Шпанија со милијарда евра воена помош за Украина во 2026 - Канал 5

Шпанија со милијарда евра воена помош за Украина во 2026

Шпанија годинава ќе и обезбеди на Украина воена помош во вредност од една милијарда евра, изјави премиерот Педро Санчез.

Шпанија со милијарда евра воена помош за Украина во 2026

- Значителен дел од средствата ќе бидат обезбедени преку европскиот одбранбен фонд SAFE - рече Санчез на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Мадрид.

- Цврсто стоиме покрај Украина – денес и во иднина - нагласи шпанскиот премиер.

Зеленски, кој претходно одржа разговори во Лондон, престојува во четврта официјална посета на Шпанија од почетокот на руската целосна инвазија врз неговата земја.

Тој вчера побара дополнителна поддршка и во Лондон, изразувајќи загриженост дека конфликтот со Иран би можел да влијае врз испораките на оружје за Украина.

Санчез и Зеленски најавија дека нивните земји, како и компании од двете држави, ќе соработуваат во развој и производство на оружје.

-Украина е подготвена да го сподели знаењето и горкото искуство стекнато во оваа војна, особено во областа на дронови и нови технологии - изјави Зеленски.

Воедно, тој нагласи дека е од клучно значење да се одблокира заемот од 90 милијарди евра на ЕУ за Украина, кој во моментов е блокиран од Унгарија.

Дел од шпанската помош во изминатите години беше реализирана преку директни испораки на воена опрема, вклучително и тенкови „Леопард“, како и преку набавки на оружје и хуманитарна помош.

Сепак, најголемиот дел од поддршката доаѓа преку учеството на Шпанија во програмите на ЕУ и НАТО. Земјата, исто така, прифати повеќе од 300.000 украински бегалци во рамки на европската Директива за привремена заштита.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во Белорусија се изврши размена на телата на загинатите војници- Русите предале 252, Украинците 25 тела

Русија и Украина разменија останки на 277 војници убиени во војната.

Во Белорусија се изврши размена на телата на загинатите војници- Русите предале 252, Украинците 25 тела

Русија ѝ ги предаде телата на 252 загинати војници на Украина, а за возврат ги презеде останките на 25 свои војници, објави белоруската новинска агенција БелТА. Размената се одржа на граничниот премин Новаја Гута во Белорусија.

Договорено обновување на трипартитните мировни преговори

Репатријацијата на останките се случи еден ден откако специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ги заврши разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Санкт Петербург. Тие разговараа за обновување на трипартитните мировни преговори, кои беа прекинати уште во февруари.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Киев го поддржува американскиот предлог за трилатерални преговори со Москва и Вашингтон. Кремљ објави дека Путин се согласил да ги продолжи преговорите со посредство на САД, веќе следниот месец.

Русија и Украина претходно разменија останки на паднати војници во август и септември. Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, на 2 октомври објави дека повеќе од 26.000 тела и останки се вратени во Украина како дел од репатријацијата, но значаен дел од нив сè уште не е идентификуван.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Том Круз добива награда за животно дело

Признание за исклучителен придонес за филмот, холивудската ѕвезда, актерот Том Круз добива награда за животно дело .

Том Круз добива награда за животно дело

Мегапопуларниот актер Том Круз е добитник на Наградата за животно дело на Американскиот филмски институт, која ќе му биде врачена во април следната година, соопштија денеска организаторите.

Наградата е посветена на зачувувањето и промовирањето на филмот. „Како актер и продуцент, тој внесува извонредна посветеност во сè што прави.

Она што особено го ценам е неговата длабока верба во филмовите и нивната моќ да ги зближуваат луѓето“, изјави Кетлин Кенеди, претседателка на Управниот одбор на Американскиот филмски институт.

Меѓу претходните добитници на наградата на Институтот се Бети Дејвис, Џин Кели, Елизабет Тејлор и Том Хенкс. Круз бил номиниран три пати за наградата на Филмската академија, а минатата година доби почесен „Оскар“ за животно дело.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Димитриеска-Кочоска: Со ребалансот правиме корекции согласно реалните економски услови

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска пред пратениците во Комисијата за финансирање и буџет го презентираше Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година.

Димитриеска-Кочоска: Со ребалансот правиме корекции согласно реалните економски услови

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска пред пратениците во Комисијата за финансирање и буџет го презентираше Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, со кој буџетските проекции се усогласуваат со новите економски услови, остварувањата во текот на годината и реалната динамика на реализација на расходите.

Министерката во експозето истакна дека вториот ребаланс е навремена реакција на глобалната неизвесност, геополитичките тензии и нарушувањата на енергетските пазари, кои влијаат врз економските текови и буџетските приходи.

„Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења, досегашната реализација и ефектите од мерките преземени во текот на годината. Ова е одговорен пристап во услови на неизвесност, да ги коригираме проекциите таму каде што реалноста го бара тоа, да ги намалиме расходите каде што има простор за рационализација, но истовремено да ги зачуваме средствата за законските обврски, здравствените услуги, социјалната заштита и приоритетните развојни проекти“, истакна министерката.

Со предложените измени, вкупните буџетски приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Вкупните расходи се намалуваат за истиот износ и се планирани на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет на 46,3 милијарди денари, односно 4,1% од БДП.

Проекцијата за економскиот раст за 2026 година изнесува 3,5%.

На приходната страна најизразено намалување има кај акцизите, од 34,1 на 30,4 милијарди денари, како резултат на мерките за намалување на акцизите на горивата. На расходната страна се предвидува рационализација и поефикасно користење на јавните средства. Капиталните расходи се намалуваат поради пролонгираната динамика на реализација на одредени проекти и пониската реализација на средствата од сопствени приходи, донации и заеми.

Како што посочи министерката, корекциите се вршат таму каде што реализацијата го наложува тоа, без откажување од развојните приоритети.

„Нашата цел е Буџетот да остане реален, одржлив и развоен. Буџетската дисциплина не значи откажување од развојот, туку подобро поставување приоритети, поголема одговорност во трошењето и усогласување на обврските со расположливите средства. Продолжуваме со инвестиции во патната и железничката инфраструктура, образованието, животната средина, земјоделството, енергетската ефикасност и модернизацијата на јавните финансии, со поддршка од домашни и меѓународни финансиски извори“, нагласи Димитриеска-Кочоска.

Меѓу приоритетите остануваат патните проекти, вклучително и коридорите 8 и 10д и патот Скопје–Блаце, како и железничките делници Белјаковце–Крива Паланка и Табановце. Продолжуваат активностите за изградба и унапредување на системите за водоснабдување, канализација и управување со отпадот. Средства се насочуваат и кон енергетска ефикасност, образовна инфраструктура, реконструкција на студентските домови, земјоделството, локалните инфраструктурни проекти.

Министерката посочи дека со предложениот ребаланс се обезбедува усогласување на буџетските проекции со реалните економски движења, редовно исполнување на законските обврски и продолжување на приоритетните развојни проекти, со одговорно управување со јавните финансии и задржување на планираниот буџетски дефицит.

Расправата во Комисијата за финансирање и буџет по предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година во рамки на Комисијата за финансирање и буџет трае најмногу 10 дена.

Одделение за односи со јавност

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер