Шефицата на кабинет на Стармер поднесе оставка

Шефицата на кабинет на Стармер поднесе оставка откако се дозна дека имала поголема плата од премиерот.

Сју Греј, шефица на кабинет на британскиот премиер Кир Стармер, денеска поднесе оставка, по неодамнешните критики и тензии меѓу неа и главниот советник на премиерот, Морган МекСвини, за веста дека таа заработува повеќе од премиерот.

Би-Би-Си објави дека годишната плата на Греј била 170.000 фунти, што е за околу 3.000 фунти повеќе од годишната плата на еден британски премиер.

Греј изјави дека ја прифатила новата улога на претставник за региони и нации на премиерот Стармер, а МекСвиник ќе ја замени како шеф на кабинет во Даунинг Стрит.

„Во текот на мојата кариера, мојот прв интерес секогаш беше јавниот сервис. Сепак, во последните недели ми стана јасно дека јавната дебата за мојата позиција ризикува да ја наруши виталната работа на владата“, рече Греј во изјавата.

Греј стана познат во 2022 година кога ги водеше истрагите „Партигејт“ - тврдења дека поранешниот конзервативен премиер Борис Џонсон и неговиот персонал присуствувале на забави во владините згради и покрај строгите правила за заклучување поради Ковид-19. Истрагата помогна да Џонсон да замине од власта.

Во последните недели, Стармер се соочи со критики за платата на Греј, како и негативни извештаи дека тој и неговата сопруга прифаќале подароци и други предмети во вредност од илјадници фунти, што тој го демантираше.

Млад фудбалер и неговата девојка се меѓу жртвите во Нови Сад: Почивајте во мир, ангели

Фудбалскиот клуб Потисје од Кничанин во Србија на Фејсбук објави дека нивниот играч Милош Милосављевиќ е еден од загинатите во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

До него била неговата девојка Анѓела Руман.

„Со голема тага и неопислива болка ја известуваме јавноста дека нашиот соиграч, пријател и брат Милош Милосављевиќ Киви (роден 2003 година) и неговата девојка Анѓела Руман (родена 2004 година) ги загубија животите во страшна несреќа во Нови Сад.

Почивајте во мир ангели, никогаш нема да бидете заборавени“, објавија на Фејсбук.

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

Според новиот извештај на УНЕСКО, објавен денеска на Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинари, во последните две години на секои четири дена бил убиен по еден новинар, пренесува ДПА.

Од вкупно 162 убиства на новинари во 2022 и 2023 година, регистрирани од базираната во Париз организација на ООН за образование, наука и култура, повеќе од половината се случиле во земји погодени од вооружени конфликти. Според извештајот, повеќето новинари загинале во своите матични земји.

Тие што загинале во земји кои не се зафатени од конфликти, биле убиени поради известување за теми како организиран криминал или корупција или при покривање протести. Извештајот, кој се изготвува на секои две години, го анализира глобалниот статус на безбедноста на новинарите.

Во документот се наведува дека 162-те потврдени убиства на новинари во периодот 2022-2023 претставуваат „зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период кога УНЕСКО регистрирала 117 случаи. Овој период исто така претставува најголем број убиства од двегодишниот период 2016-2017 година.“

Мексико била земјата со најмногу убиства на новинари во 2022 година со 19 случаи, додека во 2023 година најголем број случаи - 24, биле регистрирани во палестинските територии, објави УНЕСКО.

Според извештајот, Јужна Америка, Карибите и арапските земји се региони каде биле убиени најмногу новинари.

Дополнително, во повеќето случаи никој не бил одговорен за овие убиства. УНЕСКО објави дека процентот на неказнивост на глобално ниво во 2024 година изнесувал 85 отсто, што е мало намалување од 89 отсто во 2018 и 95 отсто во 2012 година.

- Овие злосторства не смеат и не можат да останат неказнети. И сепак, тоа сè уште е случај за речиси 85 отсто од нив, изјави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

- На овој меѓународен ден да се потсетиме на важноста од безбедност, независност и заштита на новинарите во нивната работа, која е од круцијално значење за мирот и социјалниот напредок, додаде Азуле.

Митровденска задушница - спомен за починатите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.

Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември).

Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

притисни ентер