да ги истакнеме жените кои не чекале иднината да им биде подарена, туку во синергија со мажите, самите почнале да ја кодираат.

Признанијата се доделуваат на жени и на мажи коишто работат во најдинамичните области на денешницата: вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, дигиталното претприемништво и едукацијата. Особено се истакнуваат жените кои со своето знаење и визија ја менуваат технолошката сцена, но и мажите кои како сојузници, поддржувачи и партнери придонесуваат за таа промена. Ова е потврда дека денешната дигитална соба има многу катчиња: некаде се создаваат алгоритми, некаде се енкриптираат податоци и инфраструктури, некаде се развиваат децентрализирани системи, а некаде се создаваат нови образовни модели за идните генерации. Сите ги обединува „source code“ на современиот свет: знаењето, визијата, одговорноста, а женската перспектива ѝ дава човечки пулс на сложената дигитална архитектура.

Вештачката интелигенција може со огромна брзина да анализира, да пресметува, да обработува информации и да носи заклучоци. Но, ниту еден алгоритам и софтвер не можат да ја репродуцираат човечката совест, емпатијата и способноста да се биде потпора на другиот во мигови на страв, болка или неизвесност.

Токму затоа, иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција. А, жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ја поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата. Жената знае да утеши, да охрабри, да создаде чувство на сигурност, припадност и човечки дамар. Оваа перспектива ќе биде неопходна за технологијата да остане средство за човечко унапредување, а не цел сама по себе.

Почитувани,

Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени коишто доаѓаат по неа. И самата сум пример дека кога една жена ќе добие простор и соба да го покаже своето знаење, тогаш се рушат многу граници коишто долго изгледале непроменливи. Запомнете: Ако можев јас да станам претседателка, може и секоја од Вас!

Ви благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Слушнале необични звуци под надгробен споменик, па почнала полициска акција- никој не очекувал што ќе откријат (ВИДЕО)

Мачка која три дена била заробена во гроб на гробиштата Фирлеј во полскиот град Радом била спасена по повеќедневна операција во која биле вклучени членови на градската гарда и општинските служби.

Слушнале необични звуци под надгробен споменик, па почнала полициска акција- никој не очекувал што ќе откријат (ВИДЕО)

Инцидентот се случил на 1 ноември, кога лице кое ги посетило гробиштата слушнало гласно мјаукање што доаѓало од под надгробен споменик, објавува порталот „Ехо Дња“.

Поставена е стапица во кафез

Сведокот веднаш ги известил надлежните органи, по што на местото на настанот пристигнале полицијата, вработените во гробиштата, претставници на организациите за заштита на животните и членовите на градската гарда.

Сопствениците на гробот дале согласност тој да се отвори за да се спаси животното.

Сепак, мачката се скрила во тешко достапен дел од гробот, па првиот обид бил неуспешен. Операцијата следниот ден исто така не дала резултати, бидејќи животното повторно избегало во подлабокиот дел од гробот.

Затоа, спасувачите одлучиле да остават стапица во кафез со храна за да ја привлечат мачката. Стратегијата се покажала како успешна и на 3 ноември, мачката се појавила од своето скривалиште и конечно била извлечена од гробот.

Благодарност до учесниците во операцијата

Заменик-командантот на градската гарда на Радом, Грегорж Самбор, изјави дека животното, и покрај тоа што било заробено и гладно три дена, било во многу добра состојба.

Мачката ќе биде прегледана во локална ветеринарна клиника, по што ќе биде префрлена во засолниште за животни, каде што ќе ѝ се најде нов дом.

Самбор им се заблагодари на сите што учествуваа во операцијата и нагласи дека трпението и оставањето на животното на мира биле клучни за успешно завршување на спасувањето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Унгарија ги објави имињата на 60.000 соработници на комунистичката државна безбедност

Унгарија објави дел од достапните податоци од архивите на поранешната комунистичка државна безбедност, благодарение на што ќе биде можно да се пребаруваат околу 60.000 имиња од овие досиеја преку интернет.

Унгарија ги објави имињата на 60.000 соработници на комунистичката државна безбедност

Унгарија објави дел од достапните податоци од архивите на поранешната комунистичка државна безбедност, благодарение на што ќе биде можно да се пребаруваат околу 60.000 имиња од овие досиеја преку интернет, изјави денес генералниот директор на Унгарскиот историски архив на Службите за државна безбедност, Герге Бендегуз Чех.

Чех изјави за јавниот сервис Радио Кошут дека три вида документи - таканаречените „Досиеја 6“, или записи за регрутирање, ќе бидат достапни на веб-страницата Nyitottaktak.hu, пренесува MTI.

Тој додаде дека базата на податоци може да се користи без регистрација и дека пребарувањата може да се вршат врз основа на имиња и други лични податоци.

Тој нагласи дека самото присуство на име во записите не докажува дека лицето соработувало со службите за државна безбедност, туку дека податоците само укажуваат дека поединецот некако стапил во контакт со тајната служба, на пример во случаи кога обидот за регрутирање бил неуспешен или кога лицето одбило да соработува во рана фаза.

Чех додаде дека ќе бидат потребни понатамошни истражувања и пристап до досиејата за регрутирање за да се утврди вистинската природа на односите и активностите на службите за државна безбедност.

Досиејата достапни денес даваат детален увид во подготовките за регрутирање, следењето на дотичниот човек, притисоците што се вршат врз него, текот на соработката и нејзиното прекинување.

Чех нагласи дека никој не треба да се оценува само врз основа на неговото име што се појавува во базата на податоци, туку дека архивата има за цел да помогне во толкувањето на документите со разјаснување на работењето на службите за државна безбедност, методите што се користат за регрутирање агенти и техничката терминологија што се користи во документите.

Тој изјави дека лицата на кои се однесуваат податоците, како и нивните потомци, можат да поднесат корекции до архивата, како и документи што ги содржат нивните лични податоци и приказни.

Коментирајќи ја изјавата доставена до архивата од поранешниот премиер Миклош Немет, која се однесува на минатото на поранешниот премиер Виктор Орбан, Чех рече дека Немет лично ја посетил оваа институција и доставил изјава што ја потпишал во присуство на неговите адвокати.

Архивата го третира документот како мемоар и го става на располагање на истражувачите, но Чех нагласи дека содржината на изјавата не е поткрепена со никакви оригинални документи, докази или други извори и дека, според моменталните сознанија на архивата, „ниту еден друг доказ или документ не потврдува“ она што е опишано во неа.

Орбан вчера објави на својата Фејсбук страница документи за кои тврди дека докажуваат дека тој, заедно со неговата сопруга, биле под надзор на членови на комунистичката државна партија.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар рече дека со објавувањето на досиејата на тајните служби од комунистичката ера, унгарската влада исправа пропуст што датира од демократската транзиција во 1990 година.

Маѓар, во пренос во живо од подрумот на Историскиот архив на Службата за државна безбедност, рече дека по падот на комунизмот, многу земји од Централна Европа објавиле записи за регрутирање на информатори, како и имињата на оние што го одржувале режимот во живот, но дека Унгарија не го сторила тоа.

Маѓар рече дека последователните влади во текот на изминатите 36 години го спречиле објавувањето на досиејата.

Шефот на парламентарната група на унгарската опозициска партија Фидес, Јанош Бока, денес го критикуваше начинот на кој беа објавени досиејата на тајните служби од комунистичката ера.

Во објава на Фејсбук, Бока изјави дека владејачката партија Тиса продолжува да ги лаже Унгарците бидејќи, според него, објавувањето на десетици илјади документи кои се „извадени од контекст и без никаква анализа“ не придонесува за разбирање на минатото на Унгарија „или за соочување со него“.

Според него, објавувањето на овие документи служи само за предизвикување немири, поделба на унгарскиот народ и одвлекување на вниманието од вистинските проблеми на Унгарија.

„Никогаш нема да знаеме со сигурност кој соработувал со комунистичкиот режим, зошто или како; многу од оние што учествувале повеќе не се живи, а некои документи исчезнале, биле уништени или останале доверливи до ден-денес“, рече Бока.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сестра му на Ким Џонг-ун со остра реакција: Северна Кореја не е виновна за најголемиот грабеж во историјата од 6,3 милијарди

Северна Кореја негираше дека стои зад најголемиот грабеж во историјата, откако 6,3 милијарди долари беа украдени од берзата за криптовалути Binance.

Сестра му на Ким Џонг-ун со остра реакција: Северна Кореја не е виновна за најголемиот грабеж во историјата од 6,3 милијарди

Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, ги обвини САД за „сериозна политичка провокација“ со ширењето на она што таа го нарече „апсурдни тврдења“ што го поврзуваат Пјонгјанг со хакерскиот напад, објави Би-Би-Си.

Федералното биро за истраги на САД (ФБИ), заедно со експерти за сајбер безбедност, соопшти дека Северна Кореја стои зад нападот, додека најголемата светска берза за криптовалути се обидува да ги врати украдените пари.

„Ова не е прв пат САД да се обидат да шират лажна слика за ДНРК во меѓународната заедница, слепо поврзувајќи ја нашата земја со инциденти на „кибер криминал“ секогаш кога тие се случуваат на меѓународно ниво“, рече Ким Јо Џонг, според севернокорејските државни медиуми.

Нејзините изјави следеа по хакерскиот напад, а сето тоа доаѓа помалку од две недели пред американскиот претседател Доналд Трамп и Ким Џонг Ун да бидат во иста просторија за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во Кина.

Како еден од најизолираните и најстрого санкционираните режими во светот, Северна Кореја се потпира на нелегални мрежи за да добие странска валута и да ја финансира својата нуклеарна програма.

Хакирањето стана еден од најпрофитабилните начини за генерирање приходи.

Според податоците од Elliptic, компанија за анализа на блокчејн технологија, режимот минатата година заработил 7,6 милијарди долари приходи.

Нападот од минатата недела врз Binance далеку го надмина претходниот најголем грабеж во историјата на криптовалутите, кога 1,46 милијарди долари беа украдени од берзата Bybit во 2025 година.

Сепак, таа сума е сè уште мала во споредба со најголемиот грабеж на физичка валута досега, кога семејството на ирачкиот диктатор Садам Хусеин украде 1 милијарда долари од Централната банка на Ирак во 2003 година.

ФБИ соопшти дека нападот врз Binance, како и грабежот врз Bybit, биле извршени од севернокорејската хакерска група TraderTraitor, позната и како Lazarus Group.

Ким Јо Џонг, исто така, ги обвини САД за измислување обвинувања за вмешаност на Северна Кореја во нападот врз Bybit.

Таа рече дека обете обвинувања се „злокобен обид за оцрнување на меѓународниот углед на Северна Кореја“.

Првичната истрага на Binance откри дека хакерите го компромитирале лаптопот на еден од нивните инженери околу 20 часот во четврток, добивајќи пристап до системот на компанијата и можност за вршење неовластени трансакции за повлекување.

Според анализата на TRM Labs, поголемиот дел од парите биле украдени во првите 20 минути од нападот.

Компанијата Elliptic, која го следи протокот на украдени пари, открила дека Северна Кореја користела 12.000 крипто паричници на 11 различни блокчејни за да ги испере парите до понеделник.

Компанијата проценува дека само „занемарлив дел“ од средствата веројатно биле претворени во готовина.

Покрај големата мрежа на хакери, Северна Кореја се потпира и на околу 100.000 ИТ специјалисти кои се претставуваат како легитимни професионалци за да се инфилтрираат во западните компании.

Во текот на викендот, британскиот весник The Telegraph објави истрага за шемата, за која се верува дека носи дури 600 милиони фунти годишно за режимот.

Иако таа сума е значително помала од приходите што Пјонгјанг ги генерира од хакирањето, таа е постојан извор на пари што ѝ помогна на Северна Кореја да ги подобри своите нуклеарни капацитети.

Јужна Кореја проценува дека нуклеарниот арсенал на Северна Кореја денес би можел да брои дури 120 боеви глави.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер