Што се слави на 31 декември на полноќ? - Канал 5

Што се слави на 31 декември на полноќ?

Нова година! Што, всушност, празнуваме на 31 декември/1 јануари? И што значи тоа граѓанска, односно секуларна Нова година? Тоа е моментот кога сите ние, сиот свет влегува во следното новолетие, т. е. започнува Новата година.

Што се слави на 31 декември на полноќ?

Зборуваме за граѓанско празнување, не за црковно. Па и таканаречената Василица, 1 јануари, Нова година по јулијанскиот календар, чиешто предание е поврзано со Св. Василиј Велики (бидејќи на истиот ден се празнува овој светец), заедно со Обрезанието Господово, меѓу народот е позната и како Стара Нова година, но во самата богослужба на празникот нема никакви сведоштва и молитви во однос на Новата година. Тоа, пак, ни докажува дека кај православните народи Новата година не се празнувала на 1 јануари. Но доколку Црквата го одбележува и одобрува граѓанското новолетие, тоа го прави поради фактот што таа постои во општеството и секое општествено прославување ги опфаќа нејзините верни членови.

Но ајде да видиме како стојат работите?

За оние кои не знаат, а веројатно поголемиот дел од нашиот народ воопшто не знае, и Црквата си има свое празнување на Новата година, но тоа се случува во сосема поинаква атмосфера и на сосема друг датум. А тој датум е 1/14 септември.

Уште во древноста, мeсeцoт сeптeмври кај Eврeитe бил пoчeтoк на нoвата граѓанска гoдина (II Мoј. 23, 16). Тоа бил мeсeц на собирањe плoдoви и принeсувањe жртви на благoдарнoст кон Бoга. За врeмe на oва празнувањe Гoспoд Исус влeгoл вo синагoгата вo Назарeт, ја oтвoрил книгата на прoрoкoт Исаија и ги прoчитал збoрoвитe: „Духoт на Гoспoда Бoга e врз Мeнe заштo Гoспoд Мe пoмаза за да им благoвeстувам на бeднитe, Мe испрати да лeкувам сoкрушeни пo срцe, да им прoпoвeдам на зарoбeнитe и на затвoрeницитe – oтвoрањe на тeмницата, да ја прoпoвeдам благoпријатната Гoспoдoва гoдина и дeнoт за oдмазда на нашиoт Бoг; да ги утeшам ситe oниe штo тагуваат“ (Иса. 61, 1-2).

Подоцна, пак, за време на царот Диоклецијан, за секоја нова година се користел зборот индикт. Овој збор – индикт или indiction = објава, првично значел годишен данок во производи, којшто бил воведен токму од страна на овој цар. Големината на данокот се определувала врз основа на пописот на населението којшто се спроведувал секои 15 години. Индикт се нарекувал како самиот 15 годишен временски интервал, така и секоја година во неговите рамки. Почетокот на годината се паѓал на 1 септември, кога се собирал родот и се плаќал данокот.

Подоцна, Првиот всeлeнски сoбoр oпрeдeлил и цркoвната гoдина да пoчнува на 1 сeптeмври. Важно е да се одбележи и дека IV век бил златен период на Црквата. Тогаш престанале мачеништвата, христијаните можеле слободно да ги практикуваат своите богослуженија, но Црквата не можела да ги заборави храбрите подвизи на мачениците за верата. Верниот народ чувствувал огромна потреба да ги сочува овие спомени, заради што во овој период започнал да се составува црковниот календар. Во спомен на мачениците претходната историска епоха била наречена „Ера на Диоклецијан“ или „Ера на мачениците“.

Дoлгo врeмe вo христијанскиoт свeт и граѓанската, и цркoвната гoдина биле одбележувани на 1 септември. Подоцна граѓанската Нова година била пренесена на 1 јануари, и тоа најпрвин на Запад, во Европа. Историските факти зборуваат за можни причини поради кои Западниот свет ја преместил традицијата на празнување на Нова година од 1 септември на 1 јануари. Оваа традиција била поврзана со римскиот пагански свет. Имено, според јулијанскиот календар за почеток на Новата година бил сметан 1 ден од месец јануари. Во време на римското паганско општество, Римјаните го славеле богот Јанус (според кој е добиено и името на месецот јануари) и главниот ден Saturnalia, а исто така од времето на царевите и почетокот на Новата година. Овој ден паганите го поминувале со особена свеченост и веселие. Пријателите едни на други си испраќале подароци, кои ги нарекувале Strenae, а во чест на богот Strena или Strenie, приредувале гозби, ноќите ги поминувале во песни, игри и театарски претстави. Ваквите забави траеле повеќе денови. Со ослободувањето на христијанството и воспоставувањето на неговите традиции, биле забранети сите учества на овие пагански собири. Во VII век, со доаѓањето на паганите од Фландрија и Холандија, повторно се направиле обиди да се воспостави традицијата на ваков начин да се прославува Новата година на 1 јануари. Но повторно за кратко време била потисната, за во 1582 година, кога бил воведен григоријанскиот календар, Западот конечно да донесе одлука почетокот на Новата година да го одбележува на 1 јануари.

На Истокот, пак, ситуацијата била поинаква. Во Русија, сѐ до времето на владеење на царот Петар Велики, и црковниот и граѓанскиот календар започнувале на 1 септември. Поведен од својот интерес за западниот начин на живот, Петар тргнал на пат за Европа со намера што подобро да се запознае со обичаите на западните земји, а со цел да ги примени во својата, според него, „заостаната“ земја. Така, Петар прифатил Новата година да се слави на 1 јануари. Нова година бил световен празник и на славење се пристапувало после Рождеството Христово, кое до револуцијата од 1917 година се паѓало на 25 декември. Со револуцијата била спроведена уште една календарска реформа: наместо јулијанскиот бил прифатен григоријанскиот календар (нов стил), така што празнувањето на Новата година почнало да се паѓа непосредно пред Божик, кој со оваа реформа започнал да се слави на 7 јануари. Затоа кај луѓето коишто ја пазеле духовната традиција се појавила недоумица: Како да се празнува Новата година и дали воопшто да се празнува? Одговорот на ова прашање е веќе друга тема.

Кога сме кај календарите, добро е да појасниме дека денес постојат два: еден древен, таканаречениот јулијански календар, кој бил изработен во 46 г. пред Христа од страна на александрискиот астроном Созиген, а на иницијатива на римскиот владетел Гај Јулиј Цезар, според кого и го добил името. Овој календар бил прифатен од страна на Црквата во IV век со извесни измени. Но, јулијанскиот календар не е сосема точен: тој се разликува за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева (тропска) година. Оваа разлика за 400 години се искачила на 3 дена, 2 часа, 53 минути и 20 секунди, а пак, во 1700 година изнесувала цели 10 дена. Денес таа изнесува 13 дена.

Подоцнежниот календар е григоријанскиот, изработен по указ на папата Григориј кон крајот на XVI век. Имено, веќе во средниот век, тогашните научници ја воочиле неправилноста на јулијанскиот календар. Па така, на иницијатива на споменатиот папа, во 1576 година била формирана посебна комисија од астрономи и математичари која имала за цел да спроведе реформа на јулијанскиот календар. Во врска со ова комисијата предложила и конкретни мерки за реформа на календарот. Тие биле прифатени од страна на папата на 24 февруари 1582 година со издавање посебна папска була со споменатите мерки. Тогаш, меѓу другото, било утврдено секоја година пролетната рамнодневница да биде фиксирана на 21 март. Понатаму, со цел да се изедначи дотогашната разлика меѓу јулијанската и реалната (тропска) година, која во 1582 година изнесувала 10 дена, со папската була било решено, во таа година 5 октомври да се смета како 15 октомври.

Овој календар стана примарен во католичка Европа. Потоа, од практични причини постепено почнаа да го примаат и другите народи, и денес се користи на глобално ниво.

За жал, од иста причина, сите празници веќе одамна се преведени на григоријанскиот календар. Малкумина од новите генерации знаат дека 14 јануари, познат по така нареченото празнување на Стара Нова година, е всушност 1 јануари (овој датум може да се воочи и во самата богослужба), токму поради тие 13 вишок денови кои григоријанскиот календар ги избришал од годината. Многу често во православниот свет се прави една грешка поради неупатеност и незнаење. Имено, Обрезанието Господово кое се празнува на 14 јануари заедно со оддавањето почит на Св. Василиј Велики, се смета за почеток на новата црковна година (Василица). Кога би се вратиле назад 13 дена, односно оние денови кои реформите на календарот ги избришал, тогаш овој празник би се паднал на 1 јануари и би се поклопил со датумот на граѓанската Нова година, со која Црквата и нема баш некоја врска. Но бидејќи Црквата постои и опстојува во општеството, а не надвор од него, таа ја почитува важноста на граѓанската Нова година, за која повторно ќе нагласиме дека не е, и не може да биде црковен или христијански празник.

Црквата ја празнува својата Нова година, но на друг датум и во сосема поинаква атмосфера. Радосна атмосфера, ама духовна и торжествена радост. За христијанинот Новата година е празник кој според црковниот термин се одбележува на 1/14 септември. И тогаш не се практикуваат забави. Секоја Нова година започнува со возгласот: „Благословено е Царството на Отецот, и Синот, и Светиот дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин“. Тој празник постои во нашиот месецослов и се нарекува Почеток на Новото лето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Знаци дека во домот имате стеници и чекори што мора да ги преземете веднаш

Стениците се многу здодевни штетници кои предизвикуваат чешање доколку ве каснат, предизвикувајќи алергиски реакции и секундарни инфекции на кожата.

Знаци дека во домот имате стеници и чекори што мора да ги преземете веднаш

Според стручните лица од Bed kingdom, ова се знаци на кои треба да обратите внимание, пренесува Мирор.

Чудна миризба: Стениците испуштаат необичен мирис, а експертите објаснуваат: „Еден од раните знаци на наезда од стеници е чуден мирис на застоено во спалната, дури и кога нема очигледна причина за тоа – како на пример, куп валкана облека. Кога стениците се загрозени, испуштаат таканаречени феромони за тревога, кои имаат слаб мирис на малини, коријандер или нешто слично. При сериозни наезди, овој мирис може да се измеша со мирисот на мртви стеници и отфрлени чаури, создавајќи мирис што потсетува на 'рѓа.“

Каснувања: Ако се разбудите со „црвени каснувања што чешаат“, тоа може да биде знак за присуство на стеници. Тие обично се хранат со крв во текот на ноќта, често каснувањата се во групи или поединечни. Според стручните лица, тие генерално не се опасни, но некои луѓе може да бидат алергични – доколку забележите отоци, побарајте лекарска помош.

Јајца: Јајцата на стениците тешко се забележуваат бидејќи се ситни – долги се само 1 мм – но можете да барате сè што наликува на мали зрна ориз во вашиот кревет. Тие можат да се залепат на различни површини, најчесто по должина на рабовите и споевите на душекот или зад наслонот на креветот.

Обвивки: „Стениците се „преслекуваат“ неколку пати во текот на својот животен циклус, што значи дека отфрлената кожа може да варира по големина“, објаснуваат експертите. „Можете да ги препознаете по нивниот жолтеникав, проѕирен изглед на рабовите, наборите и процепите на душекот, па дури и на други места, како што се пукнатини во ѕидовите или во мебелот.“

Дамки од крв: Откако ќе завршат со хранењето, од телото на стеницата може да истече крв доколку ја згмечите додека спиете – на пример, при ненадејно движење или превртување во креветот. Ако забележите вакви траги, а нема друга очигледна причина за нив, најверојатно тие се знак за наезда.

Темнокафеави траги: Мали, темни дамки од изметот на стениците со големина на врв од молив може да се појават на душеците, чаршафите, наслоните за глава, па дури и на ѕидовите. Бидејќи се многу помали од дамките од крв, тие се потешки за забележување. Исто така, тие испуштаат слаб мирис на 'рѓа, што придонесува за непријатна, застоена миризба.

Живи стеници: Возрасните единки се долги околу 5 мм и имаат тенденција да се кријат на најразлични места, почнувајќи од самиот кревет па сè до неговата околина. Со малку труд, тие можат да се забележат, што е прв чекор кон нивно отстранување.

Ако забележите некои од овие значи, постелнината, навлаките и облеката за кои се сомневате дека биле изложени на стеници, исперете ги на висока температура согласно упатствата за одржување. Темелно извакуумирајте ги достапните процепи и рабови на душекот, а содржината безбедно одложете ја во затворена кеса.

Избегнувајте прскање на креветот со случајно избрани хемикалии или преместување на потенцијално заразените работи од една во друга просторија. Ако најдете живи стеници или јасни знаци за нивно присуство, најдобро е да повикате служба за дезинсекција.

Стениците може да се појават и во уредни домови, најважно е што порано да се препознаат зашто проблемот полесно се решава пред да се прошират низ целиот дом.

Извор: vecernji.hr

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер