Седумдесет и пет години Државен архив - столб на македонското битие - Канал 5

Седумдесет и пет години Државен архив - столб на македонското битие

Архивот не е само минато. Архивот е темел. Темел врз кој ја градиме сегашноста и врз кој ја проектираме иднината. 

Седумдесет и пет години Државен архив - столб на македонското битие

Во неговите депоа, во неговите ракописи, во неговите документи, живее сведоштвото за нашите борби, за нашите победи, за нашите падови и повторни исправувања. Таму се наоѓаат и најсветлите страници од нашата историја, но и поуките кои нè направиле посилни, порача вечерва премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија по повод одбележување на 75-годишнината од основањето на Државниот архив.

Архивот, додаде тој, е институција која не е само чувар на документи, туку и чувар на нашата меморија, нашиот идентитет и нашата вистина.

- Денес одбележуваме 75 години од постоењето на Државниот архив. Седум и пол децении во кои се собира се чува и раскажува приказната за Македонија. Архивот не е само минато, Архивот е темелот. Темел врз кој ја градиме сегашноста и врз кој ја проектираме иднината, рече Мицкоски.

Во неговите депоа, неговите ракописи, во неговите документи, како што исткан премиерот, живее сведоштво за нашите борби, за нашите победи, за нашите падови и повторени исправувања.

- Таму се наоѓаат и најсветлите страници од нашата историја, но и поуките кои не направиле посилни. Да се биде народ без архив подразбира да се биде народ без паметење, а народ без паметење е народ без иднина. Затоа оваа институција е многу повеќе од установа, таа е чувар на вистината. Таа е сведок на времето. Таа е мост меѓу генерациите. Во изминатите 75 години, Државниот архив успеа да собере и заштити огромно културно и историско богатство. Илјадници метри архивска граѓа, милиони документи, записи, фотографии, сведоштва. Секој од нив носи дел од мозаикот на нашата национална приказна, истакна премиерот Мицкоски.

Додаде дека со оглед на тоа што живееме во време на дигитална трансформација, време кога информациите патуваат со брзина на светлината, и архивите мора да чекорат напред, да се дигитализираат, да станат подостапни, да се отворат за јавноста, за научниците, за младите.

- Нашата држава поминала низ многу предизвици. Имало моменти кога се губеле траги, кога вистината била искривувана, кога идентитетот бил оспоруван. Токму затоа архивите се нашата најсилна одбрана, бидејќи тие не зборуваат со емоции. Тие зборуваат со факти, а фактите се најсилниот темел на една држава. Денес, кога градиме модерна европска Македонија, не смееме да заборавиме дека секој чекор напред мора да биде поткрепен со знаење за тоа кои сме и од каде доаѓаме, нагласи премиерот.

И затоа, потенцира тој, оваа годишнина не е само јубилеј туку потсетник дека сме должни да го чуваме она што сме го наследиле и да го пренесеме на идните генерации, да го чуваме јазикот, да ја чуваме културата и да ја чуваме вистината, бидејќи кога ја чуваме историјата, ја зачувуваме и иднината.

На одбележувањето на јубилејот под слоганот „Државен архив, столб на македонското битие“, се обрати и директорот на оваа институција Димитар Богески.

- Блаже Конески вели корените се тие што ја држат круната. Така и Државниот архив е чувар на македонските корени. Темелот врз кој се издигнува нашата државност и културна зрелост, столб на македонското битие. Во секој документ, во секој ракопис, во секоја фотографија е втиснато она што не го обликува како народ. Архивот е мост помеѓу минатото и иднината, место каде што корените не само што се чуваат, туку и се пренесуваат како сила и инспирација за новите генерации. Тој е живо сведоштво дека без корени нема круна. Државниот архив е повеќе од институција, тој е светилник на нашата иднина, рече во обраќањето на Академијата директорот Димитар Богески.

Денес, рече тој, кога сме пред редок и величествен јубилеј, седумдесет и пет години од постоењето на Државниот архив на Македонија, може да се каже дека седум ипол децении оваа институција не беше само чувар на депото на документи, туку и чувар на нашето минато, сведок на нашата сегашност и темел за иднината.

- Слоганот на јубилејот, не е само убава мисла, туку е суштината на нашата мисија. Архивот е столб затоа што ја поддржува нашата историска свест, нашата култура, зрелост и нашиот државен континуитет. Тоа е темелот што ги одржува врските меѓу генерациите. Мост помеѓу она што сме биле и што сакаме да станеме. Во него се изградени сите наши приказни, сите наши борби, сите наши успеси, сè што го прави нашето битие цврсто, препознатливо и трајно. Архивот е наша основа и наша сила. Доказ дека минатото не е заборавено, туку живо и присутно на секој чекор кон иднината, рече Богески.

Во оваа прилика тој им се заблагодари на вработените, затоа што, како што истакна, ниедна институција не може да биде силна без луѓе што стојат зад неа во случајов вработените, архивистите, конзерваторите, истражувачите, техничари, стручни соработници.

- Вие сте вистинското срце на архивот. Вашата работа е тивка, но огромна, невидлива, но присутна. Вие сте тие што го чувате сеќавањето на Македонија. Вие сте тие што секој ден ја штитите вистината од заборавот. Денес, повеќе од кога било, вработените се наш приоритет, затоа што без вас, не нема ни нас. Вашата посветеност е темелот врз кој стои оваа институција. Во секој обработен документ, во секој спасен лист, во секоја дигитализирана страница има дел од вашата љубов кон професијата и одговорност кон земјата. Вашата работа не се гледа, но затоа секогаш се чувствува, рече директорот на Државниот архив.

Се осврна и на иднината на Архивот и притоа истакна дека нивната визија е јасна да се создаде архив кој ќе биде институција која преку масовна дигитализација, современо научни информациски системи и отворен пристап за истражувачи, ученици, студенти и граѓани, ќе ја обезбеди трајноста на државната меморија и нејзина достапност за идните генерации.

Богески истакна дека по повод овој јубилеј, претставуваат нова монографија, дело, кое, како што рече, не е само книга, туку е симбол на нашата зрелост, континуитет и визија.

- Оваа монографија е наш начин да ги доближиме богатите архивски ризници до јавноста. Ова е нашиот подарок за идните генерации. Доказ дека сме знаеле да чуваме, да градиме но и да оставиме трага. Монографијата претставува целосен преглед на дел од архивскиот материјал што го чува архивот. Документи од првостепено значење за историјата и културата на македонскиот народ и сите граѓани што живеат во Македонија, рече тој.

Во неа се вклучени се клучни историски моменти, како и сведоштва, кои, како што потенцира, ја отсликуваат културата на животот, архитектурата и секојдневниот живот низ вековите.

- Ова дело е повеќе од збирка документи. Ова е патување низ времето кое не се враќа кон нашите корени, но во исто време не нè потсетува на одговорностите што ги имаме кон иднината. Монографијата ја покажува моќта на архивското богатство и ја утврдува улогата на Архивот како чувар на националната меморија, со неа ја за=цврстуваме врската меѓу минатото и сегашноста и испраќаме порака дека нашата историја не е само споменик туку живо наследство кое постојано се обликува и не води напред.

Информира дека во чест на јубилејот, отвораат и посебна јубилејна изложба „Ризница на постоењето од документ до историја“, која, рече, е прозорец кон нашето минато, можност граѓаните да го видат она што со децении се чува во тишината на депоата.

- Оваа изложба е доказ дека архивот не е затворен простор, туку отворено национално ризница, место каде што минатото станува живо, достапно и разбирливо. Изложбата вклучува важни документи од централниот дел на Државниот архив и неговите одделенија, кои зборуваат за културното и историското минато, како и за историјата на самата институција. Документите претставуваат еден вид времеплов кој не води наназад низ времето, дозволувајќи ни да ги почувствуваме неговите корени во нашата државност и култура.

Според него, изложбата го прикажува архивското богатство во полната сила на ракописи, акти, фотографии, карти и сведоштва што ја градат нашата колективна меморија. Со оваа изложба, архивата ги отвора своите врати пред јавноста, потсетувајќи нè дека секој документ е жив сведок на приказна, борба, надеж.

По повод јубилејот промовирана е и поштенска марка мал симбол со огромна вредност. Печат кој, како што истакна Богески, ќе патува низ целиот свет и ќе сведочи за нашата историја, култура и државност.


YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мајка монструм: Отишла во Лас Вегас да се коцка и пет дена ги оставила сами четирите мали деца (ВИДЕО)

Мајка на четири деца од Флорида е уапсена на аеродром откако наводно ги оставила своите деца сами дома со денови додека патувала за Лас Вегас.

Мајка монструм: Отишла во Лас Вегас да се коцка и пет дена ги оставила сами четирите мали деца (ВИДЕО)

Ирена Милер, 50, беше приведена од заменик-шерифската канцеларија на округот Осеола веднаш штом излезе од авион на меѓународниот аеродром Орландо во петокот.

Снимките од камерата на телото покажуваат како полицајците се приближуваат кон Милер, која носела кафеав деловен костум и шал, на мостот за заминување, а потоа ја шетаат низ аеродромот до полициското возило што чека, објавува „Дејли меил“.

Потоа таа била однесена во канцеларијата на шерифот, каде што била обвинета за четири обвиненија за занемарување на дете без да предизвика сериозни телесни повреди и е приведена во затворот во округот Оринџ.

Полицајците изјавија дека истрагата за наводното занемарување на дете од страна на Милер започнала откако добиле телефонски повик кратко по 20:30 часот во среда.

Во повикот, малолетник пријавил дека неговиот деветгодишен брат бил удрен од тег што му паднала на главата во нивниот стан на булеварот Парквеј во Кисими.

Кога полицајците пристигнале на местото на настанот, пронашле четири деца, на возраст од девет, 11, 12 и 14 години, без надзор.

Деветгодишното момче било однесено во болница со брза помош и противпожарна служба поради повредите. Подоцна бил пуштен од болница.

Во меѓувреме, полицајците успеале да ја контактираат Милер по телефон, која наводно им рекла дека работи во Лас Вегас и планира да се врати дома во петок.

Истражителите подоцна дознале дека Милер отпатувала во Лас Вегас на 18 октомври, пет дена пред нејзиното закажано враќање дома.

Според нејзините објави на социјалните мрежи, Милер, професионална фотографка, изгледа работела со клиент поврзан со франшизата „Better Homes and Gardens Real Estate“.

Таа наводно им рекла на заменик-шерифите дека има дадилка која патува од Тампа секое утро за да ги подготви децата за училиште и дека дадилката ќе ги проверува попладне, но дека не ѝ треба дадилката да преноќи.

По разговорот со децата, заменик-шерифите го контактирале таткото на децата, кој ги вратил сите четири деца во својот дом.

Кога Милер слета на меѓународниот аеродром во Орландо во петокот, заменик-шерифите ја чекаа и ја уапсија на местото на настанот.

„Канцеларијата на шерифот на округот Осеола нема да толерира занемарување на деца“, рече шерифот Крис Блекмон во соопштението.

„Овие случаи ќе бидат истражени и ќе бидат поднесени обвиненија против родителите кои не ги надгледуваат или не се грижат правилно за своите деца.“

Не е јасно дали мајката-монструм ангажирала адвокат да зборува во нејзино име.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Одмазда на Макрон: Франција носи закон за демонстрантите да плаќаат штета во немирите

Според предложениот закон, кој треба да го усвои Националното собрание, од демонстрантите може да се бара да платат до 10.000 евра за штетата предизвикана за време на демонстрациите.

Одмазда на Макрон: Франција носи закон за демонстрантите да плаќаат штета во немирите

Францускиот Сенат усвои нацрт-закон со кој демонстрантите ќе бидат финансиски одговорни за штетата предизвикана за време на демонстрациите.

Сенатот ја усвои проширената верзија на законот со 229 гласа „за“ и 105 „против“. Предлогот беше поддржан од сојузот на десниот центар, кој има мнозинство во Сенатот, пренесува Euronews.

Предлог-законот сега оди во политички поделеното Национално собрание, каде што ќе биде разгледан и ставен на гласање. Законот беше предложен откако избија големи немири откако Пари Сен Жермен го победи Арсенал во финалето на Лигата на шампионите на УЕФА во мај.

Предлогот оттогаш доби ново значење откако протестите поради нееднаквоста и зголемените цени станаа насилни на 17 октомври, при што илјадници бизниси беа оштетени или ограбени.

Говорејќи пред парламентот, министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нуњез ја истакна „итноста“ да се одговори на штетата и сцените на хаос забележани на 17 октомври.

„Не можеме повеќе да дозволиме огромното мнозинство наши сограѓани да плаќаат за постапките на малцинство вандали“, рече тој.

Критичарите предупредуваат на финансиски последици за ранливите семејства

Критичарите предупредуваат дека дури и лицата кои лично не направиле штета може да бидат прогласени за финансиски одговорни доколку се утврди дека свесно учествувале во група формирана за да изврши вандализам.

Предлог-законот, исто така, ќе дозволи да се повлечат социјални и станбени бенефиции за покривање на штетите, што наиде на критики од левичарските пратеници и групите за човекови права.

Амнести интернешнал предупреди дека овие мерки може да ги турнат „веќе маргинализираните семејства дополнително во сиромаштија“.

Ова не е првпат европска влада да спроведува построги безбедносни мерки како одговор на насилните протести.

Во Италија, со нов безбедносен декрет се воведуваат построги казни за насилните протести, вклучително и затворски казни од четири до 12 години за организирање групи вклучени во насилни демонстрации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Богати браќа од САД дрогирале и силувале жени, меѓу жртвите има и девојчиња (ФОТО)

Тројца браќа се осудени на по 30 години затвор затоа што со децении дрогирале и силувале десетици жени. 

Богати браќа од САД дрогирале и силувале жени, меѓу жртвите има и девојчиња (ФОТО)

Тал Александар (40) и близнаците Орен и Алон Александар (39) беа прогласени за виновни во март. Судот утврди дека го користеле своето богатство и општествен статус за да ги намамат жените на забави и луксузни домови, каде што потоа сексуално ги напаѓале, пишува Би-Би-Си.

Изјави на жртвите на суд

Пред да ја изрече пресудата, судијката Валери Капрони им рече на браќата: „Вашето однесување беше монструозно. Вашите злосторства им ги уништија животите“.

За време на сослушувањето во вторник наутро во судот во Њујорк, беа сослушани 12 жртви, вклучувајќи ја и една која не сведочеше на самото судење. Една по една, жените ја опишаа психолошката траума што ја претрпеле по силувањето. Тие рекоа дека се надеваат дека срамот што го чувствувале сега ќе се пренесе на обвинетите. Многумина побараа од судијата да изрече максимална казна доживотен затвор за секој брат.

Маја Милер му рече на судот дека откако Тал Александар ја силувал во 2014 година, таа го изгубила секое чувство на сигурност. „Во себе носам тивок погреб за личноста во која можев да станам ако ова никогаш не ми се случеше“, рече таа.

Друга жртва, под псевдонимот Иса Брукс, рече дека ја изгубила способноста да верува во себе откако Тал и Алон Александар ја силувале кога имала 16 години. „Немав поим во каква опасност сум сè додека не било предоцна“, сведочеше таа. Друга жена откри како Тал Александар ѝ се заканувал кога планирала да го пријави силувањето, велејќи дека знаел каде работи нејзината сестра.

Ставови на обвинителството и одбраната

Обвинителката Елизабет Еспиноза тврдеше дека браќата заслужуваат максимална казна бидејќи фактите „сликаат навистина разорна слика“. Таа нагласи дека со текот на годините ги усовршиле методите со кои ги намамувале жените со ветувања за луксуз и дека останале „целосно рамнодушни кон страдањето што го оставиле зад себе“.

За време на сведочењето на жртвите, тројцата браќа покажале малку емоции. Тие гледале напред или се консултирале со адвокати. Нивните адвокати на одбраната објасниле дека им било советувано да не ги гледаат жртвите за да не бидат погрешно протолкувани.

Адвокатите побараа казни од 15 години и рекоа дека нивните клиенти станале посветени татковци чии семејства ќе страдаат во нивно отсуство. Сите тројца се обратија пред судот, инсистирајќи на својата невиност.

„Нашето мото беше „работете напорно, забавувајте се повеќе“, рече Тал Александар, додавајќи дека сега сфаќа дека неговото однесување „ги повредува чувствата на другите“.

Сепак, нивните изјави не ја убедија судијката Капрони. Таа се спротивстави на нив бидејќи одбиваат да ги признаат злосторствата. „Како можете да рехабилитирате некого кој никогаш не ја признал грешката што ја направил?“, праша таа.

Пресуда и детали за злосторството

На крајот од рочиштето, судијката ги осуди браќата на по 30 години затвор за одредени злосторства. Таа, исто така, ги осуди на дополнителни казни од 20 години затвор за други злосторства, но појасни дека овие казни ќе бидат издржувани истовремено.

За време на петнеделното судење, сведочеа 11 жени, од кои некои биле малолетни девојчиња во времето на нападот. Тие опишаа како нивните браќа им давале подароци и ги носеле на патувања во Аспен и Бахамите. Таму, според изјавите, биле дрогирани, а потоа силувани.

Обвинителите тврдеа дека моделот на насилно однесување започнал во средно училиште, иако судењето опфаќало кривични дела извршени од 2008 година. Според обвинителството, браќата ставале дрога во пијалоците на жените, „физички ги ограничувале и ги држеле за време на силувањето и ги игнорирале вресоците и експлицитните молби да престанат“.

Кои се браќата Александар

Одбраната на браќата за време на судењето тврдеше дека сексот бил консензуален и дека тие биле женкари, но не и насилници.

Двајца браќа, Тал и Орен, се збогатиле продавајќи луксузни недвижности во Њујорк и Мајами. Тие работеле за американската компанија за недвижности Даглас Елиман, а меѓу нивните клиенти биле Линдзи Лохан, Ким Кардашијан и Канје Вест. Во 2022 година, тие ја основале својата компанија, Official, со седиште во Њујорк. Алон Александар работел во семејната компанија за обезбедување Кент Секјурити.

Додека судијата ги изрекувал нивните казни, браќата гледале право напред.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер