Седници на пет собраниски комисии

 Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за финансирање и буџет,  за економски прашања, труд и енергетска политика, за здравство и Законодавно-правната комисија.

Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2024 година е единствена точка на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да ги разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција и Предлог-законот за изменување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, по скратена постапка е единствена точка на дневен ред на Комисијата за здравство.

Членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе дискутираат за измените и дополнувањата на Законот за услуги, на Законот за трговија, на Законот за угостителската дејност, на Законот за заштита на конкуренцијата, на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за инспекцијата на труд, сите по скратена постапка.

Законодавно-правната комисија ќе одржи две седници, 52-та и 53-та. На дневен ред на 53-та седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција и Предлог-законот за изменување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

На дневен ред на 52-та седница се 11 точки, меѓу кои и Предлог-закон за изменување на Законот за туристичката дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за градежните производи, Предлог-законот за изменување на Законот за Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, сите по скратена постапка.

СДСМ: Намалување на ДДВ за струја на 5 отсто ќе донесе значително намалување на сметките

Прифаќање на предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ за електрична енергија од 18% на 5%, ќе донесе значително намалување на сметките за струја на над 600.000 домаќинства.

За сметка од 3.000 денари, заштедата за граѓаните ќе изнесува околу 400 денари месечно.

Во услови кога животот станува сè поскап, сè повеќе семејства се соочуваат со финансиски тешкотии мерката на СДСМ за намалување на ДДВ за струја на 5% ќе донесе директно финансиско олеснување за граѓаните.

Евростат измери дека граѓаните на Македонија плаќаат најскапа струја во регионот.

Владата на Мицкоски покажа голема неспособност и незаинтересираност, наместо да им помогне на граѓаните ги остави сами.

Граѓаните се жалат дека јануарските сметки за струја им се зголемени од 20% до 30%, со што им е зададен уште еден сериозен удар врз нивните семејни буџети по серијата поскапувања на цените на производите, на храната но и на парното.

СДСМ ја повикува Владата и сите пратеници во македонското Собрание, да го прифати предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ на струја од 18% на 5%, за да им се помогне на граѓаните да го прребородат овој тежок период.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Во Ријад почнаа преговорите помеѓу руската и американската делегација

 Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад почнаа преговорите помеѓу руската и американската делегација за завршување на војната во Украина.

Како што јавија руските медиуми, преговрите се водат во една од палатите на кралското семејство, Дирија во комплексот Албасатин,

Во Ријад допатуваа шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и помошник-претседателот на Русија, Јуриј Ушаков. Американската делегација е предводена од државниот секретар Марко Рубио.

Изложба на фотографии „Вечни тела“ на Жарко Стојчевски и Искра Шукарова

Изложбата на фотографии во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје.

Проектот, како што информира КИЦ-Скопје, е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.

Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски, пак, е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.

Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.

Проектот е поддржан од Културно-информативниот центар – КИЦ - Скопје. Реализацијата на фотографските сесии е во Photo Factory. Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска. Изведба на движења: Мила Блажевска, студент на катедра за балетска педагогија - ФМУ.

Изложбата ќе биде отворена до 2 март 2025 година.

притисни ентер