Сиљановска-Давкова: „Блесок 26“ ја докажа нашата подготвеност за колективната одбрана на националната, регионалната, европската и светската безбедност и мир - Канал 5

Сиљановска-Давкова: „Блесок 26“ ја докажа нашата подготвеност за колективната одбрана на националната, регионалната, европската и светската безбедност и мир

Денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја проследи вежбата „Блесок 26“, дел од програмата на НАТО, којашто се реализираше од 19 до 27 април на полигонот „Криволак".

Сиљановска-Давкова: „Блесок 26“ ја докажа нашата подготвеност за колективната одбрана на националната, регионалната, европската и светската безбедност и мир

Според неа, уште еднаш се докажа дека највисоките оценки за Лесната пешадиска баталјонска група не се случајни, туку се засновани врз манифестираното знаење, дисциплина, искуство и одговорност на македонската Армија, што ја профилираат како рамноправен, квалификуван и кредибилен член на Алијансата.

За неа, „Блесок 26“ е успешно положен тест за македонската подготвеност за брз и ефикасен воен одговор на реалните предизвици со коишто е соочен светот, во амбиент на тектонски промени на меѓународниот поредок и растечки закани по мирот и безбедноста.

Присутните ја проследија реализацијата на тактичката вежба „Воведување на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) во офанзивни операции“.

По завршувањето на вежбата, претседателката им честиташе на учесниците за успешната реализација на истата.

На настанот, свои обраќање имаа и: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Ј-9 на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, контраадмирал Торстен Маркс.

Меѓу присутните гости беше и командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување од Грција, генерал-потполковник Григориос Боунтлиакис.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Почитувани припадници на Армијата,

Почитуван Владо Мисајловски, министер за одбрана,

Почитуван Сашко Лафчиски, началник на Генералштабот на Армијата,

Почитувани воени претставници однадвор,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани пратеници,

Почитувани градоначалници,

Ценети гости,

Дами и господа,

За мене, полигонот „Криволак“ веќе не е македонска периферна географска точка, туку лакмус за тестирање на македонската одбранбена подготвеност, важно камче во НАТО-мозаикот, служејќи му на мирот, како општо добро, во време на растечки безбедносни закани.

Денес тука, на самово место, in medias res, ќе бидеме не само сведоци, туку и коевалуатори на македонската одбранбена политика заснована врз докази, оценувајќи го степенот на неопходната хармонија меѓу знаењето и дисциплината, искуството и одговорноста, способноста за управување со современо оружје, елементи важни за компатибилноста на нашата армија со сестринските, но и за усогласената заедничка безбедносна политика.

Тука се креаторите и координаторите на македонскиот воено-одбранбен систем, коишто очекуваат да ги осветлат резултатите од својата макотрпна и одговорна работа.

Вежбата „Блесок 26“, во подлабока смисла е: проверка на институционалната и функционална димензија на капацитетот на Армијата како битен и високо почитуван сегмент на државата заради сериозниот пристап кон безбедноста, област којашто не трпи импровизација и површност и инсистира на длабочина и посветеност.

Живееме во време на драматични геополитички превирања и на правен вакуум, во коешто старите правила се релативизирани до непрепознавање и непочитување, а новите сè уште не се утврдени. Се случи незамисливото, војна на европско тло, Блискиот Исток не е само нестабилен, туку продуцира и поширока, па и светска нестабилност со далекусежни последици, сајбер-просторот прерасна во конфликтна арена, дезинформациите станаа инструмент за стимулирање на недоверба, а технолошкиот напредок, колку и да е евидентен, отвора сериозни етички и безбедносни дилеми.

Во такви околности, државите, меѓу кои и нашата, мора да се фокусираат на градење силни, стабилни и отпорни институции, да вложуваат во образованието, науката и знаењето, да ја зацврстуваат координацијата меѓу квалитетните системи, вклучувајќи ги и воените, подготвени за брза, рационална и ефикасна реакција.

„Блесок 26“, како дел од програмата на НАТО, е јасен израз на нашата посветеност кон колективната одбрана, регионалната стабилност и мирот. Ова го потенцираше и генералнот секретар Руте при неодамнешната посета.

Вежбава е тест за нашата подготвеност за дејствување во мировни операции, за справување со хибридни закани и за рамноправно учество во колективниот безбедносен систем. Со повеќе од 1.500 учесници, таа не е само воена проверка, туку јасен израз на меѓусебна доверба, за блескава светлина којашто ја изразува цврстината на сојузништвото и силата на заедништвото.

Горда сум на Лесната пешадиска баталјонска група и на нејзините највисоки оценки проследени со најважната: дека е борбено подготвена за извршување на својата мисија. Ова е значаен државен, армиски, професионален и морален успех зад којшто стојат објективни мерливи критериуми и докази, јасно утврдени стандарди и сериозна методологија, но и страсна и посветена работа, суверено раководење и огромен труд вложен од секој припадник на единицата.

Вие, припадниците на Армијата, сте врвен, очигледен и неспорен доказ дека македонската држава и армија се кредибилен и почитуван партнер во Алијансата.

Највисоката доверба којашто ја уживате кај граѓаните е резултат на многупати докажаната помош во мигови на природни катастрофи и епидемии.

Нашата армија е фактор на стабилност и чувар на глобалниот мир. Денес повеќе од 180 припадници на Армијата, под македонско знаме, се вклучени во мировни мисии и операции.

Силата на една современа армија не се мери само со опремата којашто ја поседува, туку и со меритократијата во регрутирањето и унапредувањето, постојаната стручна надградба и достоинствените услови за живот и работа на луѓето во униформа.

„Блесок 26“ е охрабрувачка и инспиративна потврда дека македонската армија ја разбира природата на времето во кое живееме и сериозно се подготвува за соочување со предизвиците што ги носи.

Да продолжиме да градиме армија којашто знае, армија којашто почитува хиерархија и дисциплина, но и армија којашто е втемелена на непресушни вредности.

Таквата армија е мојата и македонската гордост!

Благодарам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Неидентификувана жена е сериозно повредена кога разбојник ја прегазил за време на кражба на автомобил во вторник наутро (10 ноември) во населбата Бара Фунда, во западниот дел на Сао Паоло. 

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Таа претрпела тешка трауматска повреда на мозокот, морала да биде интубирана и била однесена во болницата Санта Каса.

Безбедносна камера го снимила моментот кога осомничениот разбојник се приближил до жртвата, ја презел контролата врз автомобилот и ја прегазил додека бегал, објави „Глобо“.

Злосторството се случило на улицата Хозе Крис, во близина на плоштадот Паскоал Мартинс и авенијата Маркес де Сао Висенте. Воената полиција била повикана околу 6:35 часот наутро.

Видеото го прикажува разбојникот како се приближува до жената, која штотуку излегла од аптека и влегувала во својот автомобил.

Осомничениот ја преминува улицата и се крие зад дрвја, чекајќи жената да влезе во возилото. Потоа ѝ се приближува и седнува на задното седиште.

Кога го забележува нападот, жената излегува од возилото. Разбојникот потоа седнува на возачкото седиште, но жртвата се обидува да го спречи грабежот. Следува физичка пресметка, при што мажот ја турка. Таа паѓа и ја удира со главата на земја. Потоа крадецот го става автомобилот во рикверц и ја удира со својот автомобил.

Луѓето на блискиот паркинг се обидуваат да го спречат да избега, викајќи му да застане, но осомничениот успева да избега со автомобилот.

Вработен на паркингот, кој бил сведок на инцидентот, рекол дека жената се обидела да ја зграби вратата од автомобилот за да го спречи крадецот да избега.

„Таа се обидела да ја повлече вратата, но тој успеал да се врати во рикверц токму кога таа ја зграбила. Потоа била фрлена назад со сета сила, ја удрила главата и ја изгубила свеста“, рекол сведокот.

Според него, луѓето на местото на настанот истрчале за да го спречат возачот да ја прегази жената.

„Трчавме за да не ја прегази. Малку забавил, потоа малку забрзал и скршнал, но и покрај тоа, гумата сепак ја зафатила главата. Потоа продолжил да вози“, рекол сведокот.

Жената била однесена во болница со тешка трауматска повреда на мозокот и крварење од увото. Таа мораше да биде интубирана пред да биде префрлена во болницата Санта Каса во Сао Паоло.

До последното ажурирање, немаше информации за тоа каде се наоѓа крадецот и украдениот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер