Се помалку ковид заразени, се чекаат одлуки за дополнително попуштање на мерките

Нема влошување на епидемолошката состојба по попуштањето на рестриктивните мерки и според здравствените власти треба да останат во сила уште најмалку една недела. 

Третиот бран од ковид пандемијата стивнува. И вчера, како и во претходните денови, се регистрирани мал број новозарезени, а се намалува и бројката на починати како последица на вирусот. Во вакциналните пунктови продолжи вакцинацијата, а во државава пристигнуваат и дополнителни количини за да се обезбеди континуитет во процесот. Синоќа пристигнаа 38.400 вакцини „Астра зенека" обезбедени преку Ковакс механизмот, а денеска уште 100 илјади вакцини од кинески „Синофарм", донација од кинеската Армија.

Новите дози на „Астра Зенека" ќе бидат наменети за ревакцинација и вакцинација на граѓани над 60 години. Имунизацијата на населението, оцени вчера Филипче, се одвива прилично добро и досега се вакцинирани околу 150 илјади граѓани од кои 30 илјади се веќе ревакцинирани.

Според Филипче, сè уште е рано да се тргне препораката за носење маски на отворено, а за тоа ќе се разговара на почетокот на следната недела на состанок на Комисијата за заразни болести. Првин треба да се тргне препораката за носење маски на отворено, па евентуално да се размислува за тоа вакцинираните со две дози да не носат маски на затворено. Притоа, како што рече, треба да се слуша ставот на експертите.

Доминантен сој на коронавирусот во земјава и натаму е британскиот. -Сознанијата од сите анализи и до сега се дека ниту јужноафриканскиот сој, ниту бразилскиот, по карактеристика не можат да го надминат да доминира над британскиот сој. Тоа ни дава за право да мислиме и да веруваме дека дефинитивно овој бран стивна без разлика што очигледно има поединечни заболени од друг сој на вирусот, изјави вчера Филипче.

Како што најави, на состанок на Комисијата за заразни болести в понеделник ќе се разгледаат барањата на Независната угостителска комора, кои доставија предлози за работа на угостителските објекти. Меѓу другото од НУК бараат да се укине ограничувањето на работното време, да се дозволи работа во внатрешните делови на објектите и настап на музички групи, како и да се укине препораката на маса да седат само четири лица.

Во моментов, истакна Филипче, нема влошување на епидемолошката состојба заради попуштањето на рестриктивните мерки, но сепак смета дека мерките што во моментов се во сила, треба да останат уште најмалку една недела.

Од епидемиолошката состојба ќе зависи и одлуката за начинот на кој ќе продолжи наставата, односно враќањето на учениците во училиштата, истакна вчера министерката за образование и наука Мила Царовска. Фокус на Министерството за образование и наука, вели, е вакцинација на наставниот кадар. Покрај учителите од прво до трето одделение, имунизацијата продолжува со прва вакцина за преостанатите наставници и професори, како и на одговорните лица за спроведување на матурата. Предвидена е одредена динамика на вакцинирање на наставниот кадар група по група, а преостанува по спроведувањето на матурата да се утврди начинот како ќе се одвива учебната година од септември.

-Моја заложба и на Владата е училиштата повторно да бидат полни со ученици, тоа би сакала уште утре да се случи. Но, значајно е епидемиолошката состојба да се процени и да се почитува стручното мислење на Комисијата за заразни болести. Во моментот кога ќе има официјален став истиот ќе биде изнесен пред јавноста, рече Царовска.

Во претходното деноноќие од направени 1.658 тестирања беа регистрирани 30 нови случаи на КОВИД-19, со што бројот на активни случаи изнесува 5 913, починаа 16 лица, а како оздравени се регистрирани 359 пациенти.

Продолжи да се намалува и бројот на пациенти со Ковид во болниците. На инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава вчера беше пријавено дека се на лекување 586 пациенти, како и дека има околу 860 празни болнички кревети во ковид центрите.

Претходно, поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 154.524, на оздравени пациенти е 143.427, а на починати е 5.184.

Владина делегација положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев - одбележана 121 годишнина

Владина делегација ја одбележа 121 годишнина од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.

Владина делегација предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ја одбележа 121 годишнина од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.

Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и делегациите на Собранието, на Армијата, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор, на политичките партии како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.

Денес се сеќаваме на големото дело на Гоце Делчев како срцевина на македонската револуционерна и интелектуална борба за македонска држава која е еднаква за сите. Тој се бореше и го положи својот живот за слободна и независна Македонија, неговите идеали и заложби се наша заедничка обврска да продолжиме да градиме демократска и економски напредна земја. Вечен останува споменот на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, соопштуваат од Владата.

Лукаревска: Почит на ликот и делото на Гоце Делчев, неговиот аманет е и за идните генерации

Заменик претседателката на СДСМ и носителка на листа во изборната единица 3 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина денеска даде изјава за медиуми во која што посочи дека СДСМ оддава почит на ликот и делото на великанот Гоце Делчев.

Заменик претседателката на СДСМ и носителка на листа во изборната единица 3 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина денеска даде изјава за медиуми во која што посочи дека СДСМ оддава почит на ликот и делото на великанот Гоце Делчев, а неговиот аманет е за сегашните и за идните генерации.

„Денеска оддаваме почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Неговиот аманет е и за сегашните и за идните генерации. Делчев е симбол на единството и државотворноста, се борел за слободна и просперитетна држава. Ние сме тие коишто неговиот аманет ќе треба да го продолжиме во иднина“, рече Лукаревска, се наведува во партиското соопштение.

Сиљановска-Давкова положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас

Кандидатката за претседател на Република Македонија, Проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.

Утринава, кандидатката за претседател на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова оддаде почит кон ликот и делото на апостолот на Македонската револуционерна борба, Гоце Делчев со положување на цвеќе на неговиот гробот во црквата Св. Спас на Скопоското Кале.

Во прилог Ви ги пренесуваме личните ставови на проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова во однос на делото на Гоце Делчев:

Никој нема право да се откажува од апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев . Никогаш нема да дозволиме некој во наше име да ја фалсификува македонската историјата во која нема место за Гоце, Даме, Јане, Питу и сите други кои ги удриле темелите на македонската држава.

Денот на смртта на Делчев не потсетува колкава е жртвата на нашите претци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава. Истовремено овој ден паметник е можност да оставиме аманет на идните генерации да ја продолжат борбата за македонска држава која никогаш не запира. Македонија е како куќа, ако не ја одржувате таа ќе се руинира, затоа треба да ги поправаме или менуваме расипаните делови за куќата наречена Македонија да биде функционална и удобна за сите.

Немаме против и други да го слават Гоце Делчев затоа што тој бил човек кој има вредност за сите луѓе и кои се почитуваат себе си, своите идеали и во случајот со Гоце, својот македонски народ. Она што очекуваме од сите што го слават да го прифатат фактот што неговиот сон да биде закопан во независна македонска држава е остварен со помош на бугарската држава која во 1946 година помогна да се пренесат посмртните останки на Гоце во неговиот вечен дом овде во Свети Спас, сопоштуваат од тимот на Сиљановска- Давкова.

притисни ентер