Се шират гласини дека бракот на Натали Портман е во криза- сопругот ја измамил со 25 годишна

Натали Портман и нејзиниот сопруг, француски балетан Бенџамин Милепид наводно се во брачна криза откако се дознало дека ја изневерил со 25-годишна Французинка, изјавија извори за Page Six.

Изворот тврди дека парот минатата година одлучил да живее одвоено, но дека се уште се трудат да го спасат бракот, а на крајот на мај биле снимени како уживаат на концертот на Бијонсе.

Нивниот брак наводно е на работ на колапс откако францускиот магазин Voici објави фотографии од 45-годишниот поранешен балетан како се дружи со 25-годишната активистка за клима, Камил Етјен, пријателка на Грета Тунберг.

"Тие не раскинаа и се обидуваат да ги средат работите. Бен прави сѐ за да ја натера Натали да му прости. Тој ги сака неа и нивното семејство", тврди изворот, додавајќи дека актерката е позната по тоа што ја чува приватноста и дека сега најважно и е да ги заштити своите деца.

Американските медиуми пишуваат дека проблемите во бракот биле јавна тајна за време на снимањето на нејзиниот нов филм, кој се снимаше во ноември минатата година, а на промоцијата на филмот во Кан дошла без сопругот.

Да потсетиме дека Портман и Милепид се запознаа во 2009 година на снимањето на филмот Black Swan, за кој тој ја направи кореографијата. Тие се венчаа во 2012 година и имаат две деца, 12-годишниот син Алеф и 6-годишната ќерка Амалија.

При украински напад со дронови запалена руската рафинерија за нафта во Рјазан

Украина синоќа изврши напад со дронови врз Русија, при што е запалена рафинеријата за нафта во Рјазан, јави „Киев индепендент“.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека во текот на ноќта пресретнати се 121 украински дронови, од кои 37 над Брјанска област, 20 во Рјазанска област и по 17 над Курска и Саратовска област.

Рафинеријата Рјазан, една од најголемите во Русија, има капацитет да преработува 17 милиони метрички тони нафта годишно. При нападот опожарени се најмалку три магацини и работилница.

Вакциналните пунктови соочени со недостиг на кадар

Вакциналните пунктови соочени со недостиг на кадар, едно од можните решенија правилна прераспределба.

Вакциналните пунктови низ државава се соочуваат со недостиг од кадар. Од Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во изјава за МИА велат дека на територија на градот Скопје, но и во државата, генерално, постои голем дефицит на медицински сестри насекаде, вклучувајќи ги и пунктовите за вакцинација. Од Министерството за здравство пак, потенцираат дека се работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи.

Според податоците со кои располага Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во општина Гази Баба, како една од поголемите општини со голем број пунктови, недостасуваат сестри во претшколските и во школските диспанзери, а во општина Прилеп недостасуваат две, односно четири медицински сестри во овие диспанзери.

Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, за МИА вели дека во овој момент, едно од можните решенија за да се надмине проблемот е правилната прераспределба.

- Од општините каде има доволен и непотребен број медицински сестри, истите да се прераспределат во здравствените домови каде што недостасуваат на територија на град Скопје. На пример, со случајот во општина Прилеп, каде до 15 јануари, шест доктори од концензионерските ординации заминаа во пензија, зад себе оставија медицински сестри кои во моментов се без работа. Со нивно вработување, како искусни медицински сестри, може веднаш да се надополни дефицитот, истакнува Бешлиовска.

Едно од главните решенија, како што додава Бешлиовска, е и континуираното организирање конкурси за вработување и тоа не само во овој дел, туку на сите нивоа во здравствениот систем.

- И тоа не само во овој дел, туку и во патронажните служби, како и во стационарите на секундарно и терциерно ниво на здравствениот систем. Заклучокот е дека сепак, превенцијата е најважна. Само еден грам превенција спречува тони лекувања, а нам ни е најважно да направиме сè за доброто на корисниците на услугите, односно за пациентите, нагласува Бешлиовска.

МИА се обрати и до Министерството за здравство, од каде побаравме одговор дали има недостиг на кадар во пунктовите за вакцинација низ државава. Во одговорот којшто го добивме оттаму се вели дека сите пунктови функционираат согласно потребите на населението и вакцинацијата се спроведува непречено.

- Министерството за здравство континуирано работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи. Континуирано се реализираат обуки на кадарот за вакцинација, зајакнати се инфраструктурните капацитети, со цел да се одговори на сите предизвици и да се обезбеди непречена и ефикасна вакцинација во целата држава, се наведува во писмениот одговор на Министерството за здравство. /МИА.

Почина архиепископот на Албанија Анастасиос

 На 95-годишна возраст утрово почина поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница, а здравствената состојба му беше критична.

На 95-годишна возраст утрово почина поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница, а здравствената состојба му беше критична, јави дописничката на МИА од Атина.

Поглаварот на Албанската православна црква на 30 декември бил превентивно примен во болница во Тирана со сезонски вирус, меѓутоа ситуацијата се влошила, па на 3 јануари во вечерните часови со авион на грчкото воено воздухопловство, итно беше пренесен во болница во Атина.

Пораки со сочувство за смртта на архиепископот испратија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, како и од опозициската СИРИЗА.

Роден како Анастасиос Јанулатос, архиепископот беше теолог, мисионер, писател и поранешен професор на Универзитетот во Атина, а во изминатите 32 години беше поглавар на Православната црква на Албанија, која тој самиот ја обнови во 1992 година под сегашната титула, откако мисијата ја доби од Вселенската патријаршија.

Со неговата напорна работа и посветеност биле формирани над 400 парохии, основал Богословско-свештеничката школа во Драч и црковната гимназија во Аргирокастро, обучил и ракоположил 145 нови свештени лица, се грижел за издавање на литургиски и други верски книги, се погрижил за обнова на 150 нови цркви, за реставрација на 70 манастири и цркви-културни споменици и за поправка на 160 цркви и 45 црковни објекти, односно вкупно 425 објекти, а го основал и првиот женски манастир.

Архиепископот Анастасиос дополнително им помагал на сиромашните, дистрибуирајќи стотици тони храна, облека и лекови, ги основал првиот православен албански весник, како и списанија за деца и млади, научно списание и радио.

Паралелно со возобновувањето на Православната Црква, развил програми од областа на образованието, здравството, социјалната заштита, руралниот развој, културата и екологијата.

Во 2000 година архиепископот Анастасиос беше номиниран за Нобеловата награда за мир.

притисни ентер