Штипјани чекаат во ред да примаат трета доза на вакцина против КОВИД 19

Повозрасните штипјани побрза да ја примат и трета доза на вакцина против коронавирусот. 

Пред вакционалниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов" веќе трети ден има долга редица од граѓани, кои чекаат да се вакцинираат.

Граѓаните кои чекаа да ја примат вакцината велат дека биле вакцинирани со една од кинеските вакцини, а во интерес на нивното здравје, но и на најблиските се одлучиле да ја примаат и третата доза, но овој пат на „Фајзер". Полициски службеници се ангажирани да ставаат ред пред вакционалниот пункт.

Дијана Коцева – Миланова координатор на вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов"-Штип вели дека веќе трети ден ги имунизираат граѓаните со трета доза, кои примиле една од кинеските вакцини.

–Интересот на граѓаните за примање на трета доза е поголем отколку за прва доза. Бројката секојдневно расте, првиот ден имавме 70, па 300, а денеска очекуваме над 400 граѓани, кои се заинтересирани да примаат третата доза, вели Коцева-Миланова.

Граѓаните кои ја примаат бустер дозата, пред да влезат во вакциналниот пункт пополнуваат согласност, доколку има потреба и здравствениот кадар им помага. Коцева-Миланова забележува дека очекуваат насоки дали утре ќе биде отворен пунктот, а веќе размислуваат од понеделник пунктот да биде во поголем простор во истата зграда на Здравствениот дом, за што и дополнително ќе ги информираат граѓаните.

Во Делчево започна вакцинацијата со трета доза против КОВИД-19. Вакцинацијата како што информираше Марија Глигоровска, директор на Здравствен дом ,,Гоце Делчев”, ќе се одвива секој работен ден во периодот од 7 до 11 часот.

-Засега има почетен интерес од страна на граѓани кои досега имаат примено две дози вакцини. Терминот од 7 до 11 е одбран за да да не се создаваат непотребни гужви, бидејки по 11 часот се прават систематските прегледи на учениците, истакна Глигоровска.

Додаде дека паралелно установата ќе продолжи со набавка на потребниот број вакцини за реализација на третата фаза од вакцинацијата.

-Набавката ќе ја вршиме секој понеделник со точно дефиниран број на потребните вакцини имајки предвид дека секоја вакцина има одреден рок на траење, додаде Глигоровска.

Вакцинацијата со третата доза како што појасни ќе се врши без закажување, со вакцината од производителот „Фајзер" без разлика од кој производител се примени првите две дози.

Морталитетот расте, наталитетот се намалува

Морталитетот расте, наталитетот се намалува - годинава ќе има рекорден негативен природен прираст!

Дали Македонија полека изумира? За само две години негативниот природен прираст се зголемил за дури 13 пати.

ПРИРОДЕН ПРИРАСТ ВО МАКЕДОНИЈА

2019 = -601

2020 = -6.724

2021 (за првите 9 месеци) = -8.100 (13.500 живородени / 21.600 умрени)

Ако во 2019-та се регистрирани 600 починати лица повеќе од живородени деца, сега таа бројка е 8.100 само во првите 9 месеци од годинава, нотира демографот и екс-директор на Статистика, Дончо Герасимовски. Вели дека ако продолжи ваквиот тренд, за максимум три децении Македонија преку сила ќе брои еден милион жители.

„Природниот прираст и намалувањето на населението по природен пат би бил повеќе и од 10.000. Ако на годишно ниво и натаму се случува истата појава, ќе дојдеме до ситуација бројот на населението за 20-30 години да падне на вкупна бројка од еден милион население во земјава“, вели Дончо Герасимовски.

Короната го поттикнува, а „белата чума“ во најголема мера го зема данокот, потенцира Герасимовски. Вели, од 2000-та година наваму во континуитет половина од општините имаат намален наталитет. Уште поразително е што во моментов во 72 општини умираат повеќе луѓе отколку што се раѓаат.

„Една општина е со салдо нула, односно бројот на живородените и умрените е подеднаков. Тоа е општина Желино. Во однос на останатите осум кои што имаат позитивен природен прираст се воглавно општините скопскиот регион, започнувајќи од Зелениково, Студеничани, Арачиново, Чаир, Сарај..“, вели Дончо Герасимовски.

Ваквите екстремни демографски движења не се само во земјава. Герасимовски вели дека негативниот природен прираст „дивее“ и во другите екс-Ју земји, а најлоши статистики бележи Србија. Апелира состојбата да се сфати сериозно и властите да воведат стимулативни мерки за да се подобрат условите за живот на младите.

„На младото население треба да му се даде одредени привилегии во однос на студирањето. На пример, бремените жени да можат континуирано да ги вршат своите студентски активности и полагањето испити. Друго, подобри услови за купување станови за самостојно живеење, дури и со препорака да младите се одвојуваат од домаќинството и живеат самостојно“,вели Дончо Герасимовски.

Последните бројки кои ги објави Заводот за статистика се дека во јули, август и септември, споредено со истите месеци од 2020, се родиле за 3,8% помалку деца – а починале за 30,7% повеќе лица.

Во Кичево физички нападнати полициски службеници

Во ОВР – Кичево денеска се лишени од слобода А.М.(38) и П.М.(38) двајцата од кичевското село Лазоровци.

Тие на улицата „11-ти Септември" во Кичево, најнапред вербално, а потоа и физички нападнале полициски службеници кои вршеле службени дејства.

– Двајцата се приведени и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, истакна портпаролот во ОВР – Кичево, Стефан Димоски.

Димоски додаде дека денес рано изутрина околу 2 часот во ОВР-Кичево било пријавено дека пред влезна врата од стан на улица „11-Септември" во Кичево, била истурена и запалена течност, но за среќа не настанал пожар.

ОВР-Кичево презема мерки за расчистување на случајот.

Портпаролот Димоски потсети дека вчера во ОВР-Кичево приведена е и лишена од слобода А.И.(49) од градот.Таа околу 13 часот на улица „11-ти Септември" го нарушила јавниот ред и мир и со метален предмет ја нападнала Л.А.(34)од Кичево.

СДСМ: Враќањето на Ставрески е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не е поместена од режимската матрица

Прес-конференција на СДСМ, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Во ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски нема никаква промена. Таму е присутна истата режимска матрица на Никола Груевски.

Последен доказ за тоа е и враќањето на висока партиска функција на кумот на Груевски и поранешен министер за финансии Зоран Ставрески.

Тоа е истиот Ставрески кој во 2012 на црниот понеделник даде налог на собраниското обезбедување насилно да ги исфрли прво новинарите, а потоа и пратениците од собраниската сала.

Ставрески кој како министер за финансии ја презадолжи државата за да се финансира проектот Скопје 2014. Ставревски кој беше десна рака на Никола Груевски во водењето погубни економски политики за што тој самиот кажа „Трошиме за чоколадо а немаме ни за леб"

Денес, тој ист Зоран Ставрески ќе ја контролира работата и ќе им наредува на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова значи дека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговараат пред Ставрески и ќе работат во негов интерес наместо да одговараат пред граѓаните и да работат во нивен интерес.

Се појасно станува брзањето на Мицковски да ја превземете власта. Под притисок на бегалецот од Будимпешта, правите план за негово враќање. По негова насока ги враќате на пртиски позиции неговите најблиски соработници. Ги спремате ли и судиите кои ќе треба да го ослободат Груевски од секаква вина? Пак го отворивте Тефтерчето?

На Република Македонија и е потребна интеграција со светските демократски текови, а не враќање во минатото.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

притисни ентер