Сиљановска-Давкова: Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат - Канал 5

Сиљановска-Давкова: Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат

„ Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да станеме стандардна европска држава“

Сиљановска-Давкова: Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на приемот, што по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, се одржа во Генералниот конзулат во Венеција (Местре).

Пред присутните гости, припадници на македонската дијаспора во Италија, порача дека дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да бидеме стандардна европска држава, во која младите ќе остануваат, со која иселениците ќе контактираат и ќе се враќаат.

Порачувајќи дека иселувањето, особено на младите, стана најголема закана за нашата иднина, побара помош од дијаспората во спречувањето на егзодусот, преку поактивно учество во креирањето политики и носењето одлуки.

На сенародната средба претходеше разговор на претседателката со претставници на македонските здруженија и на црковните општини на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на Исламската верска заедница.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани присутни,

Почитувани припадници на дијаспората,

Почитувани претставници на верските заедници,

Драги пријатели,

Јасно ми е од интонирањето на химните дека вие сте вредни и лојални граѓани и на Италијанската Република, но и дека не ја заборавате ни Македонија. Тоа ме радува, но истовремено и ме боли. Сепак, ви посакувам се најдобро, вие имате поважна улога од многу амбасадори и она што го правите е повеќе од тоа.

Прво, неверојатно задоволството е да се биде овде, уште поголемо заедно да го прославиме 11 Октомври – Денот на народното востание.

Јас многу пати потсетувам дека како партизанска ќерка на човек кој на 17 години заминал во Народноослободителната борба, многу добро знам дека на 11 октомври 1941-та година, борците од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го нападнаа симболот на окупацијата и со тоа го означија почетокот на македонската народноослободителна борба што кулминираше со создавањето на слободната Асномска Македонија.

Таа борба од 11 Октомври е многу постара. Речиси цела деценија пред народното востание, големиот италијански публицист Џорџо Нуриџани, 10 книги напишал, една од нив се вика „Македонскиот гениј“ посведочи дека „Македонецот ја сака својата слобода“ и „ја сака праведноста на која и се радуваат другите народи за да може, под благодатното сонце на слободата, да ги утврди заложбите на својот богат творечки дух.“

Некои од најважните нишки од тој творечки дух нѐ поврзуваат токму со Италија. И не случајно Италија е наш голем пријател. Тоа денеска уште еднаш ни го повторија и италијанскиот претседател и италијанскиот министер за надворешни работи.

Да потсетам, тука, во Венеција, светите Кирил и Методиј застанале против тријазичната ерес, бранејќи го правото на секој народ на своја писменост. Тука, во Италија, Св. Кирил се упокоил, претворајќи го Рим во свето место за поклонение на македонскиот народ, меѓу останатите. Векови подоцна, од Рим скопјанката Св. Мајка Тереза доби благослов да биде мајка на болните и изнемоштените во целиот свет. Се гордеам со нив.

Со Италија нѐ поврзува и Џузепе Мацини, херојот на нашиот најголем херој, Гоце Делчев, кој се инспирирал од Мациниевата визија за обединета Европа на демократски републики како заедници на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро.

Со Италија го споделуваме медитеранскиот сензибилитет и однос кон убавината на животот - La vita è bella е најповторуваниот збор што сум го слушала низ Италија. Нѐ поврзуваат и македонските уметници кои повеќе од 30 години учествуваат на Венецијанското биенале, но и италијанските уметници на фестивалите „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“ и „Браќа Манаки“. На сите три јас сум, и оние пред мене, покровители.

Со Италија, со Венеција нѐ поврзува и Венецијанската комисија којашто токму денеска, на 11 октомври, прослави 35 години од постоењето. Оваа Комисија, во која членував осум години, им го покажува патот на европските држави кон владеењето на правото, демократијата и човековите права.

Но, најцврстата врска меѓу нашите две пријателски држави сте токму вие, припадниците на македонската дијаспора. Потрагата по подобар живот ве донела тука, во пријателска Италија, кадешто со многу труд и посветеност создавате високи и ценети вредности. Ве има во речиси секоја општествена сфера, како успешни стопанственици, научници и лекари, реномирани уметници и наградувани спортисти, реномирани публицисти и професори, вредни и ценети работници со кои јас се гордеам.

Вашата заедница е сведоштво дека, изминативе неколку децении, бројноста на иселеничка Македонија расте, а на домицилната се намалува, за жал. Причини има многу, но би издвоила две. Прво предолгата демократска транзиција и консолидација и незавршената битка за владеење на правото. Второ, неправедните блокади на нашата европска интеграција коишто ја исцрпуваа државата. Иселувањето, егзодусот, особено на младите, стана најголема закана за нашата иднина.

За да го спречиме егзодусот потребна ни е помош и од дијаспората. Потребни ни се вашите идеи, вашето знаење, вашето искуство, и вашето поактивно учество во креирањето на политиките и носењето одлуките кај нас, дома, што е наша, а не ваша обврска.

Мојата посветеност кон дијаспората не е само изборна реторика. Нашата Влада подготвува петгодишна Национална стратегија за дијаспората, во чие изготвување мојот Кабинет има сериозна улога и учество преку претставници во работната група. Оваа стратегија треба да ѝ овозможи на дијаспората многу поактивно да се вклучи во јавната расправа и во зајакнувањето на државата. Дополнително, планирам набрзо да го формирам Советот за дијаспора при Кабинетот на претседателот. Се разбира, од вас ќе зависи кој ќе седи таму, вие подобро се познавате меѓу себе. Вашите искуства и согледувања ни се, и мене ми се лично, бесценети.

Драги пријатели,

Ни претстои голема работа. Земјите со силни дијаспори просперираат, земјите со слаби дијаспори стагнираат.

Особено по македонската независност, успехот на нашата заедничка татковина се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им овозможува еднакви шанси за напредок на сите нејзини нејзини граѓани, независно од нивната етничка, верска, или која било друга припадност. Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да ја направиме државата стандардна европска држава каде младите ќе остануваат, или ќе доаѓаат, или со која ќе контактираат, и со која вие, иселениците ќе се гордеете и ќе имате причина не само да се навраќате, туку и да се враќате можеби.

Тој потфат е нашиот НОБ, нашиот 11 Октомври на нашата и на вашата генерација.

Ви благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс.

„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.

Што ќе се случи со окупираните територии?

Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.

Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања.

Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата.

Безбедносни гаранции за Украина

Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки.

Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.

Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер