Севернокорејски медиуми: Договорот Москва – Пјонгјанг предвидува итна воена помош

Договорот Москва – Пјонгјанг предвидува итна воена помош во случај на војна.

Новиот договор помеѓу Русија и Северна Кореја бара од двете земји да ги искористат сите расположливи средства за давање итна воена помош во случај на војна, објавија денеска севернокорејските државни медиуми.

Договорот што на средбата во Пјонгјанг го постигнаа лидерите на двете земји Владимир Путин и Ким Џонг-ун, медиумите го опишуваат како „голема надградба на билатералните односи, што вклучува безбедност, трговија, инвестиции, културни и хуманитарни врски“.

Аналитичарите веруваат дека новиот договор може да ја означи најсилната врска меѓу Москва и Пјонгјанг од крајот на Студената војна.

Државната севернокорејска новинска агенција (КЦНА) го истакнува членот 4 од договорот според кој доколку една од земјите е нападната и во воена состојба, другата мора веднаш да ги распореди „сите ресурси што и се на располагање“ за да обезбеди „воена и друга помош“. Но, во него се наведува и дека таквите активности мора да бидат во согласност со законите на двете земји и со членот 51 од Повелбата на Обединети нации, кој го признава правото на земја-членка на ОН на самоодбрана.

По средбата со Путин, Ким изјави дека двете земји имаат „огнено пријателство“ и дека договорот е нивниот „најсилен договор досега“, а нивните односи се на ниво на сојуз. Тој вети целосна поддршка за руската војна во Украина.

Додека договорот за Путин е „впечатлив документ“, кој ги одразува заедничките желби за односите да се подигнат на повисоко ниво.

Северна Кореја и СССР во 1961 година потпишаа договор, според кој, според експертите, воена интервенција на Москва била неопходна доколку Северна Кореја биде нападната. Договорот беше укинат по распадот на СССР и заменет со договор од 2000 година, кој нудеше послаби безбедносни гаранции.

За прв пат во кариерата Роналдо не постигна гол во групната фаза на некој голем турнир

 Репрезентативниот напаѓач на Португалија, Кристијано Роналдо, за прв пат во кариерата не постигна гол во групната фаза на еден голем турнир.

Триесет и деветгодишниот Португалец не успеа да се запише во листата на стрелците на ниту еден од неговите три натпревари во Ф-групата на Европското првенство 2024.

Кристијано претходно има постигнато гол на сите негови претходни 10 групни турнири на Светско или Европско, кои датираат од Евро 2004 година.

Португалија која синоќа загуби од Груизија, со шест бода го освои првото место во групата.

Противник на Португалците во осминафиналето ќе биде селекцијата на Словенија.

Кина одвои 316 милиони долари итна помош за справување со последиците од смртоносните поплави

Кинеската влада додели итна помош во вредност од 316 милиони долари на градските власти за справување со последиците од смртоносните поплави во земјата.

Средствата се за поддршка на спасувачките операции, за итни случаи и планирање за спречување на штети од поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од поројните дождови кои паѓаат речиси две недели.

Министерството за финансии и Министерството за вонредни ситуации денеска ослободија 486 милиони јуани, најновата транша од финансиската помош за погоденото население.

Девет пожари на отворено низ државава изминатото деноноќие

 Девет пожари на отворено и неколку помали интервенции се евидентирани изминатото деноноќие ширум државава, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Запалена била ниска вегетација кај село Љубетен, општина Бутел. Горела ниска вегетација и покрај автопатот Скопје - Тетово, општина Сарај. Кај село Конче, општина Радовиш, гореле депонија, стрништа и грмушки. Во општина Струмица, кај село Доброшинци, се интервенирало на запалена ниска вегетација. Во општина Кавадарци, кај месноста „Танкото Патче“, пожарникари гаснеле опожарена ниска вегетација. Во општина Свети Николе, до градот, имало пожар на депонија и на мал дел ниска вегетација. Во општина Пробиштип, кај селото Ратавица, се интервенирало на опожарени земјоделска површина под житна култура, нискостеблести растенија и ниска вегетација. Во општина Пробиштип, кај селото Дреново, запалени биле нискостеблести растенија, ниска вегетација, лозје.

Како што информираше ЦУК, регистрирани биле 2.388 повици на 112 изминатите 24 часа.

Од нив, како реални биле категоризирани 60,55 отсто, а 39,45 проценти за други потреби на граѓаните. Кон полицијата биле упатени 47,84 отсто, кон Итната медицинска помош - 18,40 проценти, кон пожарникарите - 4,55 отсто, а кон АМСМ - 0,22 проценти.

По синоќешното невреме во скопскиот, кумановскиот и во тетовскиот регион, на бројот за итни случаи биле пријавени, а сѐ уште и се пријавувале, поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, автомобили и слично.

притисни ентер