СДСМ обвинува дека владата подготвува терен за прифаќање на европскиот предлог - Канал 5

СДСМ обвинува дека владата подготвува терен за прифаќање на европскиот предлог

Дипломатските разговори „под радарот“ за деблокада на евроинтеграциите нов повод за политичка кавга.

СДСМ обвинува дека владата подготвува терен за прифаќање на европскиот предлог

Повикувајќи се на информации од Брисел, опозициската СДСМ тврди дека власта води тајни преговори и подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог, а за тоа велат сега се прави и стратегија како да соопштат пред јавноста.

Според секретарот за меѓународна соработка на партијата Андреј Жерновски, ова било пресврт во дипломатијата и доказ дека СДСМ донела правилни одлуки кога од позиција на власт одлучуваа за европскиот пат на Македонија.

-Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали коишто пристигнаа и од Брисел, и од Берлин, и од Париз. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори и така натаму. Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она што до вчера за нив беше лага и велепредавство,- Андреј Жерновски – секретар за меѓународна соработка на СДСМ.

МНР демантира- велат СДСМ пласира груби невистини и конструкции. Објаснуваат дека не се работи за тајни преговори туку комуникација на повеќе нивоа за која јавноста е во тек. Потенцираат дека се е транспарентно без отстапки од црвените линии, и ги критикуваат опозиционерите дека се додворуваат на соседни политичари наместо да ги бранат интересите на сопствената држава.

-Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста. Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада,- Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и во последното интервју за МИА кажа дека доколку се споделуваат деталите, разговорите се осудуваат на неуспех. Тој уверува дека се работи на трајно и одржливо решение, а не решение по секоја цена. Се барало начин како да се елиминира ризикот од нови блокади во иднина и „статус кво“ поради идентитетски прашања. Муцунски оцени дека е добро тоа што европските институции повторно давале значење на проширувањето, а сите актуелни нон пејпери вели имаат заедничка цел- постепена интеграција без откажување од крајната цел, полноправно членство.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лишени од слобода двајца косовски државјани за сторено кривично дело „фалсификување пари“ пронајдени околу 230.000 евра

Пронајдените пари се одземени, а лицата се спроведени во Полициска станица Центар за понатамошна постапка.

Лишени од слобода двајца косовски државјани за сторено кривично дело „фалсификување пари“ пронајдени околу 230.000 евра

На 03.08.2026 во Скопје, од страна на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, лишени се од слобода Ф.Р.(30) и Т.Т.(44), двајцата државјани на Република Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“ по член 268 од Кривичниот законик.

Имено, при извршен преглед на возило "голф" во кое биле двете лица, пронајдени се пари во различни валути и апоени (евра, американски долари, швајцарски франци и британски фунти) со вкупна вредност од околу 230.000 евра.

Пронајдените пари се одземени, а лицата се спроведени во Полициска станица Центар за понатамошна постапка. По документирање на случајот, во координација со јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лишен од слобода возачот што возеше во спротивна насока на автопатот Скопје-Велес, следува кривична пријава

По документирање на случајот, против М.Ш. ќе биде поднесена кривична пријава

Лишен од слобода возачот што возеше во спротивна насока на автопатот Скопје-Велес, следува кривична пријава

Денеска (05.08.2026) полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи на МВР го лишија од слобода М.Ш.(39) од с.Челопек-Тетово, кој на 02.08.2026 околу 19:20 часот на автопат Скопје-Велес, со патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, се движел во спротивна насока, за што од страна на очевидци беа објавени и фотографии и на социјалните мрежи. По документирање на случајот, против М.Ш. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од КЗ „безобѕирно управување возило“ и ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител.

МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Осомничен полициски службеник – го оштетил државниот буџет

На осомничениот му е определен притвор во траење од 8 дена.

Осомничен полициски службеник – го оштетил државниот буџет

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК води кривична постапка против полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје, поради постоење основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Од досега прибавените докази произлегува дека во периодот од април до јули годинава, во Скопје, осомничениот, како службено лице, со умисла презел повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело. Искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, тој ја злоупотребил својата службена положба и овластувања, односно не ја извршувал службената должност, при што за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист, причинувајќи штета на Буџетот на Република Северна Македонија за најмалку 85 500 денари.

Имено, додека извршувал работни задачи во депото на ЈП „Градски паркинг“, за дел од лицата на кои претходно, со специјално возило – пајак, им било подигнато возилото поради непрописно паркирање, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог. Наместо глобата да ја наплати преку ПОС-терминал, осомничениот ја наплаќал во готовина. На записниците приложувал потврда (слип) од ПОС-терминал за претходно извршена уплата по друг записник и на друго лице, додека паричните средства што ги примал во готовина ги задржувал за себе.

Во други случаи, осомничениот прибавил противправна имотна корист за други лица и предизвикал штета на Буџетот на Република Северна Македонија така што, за дел од нив, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог во кои прекршокот го квалификувал како полесен, со што изрекувал помала глоба, спротивно на претходно утврдената фактичка состојба. За друг дел од лицата, пак, воопшто не изготвувал записник ниту наплатувал глоба, иако за нивните возила биле издадени налози за отстранување и тие биле сместени во депото на ЈП „Градски паркинг“, туку дозволувал возилата да го напуштат депото истиот ден.

Заради непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Предлогот е заснован на околностите што укажуваат на опасност од бегство, опасност од повторување на кривичното дело, како и опасност од влијание врз сведоците кои во текот на постапката дополнително ќе бидат повикани и испитани.

Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер