Шпанија воведува ригорозни мерки против пушење- казните достигнуваат и до 600.000 евра - Канал 5

Шпанија воведува ригорозни мерки против пушење- казните достигнуваат и до 600.000 евра

Шпанската влада одобри нацрт-закон со кој значително се заоструваат правилата за потрошувачка на тутун и сродни производи. 

Шпанија воведува ригорозни мерки против пушење- казните достигнуваат и до 600.000 евра

Реформата за прв пат регулира нови производи како што се електронски цигари и никотински кесички, а пушењето ќе биде забрането на терасите на угостителските објекти, плажите и спортските терени. Целта е да се усогласи законот од 2005 година со новите потрошувачки навики, пишува Euronews.

Нацртот сега оди во парламентарна процедура, каде што можат да се донесат измени пред конечното усвојување. Реформата е дел од Сеопфатниот план за спречување и контрола на пушењето 2024-2027 година и е најзначајната промена во законот за тутун во повеќе од десет години. Министерството за здравство вели дека целта е да се зголеми бројот на зони без чад, да се заштитат децата и адолесцентите и законски да се опфатат новите никотински производи за кои имало законски празнини.

Проширување на зоните без чад

Клучната промена е проширувањето на списокот на места каде што ќе биде забрането пушењето. Доколку законот се усвои, потрошувачката на тутун и е-цигари ќе биде забранета на терасите на кафулињата и рестораните, на морските и речните плажи, јавните базени, спортските терени и во националните паркови.

Забраната ќе важи и за службените возила, освен ако не се исклучиво за приватна употреба, како и на отворените простори каде што се одржуваат јавни настани. Се воведуваат „заштитни зони“ од 15 метри околу влезот во јавните згради, болниците, училиштата, универзитетите, библиотеките, музеите и детските игралишта.

„Секој што сака да пие кафе или да ужива во слободното време на терасата треба да може да го прави тоа без чадот од соседните маси да стане дел од нивното мени“, рече министерката за здравство Моника Гарсија. Таа додаде дека пушењето предизвикува околу 50.000 смртни случаи во Шпанија секоја година.

Тотална забрана за малолетници

За прв пат, новиот закон воведува експлицитна забрана за потрошувачка на тутунски производи за лица под 18 години. Досега беше забранета само продажбата, но не и потрошувачката, за која немаше казни.

Министерството за здравство наведува дека, според истражувањето „Естудес 2025“, уделот на дневни пушачи кај младите на возраст од 14 до 18 години е 4,3 проценти, што е најниско ниво од 1994 година. Сепак, во истата возрасна група, 15,5 проценти од младите консумирале тутун во последниот месец.

Нацрт-законот, исто така, ја задржува забраната за консумирање никотински кесички за малолетници, но овие производи се ослободени од општото проширување на зоните без чад.

Е-цигарите на исто ниво со тутунот

Реформата ги изедначува електронските цигари и сродните производи со традиционалните цигари. Ова значи дека забраната за пушење ќе се однесува на уреди со и без никотин, билни производи за пушење, наргиле и сите уреди што го имитираат чинот на пушење.

Ново е ограничувањето на продажбата на овие производи исклучиво на специјализирани продажни места, чии услови ќе ги пропише Министерството за здравство. Ваквите продавници нема да имаат реклами видливи од улицата.

Во однос на нацрт-законот од 2025 година, владата привремено ја напушти забраната за вејпови за еднократна употреба и воведувањето на неутрално пакување цигари. Сепак, се најавува дека овие мерки ќе се обидат повторно да се воведат за време на парламентарната постапка, по усогласувањето со прописите на Европската Унија.

Построги правила за рекламирање

Предлог-законот, исто така, ги заострува сите ограничувања за рекламирање, промоција и спонзорство на тутун и сродни производи. Забраните ќе важат за сите медиуми и платформи, вклучувајќи ги автоматите за продажба, интернетот и сите форми на директна или индиректна промоција.

На телевизија и други аудиовизуелни медиуми, презентерите, соработниците и гостите не смеат да се појавуваат додека пушат, ниту пак смеат да прикажуваат тутунски производи и уреди. Прикажувањето на брендови, логоа и други комерцијални марки исто така ќе биде забрането.

Казни и рокови за прилагодување

Законот, исто така, го ажурира системот за казни. Според локалните медиуми, казните за прекршоци ќе се движат од 200 до 600.000 евра, во зависност од нивната сериозност. Малолетниците кои ќе ја прекршат забраната за консумирање ќе бидат казнети со најмалку 200 евра за помали прекршоци. Министерството за здравство вели дека овие казни можат да се заменат со општествено корисна работа.

Законот ќе стапи на сила 20 дена по неговото конечно усвојување и објавување. Угостителските објекти и другите институции ќе имаат два месеци да постават знаци што ги означуваат новите зони без пушење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Повик до жителите на Општина Кисела Вода: Учествувајте во креирањето на општинскиот буџет за 2027 година

Во пресрет на креирањето на Буџетот за 2027 година, Општина Кисела Вода организира јавни средби за партиципативно буџетирање со граѓаните. 

Повик до жителите на Општина Кисела Вода: Учествувајте во креирањето на општинскиот буџет за 2027 година

Овој процес се спроведува во соработка со Finance Think, со цел секој жител директно да се вклучи и да придонесе во одредувањето на приоритетите за следниот општински буџет.

Под мотото „Предложи, дискутирај, приоритизирај“, присутните ќе имаат можност да ги посочат најважните потреби за својата населба и заеднички да помогнат во дефинирањето на буџетските решенија.

Средбите ќе се одржат на две локации, при што првата е закажана за утре, вторник, 3 ноември 2026 година, во периодот од 17:30 до 19:00 часот, во Домот на култура во Драчево. Втората средба ќе се реализира во среда, на 4 ноември 2026 година, од 17:00 до 18:30 часот, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

Доколку граѓаните не се во можност лично да присуствуваат на овие настани, отворена е можноста своите предлози да ги испратат електронски преку линкот https://tinyurl.com/PrijaviProblem.

Овој процес се реализира во рамките на проектот „Граѓански надзор: Премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Филипче: Укажувавме за Алта банка - блиска до Вучиќ, пари од криминал, трговија со дрога, опљачкани од народот

Филипче нагласи дека  предупредувањата се претворија во реалност, а последиците ги чувствуваат илјадници граѓани кои не можат да пристапат до сопствените средства.

Филипче: Укажувавме за Алта банка - блиска до Вучиќ, пари од криминал, трговија со дрога, опљачкани од народот

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието, потсети дека СДСМ речиси една година предупредуваше за ризиците од влезот на Алта банка во Македонија, банка за која постоеја информации дека е блиска до Вучиќ и дека зад нејзиниот капитал стојат сомнителни пари од криминални и коруптивни зделки, трговија со дрога и пари опљачкани од граѓаните. Филипче нагласи дека предупредувањата се претворија во реалност, а последиците ги чувствуваат илјадници граѓани кои не можат да пристапат до сопствените средства.

„Скоро година дена наназад укажуваме за проблемот којшто беше тогаш, сега веќе настана со Алта банка. Укажувавме на тоа дека е тоа банка којашто настанала од една многу мала штедилница, дека тоа се луѓе блиски на Александар Вучиќ, негови пријатели, дека во медиумите има информации, имаше информации од Србија дека тоа се пари од криминални коруптивни сделки, од трговија со дрога, пари опљачкани од граѓаните“, рече Филипче.

Тој посочи дека одговорноста за настанатата ситуација е кај власта на Мицкоски, која овозможи влез на Алта банка во земјава, а денес илјадници граѓани не можат да располагаат со своите пари.

„И еве проблемот се случи, се случи и кај нас. Дека оваа власт кај нас во Македонија, предводена од Христијан Мицкоски, е арамиска и криминална, ова е само уште еден од доказите. За жал, сега на директна штета на граѓаните коишто тоа ќе го почувствуваат по своите џебови. Илјадници луѓе коишто денес не може да стигнат до своите средства, не им работат ни картичките, како што вчера најавуваше дека тоа ќе функционира гувернерот, очигледно соучесник во целата оваа манипулација и цел овој сомнителен коруптивен криминален процес на носење на Алта банка во земјава“, рече Филипче.

Филипче предупреди дека последиците можат да бидат уште поголеми и дека граѓаните веќе се загрижени за сигурноста на своите депозити и во другите банки и посочи дека премиерот Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Славески треба да одговорат за загрозувањето на средствата на граѓаните.

„Христијан Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Трајко Славески очигледно е дека ќе помогнат да се опљачкаат помеѓу 150-180 милиони евра од граѓаните. Стравуваме дека ова ќе има и домино ефект и врз други банки, затоа што веќе други граѓани коишто немаат сметка во Алта банка од утрово ни јавуваат и ни кажуваат дека си ги проверуваат своите депозити и своите пари во други банки и ја проверуваат достапноста на истите тие средства“, рече Филипче.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ласовска на седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК

Ласовска пред членовите на Комисијата го презентираше нацрт-извештајот „Парламентарна поддршка за иновациите: законодавни пристапи за унапредување на науката и технологијата во Регионот на Црното Море“.

Ласовска на седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК

Пратеничката Благица Ласовска, потпретседателка на ПАБСЕК и шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, учествуваше на 68. седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК, што се одржува на 2 ноември 2026 година во Тбилиси, Грузија.

Во својство на известувач, Ласовска пред членовите на Комисијата го презентираше нацрт-извештајот „Парламентарна поддршка за иновациите: законодавни пристапи за унапредување на науката и технологијата во Регионот на Црното Море“.

При презентацијата таа се осврна на главните наоди и насоки во извештајот, кој ги разгледува можностите земјите од регионот подобро да ги поврзат науката, технологијата и претприемништвото со одржливиот економски развој.

Ласовска истакна дека способноста за создавање знаење и негово претворање во практични решенија, производи и услуги е сè поважна за конкурентноста, економската отпорност и благосостојбата на граѓаните.

Ефикасниот иновациски систем, според извештајот, се темели на соработка меѓу државните институции, универзитетите, истражувачките центри, стопанството и финансиските институции.

Во извештајот се посочуваат предизвиците со кои се соочуваат земјите членки на ПАБСЕК, меѓу кои се разликите во капацитетите за истражување, финансирањето, инфраструктурата и учеството во меѓународни програми.

Посебно внимание е посветено на потребата научните резултати полесно да стигнат до примена во стопанството, како и на условите за иновативните претпријатија да обезбедат инвестиции, да се развиваат и да пристапат до меѓународните пазари.

Ласовска укажа и на значењето на човечкиот капитал за развојот на иновациите.

Поддршката за младите истражувачи, унапредувањето на професионалните можности, мобилноста меѓу академската заедница и стопанството и соработката со научната дијаспора се важни за задржување и развој на стручниот кадар во регионот.

Во делот посветен на парламентарната улога, извештајот ја истакнува потребата од усогласена и предвидлива законска рамка за истражувањето, високото образование, интелектуалната сопственост, инвестициите, јавните набавки, заштитата на податоците и новите технологии.

Парламентите имаат важна улога и преку надзор над спроведувањето на националните стратегии, редовно известување и користење независни научни совети при подготовката на политики и законски решенија.

Во извештајот се нагласува дека предизвиците во науката и технологијата не можат целосно да се решаваат само на национално ниво. Регионалната соработка може да овозможи заеднички истражувачки програми, размена на знаења, мобилност на истражувачите и поширок пристап до научна инфраструктура и специјализирана опрема. Во тој контекст, ПАБСЕК може да придонесе преку парламентарниот дијалог, размената на искуства и поттикнувањето соработка меѓу земјите членки.

По презентацијата, членовите на Комисијата расправаа за извештајот и за можностите за унапредување на законодавните пристапи и соработката во Регионот на Црното Море и истиот беше усвоен. Комисијата ја определи Ласовска како известувач на 68. Генерално собрание на ПАБСЕК што ќе се одржи од 23 до 25 ноември во Атина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер