Секоја скенирана сметка учествува на дневно, месечно и главно извлекување на парични награди МојДДВ#MojaНаграда

Со секоја скенирана сметка преку апликацијата МојДДВ, граѓаните ќе учествуваат во наградната игра МојДДВ#МојаНаграда.

Секоја скенирана сметка станува потенцијален добитник на парични награди кои ќе се доделуваат на дневно ниво, додека оние кои ќе бидат недобитни на дневно ниво, ќе учествуваат во месечно извлекување на парични награди. Недобитните скенирани сметки на месечно ниво ќе учествуваат во извлекување на две главни парични премии, соопштуваат денеска од Министерството за финансии.

Истовремено, со секоја скенирана сметка, граѓаните ќе остваруваат право на поврат согласно Законот за МојДДВ.

Фондот за МојДДВ#МојаНаграда е 31 милион денари и сите награди се парични. Наградната игра треба да започне на 25 ноември, а дополнителни детали за апликацијата и наградната игра ќе бидат соопштени на прес-конференција.

Инаку, апликацијата МојДДВ ќе биде и унапредена и покрај гореспомнатите новини ќе добие и нов, едукативен карактер.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека МојДДВ#МојаНаграда е унапредување на мерката МојДДВ, која дава резултати и ќе биде дополнителен мотив на граѓаните во борбата против сивата економија.

– Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е еден вид унапредување на мерката која до сега даде резултати. При креирањето на наградната игра тимот кој работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа туку одиме чекор повеќе и покрај наградувањето наградната игра има и едукативни елеметни кои ќе влијаат на финансиската писменост, изјави министерката Ангеловска.

Апликацијата мојДДВ има 200 илајди инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки од страна на над 150 илјади активни корисници кои скенираат. На крајот на годината ќе биде првата исплата на остварениот поврат на ДДВ, кој за три месеци од реализација на мерката досега изнесува над три милиони евра.

Данскиот крал Фредерик Десетти во прва официјална посета на Шведска

Данскиот крал Фредерик Десетти и неговата сопруга кралицата Мери денеска ја посетија Шведска, што е нивна прва официјална посета во странство откако станаа монарси во јануари годинава.

Кралската двојка беше свечено пречекана во Стокхолм од принцезата Викторија и нејзиниот сопруг Даниел, како и шведскиот крал Карл Шеснаесетти.

Со данските монарси во посета на Шведска се и данските министри за одбрана и за надворешни работи, а најавен е состанок со шведскиот премиер Улф Кристерсон и со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен.

Почина иконата на аргентинскиот фудбал, легендарниот селектор Меноти

 Во 86. година од живот почина Цезар Луис Меноти стратегот кој на Аргентина и ја донесе првата титула Светски шампион.

Меноти по кариерата на зелениот терен како фудбалер стана уште попознат врвен тренер и селектор на голем број клубови и репрезентации.

Меноти помина голем дел од својата играчка кариера во родната Аргентина и ги носеше дресовите на Росарио Централ, Расинг и Бока Јуниорс. Во текот на 1968 година настапуваше и за бразилски Сантос и му беше соиграч на легендарниот Пеле.

Две години подоцна ја заврши фудбалската кариера и веднаш почна да се занимава со тренерска работа, во која остави многу подлабока трага. Најдобро ќе остане запаметен како селектор на Аргентина, која ја предводеше до првата светска шампионска титула во 1978 година.

Меноти беше селектор на Аргентина од 1974 до 1983 година, а неговата последна работа беше поврзана со аргентинската репрезентација каде беше директор. Покрај Аргентина, раководеше и со Мексико, а успешно работеше и како клупски тренер предводејќи ги Барселона, Атлетико Мадрид, Сампдорија, Бока Јуниорс и многу други клубови.

Бендевска: За ЗНАМ секој човек е важен

За ЗНАМ  секој човек е важен и секој треба го добие своето место во системот во согласност во своите капацитети и вештини.

Носителката на листата на пратеници во ИЕ 5, Весна Бендевска денеска одржа прес конференција на која се осврна на вредностите и принципите за кои ќе се залагаат како вистински претставници на граѓаните, а кои се преточени во програмата за претстојните парламентарни избори „Проглас за достоинствена Македонија“.

Бендевска рече дека Движењето ЗНАМ во оваа кампања веќе се етаблирало како нова политичка опција и сериозна алтернатива на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, по добиената сериозна поддршка од граѓаните во првиот круг од претседателските избори.

„Оваа енергија, оваа сила и синергија значи нов ветер в грб, за два дена заедно да го завршиме започнатото: Македонија, втемелена на Крушевските и АСНОМСКИ постулати, да ја градиме како вистински демократско општество во кое се почитуваат човековите права ислободи без никаква дискриминација. Само такво општество може да се нарече праведно општество“, рече таа и додаде дека клучните вредности кои се основа на идејата за почитување на човековите права се човечкото достоинство и еднаквоста.

Бендевска, исто така, рече дека во нивната Програма се залагаат за посебна заштита на правата на ранливите групи и заедници и лицата со посебни потреби, кои ќе мора да добиваат посебна заштита од државата за да можат целосно да се интегрираат во општеството, како рамноправни индивидуи. Таа потанцира дека секој човек е важен и ќе го добие своето место во системот, во согласност во своите капацитети и вештини.

Бендевска рече дека визијата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за тоа како треба да изгледа државата се темели на неколку вредности и принципи, а тие се: правда за сите подеднакво, обврски кон државата за сите подеднакво; нулта толеранција за корупција и брза и ефикасна борба против организираниот криминал – веднаш; без амнестија за никого што се огрешил по Устав и закон; секој да одговара за кривичните дела што ги направил, а украденото и одземеното од устата на граѓаните мора да се врати назад; под итно да се вратат укинатите одредби од Кривичниот законик со кого и власта и опозицијата си се самоамнестираа од делото – злоупотреба на службена положба и овластување и зголемуљвење на казната за тоа дело на затвор од минимум 10 години; кривичните дела за криминал и корупција нема да застаруваат; да се укине доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители, а судиите и јавните обвинители да одат на реизбор секои шест години, бидејќи само така ќе има можност за увид во квалитетот на нивната работа.

„Правда мора да има; без правда нема ниту правна држава, ниту лично и човечко достоинство, а без тоа – нема ни достоинствена Македонија“, рече таа.

Бендевска ја искористи приликата и им го честиташе големиот христијански празник Велигден на граѓаните кои слават и посака здравје, среќа, спокој и благосостојба во секое семејство.

притисни ентер