Се уште нема договор со Бугарија за заедничката изградба на тунелот на пругата од Коридорот 8

Како што изјави Николовски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.

Се уште нема договор, кога би имало би го објавиле, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со заедничката изградба на тунелот на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и бугарска страна.

Како што изјави Николовски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.

-Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал. Договорот треба да содржи три сегменти, првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга, вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна и третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат, истакна Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт".

Според него, четирите локомотиви од Србија се стигнати минатата година.

-Тоа беше одлична работа зашто им донесе приход на „Македонски железници“ и со тој приход можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви, нагласи министерот.

Од денеска двосменско работење на дел од отсеците за управни работи при МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека од денеска Отсеците за управни работи при Одделот за граѓански работи на МВР ќе работат согласно ново работно време. 

Одделението за управни работи Скопје и Отсек за управни работи Тетово, од понеделник до петок ќе имаат двосменско работење, односно работно време од 7:30 часот до 19:30 часот.

И Отсеците за управни работи - Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип, од понеделник до петок ќе имаат работното време со почеток од 8:00 часот па до 18:00 часот, а истото работно време ќе важи и за: ОУР Битола за Прилеп, ОУР Велес за Кавадарци, ОУР Охрид за Кичево и Струга, ОУР Тетово за Гостивар и ОУР Штип за Кочани.

Во останатите подрачни единици - ОУР Охрид за Дебар, ОУР Битола за Крушево, за Демир Хисар, за Ресен и за Македонски Брод, ОУР Штип за Пробиштип, за Свети Николе, за Виница, за Делчево и за Берово, ОУР Велес за Неготино, ОУР Куманово за Кратово и за Крива Паланка, ОУР Струмица за Гевгелија, за Радовиш и за Валандово, работното време ќе трае од 8:00 часот до 16:00 часот.

Неформален состанок на Советот на ЕУ во Варшава

Во Варшава денеска се одржува неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој ќе се разговара за хибридните закани со кои се соочуваат земјите-членки на ЕУ и партнерите што се стремат да влезат во ЕУ.

На состанокот се очекува да се разговара и за зајакнувањето на европската цивилна и воена подготвеност и повеќегодишната финансиска рамка (ВФО) на Унијата за периодот по 2027 година.

„Бидејќи проширувањето е приоритет за Европската унија, сигурна сум дека тоа ќе биде многу добро разгледано во следниот ВФО“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос по пристигнувањето на состанокот.

Во Софија изведена „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугариј

Во Националниот дворец на културата во Софија синоќа се одржа заеднички настап на Македонската, Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Солун. На сцената беше изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

-Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана" од Карл Орф којашто се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации, објавија од Македонската филхармонија на нивниот фејсбук профил.

Како што посочуваат, главниот „виновник" за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело

-Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина, потенцираат од Филхармонија.

притисни ентер