Се подготвува листата на учесници и експерти за подготвителна седница на Уставниот суд

Се подготвува листата на учесници и експерти за мартовската подготвителна седница на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците.

Во јавноста не стивнуваат реакциите по одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница на Законот за употреба на јазиците. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски синоќа во телевизиско интервју изјави дека е исклучително корисно одржувањето на вакви седници и дека тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност. Најави дека подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје.

-Ќе ги судриме правните аргументи. Истото важи и за пријателскиот совет што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Точно е од Венецијанската комисија ние имаме правно мислење за законот. Но, ние употребивме друга алатка - пријателски совет и тоа може само уставни судови да го побараат во случај кога ќе утврдат некои спорни правни прашања особено во доменот на меѓународните и европските стандарди, изјави Костадиновски во интервју за ТВ 21.

Очекува Венецијанската комисија да го донесе пријателскиот совет на мартовската сесија. Листата на учесници што би биле повикани на подготвителната седница на Уставниот суд, Костадиновски вели дека би била направена до 24-25 декември.

- Откако ќе го направиме тоа, бидејќи сум во контакт со Венецијанската комисија би сакал и нивни експерти да дојдат на подготвителната седница. Откако ќе ги утврдиме можните термини, секако ќе бидат некаде во март, да го почекаме и Венецијанскиот совет што би бил усвоен на почетокот на март, штом го добијам пријателскиот совет и кога би можеле да дојдат експертите, јас веднаш ќе ја свикам седницата, рече Костадиновски.

Тој е дециден дека тие како уставни судии немаат избор и мораат да одговорат на иницијативите.

-Ова не е прашање на желба, вели Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд ќе донесе уставовтемелна одлука која ќе се базира на аргументи.

Костадиновски изјави и дека уставните судии се изложени на закани и на политички притисок и оти крајно време е политичарите да ги тргнат рацете од судството оти инаку нема да биде добро. Не се согласува со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во средата ништо не се случило, велејќи дека Уставниот суд донел одлука која значи продолжување на постапката.

За барањето на ДУИ за негова оставка, откако претставници на ДУИ и на Европскиот фронт формираа т.н. „стража на јазикот“, Костадиновски кажа дека нема да ги коментира партиите.

-Апсолутно не чувствувам никаква одговорност и не сакам воопшто да ги коментирам изјавите на претставници на политичките партии. Но, како претседател на Уставен суд, сум должен да реагирам во случај кога партиите ќе покажат исклучително ниска политичка култура, затоа што јас имам должност да го штитам интегритетот на Судот и функцијата што ја вршам, изјави тој.

Оцени дека ДУИ искажале многу лаги пред седницата на Уставниот суд, дека се креирала лажна атмосфера, и дека тој не можам да се натпреварува со политичарите да ги демантира нивните изјави.

-Разбираме борба за гласови, но постојат некои минимални стандарди, дури и во политичката битка постојат црвени линии. Може политичка битка, но не преку грбот на Уставниот суд. Играњето со чувствата на граѓаните е многу опасна работа. Уставниот суд беше наречен параполитичка организација, јас лично трпев навреди. Беа изнесени дузина лаги за етничко надгласување, за мајоризација, за моноетничко одлучување, за извршување на политички одлуки, и такви лаги се опасни во општество како што е нашето. Очигледно некои луѓе не сакаат да научат, рече Костадиновски.

Тој смета дека недовербата на граѓаните не е само во правосудството, туку во целокупниот институционален систем и тоа поради пресилната политизација на се.

-Затоа со индигнација ги отфрлам сите обиди нашите одлуки да бидат оквалификувани како политички и етнички. Тие се само уставно - правно втемелени, рече Костадиновски.

Уставниот суд на Македонија во средата одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. Судијата известител Елизабета Дуковска предложи да се одржи подготвителна седница, што доби поддршка од повеќе судии, вклучувајќи ги Ана Павлова Данева, Татјана Васиќ Бојаџиева, Јадранка Дабовиќ и Дарко Костадиновски. Судијата Добрила Кацарска не се согласи со предлогот, сметајќи дека веќе има доволни подготовки. Поддржувачите на одлуката ја истакнаа важноста на подготвителната седница за да се покажат дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.Според одлуката, на првиот нареден работен состанок ќе се разгледаат предлозите за спорни прашања и учесниците во расправата.

На седницата не присуствуваа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а откако не беше прифатен предлогот на судијата Фатмир Скендер точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии, тој исто така ја напушти седницата.

Уставниот судија Осман Кадриу изјави дека одложувањето на одлуката за Законот за употреба на јазиците е во корист на Албанците и дека периодот до следната подготвителна седница треба да се искористи за да се интервенира во Законот за употреба на јазиците. Кадриу смета дека статусот на албанскиот јазик треба да се реши во Уставот.

- Отсега ја известуваме јавноста дека ние двајцата Албанци нема да учествуваме на таа средба бидејќи за ваша информација на таа средба ништо не може да се постигне. Имавме подготвителен состанок. Немаше друго алиби, немаше друга причина Судот со мнозинство гласови да донесе ваква одлука, но со тоа навреме победуваме, бидејќи по подготвителниот состанок ќе треба одредено време да се подготви нов извештај, вели Кадриу во изјава за Алсат - М.

Кадриу смета дека периодот до одржување на подготвителната седница треба да се искористи времето за подобрување на пропустите на законот.

-Дотогаш албанскиот политички субјект во Владата и во парламентот има време, а јас дадов и конкретни предлози за да се интервенира и во Законот, бидејќи законот како закон има одредени недостатоци и нејаснотии. Меѓу нив се обидов и ја добив првата битка да му се даде на законот уставен статус, бидејќи законот е уставен, смета Кадриу.

Покрај правните недостатоци, судијата Кадриу бара статусот на албанскиот јазик да се регулира и во Уставот.

-Ако има потреба, а мислам дека има потреба, информиран и албанскиот политички субјект, мора уште еднаш да се отвори Уставот за да се разјасни прашањето за албанскиот јазик како службен, не само како право на припадниците на албанската нација, но албанскиот јазик како колективно право на Албанците во Македонија, рече Кадриу.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека одлуката на Уставниот суд е очекувана и дека Судот треба да има повеќе јавни расправи. Зборувајќи како правник таа рече дека не ги разбира потезите на двајцата уставни судии, кои не беа на подготвителната седница на Уставниот суд за законот за употребата на јазиците.

- Како правник ќе кажам очекувана. Многу пати сум велела дека во Уставниот суд треба да има повеќе јавни расправи. Едно време речиси беа суспендирани јавните расправи. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите и претставници на институциите, но и претставници на оние кои не се согласуваат со иницијативата. Да има таква расправа за да се соочат аргументите за и против, пред Уставниот суд да донесе одлука. Значи да го оставиме Судот да решава врз основа на расправата и судијата известител, а не ние да му кажуваме како треба да работи, рече Сиљановска Давкова.

Како што кажа, не ги разбира потезите на уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари кои не присуствуваа на седницата.

-Не ги разбирам потезите на двајцата судии. Не сум чула некој да бојкотира работа на суд или на Уставен суд. Тие се таму за да решаваат. Може да гласаат за, може да гласаат против, она што најшокатно ми зазвуче вчера е дека не може да се признавале одлуки на еднонационален суд, рече претседателката.

ДУИ побара оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски поради случувањата во врска со оценувањето на уставноста на Законот за јазиците.

-ДУИ силно ги осудува последните случувања во Уставниот суд, каде што моноетничките интервенции во повеќеетничка држава создаваат опасен преседан. Одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува загрижувачки показател за недостаток на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија, посочија од ДУИ.

Од партијата посочија дека лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како Претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста.

Башким Асани од коалицијата „Влен“ коментирајќи го барањето на ДУИ за итна оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, нагласи дека тие најпрвин треба да побараат оставка од своите членови.

-ДУИ оставки најпрвин треба да бара од своите членови на партијата. Од претседателот, потпретседателот, па по ред, од сите. Чесните членови на ДУИ мора да станат да постават шатори во Мала Речица и да бараат ослободување на партијата од сенки и корумпирани кукли. Ова е единствениот начин да се спаси она што остана од оваа партија. „Влен“ секогаш ќе се залага за Албанците и ќе се бори за ослободување на политиката корупција и измами, рече Асани.

Предметот за Законот за јазиците во Уставниот суд е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.

По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.

Лидерите на ЕУ ја испратија првата порака до Трамп по инаугурацијата

Лидерите на ЕУ му посакаа успех на Доналд Трамп во неговиот втор мандат како претседател на САД, јави ДПА.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста попладнево на платформата Х ги објавија своите најдобри желби до новиот американски претседател.

„ЕУ со нетрпение очекува да работи тесно со вас за да се справи со глобалните предизвици“, напишаа двајцата, пренесе ДПА.

Во објавата на Х го има повикот до новата администрација за тесна соработка со ЕУ.

„Заедно, нашите општества можат да постигнат поголем просперитет и да ја зајакнат нивната заедничка безбедност. Ова е трајната сила на трансатлантското партнерство“, напишаа Кошта и Фон дер Лајен во заедничката објава на Х./МИА

Безос, Закерберг, Пичаи, но и Ходорковски, учествуваа на инаугурацијата на Трамп

Директорите на главните технолошки компании во САД учествуваа на инаугурацијата на избраниот претседател Доналд Трамп, откако донираа милиони долари за потребите на оваа церемонија, но имаше покането и видни личности од други земји како Русија.

Со ова, американските технолошки милијардери ја покажуваат својата наклонетост кон староновиот претседател на САД, а во обид да купат услуги нивните компании да не станат предмет на истраги или да не бидат премногу регулирани.

На инаугурацијата денеска присуствуваа основачот на Амазон, Џеф Безос, директорот на Meта, Марк Закерберг, првиот човек на „Епл“, Тим Кук, и шефот на Гугл, Сундар Пичаи.

Медиумскиот магнат Руперт Мердок, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и поранешниот британски премиер Борис Џонсон исто така учествуваа на церемониите, вклучително и на миса во блиската црква „Св Јован“.

Многу од овие извршни директори го критикуваа Трамп за време на неговиот прв мандат, поради ставовите на староновиот претседател за климатските промени и имиграцијата.

Во ротондата на Капитолот денеска се појави и шефот на „СпејсИкс“ и Teсла, Илон Маск, кој е номиниран да води нов оддел за владина ефикасност во новата администрација. Маск потроши речиси 300 милиони долари помагајќи ја претседателската кампања и остана близок соработник на Трамп.

На инаугурацијата учествуваа и шефот на TikTok, Шу Зи Чу, додека неговата компанија се соочува со последиците од забраната во САД, како и Сем Алтман од „ОупенЕјАј“ но и Дара Косровшахи од Убер.

Михаил Ходорковски, поранешен руски олигарх, сега опозиционер и жесток критичар на Владимир Путин, во соопштение на Телеграм денеска откри дека добил покана за инаугурацијата на Трамп и решил да присуствува.

-Ме поканија на инаугурацијата, решив да отидам. Од љубопитност и треба повторно да се запознаам... Во Вашингтон има многу полициски патроли и улиците се затворени. Притоа, за церемонјиата се собраа стотици илјади луѓе. Сите ги пуштаат и нема некои големи проверки, напиша тој.

На настанот се појави и рускиот економист и опозиционер Андреј Иларионов, кој во 2000-те беше советник на Путин. На инаугурацијата на Трамп не беа поканети официјални руски лица. /МИА

Честитки од Лондон, Анкара, Стокхолм и Хелсинки за Трамп

Лидерите на Велика Британија, Турција, Шведска и Финска му ја честитаа денешната инаугурација на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.

Во честитката, британскиот премиер Кир Стармер рече дека „со векови“ односите меѓу двата народа биле „пример за соработка и трајно пријателство“.

- Заедно го одбранивме светот од тиранијата и работевме на нашата заедничка безбедност и просперитет. Со долгогодишната наклонетост на претседателот Трамп и историските врски со Обединетото Кралство, знам дека длабокото пријателство ќе продолжи, рече Стармер.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својата честитка изрази надеж дека „вториот мандат на Трамп носи добро за целото човештво“.

- Бидејќи Трамп повеќе пати рече дека ќе стави крај на руско-украинската војна, ние како Турција ќе направиме се што е потребно во тој поглед. Треба да го решиме ова прашање што е можно поскоро, рече Ердоган.

Тој додаде дека ова прашање ќе биде на агендата на Турција во разговорите со новиот американски претседател.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон му упати на Трамп „топли честитки на полагањето заклетва како 47-ми претседател на САД“.

- Шведска со нетрпение очекува да ја продолжи блиската соработка со САД, напиша тој во објава на X.

Финскиот претседател Александар Стуб во порака на Х рече дека му испраќа „искрени честитки“ на Доналд Трамп за неговата инаугурација како претседател на САД и оти „САД се клучен стратешки партнер и сојузник“ на Финска./МИА

притисни ентер