Шмит: Не треба да се даваат конкретни датуми за членството во ЕУ

Не треба да се даваат конкретни датуми за членството во ЕУ, проширувањето да продолжи со фокус на владеење на правото, вели Николас Шмит во интервју за ЕНР.

Шпицен кандидатот на европските социјалисти за претстојните европски избори, Николас Шмит, говорејќи за очекувањата на државите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ до 2030 година смета дека не треба да се даваат конкретни термини, бидејќи на тој начин се создаваат очекувања, кои доколку од различни причини не се исполнат, потоа креираат големо незадоволство. Шмит во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), во која членува и МИА, нагласува дека во моментов најважно е да продолжи процесот на проширување, а на државите од регионот да им се овозможи да се реформираат согласно барањата за членство, при што фокусот треба да биде на владеењето на правото.

-Никогаш не би дал датум. Затоа што давањето датум создава очекувања и надежи. И ако не можете да го испорачате овој датум, тоа ќе создаде огромни разочарувања. Мислам дека она што е важно сега е да има процес на проширување, да продолжи процесот на зачленување, на нивно здружување, да им се даде поголема помош за да се приспособат на барањата за да станат членки на Европска унија. А фундаменталното прашање на тој пат е владеењето на правото, вели Шмит, кој е шпицен кандидат на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и актуелен еврокомесар за вработување и социјални права, во интервјуто за ЕНР.

Тој потенцира дека владеењето на правото е суштествено прашање и нагласи дека земјите-членки не смеат да ги затвораат очите пред таквите прекршувања.

-Значи, не, нема да дадам датум, но се надевам дека можеме да го забрзаме процесот и навистина да се справиме со предизвиците. Комисијата даде предлози за процесот на проширување, кој треба да биде подинамичен, чекор по чекор, попрогресивен. И мислам дека ова е вистинскиот начин за сите земји кандидати, кои сепак се многу различни една со друга од Украина до Црна Гора, вели Шмит.

Во однос на тоа дали има исто мислење и за Грузија, која во декември лани стана кандидатка за членство, Шмит нагласи дека треба да се земе предвид геополитичката ситуација.

-Русија јасно покажа дека не се откажува од доминацијата и од креирањето превирања и ограничувањето на суверенитетот, на нејзините соседи. Ова е сериозна работа. Тоа уште еднаш ни ја потврдува руската стратегија, вели тој и додава дека Грузија треба да биде внимателно мониторирана.

Во светло на неодамнешниот напад врз словачкиот премиер Роберт Фицо, кој е од редовите на социјалдемократите, како и врз неколкумина европратеници во Германија и за тоа дали смета дека ЕУ полека станува жртва на серозна поларизација, тој вели дека таквите процеси се случуваат изминатите години и во нивно креирање, меѓу другите учествуваат есктремно десничарски сили.

Напоменува дека физичкото насилство е природен следен чекор на ваквите сили и доколку не се спречи нивниот развој во европските општества тие се повеќе ќе ја поттикнуваат омразата.

-Политиката нема никаква врска со омразата. Како што знаете политиката треба да ја развива демократијата...Треба да има дебати, различни ставови, но ако ја трансформирате политиката во бојно поле, во војна, во некој вид на студена граѓанска војна, тогаш станува опасна, а непресметливите луѓе ја земаат здраво за готово и се фаќаат за оружје, особено помладите. И тоа особено ме загрижува во Германија, тоа влијание врз младите луѓе, кои стануваат насилни, нагласува Шмит, кој додаде дека ова е голем предизвик за демократските општества.

Во однос на очекувaњата од претстојните европски избори и за тоа дали очекува да освојат ист број пратеници, кој во момент изнесува 139 во над 700 члениот ЕП, вели дека задржувањето на сегашната бројка ќе го сметаат за добар резултат, но сепак сметаат дека ќе освојат повеќе мандати.

Шмит, кој е кандидат на ПЕС за иден претседател на ЕК, смета дека доколку не бидат прва политичка сила во идниот состав на ЕП, сигурно ќе бидат втора и нагласува дека социјалдемократите треба да го имаат следниот претседател на Комисијата. Други можни позиции кон кои целат се и претседател на Европскиот совет или претседател на ЕП.

Самото номинирање шпицен кандидат не значи и дека Шмит ќе остане во трката за претседател на Еврокомисијата и по изборите. На претходните избори во 2019 година таков беше случај со Европската народна партија (ЕПП), чиј шпицен кандидат беше Манфред Вебер, но на крајот функцијата ја доби неговата сонародничка и сопартијка, актуелната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Бојан Јовевски го извлече крстот од осветените води на Крива Река

Бојан Јовевски од Крива Паланка е среќникот што годинава го извлече крстот од осветените води на Крива Река.

Чествувањето на денешниот голем христијански празник, Водици, Богојавление, започна со свечена Богојавленска литургија, верниците од осум часот утрово присуствуваа на светата литургија во соборниот храм Св. Великомаченик Димитриј, по што се упатија кон мостот и кејот на Крива Река, каде свештенослужителите од Кумановско - Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво ги осветија водите на реката.

По овој чин, чесниот крст беше положен во водите на реката, а најсреќен меѓу пријавените што успеа да го извлече богојавленскиот крст беше Бојан Јовевски, кој традиционално, доби вредносен ваучер од Зегин, 15.000 денари.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка ги поздрави присутните, посакувајќи им здравје, мир и благосостојба, честитајќи му на среќникот што го извлече крстот од водите на Крива Река.

По завршување на овој чин, на градскиот плоштад во Крива Паланка се одржа манифестацијата "Пивтијада 2025" во организација на Општина Крива Паланка, со приготвени 3.000 пивтии од општината, по традиционален рецепт од страна на угостителската струка во средното општинско училиште "Ѓорче Петров", останати закуски, храна и топли пијалаци за сите граѓани.

Настанот го организираше Општина Крива Паланка со институциите од областа на културата, со поддршка од Црвен Крст и Совет на млади.

На плоштадот беа поставени и кутии за донации,со хумана мисија за поддршка на полуматурантите од градот.

За богатата културно- уметничка програма задолжени беа Андријана Алачки со бендот и Гоце Димовски "Синтезис".

Јован Илиевски го извади светиот крст од базенот во црквата „Свети Никола“ во Куманово

Дваесет и деветгодишниот Јован Илиески од Куманово го извади светиот крст, положен во водата на базенот што се наоѓа во дворот на Соборниот храм „Свети Никола“. 

Педесетина кумановци се обидоа да го извадат светиот крст во старата градска црква.

-Оваа година имав среќа, им посакувам на сите здравје, среќа и успех. Догодина да нè има повеќе на број, кажа Илиевски.

Илиевски доби подароци од црквата, бизнис заедницата, општината и граѓани.

На повеќе локации во кумановско продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води.

Претходно во Соборниот храм „Свети Никола“ се одржа и литургија по повод празникот Богојавление Водици. Верниците присуствуваа на литургија, дел од нив пресекоа славски колач, си зедоа осветена вода, се помолија за здравје, мир и благосостојба. Водици се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

УНРВА: 4.000 камиони со хуманитарна помош подготвени да влезат во Газа

Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) објави дека има 4.000 камиони со хуманитарна помош подготвени да влезат во Појасот Газа, од кои половината носат храна и брашно.

-Нападите врз хуманитарните конвои во Појасот Газа би можеле да се намалат бидејќи хуманитарната помош почнува да пристигнува по прекинот на огнот, изјави Филип Лазарини, шеф на УНРВА.

Меѓународните хуманитарни организации постојано го обвинуваат Израел за блокирање или одложување на дистрибуцијата на витална храна, лекови и гориво за време на војната во Газа. Како дел од договорот, хуманитарната помош во областа треба да се зголеми на 600 камиони дневно, што е над минимумот од 500 камиони дневно за кои хуманитарните агенции велат дека се потребни за ублажување на катастрофалната хуманитарна криза во Газа.

На крајот на октомври, израелскиот парламент донесе закон со кој се забранува УНРВА да работи во земјата. УНРВА предупреди дека новиот закон ќе предизвика „распад“ на синџирот за снабдување со помош за Газа.

притисни ентер