Сестрите од манастирот во Рајчица навезоа плаштаница за храмот „Свети Никола Мирликијски" во Скопје

Изработката на плаштаници е древно и многу благородно занимање.

Вредните раце на сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец" во дебарското село Рајчица, изработија златовезена плаштаница со Христовото тело положено во гробот, за црквата „ Свети Николај Мирликиски Чудотворец", во скопската населбата Аеродром.

-Изработката на плаштаници е древно и многу благородно занимање. Плаштаницата го симболизира Христовото тело положено во гробот и ова везено платно, украсено со Христовиот лик прекрасно го надополнува благолепието во храмот во најсветите моменти од богослужбата на Велики Петок. Раичкиот манастир кој веќе има изработено неколку плаштаници, во изминатиов период на Великиот Пост, со посебна љубов, се посвети на изработката на златовезена плаштаница и за храмот посветен на св. Николај Мирликиски Чудотворец во населбата Аеродром, Скопје,-велат сестрите од овој познат македонски женски манастир.

Додаваат дека плаштаницата е личен дар од благочестивото семејство Стефановски од Скопје, за свештенослужителот при споменатиот храм во Аеродром, отец Бобан Митевски.

-Овој ревносен свештеник, познавајќи ја особената љубов кон благолепието на браќата и сестрите од Бигорскиот и манастирот во Рајчица , а и посветеноста со вера и молитва да се изработуваат вакви свештени предмети за потребите на Црквата, посака токму од Раичката Обител да се нарача ова раскошно навезена реликвија,посочуваат сестрите.

Сестрите од овој манастир познати се и по изработката на митри, што е едно ретко ракоделие, единствено во нашата земја, што сестрите го имаат наследено од архимандрит Партениј – игумен на Бигорската света обител.

Митрите што овде се изработуваат веќе ги носат и многу епископи во светот, вклучувајќи ги тука и најсветите патријарси како Ерусалимскиот, Рускиот и неговата светост, Вселенски патријарх Вартоломеј./МИА.

Русија: Убиени пет напаѓачи и двајца полицајци во Република Карачај-Черкезија

Петмина милитанти се убиени во руската република Карачај-Черкесија, откако фрлиле бомба врз полицијата и отвориле оган, при што загинале двајца полицајци, а четворица се повредени, соопшти денеска полицијата преку објава на апликацијата Телеграм.

Во полициското соопштение се наведува дека напаѓачите фрлиле бомба од автомобил кон патрола на сообраќајната полиција и отвориле оган од автоматско оружје.

Во конфликтот убиени се двајца полицајци, а ранети се двајца сообраќајни службеници, еден полицаец од областа Курган и еден припадник на Националната гарда.

Убиените напаѓачи беа идентификувани како наводни учесници во нападот врз полицајци на 22 април кога убиле двајца полицајци, а еден го оставиле во критична состојба, откако отвориле оган врз нив и украле оружје и побегнале. Потоа по нив беше распишана потерница. /МИА

За брзо возење 286 санкции на територија на цела држава

Во текот на вчерашниот ден во спроведената акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 286 возачи, соопштија денеска од МВР.

Од нив 30 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а девет возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 118 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 168 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Утревечер седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина по барање на Русија

Постојаната мисија на Малта во ОН потврди дека утре, 30 април, во 21 часот ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина (БиХ) на барање на Русија.

Како што јави Н1 БиХ, повикувајќи се на извори од мисијата на Малта во Њујорк, списокот на говорници за седницата се уште не е утврден.

На седниците на Советот за безбедност на ОН, списокот на говорници може да се утврди на самиот почеток на седницата на предлог на претседавачот, но и на заинтересираните земји членки на Советот за безбедност на ОН.

Од Бањалука беше соопштено дека на оваа седница на СБ на ОН ќе се обрати и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, но преку видеоврска бидејќи не побарала виза за САД.

За нејзиното обраќање, како и за сите други, ќе се одлучува пред почетокот на седницата со гласање на членките на Советот за безбедност на ОН.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачич, претходно изјави дека Цвијановиќ и веројатно некој од бошњачката страна ќе се обратат на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина на барање на Русија. /МИА

притисни ентер