Секој ден го носи на раце 15-годишниот син со ретка болест по скали до втор кат за да стигне до физиотерапевт - Канал 5

Секој ден го носи на раце 15-годишниот син со ретка болест по скали до втор кат за да стигне до физиотерапевт

Ване Петридов (45) од Неготино мора секој ден на раце да го носи својот 15-годишниот син Василие до вториот кат на зградата за да стигне до физиотерапевтот и да ги направи вежбите кои му ја олеснуваат Душеновата мускулна дистрофија од која боледува.

Секој ден го носи на раце 15-годишниот син со ретка болест по скали до втор кат за да стигне до физиотерапевт

-Зошто зградата нема лифт?, е честото прашање на Василие, кое му го поставува на неговиот татко Ване, кога го гледа како се мачи по скалите со него.

-Оти зградите во Неготино се ниски, е вообичаениот одговор на Ване. А тој го моли Бога да издржи до втори кат за случајно да не му се лизне синот од раце и да се повреди.

-Понекогаш нема осветлување па морам да користам светилка од мобилен кога се искачувам, вели Ване. И така речиси 10 години откако му е дијагностицирана ретката болест на Василие.

Болеста се јавува кај едно од 33.000 родени машки деца

А кога се родил Василие воопшто не оддавал впечаток дека по пет години ќе биде токму тоа едно од 33.000 родени машки деца, кај кое се појавува оваа ретка болест. Женските деца ја немаат, но тие може да се носители на болеста.

-Развојот на Василие до неговата петта година е нормален и без некои посериозни здравствени проблеми. Во овој период со наполнети пет години ги забележавме првите симптоми, но не знаевме дека се работи за сериозно ретко заболување. Почна тешко да ги качува скалите во нашиот дом. Додека се шетавме, често се случуваше да падне. Секогаш сакаше некој од нас, дали јас или мајка му Весна, да не држи за рака за негова подобра сигурност. Трчаше некако тромо и движењето, односно одот, почна да му биде на прсти. Влегувањето во автомобилот исто така му беше отежнато. Сето оваа не наведе да направиме педијатриски преглед. Воопшто не претпоставувавме дека е нешто сериозно. Мислевме дека ќе бидат потребни некои вежби или исхрана и друго, се присетува таткото Ване.

Кога лекарот во Скопје им кажал дека се работи за мускулна дистрофија, родителите на Василие се замислиле оти првпат слушнале за болеста. Проблеми како Василие имал и синот на сестрата на Весна, Давид, и тие им кажале на родителите на што се сомнева лекарот и дека можеби и нивниот син има таква болест. Кога стигнале дома почнале да читаат на Интернет за мускулна дистрофија.

-Тоа што го читавме не шокира. Не верувавме на своите очи, се убедувавме дека ништо од сето тоа не е вистина. Видовме дека болеста има многу типови од кој најзастапен и најсериозен е Душен. Едноставно око не склопив, ниту мојата сопруга Весна. Се раздени дојде 8 часот и сите се упативме во клиниката. Таму само се потврдија мислењата на доктор Зафировски и што е најтрагично не само за мојот син Василие туку и за Давид, синот на сестрата на мојата сопруга. Несреќниот момент во нашето семејство се удвои. Се чувствував празно. Сите планови, идеи, замисли, намери, исчезнаа. Низ глава ми се вртеше зошто баш нас. Дали нешто згрешив. Што и како понатаму. Милион прашалници и еден сосема друг правец на животот од тој момент, раскажува Ване.

Во периодот што следел направиле низа генетски испитувања за утврдување на типот на болеста.

-Се молев да биде блага варијанта, но тој ја има Душеновата мускулна дистрофија на екзон 44, вели Ване, кој напоменува дека оваа болест се пренесува од мајката.

-Василие почна да се бори со својата немоќ. Токму тогаш почнуваше да се школува. Требаше да расте. Да ги запознае своите другарчиња. Но, тоа не беше така. Како преку ноќ да почна да ја губи силата. Јас и мојата сопруга почнавме да бидеме присутни до него речиси цело време. Бевме и се уште сме му неопходни во секојдневието. Му требаме секаде, објаснува Ване.

Центар на внимание во нивниот живот станал само Василие, иако имаат уште еден помал син Наќе. На Василие му е потребна постојана помош од родителите. Од подготовки за спиење, миење, ставање в кревет, местење на позиција и во текот на ноќта превртување за да се смени неговата лежечка положба. Сопругата на Ване е задолжена за синот во раните утрински часови, потоа, тој доаѓа од работа за да го облече, среди, да му даде да јаде.

-Потоа седам заедно со него во неговата соба на бирото на кое е компјутерот, неговата главна забава. Тука му помагам со појадокот разговараме за одредени теми. Кога ќе почне со некоја компјутерска игра јас повторно имам малку време да се посветам на мојата работа со што не се одвојувам од телефонот независно што се задржувам уште сосема малку .Честопати знам да дојдам до дома, да му пишам или да се јавам за да прашам дали е се во ред, раскажува Ване, кој поради синот работи со скратено работно време како диспечер во такси компанија.

Лицата како Василие не се прифатени од околината

И помладиот брат на Василие е вклучен околу помошта за брат му. Ване секој ден го носи синот кај неговиот физиотерапевт.

-Често знаеме да се повозиме со автомобилот и тоа му причинува задоволство затоа што многупати кога се движиме со неговото помагало низ градот, Василие се нервира оти тротоарите се често зафатени со автомобили.

Овие лица можеби ја имаат слабоста во мускулите но нивниот интелигентен развој не заостанува во однос на нивните врсници.

-Свесни се за пропуштената шанса на живот и немоќта и зависноста од друг уште од рана возраст. Не сакаше до последен момент да даде или покаже каква било слабост и цело време зборуваше дека нозете, дека еден ден ќе му бидат во ред. Се боревме и се движевме со наши методи до негови неполни 12 години потоа мораше да се соочиме со моментот кога треба да се користи инвалидска количка, се присетува Ване.

Лицата како Василие не се прифатени од околината, смета татко му. Тој копнее за да се сретне или да го поканат неговите врсници во град, но тоа се случува многу ретко, еднаш во неколку месеци. Многу пријатели кои ги имале Ване и Весна сега ги немаат.

Ване не е задоволен и како државата се грижи за овие лица. Шест месеци чекале Василие да добие помагало за движење. За среќа директорот на училиштето направил пристапна рампа.

-Од државата имаме многу мала помош. Јас моментално работам во приватна фирма со скратено работно време од 20 часа неделно за да можам да се посветам на него. Остатокот од платата за другите 20 часа , до лани 5.000 денари, а оваа година околу 7.000 денари месечно ни ги дава Министерството за труд и социјала, вели Ване. Неговата сопруга е наставник по одделенска настава, која на своите 40 години се уште нема решение за неопределено време, туку постојано е на замена.

-Таа е мајка на дете со посебни потреби, вработена веќе седум година во образованието со договор за замена на определено време и секогаш во различно училиште и место, заменувајќи некоја одредена наставничка која користи некој вид боледување или по некој друг основ е отсутна од работа. Ќе напоменам дека ние време за политика. Нашето време е време кое треба да се посветиме на нашиот син кој навистина има потреба од тоа и другиот син на кој сепак му треба внимание и воспитување, објаснува Ване.

Восхитувачки резултати од третман со матични клетки по метода на доктор Гарјаев од Москва

Освен препораките од класичната медицина, родителите на Василие се обидуваат неговата состојба да ја подобрат и на друг начин.

-Сме пробале многу нешта. Користевме ајурведа медицина која се заснова на лекови добиени по природен пат од билки и растенија по стари индиски рецепти. Сме вовеле посебен режим на исхрана. Сме биле во 2017 година на семинар во Женева каде се задржавме четири дена и имавме можност да се запознаеме со моќта на позитивната мисла и надежта како верување за да се надмине состојбата. Во 2018 година на 7 март направивме прв третман со матични клетки по метода на доктор Гарјаев од Москва и резултатите беа навистина восхитувачки. Потоа направивме следен на септември 2018 година по истата метода на Гарјаев и трет третман оваа година во јули во Киев, Украина, исто со матични клетки. Во моментот фокусот ни е насочен кон студија наречена КРИСПР која ветува многу во поглед на генетска терапија. Често посетуваме доктор психолог во Скопје, вели Ване.

Тој вели дека нема да застане и ќе работи да го подобри квалитетот на живот на овие лица. А оваа година, со други засегнати, формирале и Здружение за Душен мускулна дистрофија, на кое тој е претседател.

Месецот септември е месец на болните од Душенова мускулна дистрофија, 7 Септември е Меѓународен ден посветен на овие лица. Но, на овие лица не треба да се присетуваме само на денот кога им е посветен туку општеството треба да стори се да им го олесни барем малку нивниот и онака тежок живот./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре во Даблин ќе се одржи неформален самит на ЕУ, во фокусот ќе биде и Украина

Утре во Даблин, Ирска ќе се одржи неформален самит каде ќе се соберат лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ, заедно со претседателката на Европската комисија – Урсула Фон Дер Лајен.

Утре во Даблин ќе се одржи неформален самит на ЕУ, во фокусот ќе биде и Украина

Утре во Даблин, Ирска ќе се одржи неформален самит каде ќе се соберат лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ, заедно со претседателката на Европската комисија – Урсула Фон Дер Лајен, а со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет – Антонио Кошта. Целта на неформалниот самит е дискусија за актуелни прашања и стратешки приоритети за унијата.

Иако засега говорниците не се објавени, како што посочува организаторот - Ирска, која моментално претседава со Советот на Европската унија, неформалниот формат на состанокот ќе овозможи отворена политичка дискусија и стратешко размислување за прашања што влијаат врз идниот правец на Европската унија, а во фокусот ќе биде и Украина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

По верижниот судар на автопатот Тракија ќе се проверува асфалтот

По тешките верижни судири на автопатот „Тракија„ во Бугарија, во кои загинаа 11 лица а над 50 беа повредени  - се проверува состојбата на асфалтот.

По верижниот судар на автопатот Тракија ќе се проверува асфалтот

Освен примероци од прилепливоста на асфалтот, Обвинителството побарало документи од агенцијата за патна инфраструктура, за пуштањето во употреба и поправките на делницата каде што се случија несреќите, по што ќе биде изготвено и техничко-градежно вештачење.

Врз основа и на сеопфатното вештачење кое ќе ја опфати и судско-медицинската анализа, Обвинителството ќе одлучи дали постојат основи за покренување обвиненија против одредени поединци.

Во меѓувреме обвинителството нема да поднесе обвиненија против романскиот возач кој беше задржан по карамболот, а кој учествувал во почетокот на првиот верижен судар.

Лекарите од болниците во Сливен, Јамбол и Бургас продолжуваат да се борат за животите на четворица најтешко повредени во несреќата на автопатот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Виткоф и Кушнер на средба со Путин во Москва

Претставниците на американската делегација која посредува во преговорите меѓу Русија и Украина – Стив Виткоф и Џеред Кушнер, утрово пристигнаа во Москва на средба со претседателот Владимир Путин.

Виткоф и Кушнер на средба со Путин во Москва

Врз основа на тоа што Путин ќе слушне од нив, ќе се определи идниот план на дејствија на Москва, изјави шефот на руската дипломатија – Сергеј Лавров.

Како што вчера изјави Кушнер, кој е зет на американскиот претседател Доналд Трамп, тие доаѓаат и по „благослов„ од Путин, во преговорите да се вклучат и европски претставници.

Кушнер ги искритикува Европејците дека тие сакаат да бидат присутни на преговарачката маса, а не можат да се договорат кој ќе зборува во име на Европа. Од украинската страна пак изразија надеж дека може да биде постигнат договор до нова година, доколку Европејците се вклучат во преговорите. Деталите од вчерашните преговори не се откриваат освен дека е договорена размена од големи размери на заробени војници од двете страни. Сепак, познато е дека територијалните барања и безбедносните гаранции остануваат главни спорни прашања меѓу Москва и Киев.

По посетата на Москва, Виткоф и Кушнер треба да отпатуваат во Даблин, каде веќе пристигна украинскиот претседател Володимир Зеленски за понатамошен дијалог околу можностите за завршување на војната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер