Оливер Спасовски го ја раководи преодната влада, а вицепремиер за економија на местото од Кочо Ангушев ќе биде досегашната министерка за труд и социјала Мила Царовска.
Наќе Чулев од ВМРО ДПМНЕ ја добива функцијата технички министер за внатрешни работи, а Рашела Мирзахи, исто така од опозицијата, на местото на Царовска во министерството за труд и социјална политика.
Најголемата опозициска партија добива и дополнителни заменици министри во три ресори: Гордана Димитриоска во финансии, Цветан Трипуновски во земјоделство и Невенка Стамнековска која си поднесе оставка од пратеничката функција, во министерството за информатичко општество. Дополнителни заменици има и владејачката партија, Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријељ во труд и социјала.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека ќе се смета за успех доколку оваа техничка Влада не го загрози членството во НАТО и датумот за почеток на преговори со ЕУ. Сепак очекува партиските препукувања да продолжат во лов на предизборни политички поени.
И покрај согласноста од власта за тимот на опозицијата, денес дадоа забелешка за техничкиот министер во МВР. Од СДСМ велат дека Наќе Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случија настаните во Диво Насеље, и додаваат дека тоа би можело да доведе до негативни импликации во јавноста и кај вработените во МВР.
Инаку, целта на техничката Влада е организирање на изборите, а надлежностите им се ограничени. Техничкиот министер има право на неколку разрешувања или распоредувања, дополнителните заменици пак само право на вето за прашањата поврзани со изборите.
Сите документи во овие 100 дена се валидни само со два потписи, и од министерот и од заменикот.