Шахпаска и Филипче се сретнаа со дел од родителите кои протестираа пред Владата

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче вечерва во Владата остварија средба со дел од родителите, кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство.

Родителите реагираа на Одлуката на Владата на 23 септември 2020 година сите родители од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места, поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.

Двајцата министри им пренесоа дека Одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој на минимум го сведува ризикот од ширење на КОВИД-19. Оттука логично е после отворањето на градинките, родителите да се вратат на работниот процес.

Претставничките на дел од родителите информираа дека стравуваат за здравјето на нивните деца и затоа сакаат да го одложат тргнувањето на нивните деца во градинка до почетокот на идната година, но и дека им треба подолг период на адаптација.

Министерот за здравство Филипче нагласи дека сите предвидени Протоколи, вклучително и тој за работа на градинките, се дефинирани според строги епидемиолошки правила и се целосно медицински издржани.

„Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес", рече министерот Филипче.

Од друга страна министерката Шахпаска информираше дека во градинките, според информациите од терен има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.

„Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа на сите деца. Според Протоколот предвидовме приоритет за оние семејства на самохрани родители и двајца вработени, на кои тоа навистина им е неопходно. Градинките имаат капацитет од 19.000 места, а како приоритетни пријавени се 14.555 деца. Тоа значи дека бројката од самиот почеток не беше целосно исполнета, а имавме и случаи кога децата не престојуваа во градинка, а беа пријавени како приоритетни", нагласи Шахпаска.

Таа дополнително информираше дека по Одлуката на Комисијата за заразни болести да се зголеми капацитетот на групите од 0 до 2 години од шест на 12 деца, дополнително е зголемен капацитетот за прием на деца.

Во однос на забелешката на претставничките на мајките дека враќањето во работниот процес ќе биде проблем и за родителите на децата од 6 до 10 години, министерот Филипче нагласи дека мерката за нив е укината уште од 7 јули 2020 година и оттогаш тие се на работа.

Министрите Шахпаска и Филипче им најавија на претставниците на дел од родителите дека нивните забелешки ќе бидат пренесени на Владата.

На крајот тие нагласија дека Владата внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од развојот на ситуацијата одлуките ги носи единствено во интерес на граѓаните и на нивното здравје.

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер