Штох триумфира и на втората од „Четирите скокалници“

Полскиот ски-скокач Камил Штох со скокови од 135,5 и 139,5 метри и вкупно 283,4 бода победи на денешното натпреварување во Гармиш-Партенкирхен.

Ова е втора победа за Штох на новогодишната турнеја „Четири скокалници“. Претходно на претпоследниот ден од 2017 година, тој победи и во Оберсдорф.
За Штох ова е вкупно 24. победа во Светскиот куп.
На победничкиот подиум се искачија и второпласираниот Ричард Фрајтаг од Германија (132 и 137 метри – 275,8 бода), како и третиот Андерс Фанемел од Норвешка (132,5 и 136,5 бода – 270,2 бода).

Во вкупниот пласман на турнејата лидер е Штох со 563,1 бод, пред Фрајтаг со 551,3 и Давид Кубацки со 530,8.

Следуваат скоковите во австрискиот скијачки центар Инсбрук./МИА

Во мај 161 одобрение за градење, најмногу во Скопскиот регион

Во мај годинава се издадени 161 одобрение за градење, за 27,5  проценти помалку во однос на мај лани.

Предвидената вредност на објектите изнесува 1.559.061.000 денари, или за 60,9 проценти помалку во однос на мај минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење во мај годинава, 81 (50,3 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 28 (17,4 проценти) од нискоградба и 52 (32,3 проценти) за објекти за реконструкција. Кај 85 објекти (52, 8 проценти) инвеститори се физички лица, а на 76 (47,2 проценти) објект инвеститори се деловни субјекти.

Податоците на статистика покажуваат дека најмногу дозволи за градење се издадени во Скопскиот регион, 66, од кои 11 во Општина Карпош, 10 во Општина Аеродром, по седум во Општина Центар, Кисела Вода и Чучер Сандево, шест во Чаир.. Двојно помалку или 33 одобренија има во Источниот, по што следи Вардарскиот со 21, Пелагонискиот со 16, Југозападниот со 13, Југоисточниот со девет, а ниту едно одбрение за градба не е издадено во североисточниот регион.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 432 станови, со вкупна корисна површина од 35.471 метар квадрарен. Најголем број станови, 376, се во Скопскиот регион, од кои 227 во Општина Аеродром, 88 во Општина Гази Баба, 28 во Општина Центар, 20 во Општина Карпош.

СЗО предупредува : Состојбата со коронавирусот се влошува

Ковид-19 не е под контрола во голем дел од светот , а ситуацијата всушност се влошува, рече шефот на Светската здравствена организација (СЗО).

Тедрос Аданом Габриезус рече дека вкупниот број на случаи на коронавирус во светот е двојно зголемен во последните шест недели и дека во најтешко погодените земји - САД, Бразил и Индија, нема знаци на забавување на ширењето на ковид-19.

„Вирусот ги сврте наопаку здравствените системи во некои од најбогатите земји во светот, додека некои поскромни држави реагираа поуспешно на коронавирусот“, рече Гебрејзус на состанокот на земјите членки за проценка на пандемијата, објави Скај њуз.

„Знаеме дека жариштата можат да бидат ставени под контрола кога земјите преземаат сеопфатен пристап кон основните мерки на јавното здравје, како што се следење на случаи и контакти, изолација, тестирање и третман. Но, во поголемиот дел од светот, вирусот е надвор од контрола и ситуацијата се влошува“, предупреди тој.

"Досега, повеќе од 11,8 милиони случаи со ковид-19 се пријавени во СЗО, изгубени се околу 544.000 животи. И пандемијата сè уште се шири пребрзо", изјави шефот на Светската здравствена организација.

Додека многу земји се плашат од можноста за втор бран, САД, Индија и Бразил сè уште се борат со првиот. Најпогодена земја се Соединетите Држави, каде што повеќе од три милиони луѓе се заразени со коронавирусот, а 131.000 починале.

Има скоро 60.000 нови случаи на ковид-19 на ден во САД, скоро 45.000 во Бразил и околу 25 000 во Индија.

Наумовска: Тешко е преку ноќ да изградиме идеален систем за учење од далечина

 Работна група формирана од Министерството за образование и наука го направи нацрт-концептот за учење од далечина, со цел да се изгради најдобар модел за е-настава која поради пандемијата е веројатно дека ќе продолжи и од септември.

Изработката на нацрт-документот, кој МОН го објави на својата веб-страница во понеделникот (Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава), е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата, а е отворен за предлози и сугестии од сите засегнати страни заклучно со денеска.

Според заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска, рокот за забелешки е краток затоа што е кратко и времето до почетокот на учебната 2020/2021 до која останува уште околу еден и пол месец, а целта на МОН е да се избере најдобриот модел.

На онлајн-дебата што беше емитувана на Факултети.мк, Наумовска кажа дека рамката која е понудена од работната група предвидува активности кои почнуваат во овие месеци, но онлајн-наставата подобро да се органзира во второто полугодие, па и во наредните учебни години.

– Работиме на модели кои ќе бидат преодни. Како ќе отпочне наставата и кој од тие модели ќе биде земен во предвид или кои модели ќе се применуваат во одредени подрачја и реони од нашата држава, ќе зависи од моменталната состојба со КОВИД-кризата во септември и во наредните месеци, рече Наумовска.

Во изработата на нацрт-концептот биле вклучени повеќе субјекти – претставници од образовни установи, наставници, директори, но и од невладиниот сектор, организации и фондации.

– Нацрт-концептот е неколку дена на јавна расправа бидејќи ние сме отворени за мислења и идеи на наставниот кадар, на јавноста и експертите како концептот да стане подобар. Нема ништо идеално, имаме голем број предизвици, пред нас се економски потешкотии, како и во другите земји, и многу е тешко преку ноќ да се изгради иделаен систем за учење од далечина. Брзо треба да реагираме, затоа е краток рокот што го даваме за јавна расправа бидејќи сакаме по завршување на изборниот процес навремено да излеземе пред родителите и наставниците за и самите училишта да се подготват за новата учебна година, истакна Наумовска.

Додаде дека Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и претставници на УНИЦЕФ и на граѓанскиот сектор веднаш почнале да работат на подготовка на концептот за учење од далечина. Притоа нагласи дека со предизвикот за справување со ситуацијата и влијанието и последиците што таа го има врз образованието се соочуваат и многу поразвиени држави од нашата и, како што рече, се нашле затекнати од пандемијата.

Во онлајн-дебатата што беше организирана синоќа заменик-министерот за здравство Арменд Арслани рече дека невозможно е сега да се предвиди каква ќе биде состојбата со заболени од КОВИД-19 за месец и половина. Но нема, рече тој, да се дозволи ризик за учениците и наставниците.

– Во септември се очекува уште покомплициран бран поради сезонскиот грип. Информациите ги следиме на дневна база, сѐ ќе зависи од епидемиолошката состојба пред почетокот на септември, посочи Арслани.

Тие што се заинтересирани за предлози за објавениот нацрт-концепт можат да ги пратат уште денеска на мејлот mitkoceslarov@bro.gov.mk и да придонесат, како што соопшти МОН, во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ.

– Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.

притисни ентер