Штајнмаер: Германија би била „посиромашна земја“ без миграција - Канал 5

Штајнмаер: Германија би била „посиромашна земја“ без миграција

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер повика дебатите за миграцијата да се водат со „разум“, во услови на зголемени гранични контроли под новата влада на земјата.

Штајнмаер: Германија би била „посиромашна земја“ без миграција

- Имиграцијата никогаш не била лесна, рече Штајнмаер во Берлин на настан по повод 50-годишнината од Интеркултурната недела, национална иницијатива против расизмот.

- Тоа не е само приказна за проблеми. Тоа е исто така секогаш важен дел од приказната за успехот на нашата земја, додаде тој.

Штајнмаер рече дека дискусиите за миграциската политика треба да вклучат и „искрен став кој кажува што сакаме и можеме да направиме“, како и „консензус дека сме и ќе останеме земја со многу потекла, религии и култури“.

- Да се биде Германец денес значи и еднакви права за оние со имигрантски биографии, додаде германскиот претседател.

Околу 21 милион луѓе во Германија, околу една четвртина од населението, или мигрирале во земјата, или се деца на мигранти, рече Штајнмаер.

- Ние сме повеќе од земја со луѓе со имигрантско потекло. Германија е земја со имигрантско потекло … Без имиграција, Германија несомнено би била посиромашна земја, истакна тој. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Започнува „Везилка“: Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција

Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ денес официјално го означија почетокот на проектот „Везилка“

Започнува „Везилка“: Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција

Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ денес официјално го означија почетокот на проектот „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција во Македонија, кој ќе претставува клучна национална инфраструктура за развој на знаење, иновации и примена на вештачката интелигенција.

Проектот се реализира како стратешко партнерство меѓу Владата, Министерството за дигитална трансформација, академската заедница и Европската Унија. Негов носител е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а истиот е избран за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI Factory Antennas.

Во своето обраќање, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека „Везилка“ е системска инвестиција во иднината на државата.

„Денес поставуваме темел на една нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој. Ова е проект што ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината. Визија во која Македонија не е само корисник на новите технологии, туку нивен активен создавач“, истакна Андоновски.

Министерот нагласи дека преку „Везилка“, Македонија станува дел од најамбициозната европска иницијатива во областа на вештачката интелигенција и добива директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на ВИ модели.

Посебен акцент беше ставен на развојот на македонски јазични модели и дигиталното присуство на македонскиот јазик во идните генерации на системи за вештачка интелигенција.

„Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на зачувување на културниот идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на ВИ системи“, истакна министерот.

Покрај научната и технолошката компонента, проектот ќе овозможи развој на решенија во здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација, како и воспоставување центар за обуки, трансфер на знаење и развој на човечки капитал.

Во своето обраќање, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, истакна дека „Везилка“ претставува инвестиција во знаење, во луѓе и во капацитетот на Македонија да биде дел од европските и глобалните технолошки текови, потенцирајќи дека идната конкурентност на државите ќе зависи од нивната способност да инвестираат во иновации, истражување и таленти.

Проектот „Везилка“ ќе биде поврзан со европската AI фабрика „Фарос“ во Грција и ќе стане дел од поширокиот регионален и европски екосистем за вештачка интелигенција, отворајќи нови можности за македонските истражувачи, компании, стартапи и институции.

Министерството за дигитална трансформација останува посветено на создавање на современа дигитална држава, заснована на знаење, иновации и добро управување, во која новите технологии ќе бидат ставени во служба на граѓаните, економијата и долгорочниот развој на Македонија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јаневска: Наследивме катаклизма, а денес образованието и науката забрзано напредуваат

Јаневска нагласи дека во изминатите две години се реализирани бројни реформи насочени кон подобрување на условите и можностите за учениците, студентите, наставниците и научната заедница.

Јаневска: Наследивме катаклизма, а денес образованието и науката забрзано напредуваат

„Пред две години затекнавме катаклизма. Запревме понатамошен пад и со одговорно и посветено работење сега веќе го подигнуваме квалитетот на образованието и ја раздвижуваме науката“, истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес-конференција во Владата, на која презентираше отчет за двегодишната работа на Министерството за образование и наука.

Јаневска нагласи дека во изминатите две години се реализирани бројни реформи насочени кон подобрување на условите и можностите за учениците, студентите, наставниците и научната заедница.

Меѓу најзначајните достигнувања ги посочи обезбедената системска поддршка за талентираните ученици и целосното покривање на трошоците за пат и котизација при учество на меѓународни олимпијади, зголемувањето на бројот и видовите на стипендии, унапредувањето на стручното и дуалното образование во кое се вклучени 1000 компании и формирани се седум регионални училишни центри, воспоставувањето стабилен систем за навремена набавка и испорака на учебници, растот на платите на наставниот кадар и финансиската поддршка за реализација на научно – истражувачки проекти од национален интерес.

„Трета година по ред, сите ученици ќе ги добијат учебниците на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици кои со години недостигаа“, рече министерката, додавајќи дека свежи се сеќавањата кога децата пред неколку години се снаоѓаа копирајќи скрипти, за што беа предупредувани дека ќе следуваат казни за нив и нивните родители.

Таа информираше дека значително е зголемена поддршката за учениците со посебни образовни потреби преку ангажирање на 1.350 образовни асистенти во основното и за прв пат 150 асистенти во средното образование. Дополнително, овозможено е образование во хибриден формат за ученици кои подолго време се на болничко или домашно лекување, а зајакната е и поддршката за образованието на помалите заедници во земјата.

Во делот на студентскиот стандард, Јаневска посочи дека се прифатени повеќе барања на студентите, меѓу кои проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк за да можат да го користат и постдипломците и вработените студенти, олеснување на условите за добивање стипендии и воведување нови категории стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби.

„Новиот Закон за високо образование кој го предлагаме, предвидува најдобрите студенти во секоја генерација, добитниците на инженерски прстен и други државни признанија, да имаат предност при вработување во јавните високообразовни и научни установи“, додаде министерката.

Во образовната инфраструктура се инвестирани околу 70 милиони евра за повеќе од 90 проекти. Јаневска ја издвои изградбата на десетина нови училишни објекти и четири спортски сали, реконструкцијата на студентските домови, деблокираната изградба на новиот објект за ФИНКИ и отпочната постапка за изградба објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.

Министерката потенцираше дека во 160 училишта е инсталирана нова ИТ опрема и обезбеден безбеден пристап до интернет, додека над 1.000 наставници се обучени за примена на вештачка интелигенција во наставата.

Од поважните тековни процеси ги издвои оптимизацијата на училишната мрежа и едносменското работење воведено во над 200 училишта.

„Свесна сум дека има реакции за оптимизацијата, но да повторам – никој нема да биде отпуштен од работа, иако во претходните 7 години имаме 17 илјади ученици помалку и се намалува соодносот наставници спрема ученици“, рече Јаневска.

Посебен акцент беше ставен на подобрувањето на статусот на наставниците. Во првите две години од мандатот платите се зголемени за над 20 проценти, а со потпишаната спогодба со СОНК е обезбедено нивно континуирано зголемување во период од четири години. Продолжува кариерното напредување на наставниците и стручните соработници во основното образование, а за прв пат годинава е воведено и во средното. Со новиот електронски дневник пак, наставниците се ослободени од бројни административни обврски кои ги имаа во минатото, но и заштитени се од притисоците за менување оценки на крајот од годината.

Во високото образование и науката, буџетот за универзитетите е зголемен од 3 милијарди денари во 2022 година на 8 милијарди денари во 2026 година, додека буџетот за наука е зголемен од 380 на 773 милиони денари. Во 2025 година се доделени над 370 милиони денари за научно-истражувачки проекти од национален интерес, а за кадарот на факултетите и научните установи е обезбеден бесплатен пристап од базите Web of science и Scopus.

Јаневска потсети дека министерството во 2024 година наследило долгови од околу 5 милијарди денари, кои беа сервисирани за да се обезбеди нормално функционирање на образовниот систем.

„Запревме слободен пад и сега веќе Македонија забрзува. Образованието и науката се столб на развојот и затоа остануваме посветени на реформите кои ќе обезбедат подобри можности за младите и поконкурентна држава“, порача министерката.

Министерство за образование и наука

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трипуновски: Македонија забрзува - од долгогодишен застој, долгови и неработење, ние денеска имаме позитивен раст, инвестиции и конкретни резултати во земјоделскиот сектор

Прес-конференција на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трипуновски.

Трипуновски: Македонија забрзува - од долгогодишен застој, долгови и неработење, ние денеска имаме позитивен раст, инвестиции и конкретни резултати во земјоделскиот сектор

Денеска сме тука транспарентно да ја запознаеме јавноста, пред се што направивме овие две години од практицирање власт, но и што наследивме од претходната власт во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Почитувани,

Во Министерството, затекнавме целосен застој, хаос во институциите, наталожени проблеми, нерешени предмети и целосен колапс.

Континуиран пад на земјоделското производство во нашата држава.

Неисплатени субвенции од претходни години, од 2020 до 2024 со преземањето на власта. Како конкретен пример, само за оние кои што имаат предадено млеко во млекарниците, им немаа исплатено субвенции за 17 месеци.

Нереализирани кредити, едниот од нив е кредитот земан од германската банка KfW во износ од 80 милиони евра, цели 5 години немаа реализација со што државата платила околу 2 милиони евра пенали.

За 5 години исто така кредитот за Модернизација на земјоделството земан од Светска Банка имаме реализација под 10%, што е навистина еден несериозен пристап.

Без нови акредитирани мерки во Платежната Агенција за цели 7 години и без да се обезбедат дополнителни средства за нашите компании, за нашите земјоделци.

Над 1.600 вработени во ЈП Национални шуми и АД Водостопанство повеќе од 4 мееци беа оставени без плата, здравствено и пензиско осигурување.

Ова накратко беше реалноста која што ја затекнавме во Министерството со преземањето на власта во 2024 година.

Но ние од самиот почеток започнавме со решавање на долгогодишните наталожени проблеми и системската нефункционалност.

За нашата посветена работа се говори низ бројки и конкретни резултати.

За имаме зголемен извоз на земјоделски производи и нивни преработки од 417 милиони евра во 2025 година, односно суфицит од 215 милиони евра за истата година.

Согласно податоците кои што ги објавува Државниот завод за статистика бележиме раст и во производството. Во 2025 година во производството на кравјо млеко имаме раст од 2,7% споредбено со 2024 година. Во делот на овчото млеко имаме раст од 4% за истиот период споредбено со 2024 година. Имаме зголемување на произведените количини на свинско месо, со што се задоволува целокупната количина која што е потребна за домашниот пазар.

Во 2025 година се откупија и се произведоа вкупно 300.000 тони пченица што е еквивалент на она што е потрено на нашата држава за задоволување на домашните потреби.

Земјоделството од просечен пад на бруто-додадена вредност од 4,4% годишно, во 2025 година имаме позитивен раст од 1%. Позитивен раст имаме и од 3,3% во првиот квартал во 2026 година.

Исто така се пристапи и кон исплата на субвенциите, оние заостанати и оние кои што тековно се исплаќаат согласно Програмите. Само во првите 5 месеци од 2024 година исплатени се околу 4 милијарди денари кон оние кои што ги чекаа средствата од програмите на Министерството. Вкупно од преземањето на власта до денеска исплатени се над 15 милијарди денари субвенции кон македонските земјоделци.

Имаме исто така зголемување на субвенциите во сточарството за 50%.

Го укинавме и двојното пријавување, односно бирократијата која што ја имаше воведено претходната власт и заради ваквиот бирократски однос беа под ризик околу 7.000 земјоделци во 2024 година да не земат финансиска поддршка.

Тука би напоменал Министерството напорно работеше да биде поблиску до сите оние кои што се корисници, земјоделците. се отворија нови подрачни единици и подрачни канцеларии во Ново Село, Јегуновце, Босилово, Могила, Новаци, Росоман.

Останатите се адаптираат за да се подобрат условите за работа на вработените.

Во текот на 2024 и 2025 година доделивме финансиска поддршка во износ од 75.000.000 денари на научно образовните институции за набавка на опрема за лабораториски анализи.

Во делот на зголемени откупни цени, неминовно е прво да се спомене откупот на тутунот и откупните цени, веќе во 2024 година од 375 денари заедно со компаниите во сериозни разговори се покрена цената на 400 денари за прва класа.

Исто така мора да се напомене во делот на откупот на винското грозје иако наследивме Министерство кое што немаше донесено Методологија по која што се пресметува производна цената цена, веќе истата година, во 2024 ја донесовме ние и се пресмета производната цена зголемена за 25% кон македонските лозари, кои што добија една до сега највисока цена.

Исто така мора да се потенцира дека напорно работевме и во делот на посветеноста кон младите земјоделци. Иако имаа предност во сите објави кои што ги имаше Министерството пред се за распределба на земјоделско земјиште, морам да потенцирам дека имавме објава за посебна мерка за финансирање на млади земјоделци, пристигнаа 254 апликации, при што се одобрија 117 апликации кои што ги исполнуваа условит. Поддршката изнесуваше 69 милиони денари.

Компаративно во 2023 година, исто Министерството од претходната власт објавиле ваков повик за за ваква поддршка, при што пристигнале минимални 44 апликации, а одобрени биле само 18, што е навистина една поразителна бројка.

Во 2024 година се потпишаа 57 договори за набавка на специјални комбајни за жетва на ориз и на мини сушари. Сите 57 апликанти ги добија договори и се подели финансиска поддршка во вредност од 34 милиони денари.

Во 2024 и 2025 година се доделија над 110 договори во вкупен износ од 16.5 милиони денари за поддршка на локални манифестации и саеми. Со ова Министерството даде сериозна поддршка во делот на промоција на локалните манифестации, во делот на локалниот рурален туризам и во делот на нашето земјоделско производство и нивни преработки.

Модернизација во делот на земјоделството, кредитот од Светска Банка во делот на изградбата на логистичко-дистрибутивниот центар во Скопје е објавен и завршен повик за избор на компанија која што до крајот на 2027 година ќе го има изградено овој објект, кој што нашата држава го заслужува и треба да го има во делот на агросекторот.

За центарот за сортирање и складирање во Струмица веќе се подготвува документација, и крајот на оваа година се планира да се започне со изградба.

Во делот на реконструкцијата на Платежната агенција, веќе е избрана компанија, се работи на модернизација на зградата. Со ова го отклонуваме еден од главните предуслови за акредитација на новата мерка 6 која што треба да биде ставена на располагање на нашите општини во делот на модернизација. Кон крајот на годината треба да заврши обновата на овој објект и да биде ставен во функција на Платежната агенција.

Исто така се работи на воспоставување на база на земјоделско земјиште во еден интегриран систем, кој што ќе биде достапен и за државата, институциите но и за земјоделците.

Вториот проект на кој што се работеше интензивно изминативе две години, а тоа е кредитот од германската банка KfW. Затекнавме неформирана проектна единица, а денеска со преземањето на власта оваа проектна единица има сериозен прогрес во оваа компонента. За проектот Страиште завршена е предквалификацијата, се работи на избор на фирма, во наредните месеци ќе имаме компанија која што физички на трен ќе почне изградба на еден ваков систем за наводнување во делот на Страиште.

Додека во делот на системот за наводнување Пепелиште се работи на проектот и до крајот на годината се очекува да имаме избрана компанија.

Неминовно е да се спомене и во делот на Платежната агенција, веќе во октомври 2025 година се достави новиот пакет за акредитација на мерка 6 како што споменав до Брисел, со цел да ја акредитираме ова амерка која што е важна за нашите општини и за новите средства кои што ќе бидат повлечени. Платежната агенција работеше на нови повици, меѓутоа исто така завршуваа и претходни, наследени и нереализирани повици кои што биле објавени од претходната власт.

Во делот на државното земјоделско земјиште до сега се склучени се над 2.100 договори за околу 6.000 хектари, ослободени се дополнително над 2.000 хектари согласно контролите кои што ги правиме преку Земјоделскиот инспекторат и во најскоро време ќе имаме уште една објава, трет јавен повик на кој што ќе се стави преостанатото слободно земјоделско земјиште на располагање на самите земјоделци.

Исплатени заостанати плати, како што споменав првата активност на Владата беше да се помогне на ЈП Национални шуми и АД Водостопанство. Се одвоија вкупно 350 милиони денари за да се стават овие две јавни претпријатија во позитивна нула.

Исто така повторно е потпишан колективен договор за вработените во самото Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Се спроведе постапка и веќе вработените во Шумска полиција имаат обезбеден бенифициран стаж кој што согласно ризичното работно место го заслужувале многу порано, но сега ние за овие две години успеавме да го реализираме.

Во делот на инвестиции во водостопанството, во 2025 година е доделена финансиска поддршка од 132 милиони денари за инфраструктура.

По цели 60 години е исчистено езерото Младост и се преземени мерки за подобрување на дотокот и квалитетот на водата. Веќе Јавното претпријатие има спроведено бушотини кои што ќе значат доток на вода, свежа вода во езерото односно одржување на екосистемот.

Зголемени се површините под наводнување, споредбено ако претходните години АД Водостопанство покривало околу 14.000 хектари, веќе во 2025 година имаме покриеност од 17.700 хектари.

Согласно овие активности зголемени се и производствените капацитети, односно доволната количина на вода значи зголемено земјоделско производство. Само во делот на лозарството во 2025 година споредбено со 2024 имаме 40% повеќе принос.

Неминовно е да се спомене браната Конско, иако претходната влада се фалеше дека проектот е завршен, наследивме ннеизграден пристапен пат, незавршена експропријација. Денеска можеме да кажеме дека сите овие активности се заврпени и наредниве месеци ќе се прави технички прием односно браната ќе може конечно да биде ставена фаза на тестирање односно да се полни со вода.

Брана Речани, направена е јавна набавка за избор на компанија за надзор на градбата, проектот е откочен. Сега имаме интензивна работа на браната и изведбата тече без проблеми.

ХС Равен Речица, објавен оглас за надзор кој што го немаше овој проект. Проектот е откочен и во моментот се работи на терен. Реализацијата е над 90% на овој хидросистем кој што е многу важен за западниот дел на државата.

Реконструкција на Пумпната станица Дебар, изведната е завршена, проектот е комплетно завршен.

Изградба на систем за наводнување Колибари, до крајот на годината ќе се направи техничкиот прием кој што согласно процедурите треба да се направи и овој систем ќе биде ставен на располагање на сите корисници од тој дел.

Реконструкција на системот за наводнување Турија, заедно со ФАО се обезбедени финансиски средства за целосна реконструкција на системот и затворање на главниот цевковод кој што практично значи една поголема достапност на вода на корисници од тој дел.

Спроведување на II и III фаза од ХМС Злетовица, после цели 10 години повторно се работи на реализација на проектот. Договорот за грантот ќе биде потпишан во наредниве денови.

Набавен е дизел агрегат за филтер станица во Општина Карбинци во текот на 2025 година.

Систем за наводнување Сарај, интензивирано се работи на терен и е во сериозна напредна фаза.

Обезбеден грант за проектот „Изградба на мали, економични, еколошки системи за наводнување во Сопот и Новаци“, во општина Кавадарци и општина Новаци со вредност од 4,1 милион евра европски средства и национално кофинансирање од 1,5 милиони евра. Во декември 2025 година веќе е потпишан договорот, реализацијата на овој грант е во почетна фаза.

Во делот на шумарството мора да се напомене дека е наследено јавно претпријатие кое што работеше со неисплатени плати и загуба, денеска имаме профит од 10 милиони денари. Министерството додели и инвестиции од 48 милиони денари за набавка на опрема која што е потребна за непречено функционирање на ова јавно претпријатие.

Во текот на 2026 година е пуштен во употреба дигиталниот систем за следење и управување со шумски податоци, односно хартиената форма на водење на евиденција на самата работа на јавното претпријатие е ставено во дигитална форма со што се елиминираат и минималните моменти за злоупотреба во делот на следење на дрвната маса и шумарството.

Во делот на ловството треба да се напомене дека се објавени 4 јавни повици (2025–2026) за вкупно 110 ловишта кои што се ставени на располагање. За разлика од минатото кога се поништуваа јавните повици, денеска имаме склучени 71 нов договор со нови концесионери, а 39 постапката се уште тече и многу скоро и таа ќе биде завршена.

Во делот на рибарството, треба да се каже дека заедно со Хидробиолошкиот Завод – Охрид по застој од 6 години се изврши вештачки мрест и порибување на Охридското езеро со околу милион единки на охридска пастрмка.

По 5 години застој односно без концесионер, спроведена е постапка и доделени се рибите на користење на 6 зони за комерцијален и на 1 зона за рекреативен на Охридското Езеро.

Во изминатите 20 месеци донесени се повеќе од 150 плански документи на самото Министерство, над 50 правилници согласно Законите по кои што работи Министерството и институциите.

Изминатиот период сериозно се работеше и на нови законски решенија кои што ќе значат подобро функционирање на земјоделскиот сектор. Тука би ги напоменал Законот за земјоделско земјиште, Законот за земјоделство и рурален развој како еден од основните закони за функционирање на Министерството, Законот за уредување на пазарите и Законот за шумите.

Во постапка е формирање на кредитен револвинг фонд за откуп на земјоделски производи.

Сакам да ја споменам и кампањата „Македонско најдобро“, ја започнавме кампањата која има за цел да го зголеми и зајакне домашното земјоделско производство, да се обезбеди просперитет на нашите земјоделци и нормално да ја зачуваме нашата економија.

Нашата работа се препознава преку реални резултати.

Почитувани,

Разликата е повеќе од очигледна, од долгогодишен застој, долгови и неработење, ние денеска имаме позитивен раст, инвестиции и конкретни резултати во земјоделскиот сектор.

Од нефункционален систем за наводнување, денес имаме систем што функционира и допринесува за зголемен принос за земјоделско производство што е многу важно за нашата економија и за извозот на нашите квалитетни земјоделски производи.

Денеска Македонија забрзува со инвестиции, проекти и конкретни реформи.

Нема враќање назад, кон оние што донесоа афери, порази и криминал, нема враќање кон политиките кои што ја уништуваа државата.

Ние ќе продолжуваме уште позасилено затоа што Македонија забрзува и нема да застане во прогресот.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер