Силјан: Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд - Канал 5

Силјан: Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд

Примајќи го Орденот „8 Септември“, основачот на „Матица македонска“ порача дека секоја добра книга на македонски јазик е траен чин на суверенитет, а слободата се носи како одговорност.

Силјан: Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд

„Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд. Тој е нашата куќа во времето: во него зборуваат предците, се огледува совеста на живите и се именува иднината на децата“, порача Раде Силјан во словото по повод примањето на Орденот „8 Септември“, на свеченоста по повод Денот на независноста.

Силјан нагласи дека одликувањето го прима и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата. „Таквата чест не ме издига над другите – ме задолжува пред нив. Песната, критиката и издаваштвото за мене се една служба: словото да се создава, да се промислува и да стигне до читателот“, рече тој.

„Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера“, порача Силјан, потсетувајќи дека изборот од 8 септември 1991 година не почнал од празна страница, туку во него се слеале Климентовото слово и Охридската книжевна школа, народната песна и преродбенската книга, илинденскиот непокор и државотворноста на АСНОМ.

Во средиштето на словото беше македонскиот јазик како простор на паметењето, одговорноста и иднината. „Не бара другите јазици да замолкнат. Бара ние да не замолкнеме во него. Јазикот се чува секој ден – во домот, училиштето, науката, театарот, книгата и чесниот јавен збор“, нагласи Силјан.

Тој ја определи книгата како разговор меѓу времињата, а културата како суштинска самосвест на државата. „Без култура, државата може да функционира, но не знае зошто трае. Поетот не е украс на државата. Тој е немир во нејзината совест“, рече Силјан.

Во делот посветен на издаваштвото, Силјан потсети дека петнаесет дена пред референдумот ја основал „Матица македонска“. „Така одговорив на прашањето што може поетот да стори за својата земја: да напише песна и да изгради дом за книгите на другите. Ако песната е мојот глас, ‘Матица македонска’ е мојата грижа да не замолкнат и другите македонски гласови. Секоја добра книга на македонски јазик е тивок, но траен чин на суверенитет“, порача тој.

Говорејќи за јавната одговорност, Силјан нагласи дека суверенитетот не е само право да одлучуваме сами, туку зрелост да владееме со себе. „На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат“, рече тој.

Во завршниот дел, Силјан го постави прашањето за иднината на младите како една од најтешките мерки на денешната државност. „Држава од која заминуваат децата останува без идно време. На оние што треба да останат по нас не им должиме само историја со која ќе се гордеат. Им должиме сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука“, порача Силјан.

Словото го заврши со пораката: „Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност.“

За сите што денес ја продолжуваат работата на „Матица македонска“, одликувањето на нејзиниот основач е момент на искрена радост и гордост, но и потврда на обврската со која издавачката куќа започна пред триесет и пет години – македонското слово да се создава, да се вреднува и да стигнува до читателите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На 30 и 31 октомври Штип повторно ќе пее со 41. издание на „Макфест“

Певливи рефрени, нови песни и познати музички имиња ќе бидат дел од 41. издание на „Макфест“, фестивалот на забавни мелодии кој годинава ќе се одржи на 30 и 31 октомври. 

На 30 и 31 октомври Штип повторно ќе пее со 41. издание на „Макфест“

Повеќе од четири децении „Макфест“ е синоним за музика, а во Штип и оваа година публиката ја очекуваат позитивна енергија и добра фестивалска атмосфера, песни во различни музички изрази, познати автори и изведувачи, но и нови имиња кои допрва ќе ја бараат својата публика.

Меѓу авторите на годинашните песни се имиња кои одамна се присутни на македонската музичка сцена, како Ристо Самарџиев, Хари Котларовски, Огнен Неделковски, Лазар Цветковски, Раде Врчаковски – Врчак, Александар Масевски, Кристијан Габроски, Иван Јованов, Роберт Билбилов, Андријана Јаневска, Давор Јордановски, Елвир Мекиќ, Димитар Андоновски, Јован Јованов и други.

„Годинава имаме навистина интересен избор на автори – докажани музички имиња, автори со свој препознатлив стил и песни зад кои стои големо искуство. Очекувам и ова издание да донесе убави, певливи песни и композиции со различен карактер, од оние што лесно влегуваат во уво до песни кои ќе се слушаат и по фестивалските вечери. Тоа е и убавината на „Макфест“ “, вели Роберт Саздов, уметнички директор на фестивалот.

Со годинашното издание, „Макфест“ продолжува да ја збогатува својата богата фестивалска приказна со нови композиции, автори и изведувачи, во атмосфера исполнета со музика, позитивна енергија и песни што имаат потенцијал да останат со публиката и по фестивалските вечери.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Од суд во Фиџи исчезнале околу 40 кг. кокаин

Речиси 40 кг кокаин исчезнаа од суд на Фиџи, во пакетите е пронајдено брашно.

Од суд во Фиџи исчезнале околу 40 кг. кокаин

Речиси 40 килограми кокаин, чувани како доказен материјал во Вишиот суд во Сува, главниот град на Фиџи, исчезнаа од судскиот сеф. Во преостанатите пакети веќе немаше кокаин, туку, според локалните медиуми, тие биле наполнети со брашно. Полицијата покрена истрага откако на 15 септември беше откриено дека недостасуваат седум од вкупно 39 пакети со кокаин. Подоцна, преостанатите 32 пакети беа подложени на форензичка анализа, при што беше утврдено дека ни во нив повеќе нема дрога. Исчезна целото запленето количество од речиси 40 килограми.

Полицијата соопшти дека дошло до манипулација со доказите и дека истрагата се фокусира на поединци кои биле директно одговорни за нивното чување во судската писарница на Високиот суд.

Според информациите, едно лице од интерес за истрагата се наоѓа во странство, а полицијата има намера да го испита.

Јавниот обвинител на Фиџи, Сироми Турага, го опиша случајот како шокантен и изјави дека ниту едно одговорно лице нема да биде поштедено од истрагата.

Кокаинот запленет уште во 2019 година Кокаинот бил запленет во 2019 година во случајот против Џошуа Азиз Рахман, државјанин на Фиџи кој поседува и канадско државјанство. Рахман бил осуден во 2021 година за поседување кокаин со намера за продажба, а дрогата останала во судот како доказен материјал за време на жалбената постапка.

Вредноста на исчезнатиот кокаин се проценува на околу 31 милион фиџиски долари (приближно 21 милион евра). Во последниве години, Фиџи се соочува со пораст на трговијата со кокаин и метамфетамин и стана клучна транзитна точка за шверц на дрога низ Пацификот, особено кон Австралија и Нов Зеланд.

Полицијата сега се обидува да утврди кога исчезнал кокаинот, кој имал пристап до доказите и како пакетите можеле да бидат заменети без тоа претходно да биде откриено.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Дали зад позицијата на Венко Филипче „прво Бугарите во Уставот, па сè друго“ се крие таен договор со Бугарија за ново предавство?

Изјавата на Венко Филипче – „прво Бугарите во Уставот, па сè друго“ – е доказ дека Венко Филипче е во договор за ново предавство.

ВМРО-ДПМНЕ: Дали зад позицијата на Венко Филипче „прво Бугарите во Уставот, па сè друго“ се крие таен договор со Бугарија за ново предавство?

Венко Филипче застапува бугарски позиции наместо македонски интереси. Оттука, сосема легитимно е да прашаме:

Дали постои тајна дипломатија помеѓу старите другари Зоран Заев и Румен Радев?

Дали има комуникација и средби помеѓу нив?

Зошто инаку Венко Филипче на тацна им дава подароци на Радев и на бугарската политика, без да го заштити македонскиот национален идентитет?

Дали зад рушењето на ваквите позиции стои нов бизнис-договор?

Ова се легитимни прашања на кои мора да одговори Венко Филипче.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер